МИА Општински пул
- 21 март 2025

Битола - Советот на Општина Битола на вонредна седница донесе одлука од локалниот буџет да издвои два милиони денари, финансиска помош за семејствата на починатите и за повредените лица во пожарот што се случи во Кочани.
Членовите на општинскиот совет и градоначалникот Тони Коњановски со минута молчење оддадоа почит на загинатите лица, а потоа посакаа брзо заздравување на повредените кои во моментов се лекуваат во државата и странство.
Битола сочувствува со болката на семејствата на починатите. Нашиот град секогаш е солидарен и затоа во оваа прилика се издвојуваат еден милион денари како финансиска помош и за повредените исто така еден милиони за повредените, посочи Габриела Илиевска, претседателка на Совет на Општина Битола.
Кавадарци - Со тешка телесна повреда рано изутринава се здобил 33-годишниот М.К. од Велес, додека извршувал работни задачи во фабрика во Кавадарци.
- Од Општа болница - Кавадарци рано изутрина во 2:30 часот било пријавено дека кај нив со тешка телесна повреда бил донесен М.К., на возраст од 33 години, информираат попладнево од Секторот за внатрешни работи - Велес.
Според пријавеното, М.К. од Велес се здобил со повредата при извршување на работни задачи во фабрика во Кавадарци.
Како што додаваат од СВР - Велес, за настанот биле известени јавен обвинител и трудова инспекција. Увид на местото извршила увидна екипа од ОВР - Кавадарци.
Тетово - Група млади лица од Тетово кои се идентификуваат како иницијатива „Нула“ денеска пред зградата на Основен суд Тетово и Обвинителството оставија противпожарен апарат за да симболично ја потенцираат важноста од потреба за правда во трагедии кои се случиле во градот и државата.
Претставниците на иницијативата рекоа дека противпожарните апарати се потребни затоа што објектите во државата лесно страдаат во пожари, а важна задача што обвинителите и судиите ја имаат е да ја разоткријат вистината.
-Да ги изведат пред правдата и да ги стават зад решетки, вистинските виновници и тие што се одговорни за трагедијата во Кочани, каде што загинаа 59 млади. За пожарот во модуларната болница во Тетово каде што загинаа 14 наши граѓани. За несреќата со Беса Транс во Бугарија каде загинаа 45 граѓани, за несреќата со Дурмо Турс во Ласкарци, каде што загинаа 16 граѓани и за многу други трагедии што за жал немаше никаква казна до ден денес. Исто така, ваша должност е да ги изведете пред одговорност и судиите и обвинителите кои ја кочеле правдата во овие и во многу други случаи. Граѓаните во оваа држава сакаат да имаат вистинска правда и сакаат да гледаат правда што вистински функционира. Пред да бидат принудени сами да ја земат правдата во своите раце, изјави Бленди Ходаи од иницијатива „Нула“.
Битола - Општина Битола во соработка со Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и СВР Битола, спроведе низа активности за контрола на угостителските објекти во градот.
Од секторот за односи со јавност на Општина Битола денеска информираат дека Општинскиот инспекторат на терен врши проверка на сите категоризирани објекти на физички лица што се под општинска надлежност, односно се контролира дали објектите ги исполнуваат минимално техничките услови согласно правилникот за минимално технички услови донесен од министерот за економија и дали ги поседуваат сите документи потребни за дејноста.
-Контролираните објекти доколку имаат недостиг од одреден документ, имаат рок за обезбедување, а ако не ги обезбедат ќе бидат избришани од регистарот за вршење на угостителска дејност. Според Законот за угостителска дејност, за физичките лица, општината е надлежна да издаде категоризација за конфекционирани угостителски услуги во наменски подвижни објекти, угостителски услуги за сместување и исхрана во куќи, угостителски услуги во апартмани и соби за одмор, угостителски услуги во селски домаќинства и угостителски услуги во пловни објекти. Исто така, Општинскиот инспекторат во соработка со Државниот пазарен инспекторат и СВР Битола вршат проверка на терен, дали ноќните клубови во Битола имаат важечки лиценци за работа и дали ги имаат сите елаборати кои што треба да ги поседуваат, вклучувајќи и елаборати за бучава, за противпожарна заштита, за животна средина, нагласуваат од локалната самоуправа.
До Државниот пазарен инспекторат, Одделение за инспекциски надзор Битола, доставило допис со известување до угостителските објекти на територијата на градот Битола, за непостапување согласно Законот за угостителска дејности и од нив е побарано во рок од 3 дена да достават лиценца, дозвола за работа на објектот согласно Законот за угостителска дејности и работно време на објектот.
