• петок, 21 март 2025
МИА радио флеш

Скопје - Министерот за здравство, Арбен Таравари, изјави дека лекувањето на пациентите од пожарот во Кочани во другите држави е генерално бесплатно. Одговарајќи на новинарско прашање во врска со шпекулации дека се собираат пари за лекувањето, тој одговори дека нема потреба за изнесување невистини.

-Генерално во 99 проценти е бесплатно лекувањето и нема потребаа никој да собира пари.Така што, нема потреба за шпекулации и за невистини. Ова е вистината која што е објавена пред три-четири дена, не е од сега. Можеби во некоја држава, меѓутоа, генерално 99 проценти од лекувањето во сите држави е бесплатно, рече тој.

Скопје - Бројот на повредени пациенти кои моментално се лекуваат од здобиените повреди во пожарот во Кочани е 162. Денеска десет од пациентите што лежат на клиниките низ државава ќе бидат испишани, а вчера од болница биле пуштени тројца пациенти, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари.

- Моментално на Клинички центар лежат 25 пациенти, во ГОБ „8 Септември“ лежат 12 пациенти, во Градска општа болница 11 и во Штип еден пациент.
Исписи имаме - еден пациент од Штип, еден испис од Детска хирургија, три ќе се испишат од Торакална хирургија. Во „Систина“ и „Жан Митрев“ вкупно се лекуват 9 пациенти, од нив пет денес се испишуваат, рече Таравари. Министерот кажа дека 115 пациенти се на лекување надвор од државата.

Скопје – Основниот суд во Кочани донесе решение со кое се определува 30 дневен притвор за 13 лица опфатени во случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“, меѓу кои и за поранешниот министер за економија Крешник Бектеши.

За уште шест осомничени, на кои претходно исто така им беше определен краткотраен притвор од 48 часа, судот ќе одлучува во текот на денот. Засега до ОС Кочани нема пристигнато барање за вчера приведените поранешни градоначалници на Кочани, Николчо Илиев и Ратко Димитровски и градоначалникот во оставка Љупчо Папазов. 

Скопје – Основното јавно обвинителство Кочани во текот на ноќта донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 27 физички и три правни лица во врска со катастрофалниот пожар во Кочани, информираат од Јавното обвинителство на РСМ.

Деталите за истрагата, осомничените и предложените мерки за обезбедување, како што е најавено, ќе бидат соопштени денеска напладне на прес-конференција пред зградата на ОЈО Кочани.

Основниот суд во Кочани, претходно донесе решение со кое се определува 30-дневен притвор за 13 лица меѓу кои и министерот за економија Крешник Бектеши. За уште шест осомничени, на кои претходно исто така им беше определен краткотраен притвор од 48 часа, судот ќе одлучува во текот на денот.

Скопје - Шведската Амбасада на својата Фејсбук страница објави дека во раните утрински часови уште двајца повредени во пожарот во Кочани се транспортирани во болницата Каролинска во Шведска.

- Синоќа во 03:30 часот, летот за медицинска евакуација од тим од Универзитетската болница Каролинска полета од Скопје, носејќи уште двајца пациенти во Стокхолм на медицински третман. Шведска се солидаризира со Северна Македонија по трагичниот пожар викендов. Нашите мисли остануваат со сите погодени, стои во објавата на Амбасадата на Шведска. Во Шведска во моментов се наоѓаат четворица повредени во пожарот во Кочани во кој загинаа 59 лица, а 176 се повредени.

Скопје - Македонските преведувачи Катерина Маркоска, Филип Димевски и Ермис Лафазановски се добитници на наградите за најдобар драмски превод на европско ниво за 2025 година што традиционално, на 21 март, ги соопштува Еуродрам - Европската мрежа за драма и превод. 

Македонскиот комитет на Еуродрам разгледа вкупно дваесет предложени драмски преводи на македонски јазик од кои како најдобри ги избра:„Место наречено Некаде“ од Јана Борисова, превод од бугарски на Катерина Маркоска, „Преподобните“ од Славомир Мрожек, превод од полски на Филип Димевски и „Не ја држи линијата зафатена“ од Александра Фелшеги, превод од романски на Ермис Лафазановски. Списокот на најдобри драмски преводи на македонски и на други европски јазици за 2025 година е достапен на https://eurodram.org/2025-selections/

Скопје - На регионалниот пат Неготино-Градско утрово околу 02.50 часот полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово го лишиле од слобода Т.Ј.(44) од Република Турција. 

