• вторник, 25 март 2025
МИА Радио флеш

 25 март 2025 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува на поставување камен темелник на мега-паркот со плоштад во населба Радишани, Општина Бутел.

Како што информира владината прес-служба, паркот ќе се протега на површина од 10.000 м2. Новиот парк ќе има зелена површина од 6.000 м2, плоштад од 4.000 м2 и мега детско игралиште.

Проектот е вреден 20 милиони денари, а средствата се обезбедени од Владата.

Скопје - Шеснаесет пациенти кои беа повредени во пожарот во Кочани и се лекуваа во земјава се очекува да бидат испишани од болниците и лекувањето да го продолжат во домашни услови. Во рок од две недели се очекува половина од пациентите кои се лекуваат во странство да се вратат во државава, а надлежните тврдат дека ги преземаат сите неопходни чекори за продолжување на нивното адекватно лекување.

Во моментов во државава се лекуваат 54 пациенти од трагедијата во Кочани, 46 во јавните здравствени установи, а осум во приватните болници. Од оние во јавното здравство, 26 се лекуваат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, тројца на КАРИЛ, шестмина на Пластична хирургија, 11 на Токсикологија, по двајца на Пулмологија и Детска хирургија и по еден на Торакална хирургија и Офталмологија. По десет лица се лекуваат во ГОБ „8 Септември“ и Клиниката по хируршки болести „Свети Наум Охридски“. 

Скопје - Министерството за образование и наука известува за можност за аплицирање за стипендија во рамки на Летната истражувачка програма на Република Турција.

-Студентите кои студираат на прв циклус на студии во својата матична земја може да се пријават за спроведување на истражување од 7 јули до 28 август 2025. Пријавувањето за стипендија трае од 26 март до 22 април 2025, соопшти МОН. 

Подетални информации за критериумите и условите за остварување на правото на стипендија може да се обезбедат на линкот: https://pure.sabanciuniv.edu/announcements/pure-summer-24-faq 

Скопје - Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со Организацијата за храна и земјоделство на Организацијата на Обединети нации (FAO) од денеска до 27 март ќе спроведе симулациска вежба за болеста чума кај мали преживари.  

Според АХВ, цел на вежбата е да се утврдат добрите и слабите страни на одговор при евентуална појава на болеста, која е предмет на планови за итни мерки на Агенцијата.

На вежбата ќе присуствуваат претставници од АХВ, од Ветеринарната комора на РСМ, од Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје, експерти од Европската унија како и претставници од Сојузот на здруженија на одгледувачи на овци „Модерен овчар”. 

Скопје - Mинистерката за образование и наука Весна Јаневска денеска ќе престојува во работна посета на Штип.

Притоа министерката Јаневска ќе ги посети ОУ „Ванчо Прке“, СОУ „Јане Сандански“ и СОУ „Славчо Стојменски“, како и Универзитетот „Гоце Делчев“.

Скопје - Македонскиот институт за медиуми денеска ќе ги додели новинарските награди „Никола Младенов“ за 2024 година. Наградите ќе бидат доделени во три категории: за најдобра истражувачка сторија (прва, втора и трета награда), најиновативен новинарски производ и за најдобра репортерска фотографија.

На добитниците на наградите ќе им биде врачен сертификат и парична награда од 60.000 денари поединечно за првонаградените во сите три категории, 40.000 денари за второнаградената и 20.000 денари за третонаградената истражувачка сторија.

Конкурсот за аплицирање за наградите беше отворен до 17 февруари 2025, а пријавите требаше да се поднесуваат на novinarskinagradi@mim.org.mk со назнака: Пријава за новинарските награди „Никола Младенов 2024“.

Струмица - Во соработка со директорите на основните и средните училишта на територијата на Општина Струмица, во наредните денови ќе се организираат вежби во континуитет за евакуација на учениците и училишниот персонал во случај на пожар. Вежбите ќе се организираат со учество на Територијалната против пожарна единица (ТППЕ) Струмица, информираа струмичките пожарникари.

Организирањето вежби за евакуација го потврди и градоначалникот Костадин Костадинов, кој апелира до граѓаните да не создаваат паника ако забележат невообичаени случувања или интервенции на терен, бидејќи станува збор за вежби и симулации.

Атина – Припадници на крајбрежната служба на Грција во соработка со припадници на Националната служба за разузнавање, разбиле криминална организација, која била активна во криумчарење мигранти од Турција во Грција преку островот Кос, а уапсен е еден од двајцата кои имале лидерски улоги во организацијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Од крајбрежната служба соопштија дека уапсениот е 44-годишен грчки државјанин со потекло од Грузија и веќе му е одредена мерка притвор, додека по второто лице, кој е турски државјанин, се трага и е издаден налог за апсење.

Белград - Во Србија лани се направени рекордни 82,4 милиони купувања преку интернет - во просек дневно над 225 илјади купувања, јави МИА од Белград.

