5 мај 2025
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски вчера најави дека најверојатно денеска ќе има средба со Арбен Таравари за неговото натамошно функционирање во Владата и евентуалната соработка со ДУИ на локални избори.
За него, како што напомена, е неприфатливо ако Таравари се договара со ДУИ.
- Таква средба ќе има следната недела, мислам дека е утре. Треба да го погледнам распоредот, но мислам дека е утре. На средбата јасно сакам да слушнам став дали е точно дека има договор помеѓу партијата на Таравари и ДУИ дека во најмалку пет или шест општини, да не ги шпекулирам имињата, каде што тој ќе извади кандидати, ДУИ нема да има свои кандидати за градоначалници што прво значи себепонижување, како политичка партија, а второ дека тивко ќе го поддржува. Тоа за мене како претседател на Владата е неприфатливо, изјави Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по одбележувањето 122 години од смртта на Гоце Делчев.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе престојува во посета на Штип во рамки на која ќе изврши увид во градежни активности на неколку инфраструктурни проекти, а ќе го посети и Универзитетот „Гоце Делчев“.
Мицкоски ќе изврши увид во изградбата на градската магистрална улица од населбата Железничка до м.в. Рибник прва фаза. Вредноста на проектот е 141.000.000 со ДДВ. Средствата од 120.000.000 милиони се обезбедени од Владата преку првиот повик за општините за обезбедување на средства за инфраструктурни проекти, а останатите 21.000.000 милиони се од Општина Штип.
Скопје - Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, во чии рамки ќе биде разгледан новиот Закон за енергетика, кој е во второ читање. Овој Предлог-закон е на дневен ред и на Законодавно-правната комисија.
Министерката за енергетика Сања Божиновска неодамна во разговор за МИА изјави дека овој закон е еден од најважните бидејќи во него се имплементирани сите европски директиви. Законот, како што посочи таа, е изработен со домашни капацитети, без странски консултанти.
Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска ќе се обрати на Свечената академија по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, којашто под нејзино покровителство ќе се одржи во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Обраќања на свечената академија, како што соопшти Kабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова, ќе имаат и претседателот на МАНУ Живко Попов, министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и претседателката на Советот за македонски јазик Симона Груевска-Маџоска.
Скопје - Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје денеска организира чествување по повод Денот на македонскиот јазик и 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.
По тој повод ќе се обратат проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова, ректорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, проф. д-р Искра Пановска-Димкова, раководителка на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, проф. д-р Веселинка Лаброска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, дописен член на МАНУ.
Скопје - Договор за јавно-приватно партнерство за воведување на квалификација специјалист мехатроничар за камиони и тешки возила, согласно барањата на пазарот на труд, што е прва ваква квалификација во државава, ќе биде потпишан денеска во Скопје.
Договорот ќе биде потпишан меѓу средното стручно училиште „Владо Тасевски“ од Скопје и Volvo Group од Шведска, поддржано од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida), Швајцарската меѓународна невладина развојна организација Helvetas и Амбасадата на Кралството Шведска во Република Северна Македонија.
Скопје - Во општините Шуто Оризари и Гази Баба денеска ќе се одржи информативна сесија во цел да се зголеми свеста кај граѓаните, особено кај припадниците на ромската заедница, за процесот на граѓанска документација и поддршката што е достапна преку системот за бесплатна правна помош.
Информативната сесија, насловена „Граѓанска регистрација и бесплатна правна помош – бидете видливи, регистрирајте се!“, е организирана од заедничките проекти на ЕУ и Советот на Европа „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“ и „Интеграција на Роми – Фаза III“.
Скопје - Општина Аеродром од денеска почнува голема пролетна акција за бесплатно собирање кабаст отпад на целата територија на општината што ќе трае до крајот на јуни што претставува континуитет од минатата година, кога се спроведе есенската акција.
Во соработка со ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром, на повеќе локации ќе бидат поставени садови во кои граѓаните ќе можат да го оставаат својот стар и дотраен мебел.
Скопје - Во рамки на Програмата за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, македонската Амбасада и македонскиот Културно-информативен центар во Загреб во соработка со Лекторатот по македонски јазик при Филозофскиот факултет во Риека организираат пригоден настан по повод јубилејот.
Во рамки на настанот ќе биде претставена работата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Лекторатот по македонски јазик при Филозофскиот факултет во Риека.
Скопје - Катедрата за сликарство и трансмедиумски практики на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје, информира дека студентите Дефне Еминовска, Јоана Арсовска и Бојан Вртев, под менторство на професорот Антони Мазневски, ќе се претстават со самостојна изложба „Затаени мигови“, во Галеријата ФЛУ.
Како што информираат од ФЛУ, тие се добитници на наградата „Четири мајстори на модернизмот“ во чест на основачкиот кадар на ФЛУ и професорите Петар Мазев, Димитар Кондовски, Родољуб Анастасов и Душан Перчинков.
