
25 март 2025
Скопје - Од април ќе се исплаќа законски предвидениот минималец или околу 2 200 денари повеќе од сегашната минимална плата, рече денеска премиерот Хртистијан Мицкоски. Според него, доколку следните месеци дојде до договор меѓу работниците и работодавачите за повисок износ, ќе се направат законски измени и дополнително нивелирање.
- Денеска имаме владина седница, разговарав со министерот за економија, ќе поминеме информација. Согласно Законот мислам дека минималната плата ќе се зголеми на ниво од 24 400, така е според Законот. Немаме репрезентативен синдикат во Економско-социјалниот совет, се формираше Комисија која ќе ја утврди репрезентативноста. Се надевам дека наскоро тие што ќе бидат репрезентативни претставници на работниците заедно со работодавачите ќе постигнат консензус, а ние тој консензус ќе го почитуваме. Ако се договарат за поголема сума, ќе го промениме Законот и ќе навлеземе во дополнително нивелирање, истакна Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по поставувањето на камен-темелникот на мега-паркот во Радишани.
Скопје - Сопствениците на локалите ќе добијат онолку време колку што им е потребно за да ги исправат недоследностите и во тој период нема да работат. Но, има и државни објекти меѓу оние што не ги исполнуваат потребните услови за работење, а некои од нив се установи за предшколска возраст, пензионерски домови и училишта кои изминатите три децении не биле реновирани и градени, туку крадени, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски уште еднаш повтори дека ќе одговара секој што го прекршил законот, независно дали лицето е дел од некоја политичка структура или не, и тука, напомена, не смее да има дилеми.
Скопје – Не сум сигурен дека цела опозиција сака предвремени парламентарни избори, но доколку се согласат, ние сме секогаш подготвени за избори, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Прашан во однос на информациите дека во пресрет на локалните избори Арбен Таравари би можел да ја напушти и коалицијата Вреди и владината коалиција, Мицкоски рече дека нема такви информации, и дека владината коалиција функционира одлично.
Скопје - Министерството за економија и труд во наредниот период ќе изготви измени и дополнување на Законот за угостителска дејност во насока проверката на минималните технички услови за работа да се врши пред издавање на лиценцата за работа, како што беше пред 2008 година, најави денеска ресорниот министер Бесар Дурмиши. Министерството, како што рече на прес-конференција во Владата, било задолжено да започне со подготовка на измени на Законот на владината седница одржана на 18 март.
- Овие измени ќе овозможат проверката на минималните технички услови за работа да се врши пред издавање на лиценцата за работа. Со тоа пријавата за исполнување на минималните технички услови за вршење угостителска дејност пред да биде доставена како пропратен документ во барањето за лиценцата ќе треба да има потврда за нејзината веродостојност од Државниот пазарен инспекторат, рече Дурмиши.
Скопје - Екипи од Пластична хирургија веќе денеска најверојатно се стигнати во Кочани, каде што треба да дадат помош на пациентите од Кочани коишто имаат генерално изгореници од прв или втор степен, пуштени на домашно лекување, информираше министерот за здравство Арбен Таравари на денешната прес-конференција.
Целта е, како што појасни министерот, да не доаѓаат до Скопје, туку „нашите екипи од Пластична хирургија да дадат таму, професионална поддршка“.
Скопје - Неколку западноевропски држави понудиле подолгорочна рехабилитација на потешките пациенти, соопшти министерот за здравство Арбен Таравари на денешната прес-конференција, каде информираше за состојбата на пациентите повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март.
Тој рече дека веќе била изразена подготвеност за оние пациенти каде ќе треба „подолгорочна и попрофесионална рехабилитација“.
Штип – Сто и триест психолози се на располагање за психолошка поддршка на учениците, студентите и на граѓаните во општините во Брегалничкиот регион, каде што има починати ученици и блиски во семејствата, како и повредени кои се наоѓаат на лекување, по големата трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Психолозите работат и на терен, но и ја нудат својата поддршка и преку телефонски повици. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска и психолози од Комората на психолози денеска беа во посета на неколку училишта во Штип, меѓу кои и во средното медицинско училиште „Јане Сандански“, каде има загинато тројца ученици, а четворица се повредени.
Министерката Јаневска истакна дека психолозите се најмногу присутни на терен во Кочани но, како што рече, добро е што на почетокот имале 100, а сега се вкупно 130 психолози, кои се присутни меѓу учениците, студентите и децата во градинките во неколку општини во источниот регион.
Скопје - Истражните тимови на Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи вчера и денеска координирано преземаат дејствија за обезбедување докази во истрагата во врска со трагичниот пожар во Кочани.
Како што информира државното Јавно обвинителство, извршени се претреси на пет локации во Кочани и во Скопје, при кои се одземени дополнителни електронски уреди и други докази за кои се издадени наредби за вештачење.
Скопје - Педесет и четиригодишен жител од кавадаречкото село Возарци е приведен поради управување возило под дејство на алкохол со кое вчера излетал од регионалниот пат Кавадарци - Дреново.
Како што соопшти денеска МВР, вчера во 18.05 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека на регионалниот пат Кавадарци - Дреново, патничко возило „фиат стило“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од Б.И.(54) од село Возарци, кавадаречко, излетало од патот.
Скопје - Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со Организацијата за храна и земјоделство на Организацијата на Обединети нации (FAO), денес почна со реализација на активностите во рамки на симулациската вежба за болеста чума кај мали преживари, која ќе се одржи од денес до четврток. Цел на вежбата, на која учествуваат претставници од АХВ, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ветеринарната комора на РСМ, Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје, експерти од Европската унија и членовите на Сојузот на здруженија на одгледувачи на овци ’’Модерен овчар”, е да се утврдат добрите и слабите страни на одговор при евентуална појава на болеста, која е предмет на планови за итни мерки на АХВ.
