• среда, 26 март 2025
МИА Радио флеш

25 март 2025 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека постапката за разрешување на Јавниот обвинител ќе се запре во моментот до таму каде што се наоѓа.

-Во овој момент имајќи ја предвид чувствителната ситуација во општеството планираме таа постапка да ја застанеме таму каде што се наоѓа, затоа што цениме дека обвинителите кои што работат посебно на случајот што се случи во Кочани, треба да работат и да сработат, да им дадеме шанса да сработат. Јас кога кажав дека сме задоволни впрочем можев да видам дека постои една заедничка акција и работа помеѓу МВР и Јавното обвинителство кое што резултираше со 34 обезбедени лица коишто имаат и најмал сомнеж за поврзаност со овој случај, рече Мицкоски. Истакна дека тука нема да се застане, дека случајот ќе се проширува.

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари информираше дека денеска од болниците во Скопје на домашно лекување ќе бидат пуштени 12 пациенти од вкупно 39 пациенти кои се лекуваат во земјава по трагичниот настан во Кочани. Од оние кои се лекуваат во странство, денеска се очекува едниот пациент да се врати од Белград и да продолжи неговото лекување во Скопје.

Од пациентите кои се лекуваат надвор од државата, во критична состојба остануваат четири до пет пациенти. - За жал, четири-пет пациенти се во посериозна состојба, некаде има и влошување, меѓутоа нашите колеги во болниците каде овие пациенти се лекуваат се обидуваат да дадат максимум од себе за да го поминат овој тежок период, рече Таравари на прес-конференција. 

Скопје - Царинската управа за една недела извршила 8.181 контрола на лиценци за вршење јавен превоз, сертификати на возачи, како и дозволи за превоз кои треба да ги поседуваат товарните моторни возила и автобусите во меѓународниот патен сообраќај.

Како што соопшти денеска Царинската управа, во четири случаи се утврдени неправилности во делот на лиценците, од коишто за три се водат  предкривични постапки од страна на Секторот за контрола и истраги, а во 69 случаи камионите се вратени назад поради утврдени неправилности во делот на серфитикатите за професионална компетентност на возач.

Скопје - Финансискиот систем и натаму е стабилен, а ризиците се на умерено ниво. Ова е општиот заклучок во Годишниот извештај на Комитетот за финансиска стабилност за 2024 година, којшто Kомитетот го усвои на последната седница.

- Во Годишниот извештaј се наведува дека домашниот финансиски систем покажува висока отпорност на шокови и успешно се справува со тековните предизвици. Во 2024 година, финансиските институции работеа во поповолно макроекономско опкружување, постигнаа солидни резултати и придонесоа кон продлабочено финансиско посредување, информираат од Народната банка.

Оттаму додаваат дека ризиците за финансиската стабилност што произлегуваат од различните сегменти на финансискиот систем се умерени, како и ризикот од „зараза“, односно прелевање на ризиците од еден во друг сегмент.

Скопје - Во насока на постигнување на целите дефинирани во Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан на Европската комисија (2024-2027), Министерството за дигитална трансформација информира дека се подготвени четири нацрт закони. Со донесувањето на овие закони, за Македонија се отклучуваат вкупно повеќе од 19 милиони евра, од кои како директна буџетска поддршка, повеќе од 5,7 милиони евра грант ќе бидат ставени на располагање на буџетот на државата, информираат од Министерството.

Tри од нив се објавени и достапни на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), каде, како што велат од Министерството за дигитална трансформација, секоја заинтересирана страна и покрај консултативниот процес досега, може да достави мислење, забелешки и предлози во врска со објавените предлог закони во рок од 30 дена од денот на објавувањето.

Скопје - Во рамки на вчерашните полициски сообраќајни контроли биле издадени вкупно 667 платни налози за сторени сообраќајни прекршоци. - Притоа, по однос на изречените прекршочни санкции и натаму најголемиот број 253 мерки се однесуваат на непрописно паркирање. Потоа, 90 санкции се однесуваат на непочитување на брзината на движење, па следат прекршоците по основ на непоседување на возачка дозвола 67, прекршоци за некористење на сигурносен појас 40 и за користење на мобилен телефон при возење 31 санкција, информираа денеска од МВР.

