• вторник, 25 март 2025
МИА Радио флеш

19 март 2025 

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари информира дека денеска е последниот транспорт на пациенти кои ќе се лакуваат во странство, од трагедијата во Кочани. Како што посочи, во 11:30 часот за Шведска денеска ќе бидат пренесени двајца пациенти, а после пладне уште тројца пациенти. Тој напомена дека може да се очекува во текот на следните денови и враќање на одредени пациенти кои се лекуваат надвор од државата.

-Последниот транспорт на пациенти е денеска. Веќе нема да има лекување на пациенти надвор од државата, дури може да чекаме некои и да се враќаат во следните денови. Денеска има само за Шведска, и тука завршуваме. Веќе нема потреба за друигте пациенти да се лекуваат надвор од државата, рече Таравари на денешната прес-конференција.

Како што додаде, добрата вест е што поминаа 72 часа и нема починати. Сите пациенти се во стабилна состојба.

Скопје – Не би сакал да ги политизираме овие моменти. За мене како министер за здравство, пред сѐ, и над сѐ, ми е битно пациентите да се живи и здрави во овие кризни моменти. Јас споделив уште пред неколку денови на социјалните мрежи дека не треба да се злоупотребуваат лицата на пациентите, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари во одговор на новинарско прашање поврзано со посетата на српскиот претседател Александар Вучиќ на македонските пациенти од пожарот во Кочани кои се лекуваат од тешки изгореници на Воено-медицинската академија во Белград. 

Според Таравари, тој како министер за здравство и премиерот Христијан Мицкоски имаат обврска да ги посетуваат пациентите, појаснувајќи дека за посета на оние кои имаат изгореници од прв степен не треба ништо друго освен маска, додека пак, за оние на интензивна нега има посебни правила.

Скопје –  По прекинот што настана за третман на пациентите од пожарот во Кочани на хируршките килини во Скопје од денеска ќе продолжат операциите за онколошки пациенти, а се очекува од утре клиниките да работат со целосно планираните програми, најави денеска министерот за здравство Арбен Таравари

- Од денеска хируршките клиники ќе почнат да функционираат не со полн капацитет, туку само за онколошки пацинети, а  од утре по состанокот на кризниот штаб се надевам сите клиники да работат комплетно со програмите што биле планирани, изјави министерот за здравство Арбен Таравари.

Скопје - Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и екипа од Министерството за здравство ќе утврдуваат дали имало пропуст во лекувањето на пациентот кој почина вчера во Општата болница Куманово, според првично објавените информации, по алергиска реакција од аналгетик.

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека ќе има одговорност доколку има лекарски пропуст.

Скопје - На уште едно лице му е определен краткотраен притвор од 48 часа во врска со трагедијата во Кочани со што вкупниот број на лица опфатени со оваа мерка се искачи на 17 лица. На дел од оние кои им е изречена оваа мерка, вечерва им истекуваат 48-те часа.  

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски вчера изјави дека покрај 16-те лица, на уште едно лице ќе му биде определен 48-часовен притвор.

Најави брза и ефикасна истрага која ќе биде најпрофесионално изведена. Според него, се работи за многу тежок, комплициран предмет во кој има многу жртви.

Скопје - Црвениот крст соопшти дека од донации досега се собрани вкупно 20.932.654,00 денари за поддршка на настраданите во пожарот во Кочани.

Црвениот крст упатува голема благодарност на сите кои досега донираа и се дел од оваа хуманитарна операција за поддршка на настраданото население. Посочува дека продолжуваат и понатаму со сите механизми за прибирање хуманитарна помош за настраданите граѓани и нивните семејства со нудење на прва психолошка поддршка, прва помош, транспорт и материјална поддршка преку ангажирани 120 лица од редот на вработените и волонтерите.

Скопје - Адвокатот Маријан Витановски го откажа полномошното за бранење на Љупчо Палевски Палчо, обвинет за убиството на Вања и Панче.

