• сабота, 21 јуни 2025
МИА Општински пул

14 мај 2025 

Битола - Осум монодрами од исто толку држави во Европа и две македонски монодрами се селектирани за 26 издание на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола.

Фестивалот свечено ќе биде отворен в сабота со претставата „Д (Како Дездемона )“ во режија и кореографија на Рисима Рисимкин, а до 23 мај на повеќе сцени ќе настапат актерки и актери што ќе конкурираат за наградата Гран при и други фестивалски признанија.

Велес - Во Службата за [колска превентивна медицина при Здравствен дом Велес, во тек се систематските здраствени  прегледи за идните првачиња, кои започнаа на 5 мај и ќе траат до 20 август годинава. Во овој перод здравствениот тим на оваа служба треба да прегледа вкупно 700 деца родени во 2019 година, од градот и Општина Велес, како и од општините Градско и Чашка, а кои од септември треба да седнат во училишните клупи. Лекарите специјалисти  и медицинските сестри дневно вршат по 15 прегледи со претходно закажување за термин.

Д-р Тања Самаракова раководител на Службата за школска превентивна медицина информира дека од досега извршените медицински  прегледи, забележани се дечиња кои имаат рамно стопало, мали свиткувања кон внатре или надвор, како вродени деформитети, а коишто можат да се корегираат со лекарски прегледи кај специјалисти ортопеди и  со носење на ортопедски помагала. 

Штип - Во приградската населба Три Чешми во Штип наредните денови ќе се реализираат три инфраструктурни проекти, на барање на граѓаните, информираше на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Тој посочи дека од денеска се уредуваат  тротоарски површини, асфалтирање на три улици и ќе се работи на  ново игралиште со вештачка трева, детско катче. На влезот во населбата ќе се уреди тротоарска површина со павер елементи, со цел поголема безбедност за пешаците. Дополнително ќе се работи на уредување и реконструкција на патната инфраструктура, како и на подобрување на условите за децата. За овие активности од страна на општината се издвоени речиси пет милиони денари.

Кавадарци - „Рапсодија“ во чаша полна љубов е насловена изложбата на дела од ликовниот уметник Владимир Темков, што утревечер ќе биде отворена во  Македонската академија на науките и уметностите, информираа попладнево од тимот на кавадаречкиот автор. Притоа беше соопштено дека изложбата на дела од Темков, кој е носител на највисокото државно признание награда „11 Октомври“ за животно дело, ќе ја отвори академик Влада Урошевиќ. Самостојната изложба на слики од овој циклус ќе биде отворена во ликовниот салон со почеток во 20 часот. 

- Владимир Темков е дипломиран професор по ликовна култура. Роден е во Кавадарци во 1959 година, потекнува од работничко семејство. Основно образование завршува во основното училиште „Страшо  Пинџур“, средно уметничко и Педагошка академија во Скопје, а Факултет за ликовни уметности - отсек графика и магистерски студии - отсек сликарство завршува на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, информираа од тимот на Темков.

Куманово - Општина Куманово денеска го додели договорите за финансиска поддршка на осум здруженија и правни лица кои ќе реализираат проекти од областа на здравствена и социјална заштита. Пет здруженија добија финансиска поддршка за реализација на програмата за спроведување на општите мерки за заштита на населението од заразни болести за 2025 година, Здружение на дијабетичари, Здружение на виши и средни медицински сестри, техничари и акушерки, Центар за ромска заедница ДРОМ, здружение „Мајка“, невладино здружение „Љинда“.

- Беше спроведената постапка за јавен повик за финансиска поддршка во спроведување на превентивно – промотивни активности за унапредување на здравјето, преку кампањи од областа на здравствена заштита на здруженија и други правни лица на територија на Општина Куманово. Граѓаните ќе добијат бесплатни услуги совети. За оваа програма одвоени се сто илјади денари, изјави раководителот на секторот за социјална заштита Александар Крстевски.

Струмица - Нов Организациски одбор на Струмичкиот карневал треба да се избере до средината на идниот месец откако преку јавни дебати ќе се утврдат критериумите за избор на нови членови, а одлуката треба да ја донесе Советот на Општина Струмица.

Ова е заклучокот од денешната прва јавна дебата за избор на членови на ОО на Струмичкиот карневал. На неа учествуваа граѓани, членови на карневалски групи, претставници на институции и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

Охрид - Поради поставување сообраќајна сигнализација и сообраќајна опрема на автопатот во изградба Охрид - Кичево, поставена е девијација на дел од делницата на потезите Песочани-Требеништа и Ново Село-Ботун. На тие делници сообраќајот се одвива по левата коловозна лента гледано од правецот Кичево-Охрид.

