• сабота, 22 март 2025
МИА Флеш

   21  март  2025

 

Скопје - Вчера беше еден од најтажните денови за државата. Трагедијата во Кочани длабоко ме вознемири, пред се, како човек и родител. Во овие тешки моменти, важно е да останеме обединети во болката и солидарноста. Дозволете ми уште еднаш да изразам искрено сочувство до семејствата кои се соочуваат со оваа ненадоместлива загуба, напиша на неговиот фејсбук профил министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Скопје – ОЈО Кочани донесе наредба за спроведување истражна постапка против 27 физички и три правни лица за кои постои основи на сомнение дека како соизвршители сториле тешки дела против општата сигурност. 

Верижните пропусти и незаконити дејствија на одговорните и службените лица, како што информираше денеска на прес-конференција државниот Јавен обвинител Љупчо Коцевски, рече дека довеле до тоа, да при користење на пиротехнички дејствија за време на настап на „ДНК“ во клубот „Пулс“ во Кочани, биде предизикан пожар во кој настапила смрт на 59 лица, меѓу кои шест деца, а биле повредени 197 лица, од кои 25 деца. 

Скопје - Црвениот крст на Северна  Македонија информира дека досега се собрани 43.149.360 денари за поддршка на настраданите во пожарот во Кочани и за нивните семејства.

- Ве повикуваме и понатаму сите заедно да ја покажеме хуманоста и солидарноста за настраданите од пожарот во Кочани. Упатуваме голема благодарност до сите кои донираа и ве информираме дека сме во фаза на подготовка за првична исплата на собраните средства за најитните потреби наменети за настраданите од пожарот во Кочани, стои во соопштението.

Скопје – Од издадени над 1.100 лиценци, Министерството за транспорт досега изврши контрола на 643 лиценци согласно Законот за градење и урбанистичко планирање поради што кај 97 лиценци е констатирано дека по издавањето, правните лица престанале да ги исполнуваат законските услови врз основа на кои се издадени поради што ќе се донесат решенија за одземање на лиценците, најави денеска министер за транспорт Александар Николоски.

Скопје - Полициски службеници од ОВР Гостивар синоќа во 23:15 часот во Гостивар го лишиле од слобода С.Т.(54) од Кавадарци, со живеалиште во Гостивар.

Како што соопшти МВР, С.Т. се сомничи дека во периодот од 12:00 до 13:00 часот во помошна просторија од куќа на Р.Н.(71) од Гостивар извршил кражба, при што одзел околу 7.000 евра во разни апоени.  Кај него биле пронајдени и одземени дел од парите.

Скопје - СВР Струмица, до Основното јавно обвинителство Струмица, поднел кривична пријава против правно лице од Струмица и Д.Ј.(37) од Кавадарци, управител на правното лице, поради постоење на сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“ по член 279 од Кривичниот законик.

МВР денеска осопшти дека пријавените, во периодот од 01.12.2023 до 31.12.2023, имале обврска како даночни обврзници да извршат уплата на данок од личен доход на добивка од игри на среќа во износ од 626.457 денари, а во периодот од 01.01.2024 до 30.04.2024 имале обврска да извршат уплата данок на лични доходи по други основи во износ од 351.845 денари, но не ги уплатиле.

Битола - Општина Битола во соработка со Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и СВР Битола, спроведе низа активности за контрола на угостителските објекти во градот.

Од секторот за односи со јавност на Општина Битола денеска информираат дека Општинскиот инспекторат на терен врши проверка на сите категоризирани објекти на физички лица што се под општинска надлежност, односно се контролира дали објектите ги исполнуваат минимално техничките услови согласно правилникот за минимално технички услови донесен од министерот за економија и дали ги поседуваат сите документи потребни за дејноста.

Битола - Советот на Општина Битола на вонредна седница донесе одлука од локалниот буџет да издвои два милиони денари, финансиска помош за семејствата на починатите и за повредените лица во пожарот што се случи во Кочани.

Членовите на општинскиот совет и градоначалникот Тони Коњановски со минута молчење оддадоа почит на загинатите лица, а потоа посакаа брзо заздравување на повредените кои во моментов се лекуваат во државата и странство. 

Скопје - СВР Струмица-ОВР Гевгелија, до Основното јавно обвинителство Гевгелија, поднел кривична пријава против П.П.Г.(30) од село Стојаково, општина Богданци, П.Р.(39) од Валандово и В.Ќ.(31) од село Стојаково поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ по член 215 од Кривичниот законик.

Тетово - Група млади лица од Тетово кои се идентификуваат како иницијатива „Нула“ денеска пред зградата на Основен суд Тетово и Обвинителството оставија противпожарен апарат за да симболично ја потенцираат важноста од потреба за правда во трагедии кои се случиле во градот и државата.

Претставниците на иницијативата рекоа дека противпожарните апарати се потребни затоа што објектите во државата лесно страдаат во пожари, а важна задача што обвинителите и судиите ја имаат е да ја разоткријат вистината.

Кавадарци - Со тешка телесна повреда рано изутринава се здобил 33-годишниот М.К. од Велес, додека извршувал работни задачи во фабрика во Кавадарци.

