• недела, 23 март 2025
МИА Флеш

20 март 2025 

Скопје -  Во Скопје и денеска им се оддава почит за загинатите во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани. Бројни граѓани палат свеќи на плоштадот „Македонија“ во чест на починатите во ужасната трагедија.

Денеска во Кочани, Штип, Облешево, Скопје се одржуваат погребните церемонии за починатите во пожарот. Погребната церемонија во Кочани, од каде потекнуваат најголем дел од починатите, е во 12 часот, а со неа ќе чиноначалствува поглаварот на Македонската православна Црква -Охридска архиепископија г.г. Стефан.

Скопје - Психологот и лиценциран психотерапевт Радмила Живановиќ во интервју за МИА, ја нагласува потребата за психолошка поддршка на сите оние кои биле директно засегнати од трагедијата во Кочани, најблиската заедница на жртвите, но и младите кои преку социјалните мрежи секојдневно гледаат информации кои носат дезиориентираност и затоа треба да се реагира веднаш и сега. Имаме и граѓани, вели таа, на кои им треба подолго време да направат одредени исчекорувања по оваа колективна трагедија.  

- Во овој момент се потребни повеќе помош околу сместувањето, згрижувањето, негувањето на настраданите, организирање на превоз, сместување на самите семејства да бидат поблиску до нивните. Психолошка поддршка на сите коишто биле на некој начин директно засегнати, а се спремни да ја побараат, сите оние коишто се дел од нивната заедница, најблиска заедница па и дури младите коишто преку социјалните мрежи секојдневно сведочат на тие информации коишто носат една таква дезиориентираност и потребност да се реагира веднаш и сега. Од друга страна, имаме дел од граѓаните коишто целосно се замрзнати и не можат да се поместат, доживуваат таков тип на трауматска реакција, да им треба подолго време додека почнат да прават одредени исчекорувања, вели Живановиќ.

Скопје - Во пожарот во дискотеката во Кочани загинаа 59 лица на возраст од 16 до 48 години. Најголем број од починатите се на возраст на 24 и 26 години. 

Според официјално објавените податоци, шестмина се на возраст од 21 година, а на возраст од 18 и 36 години загинати се по четири лица. На 16-годишна возраст загинати се тројца, исто толку и на 17-годишна возраст и на 25 години. По двајца загинати има на 20, 23, 27, 31, 38 и 44 години. По еден загинат има на возраст од 19, 29, 32,33, 43, 47 и 48 години.  Починатите во пожарот во Кочани денеска ќе бидат погребани на вечните почивалишта во Кочани, Штип, Облешево и Скопје. 

Скопје - Драги наши браќа и сестри, додека заеднички ја споделуваме болката од загубата на младите животи и траеме во надежта за исцеление на повредените, во сите храмови низ Европската епархија во недела на 23.03.2025 г. ќе бидат отслужени литургии за покој на душите на прерано претставените пред Бога чеда Божји и молебен за исцеление на оние кои се на лекување.

Воедно ве известуваме дека после литургиите ќе можеме да го покажеме нашето милосрдие и да донираме според можностите, во специјално за оваа намена, фондови за помош на настраданите.

Софија - Неколку илјади луѓе во Софија синоќа со едноминутно молчење им оддадоа почит на жртвите од пожарот во Кочани. Насобраните граѓани пред Судската палата во центарот на Софија, пред почетокот на протестот за поддршка на владеењето на правото, ги прочитаа имињата на 59-те загинати во Кочани.

Поради трагедијата во Кочани,  Бугарија во вторникот прогласи ден на жалост, а бугарскиот државен и политички врв, како и бројни граѓани се потпишаа во книгата на жалост отворена во македонската амбасада во Софија.

Скопје - На повредените во пожарот во Кочани кои се лекуваат во земјава ќе им бидат направени токсиколошки анализи пред да бидат пуштени на домашно лекување.

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска во изјава за медиумите рече дека испитувањата ќе ги прават искусни токсиколози. 

Брисел - Во актуелниот свет на поединечни сили во подем, Европа мора да ги засили своите политички амбиции за одбраната и конкурентност, изјави денеска претседателката на Европскиот парламент во обраќањето на Самитот на ЕУ во Брисел, 

- Европа зајакнува и презема одговорност за сопствената безбедност, но треба да размислуваме подобро и да дејствуваме побрзо. Ништо не може да остане надвор од масата, изјави Мецола.

