• сабота, 22 март 2025
МИА Радио флеш

21 март 2025 

Скопје - Како Влада апелираме и замолиме да не се шпекулира со информации дека на семејствата и пациентите им е потребна финансиска поддршка за лекување затоа што тоа не е вистина, на сите пациенти лекувањето им е и ќе им биде обезбедено од страна на државата, порача портпаролот на Владата Марија Митева на денешната прес-конференција.

-Како Влада будно ја следиме и состојбата на социјалните мрежи каде најпрво морам да кажам дека сочувството, емпатијата, силната и искрена желба да се помогне е разбирлива, дека е повеќе од оправдана и дека се разбира за огромна почит, но во овие моменти грижа од таков аспект не им е потребна затоа што ние ќе направиме сѐ што е во наша моќ да помогнеме во делот на здравствената нега која им е потребна, рече Митева. 

Скопје -  Министерството за транспорт нема надлежности за објектот на клубот „Пулс“ во Кочани, кој е од Б категорија, зашто после донесувањето на Законот за децентрализација, Министерството е надлежно само за објекти од А категорија, информира денеска ресорниот министер и вицепремиeр Александар Николоски.

- Објектот е изграден во 1999 година според важечки план во рамки на општина Кочани. Изграден е како лесна незагадувачка индустрија и одреден период се користи како фабрика за текстил, а потоа како магацин. Потоа е дограден еден дел од околу 50-тина квадратни метри кој е легализиран во 2011 година согласно Законот за легализација на бесправно изградени објекти и е приклучен на постојниот објект. Тоа значи дека се е испочитувано од аспект на урбанистичко планирање, рече Николоски во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска на прес-конференција информираше дека по трагедијата во Кочани, Министерството во соработка со УНИЦЕФ, професори од Институтот за психологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Комората на психолози на Македонија и Црвениот крст, обезбедиле посилна психолошка поддршка за сите ученици во државата, која ќе биде особено изразена во неколку засегнати општини, од каде млади, во несреќата загубија браќа, сестри, другари и соученици.

Во пожар во дискотеката во Кочани во неделата рано наутро загинаа 59 лица, а над 190 беа повредени. 

Скопје - Деканот на Медицинскиот факултет во Скопје, Светозар Антовиќ и раководителот на Институтот за судска медицина, Александар Станков денеска соопштија дека по трагичниот настан во Кочани за многу кусо време биле извршени 59-те обдукции на телата и идентификациите на починатите.

Како што истакнаа на прес-конференција, за ова биле формирани 6 тимови во кои, освен експерти од Судска медицина, имало и патолози. Вклучени биле и тимови од МВР.

Скопје - Искрена благодарност, во име на македонскиот народ, Владата и државата, за високото ниво на солидарност што Словенија го покажува – доказ за длабоката почит помеѓу нашите земји и народи, истакнал денеска во Љубљана, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, на одвоени средби со министерката за надворешни работи, Тања Фајон и министерката за здравство Валентина Преволник Рупел и медицинскиот персонал кој се грижи за нашите пациенти хоспитализирани во Словенија.

- Имав можност лично да добијам информации од лекарскиот тим и да се запознаам со стручниот кадар кој помогна во еден исклучително важен сегмент – организирањето и реализацијата на медицинскиот транспорт на пациентите. И во Словенија, нашата амбасада, со сите свои капацитети, останува на целосно располагање на семејствата на пациентите. Кризниот штаб од Скопје е во постојана координација со сите вклучени институции во процесот на транспорт, прием и лекување, објави Муцунски на неговиот фејсбук профил.

Скопје - На Клиниката за токсикологија досега проциркулирале 20 пациенти кои вдишале отровни гасови при стравичниот пожар во дискотеката во Кочани што се случи во неделата во раните утрински часови. Од нив 13 заради влошување на состојбата или заради потреба од механичка вентилација биле префрлени на други клиники, претежно на Клиниката за интензивно лекување, односно на КАРИЛ, а некои се транспортирани надвор од државата. На Токсикологија во моментов се хоспитализирани седум пациент, а сите овие 20 пациенти вклучувајќи ги и тие на КАРИЛ и во странство се во добра општа состојба, и се стабилни, информира на денешната прес-конференција директорот на Клиниката за токсиколоција д-р Андон Чибишев.

