• четврток, 15 мај 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

  23   април 2025

 

Скопје - Собранието денеска ќе ги продолжи 41-та и 43-та седница.  

Скопје - Потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, од вчера е во дводневна работна посета на Обединетото Кралство, каде ќе оствари работнa средбa со Герет Томас, министер за бизниси, извоз и услуги, средба со министерот за Европа, Стефан Доти, како и со Дејм Карен, специјален пратеник на премиерот на Велика Британија за Западен Балкан. Исто така предвидени се средби и со претставници од бизнис заедницата во Лондон.  

Скопје - Во Собранието денеска ќе се одржи меѓународна Конференција „Поврзување на политиката и праксата: Зајакнување на парламентарниот надзор во промоција и заштита на човековите права“. 

Како што се посочува во најавата за настанот, оваа меѓународна конференција е замислена на едно место да ги собере националните парламентарци, граѓанските организации, владините претставници и меѓународните експерти. Таа има цел да го премости јазот помеѓу политиката и практиката преку создавање наменски форум за дијалог.

Скопје -  Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски и пратеникот Бране Петрушевски, денеска ќе извршат увид во градежните активности на регионланиот пат Р1104 Куманово транзит (улица „Никола Тесла“).

Скопје - Форум за енергетика и технологија помеѓу Чешка и Северна Македонија ќе се одржи денеска во Скопје.

На покана на Чешката асоцијација за рударска технологија,  првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити ќе се обрати на Форумот, кој е организиран во соработка со Министерството за индустрија и трговија на Република Чешка.

Скопје - Тркалезна маса „Зелени пратенички групи на Западен Балкан – средба со Транспортната заедница“ ќе се одржи денеска во Скопје во организација на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и Зелените пратенички групи на Западен Балкан.

Денешната тркалезна маса е втора средба меѓу Зелените парламентарни групи од регионот и Транспортната заедница, со цел да се разменат најновите транспортни Aquis и транспортните обврски од Зелената Агенда.

Скопје - Раст на македонската економија од 3,2 проценти за годинава  и за следната  2026 година прогнозира Меѓународниот монетарен фонд во најновиот извештај. Стапката на инфлација, според ММФ, годинава ќе изнесува 3,4 отсто, а следната година 2,2 проценти. 

Во регионот, за Србија е прогнозиран раст од 3,5 отсто, Албанија, 3,8 отсто, Косово, 4 отсто, Црна Гора, 3,2 отсто, БиХ, 2,8 отсто. 

ММФ во најновиот извештај ги намали прогнозите за економски раст за 2025 година, истакнувајќи оти зголемените царини и општата неизвесност ќе доведат до „значително забавување“.

Скопје - Известители задолжени за Постмониторинг дијалогот на Република Северна Македонија со Советот на Европа денеска ќе го посетат Собранието каде ќе се сретнат со претседателот на законодавниот дом кој воедно е и претседател на Уставната комисија Африм Гаши и со членовите на неколку собраниски комисии и тела, како и со координаторите на пратеничките групи.

Дебар - Амбасадорите на Албанија и на Италија во нашата земја, Денион Меидани и Паоло Палминтери вчера биле во посета на Дебар и Гостивар, објави Меидани синоќа на Фејсбук.

Во Дебар, амбасадорите се сретнале со градоначалникот  Хекуран Дука, со кого разговарале за „предизвиците и потенцијалот на развојните проекти кои можат да се поддржат на локално ниво".

Скопје - Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува денеска со почеток во 10 часот во Основен Кривичен суд Скопје со сведочење на обвинетиот Љупчо Палевски. Претходното рочиште беше одложено поради отсуство на бранителот на Палевски, адвокат Јовица Страшевски.

Судијата Ивица Стефановски тогаш информираше дека добил поднесок од бранителот на Палевски, адвокат Страшевски, со медицинска документација и барање за одложување. Судијата посочи дека ова е прво вакво барање, но доколку се повтори во иднина ќе назначи адвокат по службена должност.

Скопје - Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во февруари годинава изнесува 43 053 денари, објави Државниот завод за статистика (ДЗС).

Во февруари годинава, во однос на февруари минатата година, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен е повисока за 9,6 проценти.

Скопје - Вкупното количество собран комунален отпад во државава во 2024 година изнесува 637 471 тон и споредено со 2023 година, бележи зголемување од 2.5 проценти. Зголемувањето, како што објави Државниот завод за статистика, се должи на зголемениот број населени места вклучени во системот за колективно собирање отпад.

Најголемо количество собран комунален отпад е забележано во Скопскиот Регион – 180 729 тони или 28.4 проценти од вкупното собрано количество. Од вкупното количество собран комунален отпад,  535 606 тони или 84 проценти се собрани од домаќинствата, а останатите 16 проценти од правни и физички лица (комерцијален отпад). 

