
21 март 2025
Скопје - Времето денеска наутро ќе биде студено, а преку денот претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 14 до 22 степена.
Во Скопје сончево време со слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 22 степена.
Скопје - Активностите на полицијата и на Обвинителството за истрагата за пожарот во Кочани во кој починаа 59 млади лица, а околу 200 се повредени, продолжија синоќа со акција за приведување на лица за кои постои сомнение за инволвираност.
Според првичните информации, приведени се поранешните градоначалници на Кочани, Николчо Илиев и Ратко Димитровски и градоначалникот во оставка Љупчо Папазов. Јавното обвинителство најави дека денеска ќе информира за акцијата на полициските екипи спроведена по наредба на ОЈО Кочани, каде работи обвинителскиот тим за истрагата.
Белград - Воено-здравствениот систем и ВМА се достапни за евентуално дополнително сместување повредени во пожарот во Кочани доколку има потреба, јави дописникот на МИА од Белград.
„И за оваа задача што ја извршивме, сите мои колеги доброволно се пријавија, доброволно учествуваа во транспортот, кој е еден од комплицираните облици на транспортирање такви пациенти, па доколку има потреба - стоиме на располагање и тука сме повторно да им помогнеме на народот во Северна Македонија“, изјави за РТС потполковник Горан Рондовиќ, анестезиолог од Клиниката за анестезија и интензивна нега на ВМА.
Крива Паланка - Средношколците од училишната заедница на средното општинско училиште „Ѓорче Петров“, Крива Паланка, утрово поставија кутии за донации за помош на семејствата на настраданите и повредените од трагедијата во Кочани.
Десетина ученици од различни наставни години од денеска до недела, во период од 7.30 до 19 часот ќе бидат на пунктот на плоштадот „Карпошово востание“ пред зградата на Општина Крива Паланка, во знак на сочувство и солидарност со сите погодени од оваа трагедија.
Скопје – Тимот за интервенции во кризи на Комората на психолози денеска ќе одржи состанок со пожарникарите во Кочани кои учествувале во гасење на пожарот и спасување на децата.
Досега, како што информираат од комората, ангажирани се 32 психолози за активности поврзани со последиците од пожарот во дискотеката на Кочани.
Тимот за кризни интервенции во соработка со Центарот за ментално здравје при ЦК, од раните утрински часови на 16 март беа присутни на пунктовите пред болниците 8ми септември, Ургентен центар, Градска болница каде што беа присутни голем број на семејства чии деца беа донесени на лекување. Ангажирани беа 12 психолози во три смени, кои даваа прва психолошка помош.
Скопје – Комеморативно-културна манифестација во чест на жртвите од пожарот во Кочани ќе се одржи вечерва во Шибеник, во организација на Хрватско-македонска тангента.
По повод Светскиот ден на поезијата 21 март, Хрватско-македонската тангента организира специјална вечер посветена на моќта на зборовите и споменот на оние кои повеќе не се меѓу нас.
Скопје - Министерството за дигитална трансформација (МДТ) апелира на одговорност, професионалност и заштита на медиумите и медиумските работници.
- Во овие најтешки моменти за македонската држава и народ од нејзиното осамостојување, како Министерство надлежно за уредување на прашањата поврзани со медиумите и медиумското работење, апелираме на одговорност, професионалност и заштита на медиумите и медиумските работници. Недопустливи се заканите упатени кон новинари, уредници и медиуми, кои имаат за цел да спречат непристрасно, отворено и квалитетно медиумско известување. Споредено со многу поразвиени општества, македонските медиуми и медиумски работници покажуваат исклучителна професионалност во работата и известувањето, во овие траорни моменти на колективна тага и гнев, се вели во соопштението од МДТ.
Скопје - Стопанската Комора на Македонија - Турција МАТТО и нејзините членки донираат 3 300 000 денари за поддршка на семејствата погодени од трагедијата во Кочани.
-Голема тага и жал не обви сите нас. Посакуваме повредените што побрзо да се опорават и да се вратат во прегратките на своите најблиски. Длабоко сочувство до семејствата на загинатите, воедно и искрени желби за брзо опоравување на повредените. Молитвите на членовите на МАТТО се со семејствата на настраданите и семејствата на жртвите во Кочани, наведува Комората.
Софија – Пратениците на второ читање го усвоија државниот буџет на Бугарија за 2025 година по пленарна седница која траеше речиси 22 часа, јави БТА.
Во буџетот за оваа година не е предвидено зголемување на даноците, а буџетскиот дефицит е утврден на три отсто од БДП.
Пратениците гласаа утврдување на вкупната годишна квота за обезбедување ваучери за храна на електронски носител според Законот за корпоративен данок на доход во износ од 1,6 милијарди лева.
Брисел - Штотуку го завршивме продуктивниот Европски самит на кој главно се фокусиравме на нашата економска агенда, затоа што тоа е основата на просперитетот на Европа и на нашите граѓани, порача претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на прес-конференцијата по завршувањето на мартовскиот Самит на ЕУ посветен на конкурентноста, случувањата во Украина и одбраната на Европа.
