МИА Општински пул
- МИА Општински пул
23 мај 2025
Струга - На површина од 85.000 метри квадратни синоќа во Струга официјално беше отворен Набизи ретаил парк, инвестиција на браќата Камбер и Насуф Бизати.
Првиот трговски центар во државата од отворен тип располага со 1.000 паркинг места, логистички простор од 40.000 метри квадратни и е новата дестинација за шопинг, забава и квалитетно време поминато во Струга.
Приказната на семејството Бизати, како што истакна Камбер, почнала пред 42 години со мала слаткарница, многу соништа и ограничени можности.
- Денес гледајќи каде сме стигнале, чуствувам одговорност да продолжиме да создаваме вредност, да вработуваме, да вложуваме и да го развиваме нашиот регион. Набизи ретаил парк е симбол на одговорност, соработка и верба во иднината, истакна Камбер Бизати.
Изградбата на Набизи ретаил парк, за Насуф Бизати, е личен обид да вратат нешто назад на градот, на заедницата и на сите кои со години им даваат доверба.
- Верувавме во идејата дека и во еден помал град може да се создаде нешто модерно, квалитетно и вредно. Се стремевме да изградиме простор, кој ќе биде функционален, убав, достапен, место каде што ќе живее градот, а не само да го исполнува, рече Насуф Бизати.
На официјалното пуштање во употреба на ретаил паркот присуствуваше и градоначалникот на Општина Струга Рамис Мерко, кој изрази задоволство што Струга расте и напредува.
- Пред 20 години сите викаа дека Струга е село и неможеше да конкурира со ниту еден град во државата. Денеска неможат сите градови во Македонија и пошироко да и конкурираат на Струга. Горд сум јас, а уште по горда е фамилијата Набизи. Струга расте и ќе расте и понатака, истакна Мерко.
Ретаил паркот располага со бензинска пумпа со маркет, хотел, фаст фуд ресторани, кафе барови, roof-top ресторан со катче за деца и детски игралишта, а сместени се и водечки меѓународни и национални брендови – супермаркети, модни и спортски брендови, технолошки гиганти, кафетерии, банки, осигурителни компании и детски катчиња. Проектот предвидува и хотел со 63 соби.
Кочани – Општина Кочани објави повик за продажба со јавно наддавање на градежна парцела во непосредна близина на градскиот базен и стадионот „Никола Мантов“, наменета за изградба на бањски, односно спа комплекс.
Целта е да се искористат потенцијалите на геотермалната вода чиј цевковод поминува во непосредна близина на парцелата која е со површина од 12 илјади метри квадратни.
-Комплексот треба да обезбеди физичка релаксација и закрепнување, со оглед што геотермалната вода и хидромасажата помагаат за опуштање на мускулите, побрзо закрепнување од спортски повреди и подобрување на циркулацијата на крвта. Исто така, целта е да се искористат лековитите ефекти во лекување на нервни заболувања, дигестивни проблеми, гинеколошки состојби, егземи и дерматити. Посетата на спа центарот ќе овозможи и намалување на стресот, подобрување на менталната благосостојба и целосна релаксација. Дополнително, може да се привлечат домашни и странски посетители, што ќе го зајакне туризмот во Кочани и ќе создаде нови работни места, истакнува в.д. градоначалникот Венко Крстевски.
Почетната цена на јавното наддавање изнесува 583 денари за квадратен метар, при што заинтересираните треба да достават гаранција во висина од над 14 илјади денари. Пријавувањето е до 23 јуни годинава.
Парцелата за спа комплексот е вцртана во деталниот урбанистички план што Општина Кочани го донесе уште пред околу две децении, но досега немаше повик за продажба и објектот не се реализираше во практика.
Скопје - Во рамки на програмата за Реконструкција, рехабилитација и изградба на локални улици и патишта интензивно се работи на подобрување на патната инфраструктура во општина Илинден.
Во таа насока, извршена е целосна, санација и асфалтирање на локалниот пристапен пат до гробиштата во населено мести Миладиновци во вкупна должина од околу 700 метри, како и изграден паркинг на возила.
Според градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, асфалтирањето на овој локален пат е реализација на едно од барањата на граѓаните од населено место Миладиновци.
Во наредниот период ќе се продолжи со реконструкција и санација и на други улици кои се дел од барањата и потребите на граѓаните на општина Илинден во насока на подобрување на секојдневието и подобрување на патната инфраструктура, зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Финансиските средства се целосно обезбедени од буџетот на Општина Илинден, а со реализација на овој проект ќе се подобри патната инфраструктура на општина Илинден.