Судијата Ивица Стефановски пред почетокот на денешната расправа ја прочита одлуката на адвокатот од Куманово.

Палевски продолжува да го брани адвокатот Јовица Страшевски.

Денешното рочиште за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски продолжи со испитување на обвинетиот Велибор Манев. 

Скопје - По преземени мерки и активности, а во рамки на најавените контроли во ноќните клубови и кабареа, полициски службеници од СВР Куманово го затекнале кумановецот Т.В.(58), сопственик на кабаре од Куманово, како од неговото паркирано возило пред кабарето изнесува противпожарни апарати и ги внесува во клубот.

Како што соопшти денеска МВР, веднаш потоа полициски службеници извршиле контрола во објектот каде биле пронајдени и одземени пиротехнички средства.

-Лицето било лишено од слобода и во полициска станица, во присуство на адвокат, со него бил извршен службен разговор, а од инспектор за заштита и спасување издадени се прекршочни платни налози и издадено е решение за забрана за работа до отстранување на неправилностите. За настанот бил известен јавен обвинител, соопшти МВР. 

Скопје -  СВР Струмица - ОВР Гевгелија до Основното јавно обвинителство Гевгелија поднел кривична пријава против Б.Г.(24) и А.М.(25) од Скопје, осомничени за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, и против А.А.(27) од Скопје осомничена за кривично дело „непријавување кривично дело или сторител“.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, во понеделникот, 17 март, полициски службеници од СВР Струмица - ОВР Гевгелија на наплатна рампа Гевгелија запреле патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.Г., во кое сопатници биле А.М. и А.А.

Белград - Во изјава за белградски медиуми, српскиот премиер Милош Вучевиќ се осврна и на трагедијата во Кочани, истакнувајќи дека најважно е повредените да закрепнат, јави дописникот на МИА од Белград.

-Србија ја понуди сета можна помош и горд сум на тоа како се грижевме за повредените. Војската на Србија и Министерството за одбрана транспортот го организираа на професионален начин. Се надевам дека македонското општество ќе има сила да ја надмине оваа голгота. Раните се уште се жешки. Вчера разговарав со премиерот на Северна Македонија, тие имаат план да ги изведат сите одговорни пред лицето на правдата. Ако го броиме починатиот возач на брза помош, тоа е 60-та жртва. Се што Србија може да направи за Северна Македонија, ќе направи“, додаде тој.

Белград - Српската Влада испратила синоќа барање до ФБИ и до Руската служба за безбедност (ФСБ) да спроведат независни истраги дали на протестот на 15 март во Белград бил употребен звучен топ, јави дописникот на МИА од Белград.

Потврдата за тоа беше изнесена денеска откако српскиот премиер Милош Вучевиќ нагласи за белградски медиуми  дека по разговорот со српскиот претседател Александар Вучиќ потпишал официјални документи и преку Министерството за надворешни работи, поточно српските амбасади во Вашингтон и Москва, испратил барања до безбедносните служби на тие држави.

„Можам со најголема одговорност да кажам дека на 15 март на ниту една локација не беше употребен звучен топ или нешто слично. За тоа не беше издадена наредба, никој не ја виде таа направа. Невозможно е да немате здравствени повреди во моментот на употребата на тој уред. Таквата направа произведува непосредни последици“, рече тој.

Белград - Српското Собрание денеска на седница ја констатираше оставката на премиерот Милош Вучевиќ, поднесена од него во крајот на јануари, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучевиќ поднесе неотповиклива оставка на 28 јануари, по напад врз студентите во блокада во Нови Сад. Со констатирање на оставка на премиерот, владата станува техничка, а почнува рок од 30 дена за избор на нова влада.

Претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ му се заблагодари на Вучевиќ за чесното и чесно извршување на должноста додека ја извршуваше функцијата премиер.

Бања Лука - Законите за изменување и дополнување на Законот за полиција и внатрешни работи на Република Српска и Законот за гранична контрола се веќе подготвени и доставени до Владата на РС за разгледување.