Во рамки на контролите, во три случаи евидентирано е минување на возило на црвено светло, шестмина возачи управувале возило под дејство на алкохол, забележани се два прекршока заради неносење заштитна кацига, а санкционирани се и четири пешаци.

Белград - Со указ на претседателот на Србија е отповиката Јелена Милиќ од функцијата вонреден и ополномоштен амбасадор на Србија во Хрватска, јави МИА од Белград.

Во исто време, Александар Вучиќ го назначи Драган Шутановац за вонреден и ополномоштен амбасадор на Србија во САД, Иво Војводиќ за вонреден и ополномоштен амбасадор во Словенија, Милан Равиќ во Бугарија и Давор Тркуљ во Етиопија.

Белград -  Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска ќе биде во еднодневна посета на Брисел на средби со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, јави дописникот на МИА од Белград.

Средбата меѓу Вучиќ и високи претставници на ЕУ наиде на критики во ЕП и во српските медиуми, поради тензичните случувања во Србија и неодговорноста на ЕУ на таа тема. Портпаролката на Европската комисија пред состанокот навести дека на средбите ќе може да се разговара и за протестите и за причините за нив.По средбата во Брисел не се планирани изјави за медиумите.

Атина – Грција е еден од најстарите пријатели на нашата нација, стратешки партнер и ценет НАТО сојузник. Ја цениме поддршката на премиерот Кирјакос Мицотакис во нашето економско и дипломатско партнерство додека создаваме можности за соработка во клучните сектори, вклучувајќи ги енергетиката, науката, технологијата, поморството, логистиката и одбраната, пишува претседателот на САД Доналд Трамп по повод националниот празник на Грција и додава дека заедничката воена соработка е „камен-темелник на безбедноста и стабилноста во Европа“, јави дописничката на МИА од Атина.

Американскиот претседател синоќа присуствуваше на прославата во Белата куќа на годишнината од востанието за независноста на Грција, заедно со претставници на грчката дијаспора во САД, по што и ја потпиша прокламацијата во која се осврнува и на билатералните односи и го прогласува 25 март за „Ден на грчката независност: Национален ден на прославата на грчката и американската демократија“.

Подгорица - Поранешниот црногорски претседател и актуелен почесен претседател на највлијателната опозициска партија- ДПС, Мило Ѓукановиќ, ја тужеше Агенцијата за спречување на корупцијата (АСК) поради одлуката дека го прекршил законот во врска со револвинг картичка на Атлас банка, барајќи отштета во износ од 5.000 евра.

Во тужбата, меѓу другото, се наведува дека поранешниот црногорски претседател и поранешен премиер чесно, совесно и со највисок степен на одговорност две и пол децении ги извршувал своите државнички обврски, а Агенцијата за спречување на корупцијата ја донела одлуката со која утврдила дека го прекршил Законот за спречување на корупцијата бидејќи не пријавил зголемување на имотот во износ од 16. 741 евро, со намера да ја прикаже неговата личност како криминалец, арогантен и недостоен за позицијата и угледот што ги ужива во општеството и државата Црна Гора, пренесува порталот Дан од Подгорица.

Истанбул - Полицијата уапси 43 демонстранти во центарот на Истанбул, објави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на социјалните мрежи. Синоќа повторно се одржа митинг на опозицијата на плоштадот Сарачане во близина на градското собрание, на кој присуствуваа неколку илјади луѓе.

Помали групи демонстранти се обидоа да одржат демонстрации и во други делови на Истанбул. Голем број демонстранти синоќа ги блокираа улиците на Истанбул, во рамки на шестата ноќ од протестите во Турција, јавува Би-би-си.

Брисел – Истражување на Евробарометар, чии резултати денеска ги објави Европскиот парламент, покажа дека 74 отсто од граѓаните сметаат дека нивната земја има корист од членството во Европската унија, додека 62 отсто од испитаниците би сакале Европскиот парламент да има поважна улога.

Истражувањето, кое ја покрива зимата 2025 година, покажа и дека 66 отсто од граѓаните сакаат ЕУ да игра поголема улога во заштитата од глобални кризи и безбедносни ризици. Вкупно 36 отсто сметаат дека одбраната и безбедноста се главен политички приоритет, додека 32 отсто од испитаниците велат дека тоа е конкурентноста.