-Кај нас во моментов се хоспитализирани седум пациенти кои имаат воглавно инхалирано голема количина на отровни гасови затоа што биле внатре во дискотеката додека таа горела. Немаат термички или механички повреди. Добра вест е што се сите стабилни без клинички манифестации. Меѓутоа ние не сме задоволни до крај од  лабораториските, токсколошките наоди и од наодот на метаболната состојба на пациентите. Тие ќе бидат задржани до понеделник. Дотогаш ќе бидат собрани сите наоди од иследувањата што ги правевме во претходните денови и ќе донесеме заклучок што понатму. Секако дека и откога ќе ги испишеме тие пацинети ќе останат извесен период под наша контрола, затоа што труењето со отровни гасови може да дадат доцни компликации, вели Чибишев.

Скопје - Тројца припадници на Армијата имало во возилото што се преврте на патот Штип-Кочани и сите се полесно повредени, соопшти Генералштабот на Армијата. Во возилото, како што пишува во информацијата, удрило цивилно возило. 

- Денеска на патниот правец Штип – Кочани во 13:00 часот, армиско воено возило „Ланд ровер дефендер“ со тројца припадници на Армијата, при извршување на редовни планирани активности (смена на стража) учествувало во сообраќајна незгода, односно армиското возило било удрено од цивилно возило во задниот дел. Притоа тројцата припадници се полесно повредени и се пренесени во кочанската болница на понатамошни медицински иследувања, стои во информацијата од Генералштабот на Армијата.

Скопје - Во текот на вчерашниот ден од страна на Државниот пазарен инспекторат од извршени 82 контроли констатирано било дека 13 угостителски објекти не исполнуваат минимум технички услови.

Како што информира портпаролот на Влада Марија Митева на денешната прес-конференција на овие правни лица ќе им биде одземена лиценцата и ќе имаат забрана за вршење на дејноста.

Скопје - Со завршување на истрагата ќе се разјаснат сите околности и факти за причината за пожарот, кој го предизвикал, начинот на предизвикување и со кое пиротехничко средство, изјави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

Коцевски, ова го посочи, одговарајќи на новинарски прашања денеска на прес-конференција на која објави дека за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани е отворена истражна постапка против 27 физички и три правни лица.

Скопје - Од издадени околу 1.100 лиценци согласно Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање, Министерството за транспорт досега изврши контрола на 643 при што кај 97 е констатирано дека по издавањето на лиценците, правните лица престанале да ги исполнуваат законските услови врз основа на кои се издадени поради што ќе се донесат решенија за нивно одземање, најави денеска министерот за транспорт Александар Николоски и додаде дека очекува до вторник да бидат проверени сите издадени лиценци.

Како што појасни на прес-конференција во Владата, на 13 правни лица одземена им е лиценца А за изведувач на градби од прва категорија, на 34 правни лица одземена им е лиценца Б за изведувач на градби од втора категорија, на две правни лица одземена им е лиценца А за надзор над изградбата на градби од прва категорија, на шест правни лица одземена им е лиценца Б за надзор над изградбата на градби од втора категорија, на три правни лица одземена им е лиценца А за проектирање на градби од прва категорија, на 20 правни лица одземена им е лиценца Б за проектирање на градби од втора категорија, на две правни лица одземена му е лиценца Б ревизија на проектна документација на градби од втора категорија, на едно правно лице одземена му е лиценца за управител за одржување на објекти од прва и втора категорија, а на 16 правни лица одземена им е лиценца за изработка на урбанистички планови. Целиот извештај, потенцира, ќе се достави до органите на прогонот и очекуваме да постапат. Паралелно, додаде, е почната постапката за контрола и на сите издадени лиценци и овластувања во делот на патен превоз. 

Скопје - Просечната исплатена нето плата во јануари во земјава изнесува 43.050 денари и е повисока за 8,9 проценти во однос на јануари минатата година, објави денеска Државниот завод за статистика. 

Зголемувањето се должи на просечната исплатена плата во секторите Уметност, забава и рекреација, Административни и помошни услужни дејности и Образование.

Скопје - СВР Охрид поднел кривична пријава против В.А.(53) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и против Л.А.(42) од Струга, В.А.(59) од струшкото село Радолишта, А.М.(55) од Струга, В.П.(49) од Охрид и Ј.Б.(49) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.

Како што соопшти денеска МВР, првопријавениот, во текот на 2023 година, во својство на в.д. директор на Јавното претпријатие „Колекторски систем“ - Скопје, подружница Охрид, по објавен оглас за вработување на неопределено време, потпишал одлуки за избор и вработување на двајца кандидати, иако знаел дека не ги исполнувале во целост законските услови наведени во огласот.