Скопје - Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска организира настан по повод модернизација и опремување на Лабораторијата за производни технологии и процеси со нова опрема, којашто на трајно користење му е отстапена од компанијата ЛТХ Леарница Охрид.

Отстапувањето на индустриска опрема за лабораторијата од страна на ЛТХ Леарница Охрид е донација во вредност од 72 илјади евра и е во насока на унапредување на практичната настава за студентите.

Скопје - Здружението на бармени на Македонија денеска ќе го организира 16. Државно првенство на бармени.

Натпреварот ќе се одржи во хотел „Мериот“ во Скопје. Ќе почне претпладне со квалификации, а финалето ќе биде од 18 часот.

Победникот на натпреварот ќе ја претставува државава на Светското првенство на бармени кое ќе се одржи во ноември во Колумбија.

Скопје - Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип денеска организира настан на тема „Вештачка интелигенција во функција на наставата“.

-Обуката ќе ја води д-р Марина Василева Конел, водечки ЕдТех СТЕМ стратег од Проектот на Азиската развојна банка, од Единбург, Шкотска, Велика Британија, соопшти УГД-Штип. 

Скопје - Во кафе-книжарницата „Буква“ вечер од 19 часот  ќе биде промовиран романот„Јод“ од Снежана Младеновска Анѓелков, издание на „Или-или“.

Како што соопшти издавачката куќа, романот е „критика на современото општество, а истовремено и моќен глас во копнежот по чесност, вистинољубивост и праведност“.

Скопје - Националната и универзитетска библиотеката „Св. Климент Охридски“ - Скопје денеска  ќе го одбележи Светскиот ден на книгата и авторското право, прогласен од УНЕСКО во 1995 година.

На настанот ќе биде прочитана светската порака за книгата од Одре Азуле, генерален директор на УНЕСКО, како и македонската порака која годинава ја напиша проф. д-р Славица Велева.

Рим – Телото на папата Франциск утрово во процесија ќе биде донесено од Домот Света Марта, неговата резиденција во Ватикан, до базиликата Свети Петар за да им се овозможи на верниците да се простат од починатиот поглавар на Католичката црква.

Се очекува десетици илјади луѓе да му оддадат последна почит во Свети Петар пред неговиот погреб во сабота на кој се се очекува да присуствуваат и светски лидери.

Досега само кардиналите, членовите на Куријата и вработените во Ватикан можеа да се простат од починатиот понтиф во Домот Света Марта.

Женева – Одлуката на администрацијата на Трамп да ја намали американската помош за развој ја принуди Светската здравствена организација (СЗО) да се реструктуира.

Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, им рече на членките дека организацијата се соочува со јаз во платите за 2026-2027 година од 560 до 650 милиони долари.

- Ненадејниот пад на приходите ни остави голем јаз во платите и немаме друг избор освен да го намалиме обемот на нашата работа и работна сила, рече тој.

Њујорк - Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, остро го осуди вчерашниот напад врз туристи во индискиот дел на Кашмир, во кој загинаа најмалку 26 лица, изјави неговиот портпарол.

„Генералниот секретар нагласува дека нападите врз цивили се неприфатливи под никакви околности“, додаде тој, изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите во вооружениот напад.

Њујорк - Шефот на агенцијата на ОН за помош во храна во Етиопија, Златан Милишиќ, издаде остро предупредување дека милиони луѓе во оваа земја се наоѓаат на работ на „катастрофа“, објави Би-Би-Си.

Милишиќ објави дека поради недостиг на финансии, Светската програма за храна (WFP) „е принудена од следниот месец да ја прекине својата работа“ поврзана со повеќе од половина милион неухранети жени и деца.

Тел Авив - Израелската влада сподели, а потоа избриша објава со сочувство на социјалните мрежи за смртта на папата Франциск, без да ја наведе причината за тоа, јавија денеска британските медиуми.

Израелските медиуми го поврзаа ваквиот потег со критиките што покојниот папа Франциск ги упати кон раководството на еврејската држава поради војната во Газа.

„Почивај во мир, папа Франциск. Нека неговиот спомен биде благослов“, беше објавена во понеделникот проверениот налог „@Israel“ на платформата Х, покрај сликата на папата додека тој беше во посета на Западниот ѕид во Ерусалим.

Мадрид - Шпанија ќе успее да издвои два отсто од БДП за армијата и со тоа да ги исполни стандардите на НАТО, изјави денеска шпанскиот премиер Педро Санчез.

