• среда, 26 март 2025

МИА Општински пул

МИА Општински пул

 24 март 2025

Кочани – Во Подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) во Кочани уште од 2012 година не е пополнето работното место за инспектор за заштита од пожари, откако претходниот заминал во пензија во март истата година.

Според официјално достапните податоци од Дирекцијата, испразнети се половина од предвидените работни места за инспектори во државата, односно во моментов ангажирани се само петнаесетина, од кои најголем дел во Скопје.

Пред да преминат во ДЗС, инспекторите за заштита од пожари и елементарни непогоди биле под надлежност на Министерството за внатрешни работи и во тој период биле вработени вкупно 63 во сите општини. Од нив во Дирекцијата биле префрлени 35 и бројот постепено се намалувал, главно поради заминување во пензија, а испразнетите работни места не биле пополнувани.

-Трагичниот пожар во дискотеката во Кочани е потврда дека проблемот со превенцијата и заштитата е долгогодишен, а системот нефункционален. Недостигот од соодветен инспектор можеби не е клучен за да се спречи несреќата, но веројатно можел да има влијание во превентивата. Сметам дека недостига и најосновна едукација и запознавање на населението со причините и начинот на заштита и дејствување при пожар, истакна Златко Илијев, претседател на Доброволното противпожарно друштво од Кочани.

Тетово -  Повторното судење за смртта на Теодора Ристовска која во 2022 година на 22 години го загуби животот во сообраќајна несреќа треба да почне во четврток 27 март, откако еднаш се одложи на првичното закажаното рочиште на 4 март. Тогаш судијата Елведин Ферати го одложи процесот поради отсуство на обвинетиот Менсур Пајазити.

Сестрите и родителите на Теодора велат дека секое одложување за нив претставува болка и разочарување.

-Ова не е првпат судскиот процес да се одолжува, што отвора сомнеж – дали гледаме злоупотреба на системот за одложување на правдата? Колку време треба да помине за да добиеме правда? Уште колку треба да чекаме, додека оној кој ѝ го одзеде животот на мојата сестра седи на слобода. Теодора заслужува правда, нејзиниот живот не смее да биде згаснат без последици. Ова не е само наша битка – ова е битка за секој кој верува дека правдата не смее да биде одолговлекувана до заборав. Барем малку ќе ни ја ублажат болката на мене и на моето семејство, вели Ева Ристовска, сестра на Теодора.

Гостивар - Заради одрон од камења и земја на магистралниот патен правец Маврови Анови - Дебар во близина на селото Трница, има отежаното движење на возила. Заради опасноста од нови одрони, сообраќајот на овој дел ќе биде запрен и заради безбедносни причини.

Од СВР Тетово потврдија дека имаат информација за одронот кој настанал на три килиометри оддалечност од мавровската брана во правец кон Дебар.

Првата количина на земја и камења затрупала една лента во должина од околу триесетина метри, но постои опасност од нови одрони. Од овие причини засега патниот правец во овој дел на магистралата е во прекин.

Кочани – Семејствата чии блиски настрадаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ треба да поседуваат потврда за смрт што ја издава Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје за да добијат Извод од книгата на починатите во Подрачната канцеларија на Управата за водење матични книги во Кочани.

По налог на Обвинителството после трагедијата беше извршена обдукција, а обврска на Институтот е да издаде потврда за смрт, односно лекарски извештај за починатото лице.

-Близок од семејството, со своја лична карта и со извод од книгата на родените за починатото лице, треба да оди во Скопје и во Институтот за судска медицина да добие потврда. Се добиваат два такви документа, по што починатиот се запишува во книгата на умрените и ќе може да се издаде извод од книгата на умрените, информираа од Подрачната канцеларија на Управата за водење матични книги во Кочани.

Куманово - Полицијата приведе шест лица  кои питачеле на граничниот премин Табановце, соопшти денеска СВР Куманово.

- Вчера во 10:30 часот, полициски службеници од СВР Куманово, во соработка со Центарот за социјални работи Куманово, при питачење на граничен премин Табановце ги затекнале Т.Џ.(41), Д.М.(33), Е.М.(29), Б.С.(32), А.С.(28) и С.А.(27), сите од Куманово. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок, соопшти полицијата.

Претходната недела беше уапсена жена која питачеше на градскиот плоштад во Куманово. 

Куманово - Основниот суд Куманово го осуди шеесетгодишниот државјанин на Р. Бугарија и на Р. Србија, Предраг Миленков за кривично дело измама на затворска казна од четири години и десет месеци. Тој во јануари годинава со други непознати лица ја измами 66 годишна кумановка за 30.000 евра.

Судијата Саша Ѓорѓевиќ од Основниот суд Куманово денеска ја изрече пресудата против Миленков од Софија и го прогласи за виновен за кривичното дело-измама, затоа што на 31. јануари годинава околу 12: 30 часот по договор со непознати лица, меѓу кои и Миленков ја довеле во заблуда кумановската и ѝ побарале пари за да ја ослободат од затвор ќерка ѝ за наводната сообраќајна несреќа. Судијата Ѓорѓевиќ рече оваа појава е многу зачестена во земјава.

