
22 април 2025
Скопје - Претседателката Гордан Сиљановска Давкова, по смртта на папата Франциск на својата Фејсбук страница напиша дека по четириесетината минути незаборавен разговор, ќе го памети по исклучителниот ум, мудрост, топлина и едноставност.
-Како народен папа, му го честиташе на христијанското семејство Христовото воскресение и утринава мирно си замина во вечноста. Јас пак, по четириесетината минути незаборавен разговор, ќе го помнам по исклучителниот ум, мудрост, топлина и едноставност, порача Сиљановска Давкова.
Скопје - Во текот на празничните денови од 18-ти до 21 април продолжувајќи со континуираните сообраќајни контроли на патиштата низ земјава, полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи издале вкупно 2252 платни налози за сторени прекршоци од страна на учесниците во сообраќајот, претежно по однос на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Притоа, како што информираат од МВР, заради неправилно паркирање евидентирани биле 308 прекршоци, 1018 заради возење со брзина поголема од дозволената, а дури 254 учесници во сообраќајот управувале возило без возачка дозвола.
Скопје - Пратениците на Левица денеска во Собранието на Република Северна Македонија поднесоа предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик. Со предложените измени се бара удвојување на рокот за застарување на кривичните дела, како и проширување на листата на дела што нема да застаруваат, особено оние поврзани со економски криминал и злоупотреба на службената положба.
Целта на предлогот, како што соопшти пратеникот Амар Мециновиќ, е да се зајакне казнената политика и да се овозможи поефикасно гонење на сторителите, без разлика кога ќе биде откриен самиот чин.
Скопје - Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат, информираат од Регулаторната комисија за енергетика.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,212 ден/кг и сега ќе изнесува 36,780 ден/кг.
Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 73,50, ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 71,50, а ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) ќе се продваат по 64,00 денари за литар.
Скопје - Податоците од најновото издание на Атласот со податоци за состојба со дијабетес во светот покажуваат дека во нашата држава, согласно податоците на преваленца за состојба на опфат на граѓани од 20 до 79-годишна возраст, констатирано е дека во 2024 година се 140.800 лица со дијабетес. Тоа е 7.4 проценти возрасна стандардизирана преваленца на дијабетес, подвлекуваат денеска од Сојузот на здруженија на дијабетичари на Северна Македонија.
Скопје - Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) објави намера за спроведување постапка на јавен тендер со јавно наддавање за нов мрежен оператор во државава, а на барање на „Оне Македонија телекомуникации“, фирмата што унгарската телеком-компанија „4иГ“ ја регистрираше во државава по објавата за влез на македонскиот телекомуникациски пазар.
- По сопствена иницијатива и врз основа на пристигнатo барање од Друштво за телекомуникациски услуги ОНЕ МАКЕДОНИЈА ТЕЛЕКОМУНИКАЦИИ ДООЕЛ Скопје број 0805-1103/1 од 16.04.2025 година, Агенцијата за електронски комуникации објавува намера за спроведување постапка на јавен тендер со јавно наддавање за издавање на ограничен број на одобренија за користење на радиофреквенции со цел да овозможи јавна расправа по објавениот број на одобренија за користење на радиофреквенции, стои во објавата од АЕК.
Тетово - Претседателот на Движење Беса, Биљал Касами од Тетово денеска информираше дека во текот на неделата партиите кои ја сочинуваат коалицијата „Вреди“ ќе именуваат вкупно 23 свои претставници за претседателство кое ќе се формира за новата партија со истото коалициско име. Тоа претседателство ќе формира и статут, според кој ќе се избира претседател и партиски тела.
Скопје - Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, денеска одржа работна средба со претставници на „Скопски саем“, на која дискутираа за потребата и важноста од изградба на нов саемски комплекс во Скопје.
На средбата, како што информираат од СОЗР, биле разгледани можностите за локација, инфраструктурни услови и иновации кои би го направиле новиот саемски простор конкурентен на регионалните и меѓународните пазари.
Скопје - ТАВ Македонија, операторот на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, доби сертификат Great Place To Work® (“Одлично место за работа”), како глобален репер за „избран работодавач од вработените“ којшто компаниите се стремат да го постигнат.
- Сертификатот Great Place to Work® се доделува врз основа на обемен процес на евалуација кој вклучува темелна анализа на политиките, практиките на работното место и анонимни повратни информации од самите вработени, соопшти денеска ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми.
Македонска Каменица - Поради сообраќајна несреќа на излезот од Македонска Каменица, сообраќајот од Македонска Каменица кон Делчево моментално е во прекин.
Според првичните информации до несреќата дошло по судир на две возила.
На терен е увидна екипа од МВР, од каде дополнителни информации најавија во текот на денот.
Скопје - Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам го сподели Јавниот повик на Глобалниот фонд за вклучување и отпорност на заедницата (ГЦЕРФ) на кој можат да аплицираат невладини организации.
ГЦЕРФ е фонд кој поддржува проекти во врска со спречување на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот во повеќе држави, вклучително и во Република Северна Македонија. Во таа насока се остварува тесна соработка и со Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам.
Скопје - Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ), Оливера Трајковска упати Телеграмата со сочувство по повод смртта на Светиот отец папата Франциск која ја упати до Светиот престол и до Католичката црква во Македонија, информираат од Комисијата.
Скопје - Во организација на Националната опера и балет - Мала сцена, со поддршка на Министерството за култура и туризам, вечерва ќе започнат „Денови-те на македонски короеграфи“ со две премиери на Скопје танцовиот театар.
Дебар – Познатото македонско древно светилиште, Бигорски манастир, во деновите пред и за време на празникот на Христовото воскресение-Велигден, традиционално беше преполн со верници, но овој пат нив ги имаше многу повеќе.