Истовремено, поради интензивирање на градежните активности на крстосницата и надвозникот кај селото Подмоље, на потегот од селото се до Охрид сообраќајот ќе се одвива по регионалниот (стариот пат) Охрид-Струга.

Дојран - Продолжува традицијата на одржување на познатиот фестивал „Д-фест“ во Дојран, но сега со ново име „Дојран Д-фест“, откако се прекина успешната долгогодишна соработка со претходната продукција, објави градоначалникот на Дојран, Анго Ангов. Годинашното 15 издание, ќе се одржи на 25, 26 и 27 јули, а Фестивалот ќе биде во ист формат и стил како и досега.

- Ќе има камп зона, во градскиот парк ќе има две сцени со целодневна програма, а главната сцена ќе биде на паркингот на „Гранит“ каде ќе настапат познатите музички имиња. Засега договорени се Сенида, ДЏ Мосел, ДЏ Диволи, ДЏ Никифор, ДЏ Јоргос. Со тек на време ќе бидат објавувани и другите артисти кои ќе настапат на овој фестивал кој треба да прерасне и во балкански, информираше Ангов.

Штип - Доколку правилно се пренесува, никогаш нема да биде загрозено опстојувањето на македонскиот јазик, порача Луси Караниколова-Чочоровска универзитетски професор на Филолошки факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип на  денешната тракалезна маса во Штип. На настанот по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик присуствуваа универзитетски професори, лингивисти и студенти од штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“. Караниколова-Чочоровска истакна дека имаме стабилен систем, но треба да се негува, посебно во време кога имаме постојан наплив од странски зборови.

-Никогаш не треба да се плашиме за иднината на нашиот јазик, меѓутоа како сенешто  и на јазикот му треба постојано негување, имајќи предвид дека тоа е жив организам, жива материја, којашто потојано прима нешто ново, нешто исфрла. Меѓутоа опстојувањето на македонскиот јазик, според мене никогаш нема да биде загрозен, доколку правилно се пренесува, вели Караниколова-Чочоровска.

Скопје - Во Гинеколошката болница „Мајка Тереза“ во Чаир денеска била донирана медицинска опрема. Од Општина Чаир велат дека станува збор за нешто вредно што ќе ги подобри условите за пациентките.

- Донацијата вклучува 10 лабораториски столици за вадење крв, што ќе придонесат за олеснување и зголемување на ефикасноста на секојдневните медицински процедури, се наведува во денешното соопштение на локалната самоуправа. На примопредавањето на донацијата, присутни биле градоначалникот Висар Ганиу, директорката на болницата Пранвера Изаири, директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди, како и пратеничката Мерита Коџаџику.

Тетово - Во Тетово почнаа градежни работи за реконструкцијата и проширувањето на примарната водоводна мрежа во населбата Вонвардарска во должина од 2600 метри. На настанот присуствуваа градоначалникот на Тетово, Биљал Касами и министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити. Оваа инвестиција од над 15 милиони денари е дел од проектите финансирани преку потпрограмата АА - Инфраструктурни проекти во општините за 2024 година од страна на Владата на Република Северна Македонија и целосно обезбедени како грант средства од Владата.

-Се работи за една сериозна инвестиција можеби за првпат се инвестира од институциите тука во случајот соработка меѓу Владата и општината во ова населба за проект кој се работи нели за снабдување со вода. Се работи за проектот 15 милиони денари траншата од 2024 од таканаречениот Унгарски кредит а со кои ние го решаваме конечно проблемот со водоснабдување за овој дел на Тетово. Се работи за проект кој е во рамките на студијата која е направена од општина Тетово за подобрување на водоснабдување каде има заклучоци дека треба да се инвестира во делот на снабдување со вода и во делот на инвестирање на нова мрежа и подобрување на постојната мрежа, изјави градоначалникот Касами.

Битола - Основното јавно обвинителство Битола побара од Основниот суд во Битола да донесе одлука за определување привремена мерка – замрзнување на паричните средства во износ од околу 3 милиони евра од банкарска сметка на правното лице Друштво за производство, трговија и услуги РУД-КОП увоз-извоз ДООЕЛ Битола, бидејќи постои основано сомнение дека парите се стекнати како незаконска корист од кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластувања.