Брисел – Францускиот претседател Емануел Макрон најави нов самит на земји кои се подготвени да помогнат во гарантирањето на евентуалниот мировен договор меѓу Украина и Русија.
По самитот на лидерите на земјите од Европската унија вчера во Брисел, Макрон најави дека следниот четврток во Париз ќе се одржи нов самит за Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да присуствува, рече Макрон.
Брисел - И покрај напредокот, расизмот продолжува да биде пречка за правдата, еднаквоста и целосната инклузивност во општествата низ Европската Унија, нагласи високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас по повод Меѓународен ден за елиминација на расната дискриминација - 21 март.
- Продолжувањето на дискриминацијата и нејзиното длабоко влијание врз поединците и општествата, во голема мера бара политичка волја, зајакнато спроведување на постојното законодавство и колективна посветеност на трајни промени, наведе Калас во писмената изјава.
Лондон – Десет противпожарни возила и околу 70 пожарникари се борат со пожар во трафостаница во Хејс, кој е дел од Лондон.
Половина од трансформаторите во трафостаницата се уште горат.
Помошникот командант Пат Гулбурн рече дека ова е многу голем инцидент, а пожарникари неуморно работат во тешки услови за да го стават пожарот под контрола што е можно побрзо.
Лондон – Повеќе од 16.300 домови останаа без струја поради голем прекин на електричната енергија, објави на X добавувачот на енергија „Scottish and Southern Electricity Networks“.
Компанијата ги повика сите кои зависат од електрична енергија за медицински потреби и имаат потреба од помош да се јават.
Лондонскиот аеродром Хитроу соопшти дека ќе биде затворен денеска до полноќ по прекинот на струја предизвикан од пожар во блиската електрична трафостаница што го снабдува аеродромот.
Тел Авив – Израелската влада рано утрово го разреши шефот на домашната разузнавачка служба Шин Бет, а одлуката ќе стапи во сила на 10 април, соопшти кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху, по тридневните протести против најавениот потег.
Нетанјаху оваа недела изјави дека ја изгубил довербата во Ронен Бар, кој ја водеше Шин Бет од 2021 година, и дека има намера да го смени.
Бар не присуствуваше на владиниот состанок, но во писмо испратено до министрите рече дека процесот околу неговото разрешување не е во согласност со правилата и дека неговото разрешување се заснова на неосновани тврдења.
Газа – Најмалку 85 Палестинци беа убиени ширум Газа во текот на ноќта, со што бројот на загинати откако Израел го прекрши примирјето со Хамас се зголеми на речиси 600, соопштија локалните здравствени власти.
Во текот на ноќта, во напад на семејна куќа во близина на градот Кан Јунис загинале најмалку 16 лица, главно жени и деца.
Сеул – Јужна Кореја и САД се согласија заедно да работат за брзо решавање на последиците откако американското Министерство за енергетика ја назначи Јужна Кореја како „чувствителна земја“, соопшти Министерството за индустрија во Сеул.
Американското Министерство за енергетика не објасни зошто го стави својот азиски сојузник на списокот, на кој се вклучени и Кина, Иран, Русија и Северна Кореја, но јужнокорејската влада се соочи со критики затоа што неодамна стана свесна за потегот, кој беше спроведен во јануари.
Женева – Драматичното намалување на глечерите ќе има значително влијание врз животот на Земјата, изјавија денеска експерти од Светската метеоролошка организација (СМО) додавајќи дека по закана се виталните резерви на свежа вода, од која зависат милиони луѓе за пиење, земјоделство и индустрија.
Предупредувањето доаѓа на денешниот Светски ден на глечерите кој се одбележува првпат.
За 48 години од 1976 година, глечерите ширум светот изгубиле речиси 9.200 гигатони мраз, според Светската служба за следење на глечерите (WGMS) на Универзитетот во Цирих. Еден гигатон е милијарда тони.
Џакарта – Ерупцијата на вулканот Левотоби Лаки-лаки во Индонезија исфрли облаци од пепел високи повеќе од осум километри, соопштија локалните власти, подигнувајќи го статусот на тревога на највисоко ниво, додека австралиска авиокомпанија откажа некои летови за Бали.
Голема вулканска ерупција во провинцијата Источна Нуса Тенгара синоќа следеше по десетици помали регистрирани на 13 март, се вели во соопштението на националната геолошка агенција. Таа, исто така, предупреди на поплави од лава и рече дека имало помали ерупции рано утрово.
Москва – Русија го поздрави синоќа изборот на Кирсти Ковентри за нов претседател на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), велејќи дека сака „посилно, понезависно олимписко движење“ по години напнатост меѓу Москва и светското олимписко движење со седиште во Лозана.
„Воодушевени сме што гледаме посилно, понезависно и попросперитетно олимписко движење под ново раководство и гледаме како Русија се враќа на олимпискиот подиум“, рече рускиот министер за спорт и шеф на Рускиот олимписки комитет Михаил Дегтјарев за руските медиуми.
Дегтјарев ѝ честиташе на Ковентри, првата жена и првата Африканка избрана на чело на МОК, пофалувајќи ја „нејзината блескава спортска кариера, олимписките победи, рекорди и придонес во развојот на спортот“.