• вторник, 25 март 2025
МИА Радио флеш

24 март 2025 

Скопје - Американската амбасада во земјава на својата Фејсбук страница објави апел до граѓаните кои што поседуваат американска виза, со цел нејзино правилно користење.

Оттаму наведуваат дека ако се престојува подолго отколку што е пропишано на самата виза, лицата може да се соочат со трајна забрана за патување во САД.

Скопје – На платото на УКИМ денеска не се одржа студентски пленум кој викендов беше најавен од Независен студентски сојуз, па потоа откажан од Сојузот со допис до медиумите од иста електронска адреса. Откажувањето на собирот вчера беше демантирано на Фејсбук страницата со исто име и лого (Независен студентски сојуз) со објава дека пленумот ќе се одржи како што било планирано: понеделник во 13.00, и дека „дезинформациите што кружат се тенденциозни“. 

На празниот кампус на УКИМ дојдоа новинарски екипи да го проследат настанот, но беа избркани  од неколкумина млади луѓе кои извикуваа дека не сакаат настанот да се снима и фотографира и дофрлуваа: „Вие сте платеници, не сакаме новинари“.

Скопје -  Регулаторната комисија за енергетика водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) подолг период работи на комплементарен сет на мерки со цел зајакнување на заштитата на потрошувачи меѓу кои и на месечно отчитување на броила, како и вонредна проверка на броила по случаен избор кај дел од потрошувачите кои имаат доставено приговори до РКЕ, велат за МИА од регулаторното тело.

Како што посочуваат, овие  механизми се дел од заедничкото делување со ресорното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини со цел зајакнување на довербата и надминување на дилемите кај дел од јавноста - потрошувачите кои се сомневаат во  исправноста на мерните уреди (броилата).

Скопје - Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека е извршена исплата кон земјоделците во износ од 80.440.060,00 денари од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.

Исплатени се 32.596.860,00 денари за растително производство, од кои за овошни насади 19.679.962,00 денари кон 1.198 корисници и за лозови насади 12.916.898,00 денари кон 181 корисник.

Исплатени се и 47.843.200,00 денари за сточарско производство, и тоа за обележани женски грла говеда 27.829.600,00 денари кон 406 корисници и за обележани грла овци се 20.013.600,00 денари кон 173 корисници.с

Скопје -  Во Црвениот крст  досега се собрани над 54 милиони денари донации за настраданите во пожарот во Кочани. Откако ќе ги собереме сите потребни изјави за користење на лични податоци на повредените и нивните семејствата веднаш ќе пристапиме кон исплата на паричната помош, најави Саит Саити, генерален секретар на републичкиот Црвен крст. 

Тој на денешната прес конференција во врска со преземаните активности за поддршка на настраданите од катастрофата во Кочани и начинот на исплата на финансиска поддршка од собраните донации на семејствата на загинатите и повредените посочи дека собирањето на личните податоци и согласност за нивно користење се предизвик кој го успорува процесот на исплата на паричната помош и дека за негово надминување се вложувале натчовечки напори.

Скопје - За инцидентот во Волково издадена е наредба за обдукција и од местото на настанот подигнато е оружјето кое ќе биде предмет на вештачење. 

Од Државното јавно обвинителство информираат дека извршен е увид на лице место и дека ќе се вршат балистички и други вештачења со цел да се утврдат сите околности на настанот. 

Во инцидентот во Волково почнаа две лица, а еден малолетник е повреден и пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. 

Инцидентот го потврди и Министерството за внатрешни работи. 

Радовиш - Во Радовиш денеска почна реконструкцијата и пренаменувањето на Стоковната куќа во Мултифункционален центар и музеј. Објектот 30 години стоеше запуштен и занемарен, а вкупната сума за реализација на проектот е над 223 милиони денари.

На почетокот на реконструкцијата присутвуваше премиерот Христијан Мицкоски заедно со министрите Зоран Љутков и Златко Перински.

- Како Влада, продолжуваме да градиме, затоа што тоа е нашата инспирација и цел. Македонија мора да се гради. Јас знам дека граѓаните имаат лоши спомени од минатото, чувствуваат гнев. Затоа што наместо да се гради, Македонија се крадеше. Сега имаме поинаква Влада, поинаква амбиција. И со таа посветеност продолжуваме да работиме. Честитки, и нека се множат уште повеќе успешни проекти, истакна во изјавата Мицкоски.

Скопје - Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека е извршена исплата кон земјоделците во износ од 80.440.060,00 денари од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.