Од ОЈО Битола соопштија дека постапувајќи по жалба на правното лице, Кривичниот совет на Основниот суд во Битола донел решение со кое ја преиначил одлуката на судијата на претходна постапка и дозволил одмрзнување на паричните средства, а во замена е определена мерка – забрана за располагање и оттуѓување на недвижен имот и моторни возила во сопственост на правното лице. За одлуката на Кривичниот совет на битолскиот суд, ОЈО Битола ниту беше известено, ниту имаше право на жалба. Одлуката за одмрзнување на паричните средства била донесена дури 2 месеци по изјавената жалба на правното лице и на истиот ден кога Основното јавно обвинителство Битола во Судот поднесе обвинение против 10 лица за злоупотреби при јавни набавки за избор на фирма за ископ на јаловина во РЕК Битола преку кои постои сомнение дека била стекната значителната имотна корист. Со обвинението се предлага одземање на таа корист доколку биде донесена осудителна пресуда. Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола смета дека со донесеното решение на Кривичниот совет за одмрзнување на паричните средства се оневозможува односно се прави целосно неизвесна идната евентуална конфискација на овие парични средства како директна имотна корист од кривичното дело, нагласуваат од ОЈО Битола.

Скопје - Основното училиште „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче добива нова спортска сала. На денешното поставување камен - темелник присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески.

Градоначалникот Митески појасни дека проектот е финансиран од Министерството за образование и наука и изнесува 30 милиони денари. Тој рече дека за првпат ова училиште во Долно Лисиче по 70 години од неговото формирање, добива нова спортска сала. Митески најави и решавање долгогодишен проблем во Долно Лисиче - комплетна реконструкција на водоводната мрежа.

Тетово - По најавеното напуштање на Владата на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари секторот здравство останува во рамки на „Вреди“ и нема најави за рокади на министерските места. Ова беше одговорот на Биљал Касами, претседател на Движење Беса денес во Тетово на новинарски прашања околу можните промени по најавеното заминување на Таравари.

Комбинациите кои се прават во однос на поделба на одговорностите за водење на владата се прават со политички договор, но и согласно капацитетите кадрите кои ги имаат одредени партии кои се дел од владината коалиција. Министерството за здравство беше побарано од нас и поради тоа што, член на досегашната коалиција беше Арбен Таравари. Тој го побара тоа како ресор, а сега со неговото заминување ние како „Вреди“ сме подготвени да разговараме и за такви комбинации, но нема преговори во делот на Владата за рокади и во моментот, сè додека нема нова ситуација, сите позиции кои беа досега остануваат во „Вреди“, истакна Касами од настан во Тетово.

Дебар – На граничниот премин „Блато“ на албанско – македонската граница, кај Дебар, албанската гранична полиција привела жител на Тирана, при обид да шверцува 412 литри гориво, од Македонија во Албанија.

- Полициски службеници од полициската станица за граничен премин и граничен надзор, при контрола на возилото „Мерцедес Бенц“, откри 17 канистери наполнети со 412 литри бензин и дизел, кои П.Ч.(54) жител на Тирана се обидувал да ги внесе во нашата земја, без да ги пријави. Горивото е запленето како материјален доказ, заедно со возилото, додека неговиот возач, е лишен од слобода. Тој ќе одговара за кривично дело „Криумчарење стока што подлежи на акциза“, стои во полициското соопштение.

Кочани - Во спортската сала на ОУ „Никола Карев“ во Кочани денеска свечено беа отворени Малите олимписки игри на основните училишта од државата, чиј организатор е Федерацијата за училиштен спорт на Македонија во соработка со Сојузот за училиштен спорт на Кочани.

Домаќини на игрите, што ќе траат два дена, се училиштата од Кочани и Делчево, а учесници се најдобрите екипи од 26 основни училишта кои ќе се натпреваруваат во футсал, кошарка, одбојка, ракомет, атлетика и фудбал во машка и женска конкуренција.

Скопје - Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, вчера присуствуваше на одбележувањето на празникот Свети Еремија, во рамки на кое се одржа и Меѓународниот детски фестивал „Цветови“. Настанот се одржа кај манастирот посветен на светецот, каде што со звуците на детската песна, фолклорот и богатата културна програма, се испрати порака на единство, пријателство и духовна поврзаност.

- Со особена чест и радост денес ве поздравувам овде, на ова големо културно случување – Меѓународниот детски фестивал „Цветови“, кој веќе две децении ги обединува децата и културите од целиот свет преку игра, песна и традиција.

Скопје - Поради дефект на приклучна водоводна цевка од ф 1” (цол) на ул.„Козле“ крак 7 бр.9 , денеска со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од населбата средно Нерези.

Водоснабдувањето, како што соопшти, ЈП Водовод и канализација - Скопје, ќе биде прекинато од 11:25 часот до завршување со работните активности. 

 

Остани поврзан