Тетово - Во Тетово се одржа марш и јавен протест на група граѓани по повикот на иницијативата „Нула“ за изразување револт поради голем број трагедии со цел да се побара одговорност. Граѓаните се собраа на плоштадот половина час по пладне, по што групата се движеше до зградата каде функционираат Основен суд во Тетово и Основното Јавно Обвинителство.

Обраќања имаа претставници на семејствата чии членови ги загубија животите во пожарот во модуларната болница во Тетово и во сообраќајната несреќа на автобусот на Беса Транс во Бугарија.

- Дали требаше да се случи трагедијата во Кочани да се уверите дека овој систем е пропаднат. Јавно го прашувам Венко Филипче колку чини животот на мајка ми. Јавно го прашувам Кочо Анѓушев колку милиони евра профит вредат нашите 14 најблиски кои беа живи изгорени. Премиере Мицкоски вие ме посетивте дома за да ми изразите сочувство и ми ветивме дека случајот со модуларната болница ќе се расчисти. Дали требаше да изгорат уште 59 граѓани за конечно нешто да се преземе, рече Мумин Исмаили, претставник на семејствата кои имаат починати членови во модуларната болница.

За да не се изложуват на дополнителни трошоци и непријатности, семејствата на настраданите треба претходно да добијат информација дали потврдата од Институтот е готова.

Делчево - Општина Делчево ги предупреди станарите во колективните станбени згради да го почитуваат законот за домување, откако надвиснат оштетен лим на една од зградите Делчевчанка одреден период ја загрозува безбеноста на граѓаните. 

Во соопштението до сопствениците на станови во колективните станбени згради, од Општината го потенцираа член 20 од Законот за домување, согласно кој тие се должни да се грижат за тековното одржување на заедничките делови на станбената зграда.

-Почитувани сопственици на станови на колективна станбена зграда,  Согласно член 20 од Законот за домување, Вие како сопственици на станови на колективна станбена зграда сте должни да се грижите за тековното одржување на заедничките делови на станбената зграда (замена на сијалици, приклучоци, мали молерски работи, замена на резервни делови и сл.).  По член 62 од истиот закон, обврска на членовите на 3едницата на сопственици е да издвојуваат средства во резервниот фонд, се вели во соопштението од Општина Делчево.

Штип – Почна реконструкцијата на водоводната мрежа на штипската улица „Пириниска“, која е стара околу 60 години. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и директорот на ЈП „Исар“-Штип, Александар Арсовски на денешната прес-конференција истакнаа дека градежните активности се во тек за замена на старата азбестна водоводна мрежа, која е штетна и за здравјето на граѓаните. Издвоени се околу шест милиони денари, од кои 2,3 милиони денари се за реконструкција на подземната инфраструктура.

-Жителиите на оваа улица сведочат дека со годините наназад најчестите дефекти на водоводната мрежа се случувале токму на улица „Пиринска“. ЈП „Исар“ досега многупати инсистирале да биде заменета оваа азбестна мрежа која е штетна и по здравјето. Повеќе од 2,3 милиони денари се одвоени за прва фаза, реконструкција на водоводната мрежа, а потоа ќе се навлезе и со целосна реконструкција на улицата, изјави Јорданов.

Директорот на ЈП „Исар“, Арсовски додаде дека станува збор за замена на водоводна мрежа за околу 100 домаќинства.

-Должината е 450 метри, тука вклучува главна водоводна линија Ф110, полиетеленска цевка, која долгорочно ќе го реши проблемот за водоснабдувањето. Овде ќе има повеќе од 100 приклучоци, рече Арсовски. 

Битола - Општина Битола, ја финализира втората фаза од реконструкцијата на улицата „Солунска“ која содржи реконструкција на мешовитата канализациона мрежа, во должина од 554 метри, со вкупна вредност од 10,7 милиони денари, како и реконструкција на коловоз во должина од 566 метри чија вкупна вредност изнесува 13 милиони денари.

Со поставувањето на новиот коловоз, Општина Битола, ја комплетира втората фаза од реализацијата на овој проект, кој е дел од проектите со кои локалната самоуправа работи на подобрување на патната инфраструктура во урбаниот дел на општината, соопштија од тамошата локална самоуправа.

Во текот на вчерашниот ден асфалтирана беше улицата „Никола Тесла“ која води до старата битолска чаршија и централниот градски пазар.

Охрид – Нивото на водата во Охридското Езеро според денешните мерења спроведени од Управата за хидрометеоролошки работи се наоѓа на котата 693,19 метри надморска височина. Водостојот денеска е 30 сантиметри под просекот за март или девет сантиметри над дозволениот минумум.

Во моментов охридскиот регион е зафатен со влажен бран проследен со врнежи од дожд, што зависно од интензитетот на врнежите се очекува да придонесе за подобрување на севкупната хидролошка состојба.

На почетокот на декември минатата година нивото на водата во езерото беше два сантиметри под минимално дозволената кота утврдена на 693,10 метри надморска височина.

Промените во водостојот на езерото најмногу се манифестираат во крајбрежниот појас, што според експертите е најважниот дел од езерскиот еко-систем.