Исплатени се 32.596.860,00 денари за растително производство, од кои за овошни насади 19.679.962,00 денари кон 1.198 корисници и за лозови насади 12.916.898,00 денари кон 181 корисник.

Исплатени се и 47.843.200,00 денари за сточарско производство, и тоа за обележани женски грла говеда 27.829.600,00 денари кон 406 корисници и за обележани грла овци се 20.013.600,00 денари кон 173 корисници.

Скопје – Бензините од ноќеска на полноќ поскапуваат за половина до еден денар, а цената на дизелот се намалува за половина денар по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,04 отсто во споредба со претходната пресметка.

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за половина денар по литар и ќе изнесува 75 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 поскапува за еден денар и ќе се продава за 77,5 денари по литар, додека цената на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за поливина денар и ќе изнесува 68 денари за литар. Со одлуката на РКЕ  не се менува малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) и останува 68 денари за литар, а цената на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,590 денари за килограм и ќе изнесува 40,755 денари.

Сараево – Опозициските партии во Република Српска соопштија дека доколку бидат дел од владејачката коалиција во Босна и Херцеговина подготвени се да го поддржат усвојувањето на реформските закони, на кои инсистира Европска комисија, со што би се создале услови за отворање на пристапните преговори со Европска Унија.

Шефот на пратеничката група на Партијата за демократски напредок (ПДП) во Народното собрание на Република Српска и поранешен министер за надворешни работи на БиХ, Игор Црнадак денеска потврди дека се подготвени да ги поддржат овие закони веднаш по доаѓањето на власт.

Бања Лука - Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, денеска во Бања Лука им се обрати на новинарите, зборувајќи за актуелниот политички момент во овој ентитет и во Босна и Херцеговина.

Тој истакна дека Република Српска ја започнува неделата со редовни активности, пред сè преку седницата на Народното собрание на РС (НСРС), каде на дневен ред ќе биде зголемувањето на примањата за буџетските корисници во износ од 223 милиони КМ. Ова се однесува на полицијата, образованието, здравството, јавната администрација и правосудството, при што зголемувањето од 10 отсто ќе биде линеарно, согласно дадените ветувања.

Љубљана - Бројот на новороденчиња во Словенија во 2023 година се намали под 17.000, што е најниска бројка во последните 102 години откако е следен наталитетот во земјата, соопшти Заводот за статистика на Словенија.

Од вкупно 16.989 новороденчиња, 8.677 биле машки, а 8.312 девојчиња, јавува словенечката новинска агенција.

На 1.000 жители се раѓале осум деца, што е и најниска бројка од 1922 година.

Мајките го родиле своето прво дете на просечна возраст од 29,7 години, и тоа е старосна граница која се зголемила од 1954 година, кога започнале евиденцијата.

Истанбул - Повеќе од 1.130 демонстранти се уапсени во Турција од почетокот на бранот протести поради приведувањето на водечкиот опозиционер, опозицискиот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, во средата, соопштија денеска властите.

Јавните собири се привремено забранети во три поголеми градови во земјава.

„Од 19 до 23 март беа уапсени 1.133 осомничени во врска со незаконски активности“, напиша турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на платформата Икс.

Турското здружение за човекови права денеска соопшти дека десет турски новинари биле уапсени во Истанбул и Измир во нивните домови, меѓу кои и фотограф на агенцијата Франс прес.

Анкара - Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, од затворот Мармара испрати силна порака до јавноста преку писмо кое го пренесоа неговите адвокати, по неговото апсење во голема полициска акција во Турција.

Во опширната порака, Имамоглу истакна дека на 23 март се случила демократска револуција. „И покрај сета беда, неправедните судски одлуки, економскиот пад и уништениот меѓународен углед, народот на изборите го избра претседателскиот кандидат со гласови на сите граѓани и Републиканската народна партија. Тоа е прекрасна ситуација, надежта е голема, а неколкумина лоши луѓе сега се во очај“, рече тој.

Брисел – Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен утре во Брисел ќе имаат заедничка вечера со српскиот претседател Александар Вучиќ, додека специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, Петер Соренсен од денеска до среда ќе престојува во посета на Белград, јави дописникот на МИА од Брисел. 

- Вечерата ќе биде можност да се разговара за голем број прашања и сигурно и актуелните протести што се одржуваат во Србија ќе бидат дел од дискусиите, изјави главната портпаролка на Европската комисија Паула Пињо, додавајќи дека Унијата ја охрабрува Србија да работи на спроведување на реформите што треба да ги направи. 

Париз - Седум хрватски навивачи се уапсени по натпреварот Франција-Хрватска одигран вчера на „Стад де Франс“, поради нацистички поздрав.