Скопје - Поради уличен дефект од ф 5/4 на ул. „Божин Николов - Силни“ бр.72 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците на оваа улица и дел од улицата „Ѓорѓи Капчев“.
Како што информираат од ЈП Водовод и канализација водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.
Скопје - Општина Центар, денеска објави Јавен повик за финансиска поддршка на културниот проект „Центарски приказни“, кој има за цел да ги зачува колективните спомени и духот на центарските маала преку поставување урбани топоними – ознаки на значајни места со кратки приказни за нивното значење.
Градоначалникот Горан Герасимовски потенцира дека преку визуелна интерпретација и поставување на симболични обележја, проектот ќе придонесе за зачувување на урбаното наследство и културниот идентитет на општината.
„Право на учество имаат здруженија, организации и правни субјекти од областа на културата со седиште во Општина Центар, а вкупниот фонд за поддршка на проектот изнесува 200.000 денари. Со проектот ‘Центарски приказни’ сакаме да создадеме мапа на сеќавања, каде што урбаните маала и нивните приказни ќе оживеат преку уметност и културна меморија. Овие микролокации се дел од нашето секојдневие, но и од нашата историја. Време е да ги вреднуваме и раскажуваме на генерациите што доаѓаат“, вели Герасимовски.
За пријавување, заинтересираните субјекти треба да поднесат пополнета пријава со краток опис на проектот, портфолио на организацијата, биографии на сите вклучени изведувачи, како и референтна листа на досегашни проекти. Дополнително, потребно е да се достави финансиска конструкција за потребните средства за реализација, доказ за активна трансакциска сметка и важечко Решение за регистрација или тековна состојба од Централниот регистар на Република Северна Македонија, не постаро од шест месеци.
Целокупната документација може да се достави преку пошта на адреса: Општина Центар – Скопје, Сектор за јавни дејности / Одделение за култура, ул. „Михаил Цоков“ бр.1, 1000 Скопје или лично во Архивата на Општината (барака 6) секој работен ден од 9 до 15 часот. При поднесувањето потребно е да се наведе: „Јавен повик за финансиска поддршка за реализација на проектот ‘Центарски приказни’“.
Рокот за пријавување е пет (5) дена од денот на објавување на повикот на веб-страницата на Општина Центар: https://www.centar.gov.mk/?p=25385
Штип – Општинското основно училиште (ООУ) „Синиша Стоилов“ во Општина Зрновци ќе се доградува и реконструира со средства кои се обезбедени преку Програмата за намалување на диспаритети од министерството за локална самоуправа информираа на денешната прес-конференција во Штип директорот на Центарот за развој на Источно планскиот регион, Трајче Здравков и градоначалникот на Општина Зрновци, Борче Коцев.
Здравков истакна дека преку оваа Програма се обзебедени 4.800.000 денари.
-Експидитивно во понеделник ќе ја започнаме постапката за распишување на тендер, со цел што е побрзо да го завршиме овој проект и доградбата и реконструкцијата на ООУ „Синиша Стоилов“. Сакам да изразам благодарност до министерството и министерот Перински, бидејќи експидитивно беше доделен овој договор и беше препозната неопходноста за реализација на овој проект, вели Здравков.
Тој истакна дека до 10 декември 2025 година ќе се реализира доградбата и реконструкцијата на училиштето во Општина Зрновци, со цел да се добијат подобри услови за едукација на учениците.
Градоначалникот на Општина Зрновци, Коцев изјави дека финансиската реконструкција на училиште изнесува вкупно 5.075.000 денари, од кои 4.800.000 се од министерството за локална самоуправа, а останатите средства се од општината.
-Со изградбата на оваа доградба се обезбедуваат комплетно три нови училиници, од околу 150 метри квадратни, како и внатрешно уредување на истите. Моментално две одделенија од ООУ „Синиша Стоилов“ наставата ја следат во помошен објект и со оваа реализација сите одделенија, сите ученици ќе бидат сместени во зградата на ООУ „ Синиша Стоилов“, вели Коцев.
Капацитетот на училиштето во Зрновци е за околу 150 ученици, а градоначалникот на Зрновци, Коцев се надева дека доградбата и реконструкцијата ќе завршат до почетокот на септември, со цел учениците да имаат современи и подобри услови за настава.
Скопје - Со прекинато водоснабдување денеска ќе бидат корисниците на ул. 11, кр.13/5 во Стајковци, информираа од ЈП Водовод и канализација - Скопје.
Прекинот е поради дефект на приклучна од ф 1“ на ул. 11, а водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:15 часот до завршување на работните активности.