На Факултетот за земјоделски науки и храна денеска се одржува првиот теоретско-практичен дел од симулациската вежба, а утре, во село Брњарци, општина Гази Баба, ќе се одржи теренскиот дел од вежбата.
Скопје - Серијалот истражувачки стории за тендери во енергетски сектор објавени на емисијата КОД ја добија првата новинарска награда „Никола Младенов“ што ја доделува Македонскиот институт за медиуми. Како второрангирана најдобра истражувачка сторија на конкурсот се избрани серија текстови за Државна Лотарија објавени на Радио Слободна Европа од новинарот Петар Клинчарски. Третата награда ја доби Истражувачката репортерска лабораторија за истражувањето „Украдени животи“.
Наградата најиновативен новинарски производ годинава ја подели тимот на ИРЛ за новинарскиот проект мобилна редакција Кичево и тимот на КОД за видео сторијата посветена на грабнувањето и убиството на малата Вања.
Скопје - Под влијание на циклонска активност до крајот на месецов времето ќе биде променливо облачно со честа појава на повремени врнежи од дожд.
Како што информира УХМР, наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, појава на грмежи и силен ветер, над 70 километри на час, особено од четврток.
Бања Лука - Судот на Босна и Херцеговина денеска потврди дека на лидерот на босанските Срби Милорад Додик му била испратена писмена копија од пресудата со која е осуден на една година затвор и му е изречена мерка шест години забрана за политички активности, па тој и неговата одбрана сега имаат 15 дена да поднесат жалба.
Како што се наведува во соопштението од судот, на адресата на Додик вчера била испратена копија од пресудата, изречена на 26 февруари. Доколку Додик не поднесе жалба во законскиот рок, пресудата автоматски ќе стане правосилна, а потоа ќе има избор да оди во затвор или да побара од судот да му одобри откуп на казната за околу 18 илјади евра.
Стразбур - Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, изрази загриженост поради несразмерната употреба на сила од страна на полицијата за време на протестите во Турција против затворањето на опозицискиот градоначалник на Истанбул и повика на почитување на човековите права, пренесоа француските медиуми.
„Со загриженост ги следам извештаите за непропорционална употреба на сила од страна на полицијата и широко распространетите ограничувања на правото на примање и пренесување информации во Турција поради демонстрациите во последните денови“, рече комесарот О'Флаерти во синоќешната изјава.
Брисел - Европската комисија денеска усвои листа од 47 проекти за зајакнување на домашните стратешки капацитети на суровини, што се очекува да го зајакне европскиот синџир на вредност на суровини и да ги диверзифицира изворите на снабдување.
По повод изработката на оваа прва листа на Нови стратешки проекти, како дел од мерките за спроведувањето на Законот за критични суровини (ЦРМА), извршен потпретседател на Европската комисија за просперитет и индустриска стратегија Стефан Сежурне изјави дека Европа во моментов зависи од трети земји за многу суровини што и се најпотребни, па затоа мора да го зголеми сопственото производство, да ја диверзифицира својата понуда и да создаде залихи.
Париз - Францускиот глумец Жерар Депардје денеска сведочи во судската постапка против него поради обвинувањата за сексуален напад, објавија француските медиуми.
Одговарајќи на наводите за напад на две жени на снимањето на филмот „Зелени ролетни“ (Les Volets Verts) во 2021 година, познатиот француски поранешен кандидат за „Оскар“ рече дека судењето било „многу емотивно“ за него и дека нема да се крие, иако му е тешко. За време на неговото сведочење, Депардје негираше каква било вина, иако призна и неговото однесување е доживувана како „вулгарност“ од некои луѓе.
- Секогаш ми велеа дека имам „руска“ природа - не знам дали тоа е поради пиењето или вулгарноста, рече Депардје.
Киев - Воздухопловните сили на Украина денеска соопштија дека Русија лансирала 139 беспилотни летала и балистичка проектил „Искандер-М“ за време на синоќешниот напад во кој беа повредени две лица и се оштетени магацини.
Воздухопловните сили соборија 78 беспилотни летала, а други 34 не стигнаа до своите цели, се додава во соопштението на Телеграм, без да се прецизира што се случило со преостанатите 27 дронови или со проектилот.
Вашингтон – Откритието дека највисоки функционери на американската администрација случајно вклучиле новинар во групен разговор во кој разговарале за воени планови против Хутите, предизвика жестока дебата во Белата куќа дека советникот за национална безбедност Мајкл Волц треба да биде принуден да поднесе оставка, пишува американското издание на порталот Политико.
Сè уште ништо не е решено, а претставниците на Белата куќа предупредија дека претседателот Доналд Трамп на крајот ќе донесе одлука во следните ден или два, пренесува Фонет.
Ријад - Делегациите на САД и Украина ја завршија втората рунда преговори во Саудиска Арабија, пренесува украинскиот јавен радиодифузен сервис „Суспилне“ повикувајќи се на извор во делегацијата.
Претходно беше соопштено дека украинската делегација поради овој состанок го продолжила престојот во Саудиска Арабија за уште еден ден.
Гитега – Претседателот на Бурунди, Еварист Ндаишимије, изјави за Би-Би-Си дека има сознанија дека Руанда планира напад врз неговата земја.
Ндаишимије, додаде дека Руанда пред десет години, исто така, се обидела да изврши државен удар во Бурунди, споредувајќи го со тоа што Руанда во моментов го прави во Демократска Република Конго.
Руанда возврати наведувајќи дека тврдењата на претседателот се „изненадувачки“, инсистирајќи на тоа дека двете земји соработуваат за безбедносни прашања на нивната заедничка граница, која е затворена повеќе од една година.