Неготино - Општина Неготино обезбеди специјални контејнери за собирање на текстилен отпад, информираше денеска неготинскиот градоначалник Горан Стојанов. 

- Со цел за подобрување на условите и напредок во прибирањето и депонирањето на отпадот, Општина Неготино меѓу првите во Македонија презеде активности за справување со посебните текови на отпад, да ја подигне свеста на населението за реупотреба и селекција на отпад и да обезбеди поголема достапност за граѓаните за депонирање на текстилен отпад. За таа цел, Општина Неготино во соработка со компанијата Еко-текс груп од Скопје, обезбеди специјализирани контејнери за собирање на текстилен отпад во кои граѓаните ќе можат се она што не им е потребно од текстил, да го депонираат во овие контејнери кои се доделени на ЈП Комуналец, соопшти Стојанов. 

Тој истакна дека поставувањето на контејнерите за текстил е завршено и истите се поставени на пет локации во градот и тоа кај градскиот Музеј, пред Црвен крст, во населбата Саат-кула, пред 11- катницата и кај автобуската постојка на улицата ,,Маршал Тито" кај Вет шоп.

Кавадарци - Возило се преврте на кружен тек близу социјалната зграда во Кавадарци. Од Секторот за внатрешни работи Велес за МИА индформираа дека полициска увидна екипа е на местото на настанот и се работи за утврдување на околностите поради кои дошло до сообраќајната незгода. Во сообраќајката нема повредени. 

Во друга сообраќајка во Кавадарци синоќа околу 23 часот, биле повредени четири лица. Оваа информација утрово ја потврди за МИА, доктор Антоан Паракеов, раководител на Итната медицинска помош во Кавадарци. 

- Како итна медицинска помош бевме на лице место веднаш штом го добивме повикот за сообраќајна несреќа, директен судир на две возила на раскрсницата кај Брушански мост во градот. Четирите повредени лица ги пренесовме во Општата болница во Кавадарци, појасни докторот. 

Делчево - Јавната локална библиотека „Илинден“ Делчево денеска ги промовираше делата на роднокрајниот автор Билјана Начовски. Промоцијата се одржа во соработка со деветолетката „Св.Климент Охридски“, а целта како што истакна директорката на библиотеката Билјана Петровска  е најмалите да се запознаат со творечкиот опус на писателите кои творат на подрачјето на Пијанечкиот регион.

-Библиотеката започнува со повторна промоција на нивните дела пред учениците од нашиот град. Сакаме учениците од близу да ги запознаат роднокрајните автори, нивните дела, да го запознаат и  прочитаат нивното творештво, истакна Петровска напоменувајќи пред учениците дека роднокрајните автори создаваат дела кои сведочат за едно минато време, бележејќи го културниот развој на Делчево ичувајќи го од забот на времето.

Авторката Билјана Начовски пред учениците ги претстави нејзините дела „Сила што ќе напише“, „Акорди на моето срце“ и „ Градот“. 

Гостивар – Вработени во гостиварската локална самоуправа, јавни претпријатија, ученици и активисти од Црвениот крст, во рамки на одбележувањето на 21 Март, денот на екологијата, засадија дрва во големиот градски парк и уште неколку други локации низ градот.

Активностите, според првиот човек на општина Гостивар, Ваљбон Лимани се можност и директен придонес за заштита на животната средина и подигање на свеста на заедницата за важноста од зачувување на природата.

Вршителот на должноста градоначалник, Лимани посочи дека одбележувањето на Светскиот ден на екологијата беше одложено заради трагедијата во Кочани, а садниците се донација на гостиварски иселеник кој живее во Швајцарија.

- Нашата заложба е да се зголеми бројот на дрвја и да ги прошириме зелените површини, изјави Лимани. Тој во изјавата упати апел до сограѓаните да се води поголема грижа за околината и подигање на нивото на свест за заштита на животната средина.

Скопје - Општина Илинден продолжува да ја спроведува акцијата за пошумување во рамки на проектот „Зелена Општина Илинден“. Оваа иницијатива подразбира засадување на што е можно повеќе дрвја во урбаните делови на oпштината.

Во изминатиов период се засадени околу 120 садници на различни локации низ општината. 40 се овошни садници (јаболки, цреши и праски), донација од компанијата „МЕН ЕНД МАУНТЕН ДОО - Скопје“, засадени низ училиштата и во градинката во Општина Илинден. Со оваа еколошка иницијатива Општина Илинден го продолжува своето активно учество во реализација на наративот ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД кој гласи: „Да се собере отпадот од минатото и да се рециклира со зелена перспектива, за нас и за идните генерации во нашата земја!“

Останатите 80 садници се декоративни (црвен јавор, каталпа, јапоснска цреша и зимзелени туји), и беа засадени низ парковите и како дрвореди во општината. Овие дрвја освен што ќе придонесат за уредување на јавните површини, ќе создадат пријатна и здрава средина за одмор и за рекреација на граѓаните, исто така ќе помогнат и во прочистување и подобрување на квалитетот на воздухот.

Остани поврзан