МИА Општински пул
- 25 март 2025

Штип – Сто и триест психолози се на располагање за психолошка поддршка на учениците, студентите и на граѓаните во општините во Брегалничкиот регион, каде што има починати ученици и блиски во семејствата, како и повредени кои се наоѓаат на лекување, по големата трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Психолозите работат и на терен, но и ја нудат својата поддршка и преку телефонски повици. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска и психолози од Комората на психолози денеска беа во посета на неколку училишта во Штип, меѓу кои и во средното медицинско училиште „Јане Сандански“, каде има загинато тројца ученици, а четворица се повредени.
Министерката Јаневска истакна дека психолозите се најмногу присутни на терен во Кочани но, како што рече, добро е што на почетокот имале 100, а сега се вкупно 130 психолози, кои се присутни меѓу учениците, студентите и децата во градинките во неколку општини во источниот регион.
-Денеска сме присутни во средното училиште „Јане Сандански“, каде што во едно одделение имаме три жртви, а во друго одделение имаме повеќе повредени, кои се надевам дека брзо ќе оздрават и ќе се вратат заедно со нивните другари да продолжат да учат и да го продолжат животот. Дополнително јас би сакала да им се заблагодарам за мотивот и иницијативата, која потикна од нив, но и мотивот да работат во вакви тешки услови за добробит на младите. Затоа што нема поважно од тоа секако и за наставниците и родителите, но и за младите, рече Јаневска.
Во коордиинација на повеќе институции, како што додаде, беспалтно се нудат психолошки терапии на сите на кои им е потребно.
-Институциите кои имаат надлежност и обврска да функционираат во вакви моменти кризни функционираат во координација, па така и МОН во координација со комората на психолози, Институтот за психологија, УНИЦЕФ и Црвениот Крст организира присуство на психолози во кризните подрачја. Се разбира дека тие се најмногу присутни во Кочани, но добро е што од минатата недела имавме 100, а сега имаме 130, па се присутни тука и во Штип, вели Јаневска.
Центар за советување на млади има и на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) - Штип. Дополнително од претходната недела се прават проверки по училиштата, градинките, државните училишта дали има соодветни апарати за справување со катастрофи.
Штип - Почнува периодот на тага и од оваа колективна траума со која секој е засегнат, не постои пишано правило за заздравување. Секој индивидуалнно ја преживува болката, истакна денеска психологот Емилија Бошковска, која заедно со министерката за образование и наука, Весна Јаневска ги посетија учениците од основните и средни училишта, каде што по трагедијата во дискотеката во Кочани тимови од психолози работат со нив.
-Имавме неколку фази, коишто поминаа, забележавме дека имавме после шокот и лутина и тоа е нормална емоција. Почнува периодот на тага, не кај сите повторно ќе кажам се е индивидуално. Но ги следиме од ден на ден се менува состојбата и тука сме за се што доаѓа поред, па дури и за таквите состојби аксиозни состојби, депресивност и слично, вели Бошковска.
Таа посочува дека 130 психолози се вклучени и работат со ученици, студенти, граѓани во општините Кочани, Штип, Чешиново-Облешево, Виница и Пробиштап, каде што има жартви и повредени во пожарот во дискотеката во Кочани.
Бошковска потенцира дека секој граѓанин може да побара помош од нив, која е бесплана и сите писхолози работат хуманитарно на терен.
Дебар – Дебарското хуманитарно друштво „Дрита“ во пресрет на големиот муслимански празник Рамазан Бајрам, распредели ваучери за 54 деца без родител(и), во износ од по 4 илјади денари за набавка на облека и обувки.
-Опфатени се деца од градот, како и селските населени места од Дебар и двете соседни општини, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, како што се селата Могорче, Долно и Горно Косоврасти, Скудриње, Новак и Центар Жупа, како и други села. Децата добија ваучери од по 2500 денари за облека и по 1500 денари за обувки, кои ќе ги набават по нивен избор. Исто така на секое од овие 54 деца во плик им се доделени и по 2000 денари, изјави за МИА, Нертил Османи, претседател на друштвото.
Во текот на Светиот месец Рамазан, на сите ним им била распределени пакети со прехранбени артикли и средства за одржување хигиена, во вредност од по 5 000 денари, а секојдневно за ифтар добиваат подготвена храна и леб.
Со хуманитарна помош во градот се опфатени и 190 семејства кои се во потешка социо-економска состојба, лица со попреченост, тешко болни, изнемоштени и лица кои живеат сами, а освен храна и хигиенски пакети се обезбедуваат и неопходните лекарства, кои за оние кои се во најтешка положба, во текот на целата година.
Според Османи сето ова не би можеле да го реализираат без донации на локални жители, како и иселеници, за што искажуваат голема благодарност.