МВР денеска соопшти дека при контрола во возилото „рено клио“ со босански национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени пет лица мигранти од Египет. Возилото било одземено, а лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Скопје – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) најостро го осудува говорот на омраза и повиците за насилство кон медиумите и новинарите. - Повиците за напади на медиумите и медиумските работници директно ја загрозуваат безбедноста на новинарите и претставуваат напад врз слободата на изразување, се наведува во денешното соопштение од АВМУ. 

Истовремено, Агенцијата повторно ги потсетува медиумите при креирањето на својата програма да обрнат исклучително внимание на содржините на емисиите, филмовите и сериите, особено на тоа какво значење можат да добијат во контекст на овие чувствителни моменти.

Дебар - Албанската полиција на граничниот премин „Хан Хоти - Муриќан“ на албанско – црногорската граница, привела македонски државјанин баран со меѓународна потерница.

- Лицето А.К.(50) жител на Северна Македонија, на излез од Република Албанија е приведен со цел екстрадиција. При контрола потврдено е дека е баран со меѓународна потерница од Интерпол Скопје, откако бил обвинет од правосудните органи на Северна Македонија за кривично дело „тешки кражби“, објави Топ чанел, повикувајќи се на полициско соопштение.

Интерпол Тирана соработува со Интерпол Скопје и другите надлежни органи на двете земји со цел екстрадиција на приведениот во Северна Македонија.

Атина– Букет цвеќе од непознат испраќач со пораката „RIP Kocani“ и нацртано срце, оставено пред портата на објектот на амбасадата во Атина, најдоа вработените во нашето дипломатско претставништво, каде што во изминатите денови беше отворена книга на жалост, јави дописничката на МИА од Атина.

Цвеќиња, свеќи и пораки на сочувство имаше пред низа наши амбасади низ светот каде што живеат Македонци, но во Атина, конкретниот потег остава впечаток со оглед на тоа што е многу мал бројот на нашинците во грчката метропола.

Будимпешта – Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека сите можат да видат дека војната во Украина е изгубена и дека е лоша одлука да се влезе во неа. Тој додаде дека секое унгарско домаќинство изгубило по околу 6.000 евра поради војната, а богатите земји уште повеќе, пренесе МТИ.

Орбан денеска за унгарските јавни медиуми изјави дека Унгарија не треба да се плаши од ситуации во кои зазема поинаков став од останатите 26 членки на Европската унија, бидејќи нејзиниот став во иднина може да стане мнозински. Тој ја даде оваа изјава откако вчера стави вето на уште една изјава на ЕУ во врска со Украина.

Брисел - Судот на правдата на Европската Унија ја казни Бугарија со 1,59 милиони евра поради доцнење од 885 дена во усогласувањето со Директивата на ЕУ за чисти и енергетски ефикасни возила во патен транспорт. Властите во Софија пред Судот тврдеа дека навременото усогласување со Директивата 2019/1161 било „објективно невозможно“, поради политичката нестабилност предизвикана од неможноста да се формира стабилна Влада, како и поради Ковид пандемијата, но судиите не ги прифатија овие аргументи. 

Судот оцени дека аргументот на Бугарија за „политичка нестабилност“ е неприфатлив, имајќи предвид дека според утврдената судска практика, земја членка на ЕУ „не може да се повикува на одредби, практики или ситуации во нејзиниот внатрешен правен поредок, за да го оправда неисполнувањето на обврските што произлегуваат од правото на Унијата“. 

Лондон – Пожарот што денеска го затвори лондонскиот аеродром Хитроу, сега е под контрола, соопшти противпожарната служба на Лондон. Во објава на Х службата додава дека ќе почне истрага за случајот. Пожарот избувна на електрична трафостаница која го снабдува со струја аеродромот, во Хејс, западен Лондон.

Пожарот предизвика прекин на електричната енергија во голем број домови и локални бизниси. Пожарникарите евакуираа 29 лица од соседните имоти и беше воспоставен кордон од 200 метри како мерка на претпазливост, при што беа евакуирани околу 150 луѓе. Поради големиот чад, жителите беа советувани да ги држат прозорците и вратите затворени.

Одеса- Чешкиот претседател Петр Павел беше во посета на Одеса за време на рускиот напад со беспилотно летало врз украинскиот град, објави претседателот на Регионалната воена управа на Одеса, Олег Кипер.