Брисел - Претставници на Советот на ЕУ и на Европскиот парламент рано изутринава постигнаа договор за ажурирање на Директивата за возачки дозволи, со што, меѓу другото, се воведуваат „мобилни дозволи“, нови минималните барања поврзани со способноста на возачите, пробен период за новите возачи и возење со придружба за професионалните возачи почетници. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, се проценува дека постигнатиот договор ќе ја подобри безбедноста на патиштата во Европа, каде годишно животите ги губат речиси 20.000 лица. Според главниот преговарач во име на Советот на ЕУ, полскиот министер за инфраструктура Дариуш Климчак, овие измени на правилата за возачки дозволи се одличен пример за тоа колку дигитализацијата е широко распространета во животите на Европејците. 

Виена - Еден маж е приведен откако со комбе го блокирал патот пред седиштето на австриската државна телевизија ОРФ во Виена и тврдел дека поставил бомба во возилото, соопшти денеска австриската полиција.

Возилото се претресува, објави полицијата на социјалната мрежа Икс. Службите за итни случаи ги евакуираа зградите во областа. Водителот на ОРФ, чија програма беше откажана поради безбедносната закана, во етерот изјави дека мажот се заканил дека ќе изврши бомбашки напад пред седиштето на телевизијата.

Москва - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека резултатите од преговорите меѓу руската и американската делегација во Ријад нема да бидат објавени, бидејќи станува збор за технички преговори.

Тој нагласи дека преговорите биле детални и дека содржината на тие разговори нема да биде откриена, пренесуваат руските медиуми.

Песков додаде дека во моментов се анализира извештајот од средбата, по што ќе може да се зборува за можни постигнувања.

Контактите меѓу Русија и САД ќе продолжат, додаде тој, но се уште нема информации за дополнителни средби.

Ријад - Во Ријад е во тек нова средба меѓу претставниците на Украина и САД за прекин на огнот во војната Украина-Русија, изјави денеска извор од украинската делегација.-Ние сè уште работиме со Американците, изјави изворот пред мала група новинари.

Средбата доаѓа по вчерашните долги разговори меѓу Американците и Русите за прекинот на огнот во Украина, исто така одржани во главниот град на Саудиска Арабија.Претходно денеска извор од Белата куќа изјави дека преговорите предводени од САД во Саудиска Арабија со делегациите од Украина и Русија напредуваат добро и наскоро се очекува позитивно соопштение.

Ерусалим – Израелската армија денеска соопшти дека повторно гаѓала две воени бази во централна Сирија. Израелската војска ги гаѓаше „преостанатите капацитети“ во воените бази Тадмор во Палмира и Т4, на околу 50 километри западно од Палмира, се вели во објава на Телеграм.

Армијата додаде дека ќе продолжи да дејствува за „елиминирање на секоја закана за граѓаните и државата Израел“. Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас при вчерашната посета на Ерусалим оцени дека воените дејствија може да предизвикаат нова ескалација.

Сеул - Шумските пожари во југоисточниот дел на округот Висонг во Јужна Кореја се чини дека излегуваат од контрола поради непредвидливите силни ветришта и екстремно сувото време, соопштија денеска владини претставници.

Шумската површина зафатена од пожарите во Висонг, на околу 180 километри југоисточно од Сеул, се зголеми за повеќе од 4.000 хектари во текот на ноќта на 12.699 хектари, и покрај напорите на властите да го локализираат пожарот. Комбинацијата од непредвидливи силни ветришта и екстремно суво време ги попречуваат напорите за гаснење на пожарите, соопштија властите.

Токио - Јапонец, погрешно осуден за четирикратно убиство, кој 46 години бил в затвор чекајќи смртна казна, ќе добие отштета од 217 милиони јапонски јени (1,3 милиони евра), поради својата невиност, потврди Судот.

Ивао Хакамата во 1968. бил осуден на смрт за убиство на својот шеф, неговата сопруга и нивните две деца што се случило во 1966 година. Окружниот суд во Шизуока, во одлуката издадена вчера, пресуди дека тој има право на компензација, откако на повторното судење лани во септември, пресуди дека Хакамата не е виновен бидејќи полицијата манипулирала со доказите. Имено, според Судот, обвинетиот бил подложен на „нехумани сослушувања со цел да се извлече признание“, што тој подоцна го повлекол. Поранешниот боксер, кој сега има 89 години, беше ослободен, откако неговата сестра, заедно со други, со десетлетија водеше кампања за негово ослободување. 

Остани поврзан