Знаејќи дека Велигден во Бигорски се прославува најторжествено, како никогаш до сега на воскренската Велигденска литургија присуствуваа над 5 илјади верници, од нашата и од соседните земји, што е двојно повеќе споредено со изминатите години.
Македонска Каменица - Во Македонска Каменица денеска се организира Велигденски хуманитарен базар.
Дел од собраните средства ќе бидат донирани за поддршка на социјално загрозените семејства во Македонска Каменица. Според градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски
кој учествуваше во настанот ова е силна порака дека хуманоста и солидарноста живеат меѓу нас, благодарение на најмладите.
Белград - Група судии и јавни обвинители „Да ја одбраниме професијата“ денеска побара, имајќи ги предвид студентските барања поврзани со судството, до крајот на месецот да се одржат седници на највисоките правосудни органи – Врховниот суд, Врховното јавно обвинителство, Високиот судски совет и Високиот совет на обвинителството, за која ќе се расправа актуелната состојба во судството, јави дописникот на МИА од Белград.
Рим - Телото на папата Франциск утре изутрина би можело да биде преместено во базиликата Свети Петар за верниците да можат да му оддадат почит, најави портпаролот на Ватикан Матео Бруни.
На првиот состанок на конгрегацијата на кардиналите беше одлучено погребот на папата да се изврши во сабота, а по последната желба на понтифот тој ќе биде погребан во папската базилика Санта Марија Маџоре, на ридот Есквилин, околу еден километар оддалечен од Колосеумот.
Папата Франциск почина вчера на 88-годишна возраст.
Брисел – Од синоќа во 22 часот во организација пет белгиски синдикати се одржува нов 24-часовон штрајк на вработените во Националната железница на Белгија (СНЦБ/НМБС).
Како што соопшти СНЦБ/НМБС, поради штрајкот денеска ќе сообраќаат три петтини од сите возови во Белгија, поради што им се препорачува на граѓаните пред да заминат на патување да се информираат за тоа кои железнички линии ќе функционираат во текот на денот.
Дамаск - Шест години по поразот на терористичката група Исламска држава во Сирија, повеќе од 100 граѓани на Босна и Херцеговина кои директно или преку членови на семејството биле поврзани со исламистички групи, сè уште живеат во оваа земја, а никој не знае кога и како овие лица ќе се вратат во земјата на потекло.
Дури 118 граѓани на БиХ се уште престојуваат во бегалските кампови во Сирија. Според податоците на Министерството за безбедност на БиХ, кои денеска ги објави бањалуќкиот весник „Независне новине“, 52 од нив се полнолетни, односно 22 мажи и 30 жени, заедно со 66 малолетници, односно нивните деца.
Тбилиси - „Грузија со цело срце го поздравува мировниот договор меѓу Азербејџан и Ерменија и ја потврдува својата подготвеност да придонесе за зајакнување на мирот и соработката во регионот“, рече грузиската министерка за надворешни работи Мака Бочоришвили на прес-конференција со генералниот секретар на ОБСЕ Феридун Синирлиоглу, објавија грузиските јавни медиуми (ГПБ).
Бочоришвили ја изрази искрената желба на Грузија да ги зајакне мирот и стабилноста во Јужен Кавказ.
Москва - Планот на американскиот претседател Доналд Трамп за ставање крај на војната во Украина ќе биде вклучен во руските учебници, изјави Владимир Медински, помошник на претседателот на Руската Федерација и еден од авторите на учебникот и претседател на Руското воено историско друштво.
„Извонредните напори што ги прави новата американска администрација за да се обиде разумно да го реши конфликтот во Украина и, воопшто, неверојатните трансформации во американската внатрешна политика на кои сега сме сведоци, несомнено ќе се појават на страниците на учебниците и од руската историја и од светската историја кога ќе се подготви следното издание“, рече Медински.
Вашингтон - Во мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина се размислува за создавање заедничка комисија за следење на прекинот на огнот, пишува „Њујорк пост“.
Оваа комисија би вклучувала претставници на Украина, Русија и земја која не е членка на НАТО.
Иако деталите од мировниот договор сè уште не се утврдени, висок функционер на администрацијата на Трамп за „Њујорк пост“ изјави дека тие детали може да вклучуваат распоредување на европски сили во Украина, доколку се постигне прекин на огнот.
Техеран - Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи ќе ја посети Кина на 23 април на покана на кинеската страна, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
Двете страни ќе разговараат за билатералните односи, како и за меѓународните и регионалните жаришта кои предизвикуваат општа загриженост, изјави портпаролот на кинеското Министерство Гуо Џиакун на редовната прес-конференција.
Пекинг - Кинеското Министерство за надворешни работи денеска упати сочувство за смртта на папата Франциск, во кое истакна дека Кина и Ватикан во последните години одржуваа „конструктивни контакти“.
Како што е соопштено од кинеското МНР, засега нема информации кој од Кина би можел да присуствува на погребот на папата, закажан за сабота.
Денвер – Српскиот кошаркар на Денвер нагетс, Никола Јокиќ, забележа трипл-дабл во вториот натпревар од првото коло од НБА плејофот против Клиперс (102:105).
Србинот на натпреварот одигран во утринските часови имаше 26 поени, 12 скока и 10 асистенции.
Јокиќ го забележа својот 19-ти трипл-дабл во НБА плеј-офот, трет најдобар резултат во историјата.
Резултатот во серијата Денвер – ЛА клиперс е 1:1 во трката прв до четири победи.
Повеќе од Јокиќ во оваа статистичка категорија имаат само Леброн Џејмс (Лејкерс, 28) и Меџик Џонсон (30).