2 мај 2025
Кавадарци - Регионален Центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство беше отворен денеска во Кавадарци, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и министерот за локална самоуправа Златко Перински. Центарот е наменет за сите девет општини од Вардарскиот плански регион.
Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев информираше дека во стационарот ќе може хумано да бидат сместени 67 миленици во боксови, а ќе има и ветеринарна клиника за прием, преглед, кастрација, чипирање лекување и понатамошна социјализација.
Дебар - Патронот на познатиот манастир „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица, достоинствено и годинава ќе биде одбележан, а покана за присуство на славата од неговиот свет манастир, има до сите кои сакаат да присуствуваат.
Одбележувањето, традицонално ќе почне на 5 мај кога со почеток во 18 часот ќе се отслужи празнична Вечерна богослужба, на која молитвено ќе претстои Неговото Преосвештенство, епископ Антаниски г. Партениј.
Штип - По повеќе децении без посериозна интервенција, улицата „Загребачка“ во Штип ќе добие нов асфалтен слој. Општина Штип од денеска ги започна подготвителните активности за реконструкција и асфалтирање на оваа улица, која со години претставуваше проблем за локалните жители поради оштетениот коловоз и дотраената инфраструктура, информираат од кабинетот на градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
Станува збор за инвестиција која се реализира со средства од општинскиот буџет, а целта е да се подобри квалитетот на животот во овој дел од градот, како и безбедноста на учесниците во сообраќајот. За првата фаза од проектот, која опфаќа површина од 484 квадратни метри, се издвоени 400.000 денари.
Куманово - Две жени од Куманово, пријавиле физички напади извршени од нивните сопрузи, соопшти денеска СВР Куманово.
-Вчера во 18.00 часот полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода М.Д.(32) од Куманово, затоа што истиот ден, околу 17.00 часот физички ја нападнал неговата сопруга. Тој бил приведен во полициска станица и по целосното документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава. Подоцна, во 21.40 часот во СВР Куманово, 44-годишна жена од Куманово пријавила дека во нивната семејна куќа по претходна вербална расправија била физички нападната од страна на нејзиниот невенчан сопруг Б.Р. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот, информираше полицијата.
Струга - Во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга утревечер премиерно ќе биде изведена петтставата „Парите се отепувачка“ на драмското студио Миладин во режија на Ристе Миладин.
Во улогата на селанецот Митре се јавува режисерот Миладин, неговата жена Мара ја игра Бранкица Петковска, а нивните деца синот Ангеле и ќерката Кате се Милан Блажески и Маја Рисеска. Сопругот на Кате, Софре, го игра Бојан Крстески, а нивната ќерка Ана ја глуми Марија Блажеска...
Демир Хисар - Со промоција на уметничка инсталација „Сенката на светилникот“ и со трибина за „Значењето на Даме Груев и Смилевскиот конгрес за идентитетот на македонскиот народ во еден современ плуриперспективен и метакултурен контекст“ во демирхисарското село Смилево почна манифестацијата „Денови на Смилевски конгрес“.
Според востановената традиција, најнапред положивме венец на гробот на Даме Груев, а потоа на трибина говоревме за улогата на Даме Груев, за Смилевскиот конгрес и за селото Смилево како упориште на револуцијата, изјави за МИА Ристо Грујовски, претседател на Здружение на граѓани „Дамјан Груев“-Битола.
Скопје - Општина Центар соопшти дека е поедноставена и целосно дигитализирана постапката за упис во прво одделение. Преку веб-страницата на општината (www.centar.gov.mk), секој родител може брзо и лесно да провери во кое основно училиште припаѓа неговото дете и веднаш да поднесе апликација за запишување.
Со пристап до делот „Урбанизам“ и избор на ГИС порталот, потребно е корисникот да се регистрира, а потоа преку категоријата „Реонизација на училишта“ да ја внесе својата точна адреса. Системот автоматски ја прикажува информацијата за надлежното училиште и нуди линк до електронската пријава за упис. Во случај адресата да не биде автоматски пронајдена, постои можност да се постави точка на мапата и со клик на опцијата „Побарај по локација“ да се добијат истите информации.
