• четврток, 15 мај 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

 23 април 2025

Скопје – Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од денеска до 26 април ќе учествува на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка коишто се одржуваат во Вашингтон.

Како што соопшти Министерството за финансии, учеството ќе биде можност министерката да оствари средби со високи претставници на ММФ и СБ, на кои ќе ги претстави остварувањата и идните планови за фискалната политика и реформските чекори што ги презема Владата во управувањето со јавните финансии, а со цел одржување макроекономска стабилност.

Димитриеска-Кочоска ќе оствари средби со извршниот директор во ММФ Јерон Клик, директорот на Европскиот оддел во ММФ Алфред Камер и шефот на Мисијата на ММФ за РС Македонија Анет Кјоб. Воедно, ќе се сретне и со претставници од Одделот за фискални прашања при Меѓународниот монетарен фонд. 

Скопје - Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводат делегацијата којашто ќе ја претставува нашата земја на Пролетните средби на групацијата на Светската банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), што се одржуваат во Вашингтон, САД. Во состав на делегацијата учествуваат и вицегувернерите Фадил Бајрами и Ана Митреска, информираат од Народната банка.

Гувернерката и вицегувернерите веќе оствариле средба со претставници на Федералните резерви на Њујорк ‒ најголемата банка во американскиот ФЕД. Разговарале за уште подобра соработка, особено за плаќања и трансакции во долари, како и за начините за управување со државните хартии од вредност. Се зборувало и за заедничка работа во области како што се монетарната политика, управувањето со девизните резерви и ризиците и новите трендови во банкарството.

Скопје - На Меѓународен Аеродром Скопје државјанин на Обединети Арапски Емирати родум од Индија се обидел да криумчари во државата 76 парфеми. Патникот при пристигнување во државата се определил на зелен канал при што поради сомневање е селектиран на царинска контрола. При контролата во двата куфери кои ги носел со себе се пронајдени парфеми со потекло од Дубаи коишто патникот не ги пријавил, информираат денеска од Царинската управа.

Во друг случај на Меѓународен Аеродром Скопје при контрола на патник кој требало да патува со лет на релација Скопје – Лондон – Лутон биле пронајдени 260 пакувања од по 50 грама тутун.

Од Царинската управа информираат дека возач на камион се обидел во државата преку граничниот премин Табановце да шверцува соларен инвертер. Во обидот е спречен од Службата за мобилен скенер која при извршената контрола утврди дека во кабината има неправилности по што е извршен и физички преглед кога е пронајден соларниот инвертер.

Скопје - Пожари на отворен простор во последното деноноќие имало вкупно шест, од кои активен сè уште е пожарот на градската депонија во Демир Хисар, но е под контрола, информира утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК). Како што известил ЈКП Комуналец Демир Хисар, на гасење на пожарот од 13 часот интервенираат пет пожарникари и две противпожарни возила. 

-Во гаснењето учествуваат и пет работници и една градежна машина од ЈКП Комуналец Демир Хисар, а побарана е дополнителна помош од приватен субјект со уште една градежна машина. Пожарот опфаќал горење автомобилски гуми и појава на густ црн чад. Пожарот  засега е под контрола, нема проширување на останатиот дел од депонијата меѓутоа поради појава на ветер гаснењето е отежнато. Пожарот е се уште активен неговото гаснење ќе продолжи и во текот на денешниот ден, соопшти ЦУК.

Скопје - СВР Охрид поднесе кривична пријава против поранешниот директор на Центарот за култура – „Григор Прличев“ во Охрид Г.С.(48), поради постоење основи  на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.

Како што соопшти денеска МВР, во периодот на 2023 година, во својство на директор на Национална установа - Центар за култура – „Григор Прличев“ во Охрид, за време на одржување на фестивал на народни песни и игри 2023 година, за сместување на 72 лица, од туристичка агенција им била издадена фактура во износ од 387.450 денари. По извршените проверки било утврдено дека во книгата на евиденција биле запишани 48 лица, при што е констатирано дека националната установа, претставувана од пријавениот, била оштетена за износ од 151.290 денари. 

Приштина – За денеска е закажано петтото продолжение на конститутивната седница на косовскиот Парламент, а политичката блокада околу конституирањето на косовското Собрание се заканува да се продлабочи, бидејќи партиите остануваат непоколебливи во своите позиции, јави Бета.

Движењето Самоопределување се уште инсистира на кандидатурата на Аљбуљена Хаџиу за претседател на Собранието, додека опозицијата одбива каков било компромис доколку не се смени името на кандидатот.

Софија – Многу е важно кога зборуваме за 100-те дена на оваа влада да имаме предвид дека таа ја усвои својата програма, буџет и помина низ две гласања за недоверба, кои беа против јасната политичка цел што си ја постави оваа влада, која е формулирана и која ќе се следи до нејзината успешна реализација, изјави бугарскиот премиер Росен Жељазков на почетокот на редовната владина седница.

Жељазков им рече на министрите дека за нив е важно многу јасно да ги следат визијата и приоритетите што самите си ги поставиле во програмата за управување. Тој ги советуваше администрацијата да биде извршител на нивната политичка визија.

Анкара – Турција забрани планирани породувања со царски рез, кои не се медицински оправдани, во приватните здравствени установи според новите правила што Министерството за здравство ги објави минатата недела, пишува Turkish Minute.

