• четврток, 15 мај 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

Скопје - Напорно се работи за да пристигнат дефицитарните лекови, информираат денеска од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО).- Постапката е завршена од страна на ЈЗУ УК за радиотерапија и онкологија. Управна контрола во Бирото за јавни набавки е завршена во рекорден рок. Моментално тече рокот за жалби и предметот на јавна набавка во моментот е во Државната комисија за жалби по јавни набавки, појаснуваат од клиниката.

Истакнуваат дека тимот за јавни набавки на оваа клиника напорно работи да ги заврши сите процедури во најбрз можен рок, за да може да се попишат договорите со дистрибутерите и лековите да се достават на клиниката до крајот на неделава. Од клиниката за МИА појаснуваат дека во постапка се вкупно 40-тина ставки, вклучувајќи ги и оние што моментално се дефицитарни.

Скопје - Седумнаесеттото издание на ЛИДЕР Проектот, едукативна програма за млади професионалци, идни менаџери и претприемачи од Македонија, стартуваше денеска. Обуката се реализира во организација на Македонија2025, во соработка со престижната бизнис-школа „Ричард Ајви“ од Канада.

Млади професионалци од цела Македонија ќе имаат можност да учествуваат во  интензивната двонеделна обука, креирана според МБА програмите на „Ајви“, и прилагодена да одговори на реалните предизвици со кои се соочуваат стартапите, малите и средни претпријатија, но и идните менаџери во корпоративниот сектор.

Скопје - Државниот завод за ревизија (ДЗР) констатира повеќе системски слабости во работата на Бирото за развој на образованието, кои ги објавува во извештајот за Извршената ревизија на регуларност за 2024.

Според ДЗР, за раководење на Бирото е именуван в.д. директор кој ја извршувал функцијата над пет години, извршени биле исплати за надоместоци за надворешни соработници врз основа на правилници кои се донесени во претходниот период, чие усвојување е во надлежност на министерот за образование и наука, а конкурсите кои се распишуваат за избор на надворешни соработници содржат критериуми кои овие лица треба да ги исполнуваат, кои се различни од критериумите наведени во интерните акти.

Скопје - На регионален пат Тетово-с.Јажинце, на влез за тетовското село Теарце, вчера во 15.00 часотполициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово го лишиле од слобода Е.А.(28) од с.Порој, тетовско.

Од МВР денеска информираа дека тој управувал патничко возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки со брзина од 103 км на час на место каде максималната дозволена брзина е 50 км на час во населено место.

Ватикан – Ватикан утрово ги објави првите фотографии од телото на папата Франциск. Папата Франциск е положен во едноставен дрвен ковчег, со бројаница меѓу рацете, митра на главата и облечен во црвена литургиска одежда, еден ден откако почина од последици од мозочен удар во неговиот апартман во Домот Света Марта.

Покрај ковчегот се наоѓаат швајцарската гарда и кардиналот Пјетро Паролин. Телото на папата Франциск сè уште се наоѓа во Домот Света Марта, каде што закрепнување по повеќе од еден месец поминат во римската болница Гемели, поради пневмонија.

Ватикан – Ватикан соопшти дека погребот на папата Франциск ќе се одржи в сабота, 26 април во 10:00 часот по локално време.

Папата Франциск во својот последен тестамент потврдил дека сака да биде погребан во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим, а не во базиликата Свети Петар во Ватикан, каде што е последното почивалиште на многу негови претходници.

Киев – Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на погребот на папата Франциск, пренесе Би-Би-Си, цитирајќи извор од претседателството во Киев.

Изворот наводно изјавил за агенцијата АФП дека кабинетот на Зеленски „ја подготвува посетата на претседателот на Рим за да се прости од понтифот“. Погребот на папата Франциск ќе се одржи на 26 април во 10:00 часот по локално време.

Киев - Во текот на ноќта Русија лансираше 54 беспилотни летала, од кои 38 беа соборени, додека останатите 16 не стигнаа до целите. Регионите на Одеса и Киев беа нападнати во текот на ноќта, а во утринските часови започна нова непријателска операција, соопшти денеска Военото воздухопловство на вооружените сили на Украина.

Според извештајот на Авијацијата на вооружените сили на Украина, Русите синоќа нападнале со 54 нападни беспилотни летала (UAV), а зоните за лансирање биле Милерово, Курск, Брјанск, Приморско-Ахтарск (Русија) и Чауда (Крим).

Москва - Рускиот претседател Владимир Путин посочи дека е отворен за можноста за директни разговори со Украина.Тој денеска за руската државна телевизија изјави дека има „позитивен став кон сите мировни иницијативи“ и дека се надева дека Киев „ќе се чувствува на ист начин“. Москва и Киев не одржаа билатерални разговори од непосредно по руската инвазија во февруари 2022 година, но САД го зголемуваат притисокот врз нив да се согласат на примирје.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека коментарите на Путин, по истекот на 30-часовното велигденско примирје, за кое секоја страна ја обвини другата за кршење, значат дека тој е отворен за директни разговори.

Брисел - Руски агенти користеле православна црква во чешкиот град Карлови Вари за одржување тајни состаноци и организирање операции за влијание, чија цел била дестабилизација на Европската Унија, соопшти чешката разузнавачка Безбедносна информативна служба (БИС). 

Според сознанијата на БИС, оперативци на руската воена разузнавачка служба ГРУ одржувале тајни состаноци во црквата „Свети Петар и Павле“ во Карлови Вари, од кои некои биле директно поврзани со непријателски активности против земјите членки на ЕУ. 

Женева - Светската организација за заштита на природата (WWF) денеска по повод Денот на планетата Земја соопшти дека постојниот систем за производство на храна, според најновиот Извештај за состојбата на планетата, користи околу 40 отсто од површината погодна за живот на планетата и дека нерационалното производство и отпадот од храна ја уништуваат планетата.

„Денот на планетата Земја оваа година се слави во светло на еден од најважните христијански празници, Велигден. Бидејќи празниците често ги поврзуваме со претерано уживање во храната, светската организација за заштита на природата WWF предупредува дека еден од начините за зачувување на здравјето на сите нас, но и на Земјата е рационалното производство и консумирање, како и спречување на фрлање храна“, се наведува во соопштението.

Исламабад – Најмалку 14 лица загинаа кога мал камион што превезувал земјоделски работници паднал во ендек во јужен Пакистан, соопшти полицијата во вторникот.

Меѓу загинатите има работници и нивни семејства, седум мажи, три жени и четири деца. Уште 20 лица се повредени во несреќата што се случила во областа Џамшоро во провинцијата Синд доцна во понеделникот, изјави локалниот полицаец Абдул Азиз Косо.

Сеул - Јужна Кореја успешно го лансираше четвртиот воен шпионски сателит од вселенската база на Флорида во Соединетите Американски Држави, соопшти денеска јужнокорејското Министерство за одбрана. Во соопштението се наведува дека со лансирањето на новиот сателит, официјален Сеул се обидува да ги зајакне своите независни способности за следење на Северна Кореја, пренесува агенцијата Јонхап.

„Шпионскиот сателит полета според планираното со транспортна ракета во понеделникот во 20:48 часот по американско време од вселенското пристаниште Кејп Канаверал на Флорида и беше лансиран во орбитата во 21:03 часот, помалку од 15 минути по полетувањето“, се вели во соопштението на јужнокорејското Министерство. 

 

Остани поврзан