Скопје - Како дел од „Програмата за спроведување на општи мерки за заштита на населението од заразни болести“ од 2025 година, Општина Илинден спроведе прскање против ларви од комарци на целата територија на општината.
Во согласност со елаборатот за спроведување на превентивна дезинсекција за спречување и искоренување на вектор преносливи заболувања, во овој период се врши ларвицидна дезинсекција на водни површини за уништување ларви од комарци. Со третирањето се опфатени сите водни површини на отворените одводни канали (главни, секундарни и терцијални), речното корито на Сува Река и вештачката акумулација во Бучинци, на вкупна површина од 50 хектари, соопшти Општина Илинден.
Дебар - Полициски службеници од дебарското одделение за внатрешни работи, привеле жител на Дебар кој управувал возило без возачка дозвола и под дејство на алкохол.
- Вчера во 19:20 часот, лишен од слобода А.Љ.(23) од Дебар, кој претходно, на регионалниот пат кон месноста Удово (покрај брегот на Дебарско Езеро), управувајќи патничко возило „опел“, со дебарски регистарски таблички, не застанал на даден знак за запирање од страна на полициски службеници и се дал во бегство, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.
Куманово - Младите земјоделци од поширокиот кумановски регион покажале интерес за аплицирање на јавниот повик наменет за млади земјоделци од програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, информираа денеска од Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството од регионалното одделение Куманово.
- Близу 40-тина млади земјоделци дојдоа во канцеларијата, се интересираа за повикот, за условите дали и колку ги исполнуваат и за што е најдобро да аплицираат. Поддршката е одлична, наменета за младите земјоделци, млади по возраст и млади по регистрација. Очекуваме да аплицираат. Повикот е отворен уште неколку дена, изјави Џабир Рамадани, земјоделски инженер и раководител на одделение Куманово на Агенцијата за поттикнување на развој на земјоделство.
Карбинци – Жителите на Општина Карбинци од денеска можат да аплицираат за добивање на субвенции за набавка на инвертер клима уред, информираше на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов. Тој истакна дека јавниот повик ќе трае четири месеци, а субвенциите се 30% од вредноста на клима уредот.
-Веќе трета година по ред ние субвенционираме и поддржуваме вакви мерки, затоа што сметаме дека оваа поддршка е значајна за граѓаните и вродува со плод. Тоа можеме да го потврдиме со мерките во изминатите две години, кога над 130 семејства добија ваква поддршка. Оваа година продолжуваме со исто темпо, вели Паунов.
Скопје - Општина Кисела Вода до крајниот рок на јавниот повик за капитални инфраструктурни инвестиции од страна на Владата, поднесе вкупно 22 проекти. Последните 6 апликации се доставени во средата, со што се заокружи процесот на аплицирање со серија внимателно подготвени и стратешки значајни проекти. Проектите се насочени кон суштински подобрувања во здравството, образованието, комуналната инфраструктура, сè со цел создавање подобри услови за живот и рамномерен развој на сите делови на општината. Новите 6 проекти за кои се аплицираше се:
1.Поликлиника на ГП 06.01, формирана со урбанистички план согласно член 63 од Законот за урбанистичко планирање.
2.Фекална канализација за населбата Бабин Дол, согласно урбанистички план за четврт Ј15.
3.Основен проект за реконструкција на објектот на месната заедница Драчево, КП 8411/1, КО Драчево
Куманово - Жител на село Жегљане, општина Старо Нагоричане возел под дејство на алкохол. При проверката имал, 1,78 промили алкохол во крвта, информираше денеска МВР.
Вчера во 18:20 часот на магистралниот пат Куманово – Крива Паланка, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода В.Ц.(44) од село Жегљане, општина Старо Нагоричане.