МИА Општински пул
- МИА Општински пул

25 март 2025
Струмица - Во соработка со директорите на основните и средните училишта на територијата на Општина Струмица, во наредните денови ќе се организираат вежби во континуитет за евакуација на учениците и училишниот персонал во случај на пожар. Вежбите ќе се организираат со учество на Територијалната против пожарна единица (ТППЕ) Струмица, информираа струмичките пожарникари.
Организирањето вежби за евакуација го потврди и градоначалникот Костадин Костадинов, кој апелира до граѓаните да не создаваат паника ако забележат невообичаени случувања или интервенции на терен, бидејќи станува збор за вежби и симулации.
-Овие активности се дел од нашите редовни подготовки за брзо и ефективно реагирање во случаи на непредвидени настани, и се изведуваат со цел зголемување на безбедноста на нашите ученици и вработени.Таквите вежби во различни училишта ќе ги има еднаш неделно, информираше струмичкиот градоначалник.
Струмичките пожарникари, пак, додаваат дека дека секој може да се обрати до нив и да ја исполни законската обврска за годишни вежби за евакуација.
Скопје - Од општина Гази Баба ја информираат јавноста дека Секторот за инспекциски работи при Општината почнал со вонреден инспекциски надзор врз угостителските објекти и станбени згради кои се наоѓаат на територија на Гази Баба.
- Инспекцискиот надзор ќе се реалзира во две фази. Правата фаза ќе опфати контрола на сите угостителски објекти по што ќе се изготви анализа на состојбата за исполнување на законските обврски и подготвеноста на објектите за вршење на угостителска дејност. За секој угостителски објект каде што ќе се нотира неисполнување на законските обврски истиот ќе биде пријавен за постапување на надлежните институции. За втората фаза е изготвен план за посета на сите станбени згради на територија на општина Гази Баба со цел контрола на хидранските мрежи, пристапите и излезите од објектите за колективно домување, информираат од Општината.
Согласно Законот за домување и Правилникот за нормите и стандардите за домување во станбените згради, како што истакнува Градоначалникот Бобан Стефковски, испратено е писмено известување до управителите и претседателите на Заедница на сопственици на станбени згради дека е потребно на видно место (во влезот во ходникот на приземјето на станбената зграда) да се истакне упатство за постапување во случај на природни или други несреќи (план за евакуација), да се изврши набавка и проверка на заедничките инсталации и уреди во станбената зграда (ППЗ апарати, хидранти, лифтови и др.) и доколку се утврди дека не се во функција да се пристапи кон нивна замена, како и да се изврши проверка во заедничките делови на станбената зграда дали се чуваат предмети или материјали кои можат да предизвикаат зараза, пожар или друга несреќа и доколку се чуваат да се пристапи кон нивно отстранување.
Дополнително до сите општински основни училишта, детски градинки и ЈКП Гази Баба 2007, доставено е укажување со кое секоја институција, установа или претпријатие во согласност со Закон и без исклучок е должна да има Елаборат за заштита од пожари и опасни материи, Правилник за заштита од пожари и експлозии, Процена од природни непогоди и несреќи, План за заштита и спасување од природни непогоди и други несреќи, Противпожарни апарати и противпожарни апарати за електрична инсталација, Хидранти со црево и млазници, Инсталирање на детектор за чад и водени прскалки низ ходниците, Сигнални светилки за движење, како и шематски приказ за евакуација.
Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, информира дека е во тек јавниот повик за доделување на поединечни субвенции за купување велосипеди, е-велосипеди, е-тротинети и дополнителна опрема. Герасимовски, потенцира дека од 2022 година досега се доделени вкупно 376 субвенции за велосипеди.
-Го поттикнуваме користењето на алтернативни и еколошки превозни средства. Од 2022 година досега, доделивме 376 субвенции за велоспеди, 47 субвенции за е-велосипеди и е-тротинети, како и 7 субвенции за дополнителна опрема. Ги повикувам центарци да се пријават на јавниот повик којшто е во тек, ајде заеднички да поддржиме одржлив транспорт и да го намалиме сообраќајниот метеж. Со повеќе велосипеди градиме поздрава и попријатна средина за сите нас. Овие субвенции се дел од нашите заложби за подобар квалитет на живот во централното градско подрачје, вели Герасимовски.
