• сабота, 21 јуни 2025
МИА Флеш

14 мај 2025 

Скопје - Под влијание на влажен бран, утре кон крајот на денот, во текот на ноќта кон петок и во петок најпрвин во западните, а потоа и во останатите делови, ќе има обилни врнежи од дожд (над 30 литри на метар квадратен). На повисоките планини ќе има услови за повремен снег.

Утре, како што соопшти УХМР,  ќе дува умерен до засилен југоисточен, а во петок северен ветер (над 60 километри на час), особено вдолж Повардарието. Дневните температури значително ќе опаднат. Во деновите од викендот и во понеделник ќе има услови за слаб локален дожд, а.дневните температури повторно ќе бидат во пораст.

Скопје - Науката за Владата е многу важна и е еден од столбовите на државноста, затоа за оваа година, споредено со 2024 година, за двојно е зголемен буџетот за науката, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

- Науката ни е многу важна. Покрај физичкото образование, се разбира дека и науката е еден од столбовите на државноста и многу значаен сегмент, бидејќи без силна наука - нема иднина. Јас доаѓам од науката, од високообразовна институција, на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Можам со задоволство да кажам дека оваа година, споредено од 2024 година, речиси двојно е зголемен буџетот за науката и за проектите што се дел од науката. Ако минатата година тоа беше нешто над 5,5 милиони евра, некаде околу 340 милиони денари, сега е некаде околу 660–670 милиони, 680 милиони денари, одговори премиерот на новинарско прашање, по поставување камен - темелник за спортска сала во Долно Лисиче

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања рече дека во периодот што следува ќе бидат номинирани нови имиња на местото на Алијанса за Албанците, крило на Арбен Таравари, кои излегоа од владината коалиција.

-На редовниот Извршен комитет синоќа разговаравме за актуелната економска и политичка состојба во државата, очекувам до крајот на месецот да излезам пред членовите на ИК со предлози за кандидати за градоначалници, па оттаму тоа ќе оди на Централен комитет. Членовите на ИК ме овластија во периодот којшто следи да номинираме нови имиња кои ќе ги заменат имињата на оние коишто одлучија да одат во прегратките на Али Ахмети и на ДУИ односно од партијата на Арбен Таравари, рече Мицкоски по поставување камен-темелник на училишна спортска сала во подрачен објект на ОУ „Гоце Делчев“ во село Долно Лисиче, Општина Аеродром. 

Скопје -  Доколку се утврди драстично зголемување на цените на прехранбените производи на крајот на месецов ќе бидат применети мерки кои ќе траат до крај на годинава, најави денеска премиерот Христијан  Мицкоски. 

Одговарајќи на новинарски прашања, дали поради поплаките од граѓаните за поскапувања на прехранбените производи ќе се чека извештајот од контролите на цените на прехранбените производи што ги спроведува Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), откако на 30-ти минатиот месец завршија владините мерки за скалести маржи, Мицкоски рече дека нема таква информација според бројките што му ги претставил пред два дена ресорниот министер. Мицкоски порача и дека нема да се толерираат трикови  во кои, како што рече, „преку прокси правни лица ќе се изнесуваат пари под плаштот на маркетинг и пи-ар услуги, а со тоа практично ќе се плаќа маржата на одредени маркети“. 

Скопје - Европската гаранција за деца како механизам на ЕУ за спречување на сиромаштијата и социјалната исклученост е особено релевантна за Северна Македонија каде секое трето дете живее во сиромаштија. Ова е значително повисока стапка од општата стапка на сиромаштија кај вкупното население. Особено ранливи се Ромите, децата што живеат со еден родител и оние што живеат во семејства со три и повеќе деца. Податоците за сиромаштијата кај децата се алармантни и укажуваат на потребата од итни и ефективни мерки, рече денеска министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани.

Скопје – Судскиот совет на РСМ на денешната седница донесе одлука за времено упатување на судијата Емине Калач од Основниот суд Велес во Основен суд Кочани. Таа во наредните два месеци треба да ја подобри работата на судот во постапување кривичниот оддел на судот, каде има зголемен обем на работа под трагичните случувања во Кочани.

Во образувањето на судијата известител Исамедин Лимани и координатор на кочанскиот суд на 522 седница на Советот беше наспоменато дека во кочанскиот суд има недостиг од судии кривичари, а во моментов заради случајот со трагичниот настан има потреба од зајакнување на капацитетите за работата.

Скопје -  Премиерот Христијан Мицкоски најави дека до крајот на неделата ќе има јасна позиција кој ќе добиое поддршка за нов гувернер на Народната банка и оти изборот ќе биде на пленарна седница во Собранието на 20 мај. Еден од условите за поддршката од ВМРО-ДПМНЕ  и Владата, како што изјави денеска, е стриктно бранење на фиксниот курс на денарот.

Петгодишниот мандат на актуелната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска која стапи на функцијата на 22 мај 2018 година, истекува на 21 мај, а Мицкоски уверува дека рокот ќе биде испочитуван.

Дебар – На граничниот премин „Блато“ на албанско – македонската граница, кај Дебар, албанската гранична полиција привела жител на Тирана, при обид да шверцува 412 литри гориво, од Македонија во Албанија.