„Го поздравивме претседателот на Чешката Република Петр Павел во Одеса. Посетите на таквите лидери денес се особено важни за нашиот регион, бидејќи секоја од нив е сигнал за поддршка на Украина во нејзиниот отпор кон руската агресија. Значајно е што за време на нашата средба непријателот го започна својот следен масовен напад врз Одеса и регионот. Тоа е уште еден потсетник за целиот свет: војната продолжува и Украина продолжува да се бори“, напиша Кипер на Телеграм.

Москва – Експлозија одекна во складиште за нафта во рускиот регион Краснодар додека пожарникарите се обидуваа да го изгаснат пожарот што избувна по нападот со украински дрон претходно оваа недела, соопштија регионалните власти.

- За време на гаснењето, поради намалување на притисокот во запалениот резервоар, дојде до експлозија на нафтени деривати и испуштање нафта, се вели во соопштение објавено на Телеграм. Пожарот се проширил на втор резервоар, а површината зафатена од пламен сега е 10.000 квадратни метри, што е повеќе од двојно од првичната површина.

Повеќе од 450 пожарникари се обидуваат да го локализираат пожарот, а две лица се повредени. Новинската агенција Интерфакс јави дека регионалните власти рекле дека во воздухот на две блиски локации било регистрирано зголемено ниво на штетни хемикалии, вклучително и бензен.

Њујорк - Новиот „Извештај за среќата во светот“ на Обединетите Нации ја рангираше Финска на првото место осма година по ред. Финците го оценуваат својот живот како особено задоволувачки со просечна оценка од 7,74 од можни 10 поени.

Овој, 13-ти годишен Извештај, објавен по повод Меѓународниот ден на среќата на ОН, ги рангира најсреќните и најнесреќните земји во светот, прашувајќи ги луѓето да го оценат својот живот на скала од 0 до 10. Студијата, објавена од Истражувачкиот центар за благосостојба на Универзитетот во Оксфорд, Велика Британија. Така, Костарика и Мексико за првпат влегоа во топ-10 државите. Најсреќните 10 држави во светот се: Финска, Данска, Исланд, Шведска, Холандија, Костарика, Норвешка, Израел, Луксембург и Мексико.

Газа - Најмалку 200 деца се убиени во Газа откако Израел ја обнови војната против енклавата оваа недела, изјави портпаролката на УНИЦЕФ во Газа, Росалија Паулин.

Медицински претставници соопштија дека досега се убиени повеќе од 590 Палестинци, а бројот на жртвите продолжува да расте како што се интензивираат израелските воздушни и копнени напади. 

Тел Авив – Израелскиот министер за одбрана Израел Кац се закани дека ќе анектира области на Појасот Газа кон Израел доколку Хамас одбие да ги ослободи заложниците што сè уште ги држи. Како што пренесе Тајмс оф Израел, Кац и дал инструкции на ИДФ да заземе дополнителни области на Појасот Газа додека издава наредби за евакуација на палестинските цивили во тие области.

- Ако терористичката организација Хамас продолжи да одбива да ги ослободи заложниците, јас и наложив на ИДФ да заземе дополнителни области, да го евакуира населението и да ја прошири безбедносната зона околу Газа за заштита на израелските заедници и војниците на ИДФ, преку трајно задржување на областа од страна на Израел. Додека Хамас продолжува да одбива, ќе губи се повеќе и повеќе земја која ќе му биде додадена на Израел, се вели во изјавата на Кац.

Њујорк  - Советот за безбедност на Обединетите нации ќе одржи седница втор ден по ред за палестинските територии, овојпат фокусирајќи се на повеќемесечните напади на Израел врз окупираниот Западен Брег.

На седницата на Советот што се одржа вчера стана збор за ситуацијата во Газа. Заменик-рускиот амбасадор во ОН, Дмитри Полиански ги критикуваше израелските лидери дека не преминале на втората фаза од договорот за прекин на огнот, која предвидува ослободување на сите затвореници и траен прекин на борбите. Тој рече дека е тешко да се разговара за иднината кога се чини дека израелските воени и политички лидери донеле одлука во корист на војна.

Техеран - Врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи вели дека американските закани „нема да ги одведат никаде кога ќе се соочат со Иран“, откако претседателот Доналд Трамп предупреди за можна воена акција против земјата.

„Тие (САД) и другите треба да знаат дека ако и направат нешто лошо на иранската нација, ќе добијат тежок шамар“, рече ајатолахот Хамнеи за време на говорот што се емитуваше во живо на телевизија.

Заканата на американскиот претседател дека „секој истрел“ истрелан од Хутите во Јемен ќе се смета за напад од Иран ги ескалира тензиите. 

Остани поврзан