Онлајн купувањето во Србија станува важен сегмент на платежниот пазар кога станува збор за купувањата направени со картички и е-пари, а во претходниот период се забележува континуиран пораст на бројот на онлајн купувања, соопшти Народната банка на Србија (НБС).

Тие прецизираат дека во 2024 година имало за 39,2 отсто повеќе онлајн купувања отколку во 2023 година, кога имало 59,2 милиони такви набавки, додека во однос на периодот пред пет години, во однос на 2020 година, бројот на онлајн купувања минатата година бил за 288,5 отсто поголем.

Будимпешта - Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека ако претседателот на Соединетите држави Доналд Трамп не може да донесе мир во Украина, никој не може.

-Унгарија многу ја цени посветеноста на новиот американски претседател за мир. Ако Трамп не може да донесе мир во Украина, никој не може. Целосно ги поддржуваме иницијативите на Трамп, рече Сијарто синоќа по средбата со вршителот на должноста на американската амбасада во Будимпешта, Роберт Паладин.

Берлин – Новиот состав на германскиот Бундестаг денеска ќе се состане за првпат, јави ДПА.

Новите пратеници, кои беа избрани на парламентарните избори на 23 февруари, се очекува да изберат претседател на Бундестагот.

Традиционално, претседателот на долниот дом на германскиот парламент станува претставник на најголемата пратеничка група, која во сегашниот состав на парламентот е Христијанско-демократската унија и нејзината сестринска партија од покраината Баварија, Христијанско-социјалната унија.

Амстердам - Бројот на луѓе кои починале поради еутаназија во Холандија се зголеми за 10 отсто минатата година, покажаа новите податоци, а чувар ги повика лекарите да бидат многу внимателни во случаи на психички болести.

Холандија има еден од најстарите и најсеопфатните закони за евтаназија во светот. Лекарите можат да му стават крај на животот на личност која страда неподносливо, без надеж за подобрување. Потребна е дијагноза, која може да биде физичка болест, но и психичка болест или деменција.

Лондон - Британските и француските воени команданти се состанаа во Лондон на почетокот на неделата на која ќе има дополнителни разговори за плановите за мировна мисија во Украина.

Адмирал Тони Радакин, командант на британските вооружени сили, рече дека двете европски нуклеарни сили „преземаат чекори за создавање посилно и подлабоко партнерство“ по средбата со неговиот француски колега, генерал Тиери Буркхард.

Киев - Петро Порошенко, поранешен претседател на Украина и лидер на најголемата опозициска партија во интервју за „Гардијан“ изјави дека „украинскиот претседател Володимир Зеленски не е диктатор, но ја води земјата кон диктатура“. Тој ја критикуваше средбата меѓу Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп во Овалната соба минатиот месец, нарекувајќи ја „катастрофална грешка на Зеленски“.

Тој не го критикуваше Зеленски од избувнувањето на целосната инвазија во февруари 2022 година, но вели дека неодамнешните санкции што му ги наметнаа украинските власти го натераа да проговори.

Минск - Александар Лукашенко денеска ќе ја преземе функцијата по седми мандат како претседател на Белорусија, јавија руските медиуми.

Претседателските избори во Белорусија се одржаа на 26 јануари.

Церемонијата на инаугурација на Лукашенко ќе се одржи во Палатата на независноста во Минск и ќе започне во 12 часот по локално време.

На церемонијата претседателот на белоруската Централна изборна комисија Игор Карпенко ќе ги објави официјалните резултати од претседателските избори, а Лукашенко ќе положи заклетва врз Уставот на Белорусија.

Москва – Дијалогот меѓу експертските групи на Русија и САД, што се одржа вчера во Саудиска Арабија, беше тежок, но корисен за двете страни, а преговорите ќе продолжат со меѓународно посредништво, изјави Григориј Карасин, шеф на Комитетот за меѓународни прашања на Советот на Федерацијата.

- Се разговараше за многу прашања. Дијалогот беше напорен, но многу корисен. Иако не беше сè решено, самиот факт дека средбата се одржа е од големо значење, особено во контекст на доаѓањето на новата администрација и политичарите кои учествуваа во разговорите, изјави Карасин за ТАСС.

Според него, преговорите ќе продолжат со учество на меѓународната заедница, вклучително и Обединетите нации и одредени држави.

Москва - Рускиот претседател Владимир Путин му дал портрет на американскиот претседател Доналд Трамп. Путин му го дал портретот на Трамп на американскиот специјален пратеник Стив Виткоф во Москва претходно овој месец, потврди портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Подарокот првпат го спомна Виткоф во интервју минатата недела со поранешниот водител на Фокс њуз Такер Карлсон. Виткоф му рекол на Карлсон дека Трамп „бил трогнат“ од портретот, кој го опишал како „убав“.

Киев – Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави денеска дека секој што сака стабилност во меѓународните односи треба да се движи кон вистински мир и загарантирана безбедност.

„Русија останува единствениот актер кој ја продолжува оваа војна, исмевајќи се и со нашиот народ и со светската заедница. За да ја турнеме Русија кон мир, потребни ни се силни потези и силни акции“, рече Зеленски во објавата на социјалната мрежа Х.