Како што објави Радио-телевизија на Република Српска (РТРС), работната група формирана по состанокот на раководството на РС ја завршила својата работа, а законските предлози сега се во рацете на Владата, која треба да ги разгледа и да ги достави до Народното собрание на РС за усвојување.

Претседателот на РС, Милорад Додик, претходно изјави дека од 1996 до 2000 година контролата на границите ја вршела полицијата на ентитетот, но на 13 јануари 2000 година тогашниот висок претставник Волфганг Петрич донел одлука со која била формирана Државната гранична служба на Босна и Херцеговина.

Софија - Бугарските претставници од „Величина“ денеска дадоа заклетва. Станува збор за Љубиша Блажевски, Јулијана Матеева, Павлин Петров, Костадин Хаџијски, Марија Илиева, Лариса Савова, Стилијана Бобчева, Ивелин Михајлов, Красимира Катинчарова и Ивајло Лазаров.

Уставниот суд (УС) минатата недела донесе одлука за законитоста на парламентарните избори на 27 октомври годинава. Изборот на 16 пратеници во 51. Народно собрание го прогласи за незаконски, а партијата „Величество“ ја мина бариерата од четири отсто за влез во Парламентот со над 100 гласа. По одлуката на Уставниот суд, Централната изборна комисија најави прераспределба на мандатите во Парламентот.

Сараево - Развиените европски земји веќе неколку години го препознаваат таканаречениот „burnout“ или - прегорување, како професионална болест. А пак, според стручните истражувања, тоа се јавува како последица на континуиран стрес на работното место и не е поврзан со други нарушувања. Координаторката за медицина на трудот во БиХ, проф. д-р Нурка Прањиќ за „Аваз“ објасни како настанува синдромот на прегорување.

- Тоа (нарушување) се смета за професионален синдром којшто се јавува на работното место. Се случува кога едно лице е изложено на психосоцијални фактори на опасност што може да бидат поврзани со прекумерни работни барања коишто не можеме да ги исполниме или со некои работни задачи што не се во доменот на надлежноста на лицето што работи, а претставуваат секојдневна изложеност. Потребни се најмалку шест месеци за лицето да развие симптоми. Понекогаш луѓето си создаваат стрес и со тоа што се претерано одговорни и сакаат да ја завршат работата, а многу често и немаме дефинирани работни задачи, изјави д-р Прањиќ.

Истанбул - Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кому му е одреден притвор поради истрага за корупција, се огласи додека десетици припадници на специјалната полиција беа распоредени пред неговиот дом.

„Со жалење морам да кажам дека мала група луѓе, кои се обидуваат да ја украдат волјата на народот, ја злоупотребуваат полицијата и безбедносните сили за ова незаконско дејствие. Стотици полицајци се испратени пред мојот дом – домот на 16 милиони жители на Истанбул“, изјави Имамоглу.

Одлуката за негово приведување доаѓа откако Универзитетот во Истанбул објави дека ја поништува неговата диплома поради наводни неправилности.

Берлин - Германија оцени дека рускиот претседател Владимир Путин „игра игра“ со новите напади врз Украина, и покрај тоа што претходно беше постигнат договор за ограничено примирје во телефонскиот разговор меѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп.

- Констатиравме дека нападите врз цивилната инфраструктура воопшто не се намалија во текот на првата ноќ по тој таканаречен револуционерен и извонреден телефонски разговор, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус во телевизиско интервју.

Тој додаде дека Путин „игра игра“, а Трамп има одговорност како лидер на една од најголемите нации во светот, нагласувајќи дека ќе дојде момент кога ќе мора да реагира.

Брисел - Додека САД ретерираат на светската сцена, ЕУ треба да го искористи моментот и да се прошири, бидејќи проширувањето не значи само за вклучување на нови членки во Унијата, туку и обезбедување мир, стабилност и демократија во Европа, порача претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола. 

