МИА Општински пул
- МИА Општински пул

20 март 2025
Штип - Во колони долги по неколку стотина метри граѓаните на Штип денеска се простија од петтемина загинати во пожарот во дискотеката во Кочани. Последна почит им оддадоа на Дамјан Таневски, Филип Ивановски, Филип Стевановски, Александар Коларов и Александар Ефремов.
Од најмладите Таневски и Ивановски граѓаните се простуваа во Соборниот храм „Свети Никола“, каде граѓаните со цвеќе и достоинствено и во тишина се простуваа од своите млади сограѓани.
Во црквата „Успение на Пресвета Богородица„ во штипско Ново Село штипјани се простија од баџанаците и членови на групата ДНК, Филип Стевановски и Александар Коларов, а во Црквата „Света Троица“ на Гробиштата во Штип граѓаните, роднините и пријателите се простија од Александар Ефремов, фотограф на ДНК.
Сите загинати беа погребани во гробиштата во Штип со почести од високи свештени лица на МПЦ-ОА.
На трите места каде се оддаваше последна почит на загинатите беа присутни тимови на Црвен крст и екипи на Прва помош.
Инаку, сите регионални и локални медиуми, како и дописниците на националните медиуми денеска не фотографираа и снимаа од погребот на петтемина штипјани, почитувајќи го барањата на дел од семејствата и пријателите на починатите да не се фотографира и снима.
Дебар - Општина Маврово и Ростуше реагираше по вчерашниот случајот на апсење на раководителот на Секторот за урбанизам С.Е. за примање поткуп.
- Вчудовидени и изненадени сме од информацијата која беше објавена во медиумите во врска со побаран и примен поткуп од страна на Раководителот на одделението за урбанизам при општината. Како локална самоуправа најостро осудуваме било каква форма на коруптивно однесување и бараме од надлежните органи што побрзо да го расчистат случајот, стои во реакцијата.
Се додава дека локалната самоуправа со досегашното работење многупати докажала дека стои на страната на жителите на општината, односно „секогаш сме се стремеле кон подобрување на општинските услуги, како и подобрување на условите за живот во општината преку реализација на крупни капитални проекти“.
- Токму поради тоа ваквите индивидуални чинови на дејствување не ги поддржуваме и не сакаме било каков сомнеж за корупција да остане нерасчистен и целосно стоиме на располагање пред надлежните органи одговорни за расчистување на случајот, посочуваат од Општината.
Полицијата вчера го приведе раководителот на Одделението на урбанизам и комунални дејности при Општина Маврово Ростуше, фатен како зема мито.
Росоман - Ниските утрински температури направија големи штети кај овошките во Росоманско, оваа информација ја потврди за МИА, Драганчо Николов, советник во Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството, подрачна единица во Кавадарци.
- Само што бевме на терен како претставници на Агенцијата, после ниските температури во раните утрински часови, што го зафатија Росоманско. Според информациите со кои располагаме, вчера наутро температурите се спуштиле до минус четири, а денеска до минус седум степени, појасни Николов.
Тој истакна дека првичните согледувања од стручни лица на терен, говореле дека има големи штети во овошните насади во Росоманско.
- Станува збор за регион, најголем производител на праски во државата. Првите проверки на лице место, велат дека голем е данокот, што и овојпат го имаат земено ниските утрински температури на прагот на пролетта. Штети има кај дрвцата праски, кајсии, бадеми, кои во овој период од годината се во фаза на полнo цветање. Најголеми се штетите во Росоман и росоманските села Манастирец и Трстеник, подвлече Николов.
Тој додаде дека дополнително ќе се утврдува процентот на штети кај овошките. Засега, во лозарството немало оштетувања од ниските утрински температури, што го зафатија овој регион изминатите два дена.
Куманово - Пожар зафатил кровна конструкција на напуштени објекти во поранешната касарна „Христијан Тодоровски Карпош“ во населбата Бедиње во Куманово, информираа денеска од Регионалниот центар за управување со кризи Куманово. Три противпожарни екипи и шестина пожарникари интервенирале вчера на пожарот во периодот од повеќе од два часа.
Објектот чиј покрив бил зафатен од пожар се наоѓал во внатрешноста на поранешната касарна.
На просторот на поранешната касарна во Куманово површина сместени се две училишта, во моменов тече изградбата на гимназијата „Сами Фрашери“, а лоцирани се и подрачни единици на државни институции.
Вчера пожарникарите интервенирале и на гаснење на запален оџак во село Доброшане, како и на запалена сува трева во селата Табановце и Косматац.
Скопје - Половина од село Сопиште е без вода поради уличен дефект на водоводна цевка, информираат попладнево од Jавното претпријатие „Водовод и канализација“ - Скопје.
Водоснабдувањето било прекинато од 14 часот.
Како што додаваат од претпријатието, корисниците ќе останат без вода за пиење до завршување на работните активности.