• вторник, 25 март 2025

Постапката за разрешување на јавниот обвинител ќе се запре во моментот, рече премиерот Мицкоски

Постапката за разрешување на јавниот обвинител ќе се запре во моментот, рече премиерот Мицкоски

Скопје, 25 март 2025 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека постапката за разрешување на јавниот обвинител ќе се запре во моментот до таму каде што се наоѓа.

-Во овој момент имајќи ја предвид чувствителната ситуација во општеството планираме таа постапка да ја застанеме таму каде што се наоѓа, затоа што цениме дека обвинителите кои што работат посебно на случајот што се случи во Кочани, треба да работат и да сработат, да им дадеме шанса да сработат. Јас кога кажав дека сме задоволни впрочем можев да видам дека постои една заедничка акција и работа помеѓу МВР и Јавното обвинителство кое што резултираше со 34 обезбедени лица коишто имаат и најмал сомнеж за поврзаност со овој случај, рече Мицкоски.

Истакна дека тука нема да се застане, дека случајот ќе се проширува.

-Но исто така јавноста е чувствителна и на некои случаи од минатото кои ќе треба да видиме, да почекаме, Јавното обвинителство дали има амбиција и тука да констатира некои неправилности од минатото, и дали би можело можеби повторно можеби тие случаи да ги преразгледа па да видиме дали навистина сме сите за правда или таа правда треба да биде селективна. Да видиме дали навистина таа правда некогаш е добиена или таа правда била селективна, така што ние како влада го охрабруваме, тоа е работа на Обвинителството, не е наша како Влада, но го охрабруваме во таа насока да се движи и без разлика секој оној којшто направил било каква грешка и работел спротивно на законот да биде санкциониран, рече Мицкоски. 

Владата на 11 февруари 2025 година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Коцевски кој беше избран на оваа позиција пред една година, а неговиот мандат трае шест години. Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата, го изготви Предлог-мислењето за разрешување на државниот јавен обвинител. нд/ац/

Остани поврзан