Санчез рече дека владата ќе го зголеми воениот буџет за 10,5 милијарди евра, за да се постигне целта на НАТО од два отсто од БДП издвоен за овие цели.

Шпанија минатата година потроши најмалку од сите членки на НАТО за одбрана, иако претходно вети дека ќе го достигне стандардот на НАТО до 2029 година.

Тел Авив – Израелската војска денеска соопшти дека „најверојатно успешно пресретнала“ ракета истрелана од Јемен кон Израел.

Поради лансирањето на ракетата, прогласена е воздушна тревога во Хаифа и уште неколку места во северниот дел на Израел

- Пресретнувачот е лансиран кон проектилот и веројатно успешно го пресретнал, објави армијата на Телеграм.

Вашингтон - САД денеска очекуваат одговор од Украина за рамката за мир, која вклучува американско признавање на Крим како дел од Русија и неофицијално признавање на руската контрола врз речиси сите области окупирани по инвазијата во 2022 година, според извори директно запознаени со предлогот, информира „Аксиос“.

Вашингтон - Американскиот државен секретар Марко Рубио нема да учествува денеска на мировните преговори за Украина во Лондон, потврди синоќа Белата куќа.

Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, рече дека Рубио бил зафатен, пренесе ДПА.

-Во конкретниов случај, тој нема да присуствува на состаноците во Лондон, рече таа на брифинг за медиумите, додавајќи дека „ова не е изјава за средбите, туку е изјава за логистички прашања во неговиот распоред“.

Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека има „право“ да ги депортира мигрантите без судење по наредбата на Врховниот суд на САД изминатиот викенд со која привремено се блокираше депортацијата на десетици Венецуелци.

Американската влада ги обвинува спорните Венецуелци дека се членови на криминалната организација Трен де Арагуа и требало да ги депортира користејќи го Законот за странски непријатели од 1798 година, контроверзен и претходно ретко користен закон кој му дозволува на претседателот да депортира странци за време на војна или инвазија.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп верува дека САД напредуваат кон трговски договор со Кина, соопшти синоќа Белата куќа, пренесе ДПА.

-Го прашав претседателот за ова пред да излезам овде. И тој сакаше да споделам со сите вас дека работиме многу добро во однос на потенцијалниот трговски договор со Кина, рече портпаролката на Белата куќа Каролин Левит на прес-конференција.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп ќе ги посети Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) од 13 до 16 мај, изјави синоќа портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.

Таа рече и дека Трамп ќе отпатува во Италија на само еден ден на погребот на папата Франциск.

„Претседателот ќе замине од Вашингтон во петок наутро и ќе се врати во сабота навечер“, посочи Левит.

Трамп изјави дека ќе биде придружуван од сопругата Меланија. Портпаролката не даде дополнителни детали за маршрутата во Италија.

Вашингтон - Технолошкиот милијардер Илон Маск изјави синоќа дека планира да поминува значително помалку време работејќи за американскиот претседател Доналд Трамп, откако неговиот производител на електрични автомобили пријави намалување на профитот.

Посочи дека ќе го насочи својот фокус кон управувањето со „Тесла“ од мај.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не планира да го смени претседателот на Федералните резерви Џером Пауел, но сака пониски каматни стапки, а тие негови изјави би можеле да ги намалат тензиите што се појавија околу иднината на шефот на Американската централна банка.

Москва - Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека плановите на германските власти да му забранат на рускиот амбасадор во Берлин да присуствува на церемонијата по повод 80-годишнината од поразот на нацистичка Германија се израз на „отворена русофобија“ и покажува „знаци на неонацизам“.

Во коментар за рускиот весник „Известија“, Захарова одговори на пишувањата на германските медиуми во која се наведува дека Министерството за надворешни работи на Германија ја разгледува можноста за забрана на рускиот амбасадор да учествува на настанот Денот на победата над фашизмот.

Пекинг - Кина побара од јужнокорејските компании да не извезуваат производи што содржат кинески ретки метали во американски компании кои работат за американската воена индустрија, објави "Korea Economic Daily", повикувајќи се на владини извори.

Кинеските власти предупредуваат дека корејските фирми кои ќе ја прекршат забраната може да се соочат со санкции, јавија британските медиуми.

Пораката, наводно, била доставена во форма на писма до компаниите кои произведуваат трансформатори, батерии, дисплеи, електрични возила, воздушна и медицинска опрема.

Пекинг - Трговските и царинските војни ги поткопуваат „правата и легитимните интереси на сите земји, му штетат на мултилатералниот трговски систем и влијаат на светскиот економски поредок“, изјави кинескиот претседател Си Џинпинг за време на средбата со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, кој е во официјална посета на Пекинг.  

Остани поврзан