Неготино - Итни мерки за нивна заштита, побараа денеска социјални работници во Неготино, од Министерството за социјална политика, демографија и млади, пред јавната установа, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Неготино. Тие ги изразија својата загриженост и револт поради зголемените случаи на насилство врз вработените во центрите за социјална работа. Особено по најновиот случај со напад на нивна колешка во Прилеп.
- Тоа е јасен показател дека итно се потребни системски промени за заштита на социјалните работници. Социјалните работници секојдневно се соочуваат со закани, вербални и физички напади додека ја вршат својата должност за заштита на најранливите категории граѓани. Недостатокот на безбедносни мерки во институциите каде што работиме сериозно го загрозува не само нашето физичко здравје и менталното здравје, туку и квалитетот на услугите што ги обезбедуваме, рече Павлинка Волканоска, водител на случај социјален работник.
Таа појасни кои се итните мерки што ги бараат. Законска заштита, донесување законски измени со кои нападот врз социјален работник ќе се третира како напад врз службено лице (напад, психички и физички, од внатрешни и надворешни субјекти). Физичко обезбедување, задолжително присуство на обезбедување во сите центри за социјална работа. Психосоцијална поддршка, обезбедување бесплатна психолошка поддршка за вработените кои биле изложени на насилство. Унапредување на условите за работа, подобрување на работните услови и зголемување на платите без условување со минат труд. Построги санкции за насилниците, итно процесирање на сите случаи на напад врз социјални работници и соодветно санкционирање.
Дебар - Новото раководство на татковинското друштво „Дибра“ на дебрани во САД, на виртуелната средба со градоначакникот на Дебар, Хекуран Дука, jа потврдило определбата за продолжување на соработката и поддршката за родниот крај.
-Одржавме виртуелна средба со новите членови на раководството на татковинското друштво „Дибра“ во САД, на која разговаравме за заедничките цели и проекти за соработка во различни области, како што се спортот, културата и помошта на оние на кои им е потребна во родниот крај, информираше градоначалникот Дука.
Додаде дека во иднина, конкретизирањето и координацијата на овие активности ќе продолжи преку вакви состанови но директни средби, со цел зајакнување на соработката и спроведување иницијативи кои се корисни за заедницата.
Новото раководство на друштвото беше избрано во октомври минатата година а нов претседател е Хаким Буџаку, роден во САД, чии родители, се иселиле од Дебар пред повеќе од три децении.
Скопје - Во општина Ѓорче Петров е отворена нова канцеларија за психолошко советување и советување со социјален работник, како и бесплатна СОС линија 141-700, достапна за жени-жртви на семејно насилство.
Канцеларијата се наоѓа во просториите на Општина Ѓорче Петров, поточно на приземје и ќе биде отворена секој четврток од 10 до 14 часот за сите оние на кои им е потребна поддршка.
Како што соопштија од општинската прес-служба, канцеларијата ќе функционира во соработка со Националниот совет за родова рамноправност, со цел обезбедување на психолошка поддршка, правни совети и социјално советување за жртвите на семејно насилство и насилничко опкружување.
-По повод отворањето на канцеларијата, денеска беше одржана и стручна трибина на која беа претставени условите и можностите кои оваа канцеларија ги нуди, како и стручниот тим составен од психолог, правник и социолог. На трибината беше нагласена важноста од психолошката поддршка во процесот на соочување со стравот и излезот од насилничкото опкружување, се наведува во соопштението.
Македонска Каменица - Општина Македонска Каменица преку соопштение денеска ги потсети граѓаните, сопственици на станови во колективни станбени згради, за нивните обврски во согласност со Законот за домување. Потсетувањето како што се вели во соопштението има за цел да ја зголеми свеста на граѓаните за правилното одржување на зградите.
-Според законските одредби, станарите се должни да се грижат за тековното одржување на заедничките делови на зградата. Ова вклучува замена на сијалици, приклучоци, мали молерски интервенции и набавка на резервни делови. Дополнително, според член 62 од Законот, сите членови на Заедницата на сопственици се обврзани да издвојуваат средства во резервниот фонд, кој служи за покривање на неопходните трошоци поврзани со заедничкото домување, соопштија од Општина Македонска Каменица.
Управувањето со зградата како што се вели во понатамошниот текст е одговорност на претседателот на Заедницата на сопственици, кој, според член 59, треба да ги спроведува сите активности во име и за сметка на заедницата.
Гевгелија/Дојран - Општина Гевгелија ќе донира 1,5 милиони денари од буџетот за 2025 година за настраданите во пожарот во Кочани. Одлуката за финансиска помош едногласно ја донесе Советот на Општина Гевгелија на вондредната седница, на предлог на градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
Членовите на Советот на Општина Гевгелија со едноминутно молчење им оддадоа почит на загинатите во пожарот што се случи на 16 март, во дискотеката во Кочани.
