МИА Општински пул
- 21 март 2025

21 март 2025
Гостивар - Општина Гостивар ќе издвои еден милион денари како хуманитарна помош наменета за семејствата на загинатите и повредените во трагичниот настан во Кочани. Советот на вонредна седница денес едногласно ја изгласа предлогот одлуката на градоначалникот Ваљбон Лимани.
Вонредната седница започна со оддавење почит за загинатите и едноминутно молчење.- Болката по трагедијата во Кочани е голема. На ваков начин ќе изразиме еден чин на солидарност и ќе испратиме дека овие семејства не се сами. Тагата кога е споделена е помала. Посакувам никогаш повеќе да нема вакви трагедии во државата. Сегам како никогаш досега ни е потребно да бидеме заедно и сплотени, рече Лимани во обраќањето пред советниците.
Дебар - Албанската полиција на граничниот премин „Хан Хоти - Муриќан“ на албанско – црногорската граница, привела македонски државјанин баран со меѓународна потерница.
- Лицето А.К.(50) жител на Северна Македонија, на излез од Република Албанија е приведен со цел екстрадиција. При контрола потврдено е дека е баран со меѓународна потерница од Интерпол Скопје, откако бил обвинет од правосудните органи на Северна Македонија за кривично дело „тешки кражби“, објави Топ чанел, повикувајќи се на полициско соопштение.
Скопје - Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје во текот на изминатото деноноќие отстраниле приближно 70 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани во скопските општини Кисела Вода, Центар и Ѓорче Петров.
Како што информира ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје, во општината Кисела Вода се реализирани активности на улицата „Христо Татарчев“ во близина на спортската сала Расадник, каде се подигнати 30 кубни метри кабаст отпад одложен на тревна површина.
Крива Паланка - Средношколците од училишната заедница на средното општинско училиште „Ѓорче Петров“, Крива Паланка, утрово поставија кутии за донации за помош на семејствата на настраданите и повредените од трагедијата во Кочани.
Десетина ученици од различни наставни години од денеска до недела, во период од 7.30 до 19 часот ќе бидат на пунктот на плоштадот „Карпошово востание“ пред зградата на Општина Крива Паланка, во знак на сочувство и солидарност со сите погодени од оваа трагедија.
Скопје - Од ЕВН Македонија АД информираа дека денеска поради зафати во електро дистрибутивната мрежа без електрична енергија ќе останат корисниците лоцирани од влезот на село Батинци кон депонијата Дрисла, општина Студеничани.
Корисниците ќе останат без струја во периодот од 09.00 до 12.00 часот.
Скопје - ЈП Водовод и канализација - Скопје информира дека денеска поради уличен водоводен дефект од ф 100mm на ул. „Пелагонија“ бр.40, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул. „Индира Ганди“ и ул.„Пелагонија“, Општина Шуто Оризари.
Прекинот на водоснабдувањето ќе почне од 08:30 до завршување.