МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
2 мај 2025
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски очекува да продолжи тенденцијата на намалување на јавниот долг и неговото ниво до крајот на мандатот на оваа Влада да изнесува под 55 отсто, па дури, како што рече, и под 50 проценти.
Мицкоски очекува и државниот долг до крајот на владиниот мандат да биде под 45 или под 40 отсто.
Според него, важно е и номиналниот БДП да биде 20 милијарди долари.
-Очекувам оваа тенденција да продолжи, имаме ниво на јавен и државен долг во однос на БДП кој е најнизок во последните пет години. Јавниот долг е 57,7 отсто од БДП, а државниот 50,1. Како Влада имаме јасна стратегија до крајот на мандатот овие параметри да ги сведеме на: јавниот долг да биде под 55, а зошто да не и под 50 отсто, а државниот под 45 или 40 отсто. Но, за мене е важно и номиналниот БДП да биде 20 милијарди долари. Сега сме на ниво од 17 милијарди за 2025 година. До крајот на овој мандат очекувам Владата да ги исполни овие три стратешки цели во делот на макроекономските показатели и мислам дека тоа ќе се случи, да не речам сум сигурен, зашто веќе реков, во наредните месеци ќе објавиме убави вести за македонската економија и македонските граѓани, подвлече премиерот.
Скопје - Во рамки на работната посета на Јапонија, владината делегација предводена од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во Токио оствари средба со Сусуму Катаока, претседател на Јапонската надворешна трговска организација (JETRO).
Како што соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, досегашната соработка и можностите за нејзино продлабочување преку конкретни активности и иницијативи за поврзување на бизнис заедниците од двете земји биле во фокусот на средбата.
Министерот Муцунски истакнал дека Јапонија е значаен економски партнер на Република Северна Македонија, при што додал дека нашата држава нуди одлични услови како стабилна и конкурентна дестинација за инвестиции и трговска соработка.
Скопје - Осум пациенти денеска се враќаат од лекување во Турција, Бугарија и Словенија, а во странство остануваат хоспитализирани уште 18 повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, соопшти Министерството за здравство.
Од осумте пациети кои се враќаат, пет се лекуваа во Турција, двајца од Бугарија и еден во Словенија. Согласно протоколот, пет пациенти ќе бидат под опсервација во ГОБ „8 Септември“, двајца на Клиника за пластична хирургија и еден пациент во Хируршка клиника „Св.Наум Охридски“.
Дел од повредените, кои изминатиот период се вратија во земјава, веќе започнаа процес на рехабилитација во Општата болница во Кочани, кои во зависност од повредите се третираат на одделенијата за неврологија, хирургија и физикална терапија.
Скопје - Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети во изјава за медиумите истакна дека неговата партија и „Европскиот фронт“ сè уште не донеле одлука како ќе настапуваат на локалните избори кои треба да се одржуваат во октомври годинава.
-Ова прашање сè уште не е дискутирано. Ќе бидат повикани сите партии од „Европскиот фронт“ и ќе се разгледа целата ситуација, потенцира Ахмети при неговата посета на скопското село Свиларе.
Прашан дали има некаков договор со Арбен Таравари за локалните избори, Ахмети рече дека во текот на неделава ќе бидат повикани сите органи на партијата и ќе бидат разгледани сите прашања.
-Сè уште нема финални разговори. ДУИ сè уште не ги повикала раководните тела на партијата. Во текот на неделава ќе бидат повикани највисоките партиски тела, ќе бидат разгледани сите ситуации. Секако, го цениме смелиот чекор на Таравари, бидејќи тој многу порано сфати дека оваа влада не е ништо повеќе од антиалбанска влада, нагласи Ахмети.
Скопје - Амбасадата на Словачка известува за повик за аплицирање на кандидати од Северна Македонија за стипендии на Владата на Словачката Република (Slovak Republic Government Scholarship), за додипломски и магистерски студии во одредени области на образование за академската 2025/2026 година.
Подетални информации во врска со финансиските услови за овие стипендии може да се најдат на: https://www.minedu.sk/scholarships-of-the-government-of-the-slovak-republic/ Упатството за аплицирање може да се најде на веб страницата: www.vladnestipendia.sk / www.vladnestipendia.sk/en/
Во објавата на Министерството за образование и наука се наведени условите за добивање стипендија. Апликациите треба да бидат доставени електронски најдоцна до 30 мај 2025.
Скопје - Потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска на работна средба со амбасадорот на Италија, Паоло Палминтери ја претставил развојната програма на Владата и инвестициите во инфраструктурата. Се отвориле прашања за меѓусебна соработка и подршка во делот на реализација на инфраструктурните проекти.