Дебар - Претседателот Македонското друштво "Илинден" - Тирана, Никола Ѓурѓај, во име на друштвото и Македонците во Албанија, до претседателката Гордана Силјановска-Давкова и до премиерот Христијан Мицкоски, упати телеграми со сочувство за трагедијата во Кочани.
Се наведува дека со длабока болка Македонците ја примиле веста за националната трагедија од 16 март, во која животот го загубија 59 млади, а многу останаа повредени, дека чувствуваат, тагуваат и сочувствуваат со настраданите.
-Во мое лично име и во името на Македонското друштво "Илинден"-Тирана и македонското национално малцинство во Република Албанија, изразувам искрено и длабоко сочувство до Вас како претседателка и премиер на Македонија и до семејствата на загинатите. На повредените им посакуваме брзо закрепнување, стои во телеграмата на сочувство.
Веруваме дека "овие тешки моменти за нашата татковина Македонија ќе бидат надминати и уште еднаш ја изразуваме нашата поддршка и охрабрување за надминување на оваа траорна слика".
-Во овие тешки моменти, срцата на Македонците во Република Албанија се со вас. Бог да биде со семејствата на починатите и повредените и со народот на Македонија", стои во телеграмите со сочувство.
Скопје - На денешната вонредна седница на Советот на Општина Чаир, беше усвоен предлог за распределба на 1 милион денари за помош на семејствата на жртвите од трагедијата која се случи во Кочани. Овој чекор на Советот на Општина Чаир, велат оттаму, претставува израз на солидарност и ангажман на нашата заедница во тешки времиња, како и силна порака дека заедницата стои обединета во моментите на болка и потреба.
Како што информитраат од Општина Чаир, градоначалникот на Општина Чаир ја изразил својата поддршка за помошта која ќе им биде доставена на погодените семејства. Тој истакнал дека оваа финансиска помош претставува само прв чекор и дека Чаир ќе продолжи да ги поддржува индивидуите и семејствата кои минуваат низ тешки периоди.
-Ова е тешко време за сите нас, и како заедница, наша должност е да бидеме покрај оние кои го загубиле најблиските. Ќе продолжиме да обезбедуваме поддршка и да се осигуриме дека секој граѓанин ќе се чувствува безбеден и поддржан, изјавил градоначалникот на Општина Чаир.
Скопје - Едно лице е потешко повредено во сообраќајна незгода што се случи кај надвозникот кај Соколарци на експресниот пат Штип - Кочани, јавува МИА. Во сообраќајната несреќа едно возило на АРМ се превртело на коловозот.
Од Армијата за МИА потврдија дека се случила сообраќајна незгода, но повеќе детали најавуваат за подоцна.
Повредениот од Болницата во Кочани е префрлен во Болницата во Штип.
Поради сообраќајна несреќа што се случила околу 13 часот во прекин е сообраќајот за сите возила, а сообраќајот се пренасочува по локалниот патен правец од Соколарци кон Кочани и обратно.
На местото на несреќата се врши увид, а а интервенирале возила на Итната медицинска помош и на ТППЕ од Кочани.
Струмица - Со засадување дрвце во дворот и перформанс со евоцирање спомени струмичката гимназија „Јане Сандански“ денеска го одбележа загинувањето на младиот музичар Џоко Ѓоргиев (25), тапанар на групата ДНК, во дискотеката во Кочани, а кој средно образование завршил во ова училиште.
На засадувањето дрвце во гимназијата присутвуваа членовите на семејството на Ѓоргиев, ученици, професори и колеги на младиот тапанар.
На настанот насловен како „Спомени за нашиот Џоче“, зборуваа директорката на Гимназијата Невенка Стојанова, класниот раководител Јосе Печков и неговиот ментор по музика, професорот Денис Кирчанов.
Скопје - JП Комунална хигиена Скопје ја информира јавноста дека во текот на денешниот ден е забележано непрописно исфрлање градежен отпад, во и околу контејнерите наменети за одлагање комунален отпад од страна на службите на општината Центар.
Со овие дејствија, велат од јавното претпријатие, се намалуваат капацитетите на локациите за одлагање комунален отпад наменети за граѓаните и се креираат диви депонии.
-Градежниот отпад во контејнерите на JП Комунална хигиена Скопје како и во нивната непосредна околина го фрлале вработени во општинските комунални служби при општината Центар, со што директно го прекршиле Законот за јавна чистота и ја загрозиле животната средина, велат од претпријатието.