Скопје - Новоформираниот Tинк -Tенк „Интелигентна Хумана Иднина“ (И-ХИ) ќе биде промовиран денеска заедно со својот прв позициски документ со наслов „Вештачката интелигенција – Меч со две сечила“.
На настанот, како што информираат од тимот на И-ХИ Тинк Тенк, ќе се дискутира за можностите и за етичките аспекти на вештачката интелигенција (ВИ), разгледувајќи како оваа технологија може да биде воведена како двигател на напредокот, но истовремено и да служи на човештвото на начин што ќе обезбеди правичност и одржлив развој.
Скопје - Во рамки на Програмата за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на современиот македонски јазик, денеска во македонскиот КИЦ во Белград, ќе се реализира проектот „Македонската книжевност на европското ѕвездено небо“.
Никола Маџиров и Петар Андоновски, македонски писатели кои се и лауреати на врвни европски книжевни награди, ќе разговараат со свои колеги писатели и преведувачи од Србија- со познатата српска поетеса Ана Ристовиќ, исто така лауреат на врвни европски книжевни награди, како и со Милена Илиќ, во моментов најактивен преведувач на дела од македонски на српски јазик.
Белград - Доколку српскиот претседател е привремено спречен да ја извршува функцијата, неговите должности и одговорности ги презема претседателот на Собранието, најмногу три месеци, како што е пропишано со Уставот на државата, јави допписникот на МИА од Белград.
Српските медиуми нагласуваат дека на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој во петокот од здравствени причини ја прекина посетата на САД и завчера беше на преглед во Военомедицинската академија, лекарите му предложиле пауза во извршувањето на неговите секојдневни обврски.
Белград - Синдикатот во судството во Србија објави дека од денеска вработените во судските институции низ целата држава ќе стапат во целосен штрајк.
Како што е наведено во соопштението, причината за штрајкот е долгогодишното игнорирање на барањата на судските службеници, меѓу кои се: достоинствени плати, подобрување на условите за работа, јасно признавање на улогата што ја имаат административниот и стручниот персонал во функционирањето на судството, како и крај на систематското потценување на нивната работа.
Белград - Локалните власти во Србија се задолжени 42 милијарди динари (358,3 милиони евра), според податоците од Управата за јавен долг евидентирано на 28 февруари оваа година и тоа е 0,4 проценти од БДП, според најновиот достапен месечен извештај, јави дописникот на МИА од Белград.
Од тој износ, 15 милијарди динари претставуваат гарантиран долг, додека преостанатиот, поголем дел од 27 милијарди динари е негарантиран долг.
Најголемиот дел - дури 88,1 отсто - е јавен долг во евра, додека преостанатите 11,9 проценти се долг во динари.
Прага – Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, синоќа изјави дека одредени личности во Европа го блокираат процесот на европска интеграција на Украина за да добијат подобро место на Црвениот плоштад во Москва.
„Ја цениме поддршката на Чешка за нашиот чекор кон Европската Унија. Оваа година сме подготвени да го отвориме првиот кластер во процесот на преговори. Жалиме што одредени личности во Европа го блокираат овој процес. Не поради интересите на нашата земја, туку поради подобро место на подиумот на Црвениот плоштад“, рече Зеленски на заедничката прес-конференција со чешкиот претседател Петр Павел во Прага, пренесува Укринформ.
Брисел - Повеќегодишната буџетска рамка на ЕУ 2028-2034, одговорот на Унијата на американските царини, случувањата поврзани со Украина, состојбите со емисиите на јаглерод диоксид, снабдувањето со гас и извештаите за Турција, Србија и Косово ќе бидат меѓу главните теми за расправа на овонеделното заседание на Европскиот парламент во Стразбур.
Сесијата ќе започне доцна попладнево со комеморација за неодамна починатиот папа Франциск, по што ќе следата дебати за подготовките на Самитот ЕУ-Велика Британија, како и за годишните извештаи за борбата против финансиски измами и за финансиските активности на Европската инвестициска банка за 2023 година, по кои ќе се гласа утре.
Брисел - Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска заедно со францускиот претседател Емануел Макрон ќе учествуваат на „Одберете Европа на науката“, што ќе се одржи на Универзитетот Сорбона во Париз.
Како што соопшти Европската комисија, Фон дер Лајен ќе има обраќање конференцијата при што ќе ја нагласи посветеноста на ЕУ кон изградба на Европа како центар за наука, академска слобода и истражувачки напредок и ќе ги повика научниците и истражувачите да ја „Одберат Европа“.
Брисел - Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта денеска и утре ќе престојува во посета на шпанскиот град Барселона, каде ќе има средби со регионалните политички лидери и претставници на индустриски и истражувачки сектор во сферите на автомобилската индустрија, вештачката интелигенција и иновациите.
