
Скопје - Македонската Влада упатува апел до медиумите кои емитувале видео и фото материјали од погребот на жртвите во Кочани спротивно на препораките да ги отстранат содржините и да не ги шират.
Во овие тешки моменти, како што велат од Владата, уште еднаш го повторувааат упатениот апел до медиумските екипи кои присуствуваат на денешниот погреб на жртвите од трагичниот пожар кој настана во кочанската дискотека да се придржуваат до етичките принципи.
Најголем дел од медиумите, според Владата, не емитуваат и шират фотографии и видеоматеријали од семејствата на настраданите, а оние кои објавиле такви содржини уште еднаш апелираме да се придржуваат до етичкото информирање.
Скопје - Владата изразува најостра и недвосмислена осуда за неодговорните и неетички постапки на одредени странски медиуми кои и покрај континуираните апели за почитување на етичкото новинарство, денеска ја преминаа секоја граница на хуманост и достоинство во известувањето за погребот во Кочани.
-Во време кога интегритетот, точноста и одговорноста треба да бидат основата на известувањето, сведоци сме на непочитување на овие принципи. Сензационализмот и стремежот кон фотографии и наслови кои вознемируваат, привлекуваат внимание и кои имаат предност пред вистината, ја деградираат самата суштина на новинарството. Ова не само што е неприфатливо, туку е и длабоко штетно за целокупната јавност, но уште поважно за поединците и семејствата на погодените во оваа огромна трагедија. Искористувањето на моментот на жалост и тага заради спектакл е за осуда, се наведува во соопштението од Владата.
Оттаму ги повикуваат уште еднаш сите медиуми да се придржуваат до највисоките стандарди на професионално известување и да ги почитуваат личната болка и достоинство.
Скопје - Оваа трагедија има димензии на национална катастрофа. На политиката не само што не и е тука место, туку таквата злоупотреба на трагедијата е апсолутно недопустлива. Мора да бидеме обединети, затоа што наш заеднички цел е да ги казниме сите одговорни и да обезбедиме дека ваква трагедија никогаш повеќе да се повтори, изјави државниот јавен обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски.
Во интервју за белградска „Политика“, Коцевски вели дека предолго се толерираше непочитувањето на законот, сега сите бараат правда и правдата мора да биде задоволена.
Скопје - Министерството за здравство попладнево ги објави имињата на жртвите во пожарот во дискотеката во Кочани, што се случи рано наутро во неделата.
-Не постои збор со што можеме да ги искажеме болката и тагата што ги чувствуваме за прерано изгубените животи во трагичниот настан во пожарот во Кочани. Ги објавуваме имињата на жртвите и замолуваме да не се шпекулира со невистинитите информации, се наведува во соопштението на Министерството. Оттаму изразија најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите.
Скопје - Членовите на бендот ДНК кои починаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се погребани денеска. Пејачот на бендот Андреј Ѓорѓиески, е погребан на градските гробишта Бутел, а членката на бендот и професорка на Факултетот за музичка уметност (ФМУ), Сара Пројковска на гробиштата во Лисиче. Погребот на младиот музичар од Струмица, тапанар на бендот, Ѓорѓи Ѓорѓиев е на градските гробишта во Струмица.
На погребот на Андреј Ѓорѓиески, што се одржа во 10 часот, присуствуваа членовите на неговото семејство, македонски уметници, пејачи, музичари негови колеги.
Погребот на Сара Пројковска се одржа на гробиштата во Лисиче во 12 часот. Ѓорѓи Ѓорѓиев е погребан на градските гробишта во Струмица. Посмртните останки беа изложени во Градската капела од 12 часот, а во 10 часот вработените во музичкото училиште одржаа комеморативна седница.
Скопје - Во Мелбурн, Австралија, денеска се оддаде почит на жртвите во трагедијата во Кочани.
Во знак на сочувство и солидарност со семејствата на 59 загинати во Кочани, зградата на Владата на државата Викторија е осветлена во боите на македонското знаме. Во Викторија живее бројна македонска заедница во Австралија, која брои над од 40 илјади Македонци.
Атина – Сочувство, но и поддршка од грчката Влада за трагедијата во Кочани, изрази заменик-министерот за надворешни работи на Грција Јанис Ловердос, кој денеска се потпиша во книгата на жалост отворена во Македонската амбасада во Атина, каде што го пречека амбасадорката Лидија Бошковска, јави дописничката на МИА од Атина.
Заменик-шефот на грчката дипломатија на амбасадорката уште еднаш ѝ ја повтори поддршката на Грција, но и практичната помош, што, како што рече дојде по телефонскиот разговор меѓу министрите за надворешни работи на двете земји Тимчо Муцунски и Јоргос Герапетритис.