Оваа одлука, која предизвика остри критики од опозициските политичари и организациите за заштита на човекови права, следеше по жестока национална дебата за практиките на породување. Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган веќе долго време го промовира она што го нарекува „природно породување“ и ги критикува високите стапки на царски рез во земјата.

Ватикан - Телото на папата Франциск пред неговото изложување во базиликата Свети Петар, каде верниците ќе имаат можност да оддадат почит, привремено е балсамирано за да ги издржи топлите временски услови во Рим, изјавија експерти.

„Телото на Францис беше подложено на процес на привремено балсамирање познат како танатопраксија“, рече Андреа Фантоци, основач на италијанскиот Национален институт за танатопраксија (ИНИТ).

Тој појасни дека тоа вклучува вбризгување на презервативни течности низ циркулаторниот систем и естетска нега на лицето и рацете, додавајќи дека целта е да се забави процесот на природно распаѓање.

Берлин - Ескалирачкиот трговски спор меѓу САД и Кина се повеќе ги погодува германските компании кои работат во Кина, се наведува во студијата објавена од Германската стопанска комора (ГТЦ) во Пекинг, јави ДПА.

Според истражувањето, 86 отсто од анкетираните компании се изјасниле дека биле засегнати од тарифите. Максимилијан Бутек, извршен директор и член на одборот на East China Railway Co., Ltd., ја нарече ситуацијата „загрижувачка“, велејќи дека спорот најверојатно ќе ги забрза напорите за локализација на германските компании.

Франкфурт – Германија е особено зависна од Кина кога станува збор за ретки земјени метали, и во 2024 година увезла 3.400 тони, или 65,5 отсто од вредните суровини од таа земја, соопшти денеска германскиот завод за статистика Дестатис.

Иако ова е намалување од 69,1 проценти увезени од Кина во 2023 година, кога вкупниот обем на увоз беше поголем, некои елементи, вклучувајќи ги неодимиум, прасеодимиум и самариум, кои се користат за постојани магнети во електрични мотори, на пример, беа речиси целосно снабдувани од Кина, пренесе ДПА.

Во целата Европска Унија, 46 проценти од увозот на ретки метали потекнува од Кина, а потоа следат 28,4 тсто од Русија и 19,9 отсто од Малезија.

Киев - Русија синоќа ја нападна Украина со 134 беспилотни летала, соопшти денеска украинското воздухопловство.

Силите за противвоздушна одбрана соборија 67 беспилотни летала, а други 47 беа пренасочени со средства за електронско војување, се вели во соопштението на украинските воздухопловни сили објавено на Телеграм. Се соопштува и дека нападите синоќа предизвикале штети во шест украински региони.

Киев - Руската армија уништи клучен енергетски објект во Херсон со артилерија и беспилотни летала, што може да предизвика прекини во снабдувањето со електрична енергија, најави шефот на регионалната воена управа во тој град, Александар Прокудин.

„Русите повеќе од еден ден масовно напаѓаат една од најважните компании на нашата енергетска инфраструктура, со што уште еднаш цинично ги прекршуваат сите договори“, објави Прокудин на Телеграм, пренесе Укринформ.

Како што наведе, артилериските и нападите со беспилотни летала траеле цела ноќ, а и покрај обидите на украинските сили да го одбранат објектот, руските војници до утрото го уништиле.

Њујорк - Скулптура на швајцарскиот уметник Алберто Џакомети (1901 - 1966) би можела да достигне цена од повеќе од 70 милиони американски долари (околу 61,5 милиони евра) на претстојното наддавање во Њујорк, соопшти вчера аукциската куќа „Сотби'с“.

Уметничкото дело „Голема тенка глава“ (Grande tête mince), создадено во 1955 година, според аукционерите, го прикажува братот на Џакомети - Диего.

Њујорк  - Хјуман рајтс воч го обвини Израел дека за време на неговата отворена војна со Хезболах во есента 2024 година извршил неселективни воздушни напади, давајќи го примерот на едно село во источен Либан каде што загинаа 33 цивили.

Договорот за прекин на огнот постигнат на 27 ноември стави крај на повеќе од една година непријателства, вклучително и двомесечна отворена војна, меѓу Израел и проиранската организација Хезболах, во кои беа убиени повеќе од 4.000 луѓе.

Ријад - Саудиска Арабија и Индија се договорија да ја зајакнат соработката во енергетскиот сектор, вклучително и во снабдувањето со сурова нафта и течен природен гас, јави саудиска новинска агенција, повикувајќи се на заедничка изјава.

Саудиска Арабија е најголемиот извозник на нафта во светот, додека Индија е трет најголем потрошувач и увозник на суровина. Индискиот премиер Нарендра Моди ја посети Саудиска Арабија на покана на престолонаследникот Мохамед бин Салман ал Сауд.

Газа - Палестинската цивилна одбрана денеска соопшти дека најмалку 17 лица загинале во израелските напади во Појасот Газа. Во напад врз училиште во градот Газа, каде се верува дека се сместени раселени лица, загинаа 11 лица, а 17 се ранети.

„Меѓу загинатите има жени и деца’, изјави портпаролот на Цивилната одбрана, Махмуд Басал.Четири лица загинаа кога израелската армија гаѓаше куќи во источниот дел на Појасот Газа, соопшти Цивилната одбрана. Во напад врз куќа во Џабалија, на северот, загина едно дете, а едно лице загина во напад во Кан Јунис.

 

Остани поврзан