Како што соопшти Министерството за транспорт, на средбата биле разменети мислења и ставови за актуелните политички и економски прашања во земјава и регионот. Вицепремиерот Николоски ја потврдил добрата соработка со Италија и ја потенцирал потребата од унапредување на билатералните односи, со посебен акцент на економската соработка.
Тој го запознал амбасадорот и за реформскиот процес на земјата како дел од интеграциите и членството во Европската Унија.
Скопје - Бројот на работниците во индустријата во март годинава во однос на март годинава е намален за 4,3 проценти, а во првиот квартал годинава во однос на истиот квартал лани за 3,9 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.
Во март 2025 година, во однос на март 2024 година има намалување за 4,5 проценти на бројот на работниците во секторот Преработувачка индустрија, од 2,1 проценти во Рударство и вадење на камен и за 1,8 проценти во Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.
Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во март 2025 година, во однос на март 2024 година, се намалил кај Енергија за 2,8 проценти, кај Капитални производи за 7,3 проценти, Интермедијарни производи, освен енергија за 0,5 проценти и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 6,1 процент, а се зголемил за 13,4 проценти кај Tрајни производи за широка потрошувачка.
Скопје - Солунскиот државен симфониски оркестар на 16 мај ќе настапи во Скопје во салата на Филхармонија, со дела од Емилиос Риадис и Морис Равел, а со специјални гости од двете земји, како водечката сопранистка Мирто Папатанасиу и пијанистот Симон Трпчевски.
Со Оркестарот ќе диригира грчкиот диригент Владимирос Симеонидис. Како што соопштија организаторите, Солунскиот државен симфониски оркестар првпат настапува во Скопје, во неговото 66 годишно постоење.
На програмата се дела од Морис Равел и неговиот грчки студент Емилиос Риадис, по повод 150 години од раѓањето на Равел и 90 години од смртта на Риадис.
Белград - Во пресрет на Светскиот ден на слободата на медиумите, Европската федерација на новинари (EFJ/ЕФН) го објави извештајот на Media Freedom Rapid Response (MFRR), што содржи алармантни наоди за влошување на состојбата со слободата на медиумите во Србија, јавија српските медиуми.
Мисијата MFRR, како што објави Н1, беше спроведена во Белград и Нови Сад од 7 до 9 април, со постојан мониторинг, и утврди ситуација што може да се опише како вонредна и што бара итно внимание и акција од српските власти и ЕУ, објави ЕФН.
Иако кризата со слободата на медиумите трае со години, известувањето за трагичното уривање на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад доведе до уште поголем притисок врз новинарите низ цела Србија, вклучувајќи ги и младите новинари и студентите по новинарство, се оценува во извештајот.
Белград - Во врска со најавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека ќе биде во Москва на 9 мај за прославата на Денот на победата над фашизмот, портпаролот на ЕК, Маркус Ламерт, вели дека ЕУ сака да смета на Србија и дека земјата треба да ја потврди својата стратешка насока кон Унијата.
„ЕУ е јасна кон сите, вклучително и на Србија, дека односите со Русија не можат да бидат нормални додека трае војната“, рече Ламерт.
Тој додаде дека не сака да шпекулира за можните последици.
Белград - На 5 мај во Македонскиот Културно-информативен центар во Белград, ќе се реализира проектот „Македонската книжевност на европското ѕвездено небо“. Проектот е во рамките на програмата за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на современиот македонски јазик, јави дописникот на МИА од Белград.
Никола Маџиров и Петар Андоновски, македонски писатели кои се и лауреати на врвни европски книжевни награди, ќе разговараат со свои колеги писатели и преведувачи од Србија - со познатата српска поетеса Ана Ристовиќ, исто така лауреат на врвни европски книжевни награди, како и со Милена Илиќ, во моментов најактивен преведувач на дела од македонски на српски јазик.
Македонско-српските дијалози за книжевноста ќе бидат збогатени со читање стихови од стихозбирката „Длан и нетакнуто“ од Никола Маџиров, преведена на српски јазик од Билјана Андоновска и од романот „Страх од варвара“ од Петар Андоновски, во превод на Милена Илиќ.
Атина – Шест од десет Грци во Атина за нивното движење користат автомобили, такси или мотори, иако сметаат дека сообраќајниот метеж во градот е голем проблем, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено за агенцијата „Palmos Analysis“ за државната телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.
Истражувањето било спроведено од 26 до 31 март и од 11 до 16 април 2025 година во Атина, Солун, Патра, Лариса и Ираклио на Крит со анкетирани 1.787 лица, а 70 отсто од испитаниците сметаат дека сообраќајот е „многу“ (38 проценти) или „доста“ (32 отсто) важен проблем во нивниот секојдневен живот.
Дополнителен проблем за речиси девет од десет анкетирани е паркирањето.
Истанбул - Уапсениот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, поднесе над 200 жалби до турскиот медиумски регулатор (РТУК) и Главното обвинителство во Истанбул поради изјави и објави што содржат неосновани коментари против него, објави весникот „Биргун“.