Таа оцени дека проширувањето на ЕУ е геополитичка неопходност, предупредувајќи дека ако Унијата не успее да ги интегрира земјите како Украина, Молдавија и државите од Западниот Балкан, таа празнина ќе ја пополнат други, па затоа на кандидатите за членство треба да им се постави појасен пат. 

Киев - Петро Порошенко, поранешен претседател на Украина и лидер на најголемата опозициска партија, во интервју за германски „Билд“ остро го критикуваше актуелниот претседател Володимир Зеленски, обвинувајќи го дека ја турка земјата кон диктатура.

- Тој е несреќен лидер кој ја води нацијата кон автократија. Но, Украина не е Русија и нема да дозволиме да се воспостави диктатура, изјави Порошенко.

Поранешниот претседател, кој раководеше со Украина од 2014 до 2019 година, е под санкции од украинската власт и му е забрането да ја напушти земјата, а истовремено нема пристап до својата имотна и бизнис-империја, вклучувајќи ја и компанијата за производство на чоколадо „Рошен“.

Москва - Русија и Украина денеска ќе разменат по 175 затвореници, објави Кремљ по разговорите меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп.

Како „гест на добра волја“, Русија ќе ослободи и 23 ранети украински војници кои се задржани во руски медицински установи. Кремљ не откри дополнителни детали. 

Газа - Бомбардирањето во Појасот Газа продолжи и во текот на ноќта, при што се пријавени нови воздушни напади изведени од израелската војска во неколку области.

Според извештаите, израелски авиони извеле напади во реонот на Кан Јунис, на југот на Газа, како и на неколку други локации во јужниот дел на градот. Најновите информации говорат за најмалку 10 загинати лица.

Според „Ал Џезира“, извршени се повеќе воздушни напади, при што биле погодени домови и јавни објекти во кои биле засолнети цивили.

Вашингтон - Утринава во сервисен центар на „Тесла“ во Лас Вегас изгореле или се оштетени повеќе возила, а ФБИ не ја исклучува можноста за тероризам, пишува Фокс Њуз.

Во инцидентот оштетени се пет возила, а две се опожарени. Спенсер Еванс, специјален агент на ФБИ во Лас Вегас, за новинарите изјави дека инцидентот има карактеристики на терористички напад, но сè уште е рано да се направи конечна проценка. Заедничкиот антитерористички тим на ФБИ моментално го истражува инцидентот.

Околу 2:45 часот, полицијата во Лас Вегас примила неколку повици во врска со пожари на сервисната станица. Помошник началникот на противпожарната служба Џенифер Вајат изјави дека пожарите биле ограничени на две возила и биле изгаснати пред да стигнат до батеријата. Иако еден осомничен е снимен со камера, полицијата не ја исклучува можноста дека повеќе лица учествувале во нападот. Се уште не е утврдено кои се сопствениците на оштетените возила.

Санта Фе - Во сојузната држава Ново Мексико вчера беснееше бурa од прашина, што го отежна патувањето по автопатите, а Националната метеоролошка служба испрати итно предупредување за нулта видливост и негативни здравствени ефекти за бебињата и постарите лица.

Сувaта и правлива бура ја намали видливоста на речиси нула на некои места поради налетите на ветерот до 80 километри на час долж коридорот Албакерки-Санта Фе и висорамнините во округот Торанс, вклучувајќи ги градовите долж автопатот 40.

Пекинг - Судот во Кина осуди на смрт поранешен истражувач на висока технологија поради продажба на доверливи информации кои се државна тајна, соопшти кинеското Министерство за државна безбедност.

Според соопштението објавено од одделот, обвинетиот, исто така е доживотно лишен од политички права.

-Органите на државната безбедност открија и добија детални информации за контактите на граѓанинот Лиу со странски разузнавачки служби и го уапсија во согласност со законот, нагласуваат од Министерството.

Остани поврзан