Скопје - ОЈО Кочани донесе наредба за спроведување истражна постапка против 27 физички и три правни лица за кои постои основи на сомнение дека како соизвршители сториле тешки дела против општата сигурност. 

Верижните пропусти и незаконити дејствија на одговорните и службените лица, како што информираше денеска на прес-конференција државниот Јавен обвинител Љупчо Коцевски, рече дека довеле до тоа, да при користење на пиротехнички дејствија за време на настап на „ДНК“ во клубот „Пулс“ во Кочани, биде предизикан пожар во кој настапила смрт на 59 лица, меѓу кои шест деца, а биле повредени 197 лица, од кои 25 деца. 

Скопје - Досега се собрани 48.172.115 денари за поддршка на настраданите во пожарот во Кочани и за нивните семејства, информира денеска Црвениот крст на Северна Македонија.

- Ве повикуваме и понатаму сите заедно да ја покажеме хуманоста и солидарноста за настраданите од пожарот во Кочани. Упатуваме голема благодарност до сите кои донираа и ве информираме дека сме во фаза на подготовка за првична исплата на собраните средства за најитните потреби наменети за настраданите од пожарот во Кочани, стои во соопштението од Црвениот крст.

Белград - Студентите на белградскиот Православен богословски факултет во блокада повикаа на помен за загинатите во дискотеката во Кочани и за луѓето загинати при уривање на бетонска настрешница во Нови Сад, јави дописникот на МИА од Белград.

Во објава на Инстаграм напишаа дека утре во Белград во црквата Свети Никола во 14 часот ќе се одржи поменот.

Белград - На Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград денеска почина лице кое се лекувало по уривањето на бетонската настрешница на реконструираната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, јави дописникот на МИА од Белград. Тој е шеснаесетта жртва од уривањето на настрешницата. 

Лицето - на возраст од 19 години и ученик во средно училиште во Нови САД - било примено на ВМА во крајот на јануари откако претходно се лекувало во Клиничкиот центар во Војводина.

Белград - Српскиот претседател Александар Вучиќ идната недела ќе биде во Брисел на состанок со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, каде една од темите на разговор ќе биде состојбата во Србија, јави дописникот на МИА од Белград. 
Информацијата за средбата денеска ја пренесоа белградски медиуми кои наведуваат дека за тоа потврда има од Брисел, од главната портпаролка на ЕК, Пола Пињо.

„Многу внимателно ја следевме ситуацијата во Србија и ги охрабривме сите засегнати страни, вклучително и граѓанското општество, да најдат начин да ги унапредат реформите што се неопходни за европската иднина на Србија. Ова е дел од она што ќе се разговара на средбата меѓу претседателката Фон дер Лајен и претседателот Вучиќ“, рече Пињо на брифинг.

Брисел - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска има средба со српскиот претседател Александар Вучиќ посветена на реформите неопходни за напредокот на Србија на европскиот пат, соопшти главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо. 

- Многу внимателно ја следиме ситуацијата во Србија и навистина ги охрабруваме сите засегнати страни, вклучително и граѓанското општество, да најдат начин да ги унапредат реформите кои се неопходни за европската иднина на Србија и ова е дел од она што ќе се разговара и на средбата, истакна Пињо.

Белград - Српскиот премиер во технички мандат, Милош Вучевиќ денеска најави дека првиот состанок за движењето за народот и државата ќе се одржи викендов и додаде дека прашање на договор е дали големиот митинг ќе се одржи на 28 март или во април, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучевиќ рече дека на средбата за движењето треба да се разговара за сите активности до Видовден (28 Јуни) и официјалното формирање на движењето.

Брисел - Европол денеска соопшти дека е разбиена мрежа за измама од повеќе милиони евра за добивање лажни надоместоци за слушни апарати од Франција и дека во полициската операција во таа земја се уапсени осуммина осомничени за вмешаност во измамата.

Како што се наведува во соопштението, уапсените се осомничени дека основале фиктивни компании за слушни помагала во јули 2024 година, користејќи фалсификувани дипломи за да обезбедат акредитација од здравствените власти и да добијат договори со францускиот државен Фонд за здравствено осигурување.

Брисел - Претседателот на Литванија, Гитанас Науседа изјави денеска дека неговата земја е подготвена да испрати свои војници во Украина, како дел од мисијата која би дејствувала по примирјето.

„Мојата земја е подготвена да ја даде потребната поддршка. Зборувам за многу конкретни бројки на војници. Сепак, треба да има посветеност од сите земји во оваа коалиција да обезбедат таква поддршка“, рече Науседа во интервју за Блумберг за време на неговиот престој во Брисел.