- Од Општа болница - Кавадарци рано изутрина во 2:30 часот било пријавено дека кај нив со тешка телесна повреда бил донесен М.К., на возраст од 33 години, информираат попладнево од Секторот за внатрешни работи - Велес.

Според пријавеното, М.К. од Велес се здобил со повредата при извршување на работни задачи во фабрика во Кавадарци.

Скопје - Просечната исплатена нето плата во јануари во земјава изнесува 43.050 денари и е повисока за 8,9 проценти во однос на јануари минатата година, објави денеска Државниот завод за статистика. 

Зголемувањето се должи на просечната исплатена плата во секторите Уметност, забава и рекреација, Административни и помошни услужни дејности и Образование.

Белград - Српскиот премиер во технички мандат, Милош Вучевиќ денеска најави дека првиот состанок за движењето за народот и државата ќе се одржи викендов и додаде дека прашање на договор е дали големиот митинг ќе се одржи на 28 март или во април, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучевиќ рече дека на средбата за движењето треба да се разговара за сите активности до Видовден (28 Јуни) и официјалното формирање на движењето.

Берлин - Најмалку 8.938 луѓе го загубија животот на миграциските рути низ светот во 2024 година, што ја прави најсмртоносната година во историјата, покажуваат новите податоци на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) во рамките на системот на Обединетите нации.

Бројот на загинати во 2024 година го продолжува петгодишниот тренд на зголемување на смртните случаи секоја година, а минатогодишниот биланс го надмина претходниот рекорд поставен во 2023 година, кога беа регистрирани 8.747 смртни случаи на мигранти, соопшти ИОМ.

Берлин - Германија заплени танкер кој е пронајден напуштен во јануари во близина на нејзиниот северен брег, за кој се верува дека е дел од руската „флота во сенка“ што се користи за заобиколување на нафтените санкции, објави германскиот весник Дер Шпигел.

Танкерот под панамско знаме, наречен „Евентин“, беше запленет од германските поморски власти откако беше пронајден кај островот Руген во Балтичкото Море, што предизвика остри критики од Берлин кон Москва.

Берлин - Горниот дом на германскиот парламент, Бундесрат, денеска со двотретинско мнозинство ги одобри неопходните измени на Основниот закон, со што ќе се овозможи планирано задолжување за одбраната и инфраструктурата.

Ова беше последната парламентарна пречка за проектот, кој предвидува олабавување на „должничката кочница“, повеќе трошоци за одбраната и посебен фонд од 500 милијарди евра за инфраструктура и заштита на климата, пишува „Билд“.

Лондон - Британските воени лидери ја разгледаа можноста за испраќање борбени авиони на Кралските воздухопловни сили (РАФ) во Украина како дел од потенцијалниот мировен договор, објави британски „Телеграф“, повикувајќи се на неименувани извори запознаени со ситуацијата.

Според извештајот, состанокот се одржал во Постојаниот здружен штаб, кој ги надгледува сите британски воени операции во странство.

Амстердам - Холандското Министерство за одбрана планира да регрутира повеќе луѓе за да ги зголеми своите вооружени сили поради зголемените тензии во светот, објавија денеска холандските медиуми.

Иако првичниот план на холандското Министерство за одбрана беше да го зголеми бројот на воени лица на 100.000, извори на кои се повикува порталот Nos.nl наведуваат дека желбата во Хаг е армијата да брои дури 200.000 припадници.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ќе соопшти која компанија победила на конкурсот за производство на американскиот ловец од шестата генерација „НГАД“ (NGAD), кој ќе го замени американскиот двомоторен, суперсоничен стелт борбен авион Ф-22 Раптор (F-22 Raptor), пренесе Блумберг.

Според извори запознаени со ова прашање, понуди за производство на новиот борбен авион поднеле американските компании „Локхед“ (Lockheed Martin Corp) и „Боинг“ (Boeing Co).

Вашингтон - Соединетите Американски Држави ги заоструваат санкциите кон Русија со ограничување на плаќањата за енергенси, дури и во момент кога се одржуваат мировни преговори со Владата на рускиот претседател Владимир Путин за да се стави крај на војната во Украина, објави денеска Блумберг.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп дозволи да истече лиценцата која опфаќа плаќања за енергенси на неколку руски банки, на кои и натаму им било дозволено да примаат плаќања во американски долари преку тоа што е познато како „Општа лиценца 8“, која беше во сила од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

 

Копенхаген – Данскиот фудбалски репрезентативец Расмус Хојлунд изјави денеска дека не сака да се потсмева на својот идол Кристијано Роналдо, откако го прослави победничкиот гол против Португалија во четвртфиналето на Лигата на нации на ист начин како што тоа го прави португалската ѕвезда.

Данска ја совлада Португалија со 1-0 во четвртокот вечер во Копенхаген, во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на нации А, со голот на Хојлунд во 78. минута. Голот го прослави како што тоа го прави Роналдо – скокајќи и извикувајќи „сиу“.

Тагови

Остани поврзан