Центарци можат да добијат субвенција од 30% од цената на превозното средство, но најмногу до 3.000 денари, како и субвенција за дополнителна опрема (детски седишта и кациги) до 1.000 денари. Повикот е отворен од 24 март, а барањата ќе се обработуваат по принципот „прв дојден, прв услужен“.
Правото на субвенција е еднократно, а жителите на Центар треба да поднесат барање со потребна документација: копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и фискална сметка во оригинал и истата да ја достават во архивата на Општина Центар, барака бр.6, од 09.00 до 15.00 часот.
За повеќе информации, граѓаните можат да се обратат на телефонските броеви 02/3203-600 и 02/3203-693 или да ја посетат веб-страницата centar.gov.mk: https://www.centar.gov.mk/?p=24738.
Охрид – „Научи вештини за да го водиш својот живот“ е насловот на тематската работилница што утре ќе се одржи во организација на Општинската организација на Црвениот крст и канадската организација „Canadians for Children at Health Risk“.
Домаќини на онлајн работилницата што ќе се одржува утревечер во 20 часот во просториите на Црвен крст - Охрид, ќе бидат младите волонтери од Клубот на млади при охридскиот Црвен крст, наменета за сите кои сакаат да научат да практикуваат животни вештини за здрав и успешен живот.
Фасилитатор на работилницата ќе биде д-р Рафаел Линдзи од Торонто кој на учесниците на собирот ќе им пренесе многу корисни совети и стратегии што се осмислени да им помогнат на младите луѓе. Тој ќе одржува мотивациски предавања и практични совети за тоа како младите да се охрабруваат едни со други и оспособат преку различни активности за грижа за себе и јакнење на самодовербата и да се мотивираат и поттикнат да останат ангажирани за помош во заедницата и позитивен живот.
Кавадарци - Несовесни лица оштетуваат каналска мрежа за наводнување и фрлаат гранки во каналот во Тиквешко, со што предизвикуваат штети и проблеми за вработените во водостопанското претпријатие, а со тоа индиректно ги оштетуваат и земјоделците кои наводнуваат од хидромелиоративниот систем ,,Тиквеш".
Ова денеска го изјави за МИА, Атанас Ризов, директор на подружницата ,,Тиквеш", на АД Водостопанство.
-Бележиме кражби како на државен имот, дел од системот за наводнување, така и кај приватни лица водокорисници, на кои им крадат делови од личниот имот за полевање на земјоделските култури. Токму деновиве имавме таква кражба на решетки на главните линии за наводнување, што имаат за цел да го собираат отпадот да не влегува во каналот за наводнување. Случајот ќе го пријавиме и во полиција, рече Ризов.
Тој потсети дека мината наводнувачка сезона, но и сега, се соочувале и со проблем, несовесни да сечат дрвја и гранките да ги фрлаат во каналската мрежа.
Дебар - Лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција, (МАЕИ), Васил Стерјовски, кој на претстојните парламентарни избори во Албанија е во трка за пратенички мандат, преку објава на Фејсбук се обрати до Македонците во округот Корча, да го поддржат порачувајќи дека „вашата поддршка е наш заеднички успех“.
Во објавата на почетокот се задржува на трагедијата што се случи во Кочани, која во овие тажни денови „ја потврди семакедонската сплотеност и единство“.
-Трагичниот настан во Кочани нè погоди сите Македонци, каде и да сме... Националната трагедија во Кочани нè потсети колку сме поврзани, ја потврди семакедонската сплотеност и единство, без разлика на границите! Во овие тешки мигови, нашите мисли и срца се со семејствата на загинатите - Бог да ги прости и вечна им слава, со пријателите, со целиот македонски народ кој ја дели оваа болка, нашите молитви се со повредените за нивно најбрзо заздравување. Било, никогаш да не се повтори, наведува Стерјовски.
Националната трагедија во Кочани, додава, се совпадна со мојата кандидатура за пратеник на претстојните парламентарни избори во Албанија, што ќе се одржат на 11 мај годинава. Од почит кон загинатите и во знак на солидарност, не ја објавив мојата кандидатура додека траеа деновите на жалост.
Скопје - Поради одржување на меѓународниот квалификациски фудбалски натпревар меѓу Македонија и Велс на арената „Тодор Проески“ во Скопје денеска ќе има посебен режим на сообраќај.
- СВР Скопје ги известува граѓаните дека денеска со почеток од 20:45 часот поради одржување на меѓународен квалификациски фудбалски натпревар на арената „Тодор Проески“ во Скопје, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот, информираат од МВР.
Од полицијата апелираат до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.