Адвокатите на Имамоглу поднесоа пријави против повеќе телевизиски канали, онлајн платформи, весници и профили на социјални мрежи, истакнувајќи дека „јазикот во објавите на овие платформи не само што ги крши етичките норми на новинарството, туку и ги повредува личните права на оштетениот“.
Имамоглу беше уапсен на 19 март заедно со неколку други членови на главната опозициска Републиканска народна Партија (ЦХП).
Варшава - Кандидатот за претседател на Полска, поддржан од главната опозициска националистичка партија „Право и правда“ (ПиС), Карол Навроцки, се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп во Овалната соба, што според меиумите, претставува израз на поддршка на Трамп за Навроцки.
Полските граѓани ќе гласаат на првиот круг од претседателските избори на 18 мај.
„Претседателот Трамп ми рече: ‘Ти ќе победиш’“, изјави Навроцки за приватната телевизија „Република“. „Го прифатив тоа како желба за успех на претстојните избори, а по овој ден можам да кажам дека американската влада е свесна за случувањата во Полска“, додаде тој
Брисел - ЕУ досега нема доставено никаква формална понуда до САД за ништо, а во моментов само се разговара за областите за кои веруваме дека потенцијално би можеле да дојдеме до договор, изјави портпаролот на Европската комисија за економска безбедност, трговија и царини Олоф Гил во одговор на новинарско прашање поврзано со медиумски извештаи дека Унијата како компромис за договор со Вашингтон за царините нуди да купува повеќе американски стоки.
- Целосно сме вклучени во разговори со САД од кои, сосема јасно, претпочитан исход е постигнување решение. Нема да даваме коментари за преговорите што се водат, но апсолутно сме посветени на постигнување договори со САД што ќе биде во интерес на двете страни, рече Гил.
Лондон - Крајнодесничарската, антиимигрантска партија Реформирај го Обединетото Кралство на Најџел Фараж освои место во Долниот дом со само шест гласа разлика на дополнителните избори во Велика Британија за Долниот дом на парламентот што се одржаа вчера, објави ДПА.
Тесната победа во изборната единица Ранкорн и Хелсби, церемонијален округ Чешир, Северозападна Англија, од кандидатката на Реформирај го Обединетото Кралство, Сара Почин, значи дека партијата победува во едномандатна изборна единица што Лабуристичката партија на премиерот Кир Стармер ја освои со мнозинство од речиси 14.700 гласови на изборите пред помалку од една година.
ДПА го дефинира овој резултат како неуспех на Стармер на неговиот прв тест на дополнителни избори како премиер.
Киев - Најмалку 29 лица се повредени во руски напад со беспилотни летала врз украинскиот град Запорожје, а гувернерот на регионот, Иван Федоров, ги обвини руските сили дека гаѓале цивилни објекти.
„Станбени згради, универзитет и инфраструктурен објект се оштетени“, напиша утринава Федоров на комуникациската платформа Телеграм.
Украинските воздухопловни сили регистрираа дополнителни штети во ноќните напади со беспилотни летала во регионите Донецк и Дњепропетровск.
Украинските противвоздушни сили соопштија дека Русија лансирала околу 150 беспилотни летала, од кои повеќето биле пресретнати од украинската одбрана.
Од друга страна, во текот на ноќта Украина изврши голем напад со беспилотни летала на полуостровот Крим, кој беше анектиран од Русија.
Стокхолм - Шведската полиција приведе три лица во врска со пукањето во фризерски салон оваа недела, во кое загинаа три лица во градот Упсала, и ослободи 16-годишно момче кое претходно беше осомничено, соопшти денеска јавниот обвинител Андреас Ниберг.
„Шеснаесетгодишникот повеќе не е осомничен за кривичното дело“, изјави Ниберг, кој ја води истрагата.
Меѓу тројцата нови приведени се 20-годишно момче, осомничено за убиство, и уште две други момчиња на возраст од околу 25 и 35 години под сомнение за поттикнување на убиство.
Три лица на возраст меѓу 15 и 20 години загинаа во пукањето на 29 април во центарот на универзитетскиот град, кој се наоѓа на околу 60 километри северно од Стокхолм. Првиот осомничен уапсен во рок од неколку часа беше 16-годишникот.
Вашингтон – САД повеќе нема да посредуваат во мировните преговори меѓу Украина и Русија, објави американскиот Стејт департмент.
Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, на средбата со новинарите изјави дека САД ја менуваат „методологијата за тоа како придонесуваат“ во разговорите и повеќе нема да „летаат околу светот при првиот повик за средби“.
Киев и Москва сега мора да излезат со „конкретни“ предлози за завршување на војната и да се состанат директно за решавање на конфликтот, додаде Брус.