„Седум лица се уапсени поради нацистички поздрав за време на натпреварот. На овие личности не им е местото во спортската арена“, напиша началникот на париската полиција Лоран Нуњез на социјалната мрежа Икс.

Тој им честиташе на полициските сили кои обезбедија непречено одвивање на натпреварот.

На снимките објавени на социјалните мрежи се гледа како група хрватски навивачи маршираат во полициска придружба пред натпреварот Франција - Хрватска.

Ереван – Постојаниот комитет во ерменскиот Парламент на второ читање го одобри предлог-законот „За почеток на процесот на пристапување на Република Ерменија во Европска Унија“.

За предлог-законот ќе се дебатира на претстојната пленарна седница на Националното собрание.

На 9 јануари предлог-законот беше разгледан и одобрен на владина седница, по што беше доставен на разгледување во Парламентот. На 11 февруари Националното собрание почна расправа. Проектот го презентираше граѓанската иницијатива „Евровот“, која во наведениот рок ги собра потребните потписи за поднесување законска иницијатива до Собранието.

Берн – Швајцарската нуклеарна централа во Дотинген, во близина на границата со Германија, вчеравечер автоматски беше исклучена поради дефект во приклучокот на мрежата, објави денеска операторот Акспо.

Електраната била исклучена поради дефект, објави Акспо, додавајќи дека за време на исклучувањето, нерадиоактивна водена пареа се испуштала во воздухот над покривот на делот од централата што не бил вклучен во нуклеарни реакции.

Дефектот во приклучокот на електричната мрежа е пронајден само во еден реактор и експертите во моментов се обидуваат да ја утврдат причината. Засега не е познато кога реакторот би можел да се рестартира.

Копенхаген – Данската полиција распореди дополнителен број полицајци и кучиња трагачи на Гренланд пред посетата на американската втора дама, Уша Венс.

Но, полицијата не прецизира колку полицајци ќе бидат распоредени на Гренланд.

Уша Венс заедно со едно од нејзините три деца на Гренланд ќе престојува од четврток до сабота. Според соопштението, таа ќе бидат дел од американска делегација која ќе „посетува историски локалитети“ и „ќе дознае за наследството на Гренланд“.

Предвидено е Уша Венс да присуствува и на националната трка со кучиња на Гренланд.

Москва -  Судењето на поранешниот заменик-министер за одбрана на Русија започна денеска во Москва во првиот од серијата случаи што ја сигнализираат желбата на претседателот Владимир Путин да ја искорени корупцијата во вооружените сили.

Тимур Иванов беше уапсен во април минатата година под сомнение за примање поткуп. Во октомври, истражителите додадоа нови обвиненија за проневера на повеќе од 3,2 милијарди рубљи (38,3 милиони долари). Иванов ги негира обвиненијата.

Додека водеше војна во Украина која трае веќе четири години, Путин се обидува да го елиминира лошото управување и проневерата од се поголемиот руски буџет за одбрана. Најмалку десетина луѓе беа уапсени минатата година во најголемиот бран скандал што го погоди воениот естаблишмент во последните години.

Москва - Напаѓачки авион Су-25 се урна во Приморската област во Русија. Пилотот успеал да се катапултира и бил евакуиран од спасувачката екипа, соопшти руското Министерство за одбрана.

„Летот беше изведен без муниција, авионот се урнал во ненаселена област, нема штета на земјата“, се вели во соопштението.

Според првичните податоци, причина за несреќата е технички дефект. На местото каде се урна авионот е испратена комисија од руските воздухопловни сили поради откривање на причините за урнувањето.

Moсква - Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговарал со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед ал Нахјан, јавија светските агенции, повикувајќи се на соопштение од Кремљ.

Во телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери станало збор за договорот со ОПЕК и разговорите меѓу Русија и САД за Украина.

Путин му се заблагодари на претседателот на ОАЕ за неговата посредничка улога во размената на воени заробеници меѓу Русија и Украина, додаде Кремљ.

Teхеран - Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи денеска изјави дека неговата земја е отворена за индиректни преговори со САД, по ултиматумот поставен од американскиот претседател Доналд Трамп за нов нуклеарен договор.

„Патот е отворен за индиректни преговори“, рече Арагчи, отфрлајќи директни разговори со Вашингтон „додека не се промени пристапот на другата страна кон Иран“.

Во 2015 година, Иран во Виена склучи договор со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за својата нуклеарна програма. За возврат, текстот предвидуваше намалување на меѓународните санкции кон Техеран.

Остани поврзан