- Полициски службеници од полициската станица за граничен премин и граничен надзор, при контрола на возилото „Мерцедес Бенц“, откри 17 канистери наполнети со 412 литри бензин и дизел, кои П.Ч.(54) жител на Тирана се обидувал да ги внесе во нашата земја, без да ги пријави. Горивото е запленето како материјален доказ, заедно со возилото, додека неговиот возач, е лишен од слобода. Тој ќе одговара за кривично дело „Криумчарење стока што подлежи на акциза“, стои во полициското соопштение. 

Битола - Основното јавно обвинителство Битола вчера одново побара од Основниот суд во Битола да донесе одлука за определување привремена мерка – замрзнување на паричните средства во износ од околу 3 милиони евра од банкарска сметка на правното лице Друштво за производство, трговија и услуги РУД-КОП увоз-извоз ДООЕЛ Битола, бидејќи постои основано сомнение дека парите се стекнати како незаконска корист од кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластувања од член 353 од Кривичниот законик.

Како што соопшти денеска Обвинителството, постапувајќи по жалба на правното лице, Кривичниот совет на Основниот суд во Битола донел решение со кое ја преиначил одлуката на судијата на претходна постапка и дозволил одмрзнување на паричните средства, а во замена е определена мерка – забрана за располагање и оттуѓување на недвижен имот и моторни возила во сопственост на правното лице.

Скопје - Царинската управа во текот на изминатите денови спречила повеќе обиди за криумчарење лекови, стоматолошки материјали, очила со диоптер, поголема количина цигари, мотоцикл, УПС уреди за напојување со електрична енергија и друга стока. Од почетокот на годинава до сега севкупно на ниво на цела царинарница Гевгелија запленети се 700 штеки цигари.

Како што денеска соопштија од Царинската управа, бил спречен обид за криумчарење лекови на граничниот премин Деве Баир. Запленети се пет парчиња ампули Genotropin GoQuick од 12 mg што се употребуваат при недостаток на хормонот за раст, 50 вијали Dysport, раствор за инјектирање, што се употребуваат при цервикална дистонија и други медицински цели, чиј внес во државата подлежи на посебни дозволи од надлежни институции и истиот е строго регулиран.

Атина – За владините реформи и закрепнувањето на грчката економија, премерот на Грција Киријакос Мицотакис беше одликуван со златен медал на Фондацијата „Лудвиг Ерхард“ во рамките на годишната конференција на Економскиот совет на Христијанско-демократската партија (ЦДУ), јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис рече дека наградата му припаѓа на грчкиот народ и посочи дека постоеше период кога Грција честопати се сметаше, за „проблематично дете на Европа“, но и дека била оспорена способноста за реформи, а „дури и беше доведено во прашање местото во европското семејство“.

Рим - Папата Лав Четиринаесетти изјави денеска дека е подготвен да посредува меѓу лидерите на земјите кои се во војна, наведувајќи дека тој лично „ќе направи сè за да владее мирот“.

Новиот поглавар на Католичката црква, кој минатата недела ја презеде должноста водач на 1,4 милијарди католици низ целиот свет, им се обрати на верниците собрани во салата Павле Шести во Ватикан на настанот посветен на јубилејната 2025 година и 23 источни католички цркви.

„Од Светата земја до Украина, од Либан до Сирија, од Блискиот Исток до Тиграј и Кавказ, колку насилство гледаме. Давам збор дека ќе направам сè за да владее мирот“, рече папата и ја повика толпата да се моли за мир.

Рим - Италија бележи рекордно ниска стапка на наталитет, што има многу негативно влијание врз пазарот на производи за деца, а компаниите се принудени да се прилагодат на новата старосна структура на земјата. 

Минатата година во Италија се родени само 370.000 бебиња, што е најнизок број во историјата, а оваа земја со стапка на фертилитет од 1,18, што е под нивото на проста репродукција на населението, се соочува со една од најдлабоките демографски кризи во Европа. 

Келн - Работниците во погоните на американскиот производител на автомобили „Форд“ во градот Келн, западна Германија, го почнаа својот прв штрајк, додека синдикатот се противи на предвидените кратења на работни места.

Управата на „Форд“ има намера да укине 2.900 работни места до крајот на 2027 година. Во европските погони на автопроизводителот работат 11.500 луѓе, што е веќе, всушност, помалку од 20.000 кои работеле таму во 2018 година. Штрајкот во двете фабрики, коишто беа основани во 1930 година, треба да заврши утре наутро, по последните ноќни смени и има за цел притисок врз раководството да ги преиспита плановите за намалување на трошоците.

Лондон - Британската луксузна модна компанија „Барбери“ (Burberry) објави планови за намалување на потенцијални 1.700 работни места низ целиот свет, како дел од напорите за намалување на трошоците за персонал и враќање на луксузниот моден бренд во профит.

Предлозите ќе намалат околу 20 отсто од нејзината глобална работна сила. Компанијата соопшти дека ја зголемува својата цел за намалување на трошоците на 100 милиони фунти (133,4 милиони долари) заштеди годишно до финансиската 2027 година.

