
Скопје - Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) и Царинската управа потпишаа Меморандум за соработка, со кој се зајакнува координацијата и размената на податоци за постапките на извоз и увоз на минерални суровини, нафтени деривати, биомаса и други енергенси. Оваа соработка ќе овозможи подобра контрола и ефикасно следење на транспортот на овие ресурси, во согласност со важечките закони и регулативи, соопшти МЕРМС.
Меморандумот го потпишаа министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска и директорот на Царинската управа, Бобан Николовски. Овој документ предвидува редовна размена на податоци на секои три месеци, како и комуникација по потреба со цел навремено информирање за извозно-увозните постапки и можни неправилности.
Скопје– Истрагата за пожарот во Кочани е во тек и ќе одговара секој еден без оглед дали сторил или не сторил одредено дејствие врз основа на кое што ќе може да се извади причинско последична врска со предметниот кривично-правен настан, посочи денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по обраќањето на Јавната дебата по повод Неделата на пешаците во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Многу прашања поврзани со овој случај се отвораат во јавноста, нагласи министерот, но сепак, вели во овој момент носител на самата постапка е јавниот обвинител.
Скопје - Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог и против таткото на Васил Јованов, кој на 29 јануари годинава, управувајќи автомобил без возачка дозвола и под дејство на алкохол, удрил во пешакот Фросина Кулакова на булевар „Партизански Одреди“, која починала на лице место.
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ), соопшти дека во текот на претходната постапка, јавниот обвинител обезбеди докази од кои произлегува дека обвинетиот, 50-годишен скопјанец за кривично дело – Предизвикување општа опасност, во периодот од 04.11.2022 до 30.01.2025 година со општоопасно дејствие предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, свесен дека поради неговите сторувања можат да настапат штетни последици, а сепак лекомислено сметал дека тие нема да настапат.
Скопје – Деловниот центар „Соравиа“ во центарот на Скопје е ставен на извршителска продажба закажана за 24 април годинава поради неисполнети финансиски обврски. Почетната вредност на објектот е 1.377.978.526 денари или околу 22,4 милиони евра.
„Соравиа“ беше во фокусот на јавноста поради контроверзниот процес на промена на сопственичката структура на компанијата што го поседува атрактивниот објект – „Соравиа Инвест“ и влегувањето на внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети, кој оперираше со овој објект.
Дрин Ахмети, кој е основач и сопственик на „Тор индустрис“, компанијата која го купи трговскиот центар „Соравија“, во март годинава преку соопштение информираше дека ќе се повлече од раководната функција. Според соопштението од „Тор индустрис“, новите сопственик е американската компанија „Тексас американ интернешенал холдингс“.
Скопје - Во првите два дена, на 1-ви и 2-ри овој месец, продолжувајќи со засилените сообраќајни контроли на патиштата низ земјава, полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи издале вкупно 1.296 платни налози за сторени прекршоци од страна на учесниците во сообраќајот по однос на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
-Притоа, заради неправилно паркирање евидентирани беа 393 прекршоци, 196 за возење со брзина поголема од дозволената, потоа изречена е 101 мерка за управување на возило без возачка дозвола и дури 199 санкции за прекршоци што ги сториле пешаци, информираат денеска од МВР.
Будимпешта - Унгарија денеска објави дека ќе започне процедура за повлекување од единствениот постојан меѓународен суд во светот за воени злосторства и геноцид. -Унгарија ќе се повлече од Меѓународниот кривичен суд (МКС), изјави во кусото соопштение шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Гергели Гујас. Тој додаде дека „Владата денеска ќе започне постапка за повлекување, во согласност со уставната и меѓународната правна рамка“.
Изјавата беше дадена за време на посетата на Унгарија на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, против кого МКС издаде налог за апсење за војната во Појасот Газа.
Киев - Украинската министерка за економија, Јулија Свириденко, изјави денеска дека новите американски царини претставуваат значителен товар, но не и критична закана за украинската економија.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа најави царини од најмалку 10 отсто за увозот од сите земји, додека за стоката од Европската Унија царинската стапка ќе изнесува 20 отсто.
„Што значат новите американски царини за Украина? Товар се, но не и критични“, напиша Свириденко на социјалната мрежа Икс.
Париз - Францускиот премиер Франсоа Бајру изјави денеска дека царинските мерки што ги воведе Доналд Трамп претставуваат економска катастрофа за светот и ќе создадат сериозни потешкотии за Европа. - Ова не е само проблем за Европа – овие царини ќе бидат катастрофални и за самите САД и за американските граѓани, нагласи Бајру во изјава за медиумите, пренесуваат БФМТВ и „Ле Фигаро“.
Францускиот премиер остро ја критикуваше американската политика, обвинувајќи ја администрацијата во Вашингтон дека им врти грб на своите сојузници.
Брисел - Јасно кажавме дека остануваме во НАТО и ја поддржуваме алијансата, сакаме НАТО да биде силен и поживописен, да има повеќе капацитети, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио по неговото пристигнување во седиштето на пактот во Брисел за учество на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО.
-САД се во НАТО и активни, како и секогаш. Хистеријата во медиумите, вклучително и во САД, е неоправдана, додаде тој, во врска со шпекулациите за можно повлекување на САД од алијансата. Богатите земји се способни да направат повеќе, инсистира Рубио на прашањето за трошоците за одбраната. „Имаме потреби и дома, но приоритет ни е одбраната и го очекуваме истото од нашите партнери“, додаде тој.
Брисел - НАТО е посветен на обезбедување на стабилноста на Западниот Балкан, порача денеска генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте при пристигнувањето на средбата на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Пактот во Брисел, на која учествува и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
- Заедно со нашите пет сојузници - Црна Гора, Северна Македонија, Словенија, Хрватска и Албанија, работиме да обезбедиме задржување на стабилноста на Западниот Балкан, истакна Руте.
Според него, како што јави дописникот на МИА од Брисел, показател за ваквата посветеност на НАТО на регионот се и неговите неодамнешни посети на Сараево и Приштина, како средбата во Брисел и разговорите со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Брисел - Европските берзански индекси денеска паѓаат откако американскиот претседател Доналд Трамп воведе реципрочни царини на повеќе од 180 земји и територии ширум светот, вклучувајќи царина од 20 отсто за стоки увезени од Европската унија и 10 отсто за стоки од Велика Британија. Администрацијата на Трамп, која го прогласи 2-ри април за „Ден на ослободувањето“, исто така воведе царини од 25 отсто на целиот увоз на автомобили од странско производство, пренесува Си-Ен-Би-Си.
Според американскиот претседател, тој датум „засекогаш ќе биде запаметен како денот кога се прероди американската индустрија“.
Вашингтон, 3 април 2025 (МИА) - Американскиот министер за финансии Скот Бесент денеска изјави дека САД не воведуваат царини за увоз на стоки од Русија и Белорусија, бидејќи производите од овие земји не се испорачуваат на американскиот пазар. „САД не тргуваат со Русија и Белорусија бидејќи тие се под санкции“, рече тој во изјава за Фокс њуз.
Американскиот портал забележува дека САД сè уште тргуваат повеќе со Русија отколку со некои од земјите на списокот на царини, што синоќа ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп, како што се Маурициус или Брунеи.