 Како што наведе, Украина е подготвена да ја поддржи секоја силна иницијатива што може да ја направи дипломатијата поефикасна.

Газа - Палестинските медицински служби соопштија дека најмалку 23 лица загинале во израелските напади врз Газа во текот на ноќта, меѓу кои три деца и нивните родители.

Семејството беше убиено во напад на нивниот шатор во близина на јужниот град Кан Јунис.

Болницата Насер во Газа соопшти дека ги примила телата на членовите на тоа семејство, како и уште четири лица од два одвоени напади.

Во центарот на Газа, болницата Ал-Акса прими шест тела на луѓе убиени во три одделни напади, додека три лица беа убиени во напад на куќа во бегалскиот камп Нусејрат, според болницата Авда.

Њујорк - На 27 март на настан во Њујорк официјално ќе биде одбележан почетокот со работа на Американско Балканската Стопанска комора (ABCC), која ќе биде посветена на јакнење на економските врски и бизнис можностите помеѓу Соединетите Американски Држави и Балканскиот регион.

Комората ќе биде клучен мост кој ќе ги поврзува американските компании со Балканот и истовремено ги поддржува балканските компании кои сакаат да го освојат американскиот пазар.

- Основањето на Американската Балканска Стопанска Комора претставува важен чекор во
трансатлантската трговија, изјави г-ѓа Елиза Пренџов, претседател на ABCC.

Њујорк – Обединетите нации повлекуваат околу една третина од својот меѓународен персонал од Појасот Газа по нападот врз персоналот на ОН во областа, изјави портпаролот.

-Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш „донесе тешка одлука“ да го намали бројот на персоналот на ОН во Газа, изјави портпаролот Стефан Дужариќ во Њујорк.

Тој нагласи дека ОН не ја напуштаат целосно Газа. „Остануваме посветени да продолжиме да обезбедуваме помош од која зависи опстанокот на цивилите и нивната заштита“, рече тој.

Вашингтон – Федерална судијка прелиминарно му забрани на американскиот Оддел за владина ефикасност (Department of Government Efficiency, DOGE), кој е под команда на блискиот соработник на претседателот, милијардерот Илон Маск, да пристапува до приватните податоци на граѓаните во базите на податоци на Министерството за образование, Министерството за финансии и Канцеларијата за управување со персонал.

Судијката Дебора Бордман ја издаде забраната како одговор на тужбата поднесена против републиканската администрација на претседателот Доналд Трамп од страна на коалицијата на работнички синдикати предводена од Американската федерација на наставници. Забраната ќе трае до крајот на судењето, а истата може да се обжали.

Вашингтон – Преговорите предводени од САД во Саудиска Арабија со делегациите од Украина и Русија напредуваат добро и наскоро се очекува позитивно соопштение, изјави извор од Белата куќа.

- Разговорите кои ги овозможија техничките тимови на администрацијата на Трамп во Ријад се одвиваат исклучително добро и сите вклучени страни работеа цел ден и ноќ. Очекуваме позитивно соопштение во блиска иднина, рекол изворот, пренесуваат светските агенции.

Вашингтон, 25 март 2025 (МИА) - Членови на Советот за национална безбедност на САД ја користеле апликацијата „Сигнал“ („Signal“) да разговaраат за претстојната воена операција против јеменските Хути, и како еден од учесниците на затворената група се нашол и Џефри Голдберг, главен уредник на изданието „Атлантик“.

Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа соопшти дека очекуваната посета на американски претставници на Гренланд неделава, не е провокација.

Трамп ја даде изјавата по тврдењата на гренландскиот премиер Муте Егеде дека тоа е „странско мешање“.

- Ова е пријателски гест, а не провокација. Има многу луѓе на Гренланд кои би сакале нешто да се случи за да бидат соодветно заштитени и згрижени. Тие доаѓаат кај нас, а не ние кај нив, рече Трамп, без да даде повеќе детали.

Токио – На барање на јапонската Влада суд во Токио нареди распуштање на Црквата на обединување, изјави извор близок до групата, која беше критикувана дека од своите членови бара финансиски уништувачки донации, објави Кјодо.

Одлуката на Окружниот суд во Токио ќе и го одземе статусот на оваа контроверзна организација како верска корпорација со даночни олеснувања, и покрај тоа што се уште ќе и биде дозволено да работи во Јапонија.

Барањето беше поднесено во октомври 2023 година, по неколкумесечна истрага за групата.

Велингтон – Силен земјотрес со јачина од 6,7 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди јужниот остров на Нов Зеланд, соопштија локалните власти.

Според соопштението, земјотресот бил на длабочина од 33 километри, на околу 160 километри северозападно од островот Снарес.

Жителите на регионите Саутленд и Фиордленд се предупредени да бидат подалеку од плажите и морските области бидејќи силните струи може да претставуваат опасност, соопшти Националната агенција за управување со вонредни состојби.

Остани поврзан