Анкара – Во Истанбул вчера се приведени 97 студенти кои протестираа поради конференцијата на исламскиот проповедник Нуредин Јилдиз во кампусот на Универзитетот Богазичи.

Студентите протестираа поради учеството на проповедникот Јилдиз, кој има контроверзни ставови за раните бракови. Конференцијата била во организација на Студентскиот клуб на Универзитетот.

Вкупно 97 студенти се приведени откако се обиделе да ја преминат полициската блокада на кампусот, при што се повредени 13 полицајци откако паднале во петметарска градежна дупка за време на судирите.

Анкара - Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, американскиот претседател Доналд Трамп, саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман и сирискиот претседател Ахмед ал-Шара одржаа видео-конференција.

На онлајн состанокот, турскиот претседател изјави дека одлуката на Трамп за укинување на санкциите против Сирија е од историско значење. Според Ердоган, одлуката на САД ќе биде пример за другите земји што воведуваат санкции.

Брисел – Европската комисијата ја зема предвид денешната одлука на Општиот суд на ЕУ во врска со барањето за пристап до документи, во која се оценува дека „требало да даде подетално објаснување во својата одлука дека не ги поседува бараните документи“ и внимателно ќе ја проучи, по што ќе реши за следните чекори, соопшти денеска ЕК. 

Соопштението претставува реакција на денешната пресуда на Општиот суд дека Европската комисија ги прекршила правилата за транспарентност на ЕУ со тоа што го одбила барањето на новинар за пристап до текстуалните пораки меѓу претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла за набавката на вакцини против Ковид-19 за Унијата.   

Брисел - По повод третиот циклус на Национално определени придонеси (НДЦ) кон Парискиот договор, кои требаше да бидат поднесени од земјите на почетокот на 2025, Мрежата на климатска акција на Европа (CAN Europe), презентира сет препораки со кои ги повикува Владите на Западен Балкан да ги зголемат своите климатски амбиции и да претстават сеопфатни, инклузивни, партиципативни ажурирани Национално определени придонеси. 

Доколку се развијат правилно, овие планови би можеле да обезбедат основа за праведна енергетска транзиција и одржлив развој, во согласност со целта за задржување на зголемувањето на температурата не повеќе од 1,5 степени Целзиусови од Парискиот договор, стои во соопштението на Мрежата на климатска акција на Европа.

Хаг – Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС) Карим Кан е под сè поголем притисок поради извештаите кои дополнително укажуваат на сериозноста на обвиненијата за сексуално недолично однесување кои против него ги изнесе помлад колега, јави Еуроњуз.

Кан, кој е главен обвинител на МКС од 2021 година, е обвинет дека присилил асистентка во хотелска соба во Њујорк во декември 2023 година, според извештај на Волстрит Џурнал.

Вашингтон - Предупредување за ненадејни поплави е издадено за делови од северозападен Мериленд, каде што обилните дождови предизвикаа поплави и ги принудија властите да евакуираат две основни училишта.

Најкритични подрачја беа Вестернпорт, Лук и Бартон, во округот Алегани, каде што наврнаа до 13 сантиметри дожд, а количината на врнежи достигна брзина од 2,5 до пет сантиметри на час, пишува Еј-Би-Си Њуз.

Ријад – Американскиот претседател Доналд Трамп, на покана на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, денеска се сретна со сирискиот претседател Ахмед ал-Шара, соопшти портпаролката на Белата куќа Каролин Ливит.

На средбата течефонски се приклучил и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Ердоган го поздравил Трамп за укинувањето на санкциите против Сирија и се обврзал да работи заедно со Саудиска Арабија за да поттикне мир и просперитет во Сирија.

Техеран - Иран ќе се сретне во Истанбул со дипломати од Франција, Велика Британија и Германија за да разговараат за можноста за нов нуклеарен договор меѓу Техеран и Вашингтон, изјави иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, откако разговорите закажани за 2 мај беа одложени. 

Арагчи рече дека четвртата рунда разговори меѓу Иран и САД минатата недела била тешка, фокусирана на спорното прашање за збогатувањето на ураниум. Тој изрази надеж дека САД ќе заземат пореален став откако ќе покажат поголемо разбирање за главните аргументи на Иран. 

Газа - Најмалку 48 лица, меѓу кои и 22 деца, загинаа синоќа во серија израелски воздушни напади врз куќи во северниот дел на Појасот Газа, соопшти индонезиска болница во Џабалија. 

Нападите се случија еден ден откако Хамас ослободи израелско-американски заложник, по интервенцијата на САД и во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп е во посета на Саудиска Арабија. 

Мелбурн - Австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг откри дека има посебни правила за справување со американскиот претседател Доналд Трамп, додавајќи дека тој бара поинаков пристап од вообичаениот, објавија денеска австралиските медиуми.

Таа нагласи дека нејзината администрација има многу поинаков поглед на улогата што ја игра Америка во светот.

Вонг потенцира дека кога Трамп беше избран за претседател на Соединетите Американски Држави, вообичаените правила не важат за него.

Тагови

Остани поврзан