- Да знаете дека Владата и народот на Грција во овие моменти на голема тага, на жал ќе бидат секогаш покрај вас. Ние, Грците сме многу чувствителен народ, имаме и ние претрпено слични трагедии, истакна заменикот МНР.
Белград - Парламентарната опозиција во Србија денеска официјално побара формирање преодна влада - „Влада на доверба на народот“, јави дописникот на МИА од Белград.
Според нив, формирањето привремена преодна влада е единственото решение за надминување на кризата по падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад.
„Покрај нас...за ова зборуваа и непарламентарните организации „Крени-промени“ и „Проглас“, така што постои широк консензус за тоа како можеме да излеземе од оваа криза, нагласи претседателот на Народното движење, Мирослав Алексиќ на прес-конференција во Собранието.
Истанбул – Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој е приведен поради обвиненија за корупција и тероризам, го повика турскиот народ да застане против, како што рече, „злото“.
- Како нација мораме да застанеме против ова зло. Ова е мојот повик до мојот народ, напиша Имамоглу денеска на Х.
Како што пренесе ДПА, тој ја обвини владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган дека го таргетира неговото семејство и имотот, повикувајќи ги јавните службеници и судството да се спротивстават на каква било злоупотреба на власта.
Брисел - Финскиот премиер Петери Орпо денеска изјави дека европскиот столб во НАТО треба да биде што посилен и нагласи дека ЕУ мора да и помогне на Украина да стане членка „што е можно поскоро, најдоцна до 2030 година“.
Орпо, пред самитот на лидерите на ЕУ во Брисел, рече дека Европа мора да ја гради својата одбрана во тесна соработка со САД.
Тој додаде дека „Европа ги научи лекциите од војната во Украина“, оценувајќи дека „Русија е и ќе биде постојана закана за ЕУ и Европа“, пишува „Гардијан“.
Франкфурт - Германската банка „Дојче банк“ планира да отпушти околу 2.000 вработени годинава во рамки на својата стратегија за намалување на трошоците, пренесе ДПА.
Банката, исто така, планира дополнително да ја намали мрежата на филијали, потег што го следи трендот на намалување во последните години.
Говорејќи на конференција организирана од американската банка „Морган Стенли“, извршниот директор Кристијан Севинг укажа за планиран „значителен број“ затворања на филијали.
Брисел - Почитувањето на основните права и владеењето на правото се од суштинско значење за процесот на пристапување во ЕУ и тие ќе останат составен дел од односите меѓу Унијата и Турција, порачаа високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас и еврокомесарката за проширување Марта Кос по повод приведувањето на истанбулскиот градоначалник Екрем Имамоглу.
-Како земја кандидат за членство во ЕУ и долгогодишна членка на Советот на Европа, се очекува Турција да ги применува највисоките демократски стандарди и практики, нагласија Калас и Кос во заедничка изјава. Тие додаваат дека ЕУ ги повикува турските власти да обезбедат целосна транспарентност во врска со апсењето на Имамоглу и да го почитуваат соодветниот процес.
Берлин - Транзитот на бродови низ Киeлскиот канал, најпрометниот вештачки воден пат во светот што го поврзува Балтичкото со Северното Море, значително е намален во 2024 година под влијание на геополитичките кризи, покажа годишниот извештај на германската Федерална управа за водни патишта и превоз.
Обемот на товарниот транспорт е намален за 2,1 отсто минатата година, на 75,6 милиони тони. Актуелните кризи влијаат на трговските патишта, протокот и количината на стоки“, изјави извршниот директор на одделот за поморски превоз во Федералната управа за водни патишта и превоз, Хајко Бошен.
Осло - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска пристигна во посета на Норвешка, соопшти норвешката владина прес-служба.
„Многу сум задоволен што имам можност да му посакам добредојде на Володимир Зеленски во Норвешка. Норвешка е непоколеблива во својата поддршка за Украина“, изјави норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе.
Тој додаде дека сите партии во Парламентот неодамна постигнале договор за зголемување на финансирањето на Украина, се наведува на веб-страницата на норвешката Влада.
Москва – Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека Европа „нурна во милитаризација“ и стана „страна во војна“, тврдејќи дека Москва и Вашингтон сакаат мирно решавање на конфликтот.
- Секој ден слушаме полно сигнали од Брисел. Главните сигнали кои пристигаат од Брисел и европските престолнини се однесуваат на плановите за милитаризација на Европа, што очигледно е во спротивност со расположението на претседателите на Русија и на САД да бараат пат кон мирно решение, наведе Песков.