-Tажен е поводот за одржувањето на оваа вонредна седница. Не постојат зборови со кои може да се изрази сочувство за згаснатите млади животи, не постојат зборови на утеха на нивните најблиски. Вечен покој и спомен на настраданите, а Бог да им даде сила на семејствата да го пребродат овој тежок момент, се истакнува во пренесената изјава на општинската страница на претседателот на Советот на Општина Гевгелија, Ѓорѓе Попов.
Тетово – Вработените во Меѓуопштински центар за социјална работа Тетово во периодот за пауза се собраа во дворот од установата и преку медиумите испратија порака за загриженост и револт поради зголемените случаи на насилство кај нив и нивните колеги кои се дел од истата државна служба. Според нив, последниот случај во Прилеп е показател дека се потребни системски промени за заштита на социјалните работници.
- Се собравме за време на паузата во однос на настанот кој вчера се случи во Прилеп во знак на поддршка на нашата колешка која беше повредена од огнено оружје од корисник кој долго време бил третиран во центарот согласно законската регулатива. Истата е со телесна повреда, да не зборуваме за менталната повреда, стресот и траумата на работно место, истакна Ѓурѓица Новеска, социјален работник.
Колективот од Меѓуопштински центар за социјална работа Тетово воедно истакна и поддршка за сите колегите од сите центри кои имаат иста методологија на работа.
Кавадарци - Правиме напори за актуелизирање на проектот за граничен премин на македонско - грчката граница на територија на општината Кавадарци, информираше денеска кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
- Во рамките на поектот ,,ЕУ за општините'' #EU4M, претставници на општина Кавадарци одржаа низа состаноци со градоначалници и раководни лица од општините Едеса, Амолопиа, Пилеа Хортиати, со заедничкиот технички Секретаријат за Прекугранична соработка со Р. Грција и други институции. На состаноците се разгледаа можностите за заеднички настап на општините во искористување на европските фондови, соопшти Јанчев.
Тој подвлече дека со дел од градоначалниците се договорила заедничка средба во општина Кавадарци, со цел заеднички да се актуелизира проектот за пограничниот премин Пуљевац Промахои.
Куманово -Зачестени сообраќајни несреќи со помала материјална штета се случија последниве денови на булеварот „Трета МУБ“ во Куманово бидејќи извесен период семафорите не работат.
Од секторот за комунални дејности информираат дека во тек е поставување нови семафори. Кумановци реагираат дека тука има голема раздвиженост и генерално булеварот е една од главните артерии во општината која го поврзува источниот и западниот дел на градот.
Пешаците и возачите реагираат на состојбата – бараат побрзо решавање на проблемот од општината, но и апелираат до СВР Куманово, полициски службеници да го регулираат сообраќајот.
Од Секторот за комунални дејности при општина Куманово денеска информираа дека се работи на случајот, потенцирајќи дека не станува збор за одржување на семафорите, туку за оштетување заради што деновиве биле поставени три нови, од вкупно шест столба на коишто ќе бидат приклучени семафорите, најверојатно до крајот на неделава.
Куманово - ЈП „Чистота и зеленило“ и Општина Куманово по насоки дадени од Министерството за животна средина и просторно планирање повторно организираат акција за собирање на кабаст отпад. Акцијата почна утрово на три локации во населбите Карпош“, „Перо Чичо“ и на крстосницата помеѓу улиците „Тоде Мендол“ и „Есперанто“.
Акцијата трае до 31 март, годинава.
Од комуналното претпријатие ги повикуваат граѓаните на Куманово до крајот на месецов да се приклучат на акцијата и бесплатно да го одложат кабастиот отпад од своите домови во садовите поставени од „Чистота и зеленило“ на трите локации во кумановско.
Во февруари се одржа слична акција на која се собираше кабаст отпад на пет локации и тогаш кумановци покажаа значителен интерес за оставање на отпадот на овие локации.
Штип – Во должина од еден километар се градат нови тротоари на улицата, која ги поврзува булеварите „Партизанска“ и „Гоце Делчев“ во Штип. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека проектов се реализира со цел поголема безбедност за пешаците, но и за сите учесници во сообраќајот. Дополнително од наредната недела треба да завршат и активностите за асфалтирање на сервисни улички кои се наѓаат на овој потег.
-Овде транзитираат голем број ученици кои учат во СОУ „Коле Нехтенин“. Паралелно на ова ќе се асфалтираат сервисни улиици на булеварот „Гоце Делчев“ кои се наоѓаат на овој потег. Од страна на Општина Штип за уредувањето на тротоарските површини се издвоени околу два милиони денари, а за асфалтирањето на улиците се издвоени уште два милиони денари, изјави Јорданов.
Тој истакна дека периодов се работи и на останати улици и локации во градот. Активности има за реконструкција на водоводната мрежа, асфалтирање, уредување на тротоарски површини.