Брисел - Европската комисија денеска соопшти дека исплатила дополнителна транша од една милијарда евра од заемот за макрофинансиска помош за Украина, која ќе биде отплатена со приходите од замрзнатиот руски имот во Европската унија.

„Со денешната исплата од една милијарда евра, ја потврдуваме нашата цврста посветеност на Украина. Ние и помагаме на економијата на земјата да закрепне и да биде обновена критичната инфраструктура оштетена од руската агресија. Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина се додека е потребно“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Русија ќе продолжи со воздушните напади врз Украина додека не се потпише документот за делумен прекин на огнот.

„Не знам што (рускиот претседател Владимир) Путин зборува таму, но ние сега (ноќта на 20 март) имаме околу 107 дронови „Шахид“ на небото. Поради тоа разбирам дека додека не постигнеме договор, додека не постои соодветен документ дури и за делумен прекин на огнот, мислам дека сè ќе биде залудно“, рече Зеленски на онлајн брифинг.

Минск - Белорусија, колку што е можно, е подготвена да ја поддржува и помага Република Српска, изјави белорускиот претседател Александар Лукашенко на средбата со претседателката на Советот на народи на РС, Сребренка Голиќ.

- Мило ми е што ве гледам во Белорусија. Сакам да знаете дека не само што дојдовте во земја блиска до вашиот народ, туку дојдовте кај вашите пријатели, кај вашите роднини, дојдовте во вашата Белорусија, истакна Лукашенко.

Moсква - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека Москва очекува преговорите меѓу Русија и САД на експертско ниво да продолжат наскоро, најверојатно на почетокот на следната недела.

„Русија и САД на претстојните преговори во Саудиска Арабија ќе разговараат за аспектите на украинското решение, како и за другите аспекти поврзани со украинската регулатива, а за кои страните сметаат дека е неопходно да се разговара во идните преговори“, рече Песков.

Брисел - Ако инвестираме доволно во одбраната и ако ги зајакнеме одбранбените капацитети, со тоа ќе го одвратиме агресорот од напади, порача високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика пред почетокот на денешниот Самит на Европската Унија во Брисел. 

- Ако не го правиме тоа, слабоста го повикува агресорот да не нападне. Затоа мора да направиме повеќе за да не дозволиме да се случи тоа, додаде Калас.

Техеран – Милиони луѓе ширум светот денеска ја слават персиската Нова година или Новруз. Новруз, што значи „нов ден“, е традиционална прослава со која се одбележува првиот ден од пролетта и обновувањето на природата. Ја означува пролетната рамноденица, кога ноќта и денот се со еднаква должина и се одбележува на 20 или 21 март.

Според иранскиот и авганистанскиот календар од денеска почнува 1404 година. Новруз се одбележува со ритуали, церемонии и културни настани, како и посебен оброк со најблиските. Луѓето носат нова облека, ги посетуваат семејството и пријателите и разменуваат подароци, особено за децата.

Отава - Канада денеска соопшти дека Кина егзекутирала четворица канадски државјани поради шверц со дрога и остро ја осуди употребата на смртната казна од страна на Пекинг.

Канадската министерка за надворешни работи Мелани Џоли изјави дека сите четворица имаат двојно државјанство и додаде дека Отава ќе бара попустливост за другите Канаѓани кои ќе се соочат со истата судбина.

Женева - Петмина вработени во Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестински бегалци (УНРВА) се убиени во изминатите неколку дена, изјави денеска шефот на агенцијата, Филипe Лазарини.

„Уште петмина вработени во Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци се убиени во последните неколку дена, со што вкупниот број на загинати се искачи на 284. Тие беа учители, лекари и медицински сестри кои им служеа на најранливите“, напиша Лазарини во објава на мрежата „Икс“. 

Москва - Рускиот претседател Владимир Путин испрати порака до лидерот на Сирија, Ахмед ал Шара, со поддршка на напорите за стабилизирање на земјата, соопшти Кремљ.

- Рускиот претседател Владимир Путин испрати порака до шефот на сириската држава Ахмед ал Шара, во која ги поддржа напорите за што поскоро стабилизирање на ситуацијата во земјата во интерес на обезбедување на нејзиниот суверенитет, независност, единство и територијален интегритет, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

 

Остани поврзан