Ватикан - Еден од папамобилите на папата Франциск ќе се претвори во мобилна здравствена клиника за деца во Газа, исполнувајќи една од последните желби на покојниот папа, објави „Ватикан њуз“.
Возилото што го користеше Папата за време на неговата посета на Светата Земја во 2014 година се опремува со дијагностичка и итна медицинска опрема за да им помогне на младите пациенти во палестинската енклава, каде што здравствените услуги се уништени од израелската инвазија.
Берлин – Партиските лидери на новата германска Влада предводена од конзервативците денеска ќе го потпишат договорот за коалиција, отворајќи го патот за новата администрација да ја преземе функцијата 10 недели по предвремените избори во земјата, јави ДПА.
Лидери на Христијанските демократи (ЦДУ), нивната баварска сестринска партија Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) и Социјалдемократите (СПД) денеска на пладне во Берлин треба да го потпишат договорот од 144 страници насловен „Одговорност за Германија“ пред лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц, утре во германскиот Бундестаг (парламент) да биде избран за нов германски канцелар, додава германската агенција.
Тел Авив – Балистичка ракета лансирана од Јемен го погоди подрачјето на израелскиот аеродром Бен Гурион, оштетувајќи пат и возило, и предизвикувајќи прекин на авиосообраќајот.
Како што јави Ал Џезира, според болнички извори, осум луѓе се повредени.
Израелската војска потврди дека нејзиниот одбранбен систем не успеал да собори хиперсонична балистичка ракета во неделата наутро и покрај неколку обиди за пресретнување.
Вашингтон - Американскиот бискуп Томас Папроки побара американскиот претседател Доналд Трамп јавно да се извини за објавувањето на слика од себе како следниот папа, генерирана од вештачка интелигенција.
Една недела откако присуствуваше на погребот на папата Франциск, Трамп на социјалните мрежи сподели слика од себе генерирана од вештачка интелигенција облечен во белата папска одора.
„Ова е длабоко навредливо за католиците, особено во ова свето време кога сè уште жалиме за смртта на папата Франциск“, рече бискупот Папроки од американската држава Илиноис во објава на социјалните мрежи.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нема да ги укине царините за Кина за да го принуди Пекинг да седне на преговарачка маса.
„Денеска рекоа дека сакаат да разговараат. Видете, Кина, и на мене не ми се допаѓа ова. Не сум среќен поради ова. Кина е целосно уништена. Нивните фабрики се затвораат. Нивната невработеност вртоглаво расте. Не сакам да ѝ го правам тоа на Кина сега. Во исто време, не сакам Кина да заработува стотици милијарди долари и да гради повеќе бродови, повеќе воени тенкови и повеќе авиони“, рече Трамп.
Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп вчера потврди дека предложил испраќање на американски војници преку границата во Мексико за да му помогне на својот сосед во борбата против трговијата со дрога, при што мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум ја отфрлила идејата.
Волстрит Џурнал во петокот објави дека Трамп, во телефонски разговор во средината на април, ја притиснал Шејнбаум да дозволи вооружени американски сили да преземат водечка улога во борбата против мексиканските нарко-банди кои шверцуваат фентанил во САД.
Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека заменикот на шефот на неговиот кабинет, Стивен Милер, е еден од водечките кандидати за советник за национална безбедност, по заминувањето на Мајк Волц.
Трамп во четвртокот го смени Волц од функцијата советник за национална безбедност и го именуваше државниот секретар Марк Рубио привремено на таа позиција.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека му наредил на Бирото за затвори да го обнови и повторно да го отвори озлогласениот затвор Алкатраз во заливот Сан Франциско за да „ги смести најсуровите и најнасилните криминалци во Америка“.
"Обновете го и отворете го Алкатраз! Кога бевме посериозна нација, во минатото, не се двоумевме да ги затвориме најопасните криминалци и да ги држиме подалеку од секого на кого би можеле да му наштетат“, напиша Трамп на платформата Трут сошл.
Тел Авив – Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот воен кабинет го одобрија проширувањето на офанзивата во Газа, наведува израелската телевизија Кан, доведувајќи го во прашање укинувањето на двомесечната блокада на опколената палестинска територија.
Претходно, во видео на Телеграм, Нетанјаху вети дека Израел ќе извојува „целосна победа“ во Газа, додавајќи дека Израел „решително“ ќе ја заврши својата воена операција.
Сана – Јеменската бунтовничка група Хути синоќа соопшти дека ќе работи на сеопфатна воздушна блокада на „израелскиот непријател“ со повеќекратно гаѓање на аеродромите, пред сè аеродромот Бен Гурион во Тел Авив, јави Саба.
Тие ги повикаа сите меѓународни авиокомпании да ја земат предвид содржината на ова соопштение од моментот на неговото објавување и да ги откажат сите редовни летови кон израелските аеродроми, за да ја зачуваат безбедноста на своите летала.