JП Комунална хигиена Скопје апелира до градоначалникот на општината Центар дека контејнерите поставени на јавни површини се наменети исклучиво за одлагање мешан комунален отпад. При празнењето на овие контејнери се употребуваат специјални комунални возила коишто се оштетуваат при контакт со градежен отпад.
Битола - Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски одржа координативен состанок со директорите на основните и средните училишта во Битола, како и со градинките и разговараше за состојбите со објектите во тие општински установи.
Од локалната самоуправа информираат дека на терен се изведени вонредни контроли, а проширените инспекциски надзори опфаќаат проверка на влезовите, ПП апаратите, потребната документација итн.
Од општинскиот инспекторат, преку инспекторот за домување на терен, во координација со станбените сервиси и жителите на зградите, ќе се врши контролирање на ПП апаратите во зградите, нивната исправност и хидрантската мрежа. Од управителите на зградите и станбените сервиси, ќе биде побарано да достават информации за тоа дали зградата има хидрантска мрежа, дали хидрантите имаат црева за вода, колку од зградите поседуваат ПП апарати и дали има лица кои што знаат со нив да ракуваат. На местата каде што е потребно, општинскиот инспекторат ќе ги задолжи субјектите да постапат согласно законските прописи, соопштија од Општина Битола.
Кавадарци - Претседателот на Совет на Општина Кавадарци, доктор Стојанче Рамов, ќе го донира паушалот од февруари месец за настраданите во дискотеката во Кочани. За ова тој денеска информираше на неговиот фејсбук профил.
- Поминаа неколку денови од ужасната трагедија што ја потресе Македонија, Балканот и светот, во која животот го загубија 60 лица, меѓу кои и многу млади – млади луѓе кои требаше да се радуваат на животот и да ги уживаат неговите убавини. За миг, сè згасна. Со длабока тага и искрено сочувство кон родителите и семејствата на сите настрадани, во мое лично име – како татко, сопруг, доктор и претседател на Советот на Општина Кавадарци – сакам да соопштам дека одлучив својот паушал за месец февруари да го донирам за настраданите, кои ги чека долг, но сигурен пат до целосно заздравување, напиша Рамов.
На родителите кои ги изгубија своите чеда им изрази сочувство, а на повредените им посака што побрзо закрепнување.
Скопје - Општина Ѓорче Петров, во рамки на ингеренциите на локално ниво, почна со темелни инспекциски контроли на угостителските објекти, вклучувајќи ги и сите основни училишта и градинки на територијата на општината.
Опоштина Ѓорче Петров денеска соопшти дека инспекторите од Одделението за инспекциски работи веќе се на терен да ја утврдат фактичката состојба на локалите. Сопствениците на објектите, се додава во соопштението, се должни да ги поседуваат и прикажат документите кои се потребни за локалот да работи според законските прописи.
При проверките, потребно е локалите да поседуваат елаборати за противпожарна заштита и за животна средина, решенија за урбана опрема, за вршење угостителска дејност надвор од објект и за вршење дејност, како и тековна состојба.
Од Општина Ѓорче Петров апелираат документите да бидат навремено подготвени и соодветно прикажани за време на инспекцискиот надзор.
Крива Паланка – Состојбата со пожари на отворено во Крива Паланка, со 17 пожари за само 20 дена, беше повод надлежните да упатат апел до граѓаните за најстрога забрана за палење стрништа и земјоделски отпад.
По денешниот координативен состанок на градоначалникот со надлежните служби и инспекциското одделение од општината, на кој се разговараше за состојбата со хидранстска мрежа на подрачјето на општината и состојбата за противпожарна заштита, меѓу другото се проговори и за состојбата со пожари во општината, по што беше упатено известување за изрична забрана за палење стрништа и друг отпад при чистење ливади, земјоделски поседи и дворови во екот на претстојните пролетни расчистувања.
-Според информациите од Територијална противпожарна единица, периодов има зачестена појава пожари на отворен простор во нашата општина, кои во најголем дел се предизвикани од невнимание на несовесни граѓани, при чистење на земјоделските површини, при што пожарот излегува од контрола, се опожаруваат поголеми површини, се причинува материјална штета, како по природата, животната средина и биодиверзитетот, така и по имотот на граѓаните. За таа цел, денес упатувам еден апел граѓаните да не палат стрништа, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.
Командирот на ТППЕ, Крива Паланка, Иле Коцевски, околу 13 часот и 30 минути информира дека и денес е примена дојава за пожар, вкупно 17-ти месецов, во атарот на село Мартиница, м.в. Љубина чешма, исто така предизвикан од палење стрништа при чистење ливада и зафатил поголема површина.