Брисел - Европската комисија во моментов во разгледува и оценува законот усвоен од страна на унгарскиот Парламент со која се забранува одржување на паради на гордоста, изјави денеска портпаролката на ЕК за социјални права и вештини, подготвеност, еднаквост, култура и здравство, Ева Хрнчирова. 

- Темелно го оценуваме предлогот и потоа веднаш штом детално ќе ја разгледаме неговата содржина ќе можеме да одлучиме за каква било реакција, изјави Хрнчирова во одговор на прашање дали ЕУ би можела да преземе некакви мерки против Унгарија „поради прекршување на европското право со усвојувањето на Законот“.

Брисел - Тешко е и да се прави споредба меѓу една или друга земја кандидатка за членство во ЕУ, затоа што проширувањето е процес заснован на заслуги, изјави портпаролот на Европската комисија за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие во коментар на изјавата на литванскиот претседател Гитанас Науседа дека Украина би можела да стане членка на Унијата пред земјите од Западниот Балкан кои веќе преговараат за членство.  

- Тоа што го прави Комисијата е да се осигураме дека можеме да ја обезбедиме целата техничка поддршка за земјите да ги спроведат реформите. Тоа го правиме со земјите од Западниот Балкан, со Украина и со која било друга земја опфатена со процесот на проширување. Затоа временската рамка не зависи од нас, туку од реформите, истакна Мерсие.

Брисел - Конфискувањето на речиси 200 милијарди евра замрзнати руски средства во Европа ќе биде „акт на војна“, изјави белгискиот премиер Барт де Вевер.

Говорејќи по состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел, тој предупреди дека тој потег ќе носи „системски ризици за целиот глобален финансиски систем“ и ќе предизвика одмазда од Москва, пренесува порталот Политико.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска, по новиот силен напад на Русија врз Украина, изјави дека „само заедничкиот притисок врз Москва, придружен со построги санкции и посилна одбранбена поддршка за Киев, ќе го отвори патот кон ставање крај на теророт и руското продолжување на војната“.

„Очекуваме вистински притисок врз Русија од САД, Европа и сите наши партнери. Тоа е она што ќе и овозможи на дипломатијата да функционира“, напиша Зеленски на мрежата Х.

Лондон - Британските воени лидери ја разгледаа можноста за испраќање борбени авиони на Кралските воздухопловни сили (РАФ) во Украина како дел од потенцијалниот мировен договор, објави британски „Телеграф“, повикувајќи се на неименувани извори запознаени со ситуацијата.

Според извештајот, состанокот се одржал во Постојаниот здружен штаб, кој ги надгледува сите британски воени операции во странство.

Берлин - Горниот дом на германскиот парламент, Бундесрат, денеска со двотретинско мнозинство ги одобри неопходните измени на Основниот закон, со што ќе се овозможи планирано задолжување за одбраната и инфраструктурата.

Ова беше последната парламентарна пречка за проектот, кој предвидува олабавување на „должничката кочница“, повеќе трошоци за одбраната и посебен фонд од 500 милијарди евра за инфраструктура и заштита на климата, пишува „Билд“.

Женева - Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) денеска предупреди дека во Газа има брашно за само уште шест дена.

„Можеме тоа да го продолжиме со намалување на количината што им ја даваме на луѓето, но зборуваме за денови, а не за недели. Ситуацијата во Газа е сериозно загрижувачка“, изјави Сем Роуз од УНРВА за новинарите во Женева, говорејќи од централна Газа.

Атина - Политиката на Владата е многу јасна: секој кој има право на азил во нашата земја е добредојден да остане во Грција. Но, секој кој нема право на азил, ќе направиме сè што е во наши раце да го вратиме назад во земјата од која го започнаа своето патување, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на прес- конференцијата по завршувањето на Самитот на ЕУ во Брисел, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис посочи дека сега веќе е заеднички став во Унијата „дека не може да постои кохерентна миграциска политика без ефективно чување на надворешните граници и без да има ограничување на протокот на оние кои нелегално влегуваат во Европската унија“.

Ерусалим - Врховниот суд во Израел денеска ја суспендираше одлуката на Владата за разрешување на директорот на израелската безбедносна агенција Шин Бет.

Судот донесе времена забрана, што ќе остане во сила сè додека не се одржи рочиште за ова прашање. Тоа треба да се случи најдоцна до 8 април, кога треба да поднесе оставка од функцијата Ронен Бар.

Остани поврзан