• понеделник, 22 декември 2025

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  5  мај  2025

 

 

Штип - Втор месец се гради новата обиколницата во Штип, од населбата Железничка до местото викано Рибник. Во градежните активности увид извршија премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за тарнспорт и врски, Александар Николовски, министерот за локална самоуправа, Златко Перински и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Градоначалникот на Општина Штип, Јорданов истакна дека вредноста на проектот е 120.000.000 денари без ДДВ или 141.000.000 со ДДВ. Средствата од 120.000.000 милиони се обезбедени од Владата преку првиот повик и 21.000.000 милиони од Општина Штип.

-Проектот предвидува нова сообраќајница во должина од 3,2 километри, поврзување на еден дел со друг дел на градот. Влезот на градот од страна на Скопје, со излезот на градот кон Радовиш и Струмица. Поврзување на неколку населби, населба Железничка, Пребег, Плуждино и преспективно ова е иден развој на градот, вели Јорданов.

Министерот за локална самоуправа, Перински истакна дека низ општините се реализираат многу значајни проекти. Тој истакна дека општините, советниците во Советите и администрацијата биле ажурни и со апликациите за вториот јавен повик за искористување на средствата од вториот заем на унгарскиот кредит.

-Општина Штип аплицираше со шест проекти во висина од 388 милиони денари. Општина Карбинци аплицираше со четири проекти во висина од 27 милиони денари, изјави Перински.

Министерот за транспорт и врски Николовски дополни дека од буџетот на Министерството се инвестираат и дополнителни 70 милиони денари за изградба на водоводна и канализациона мрежа во Општина Штип. Тој најави дека оваа година ќе има уште една таква слична активност, а во финална фаза е и изработката на Деталниот урбанистички план за бањата Кежовица, којашто треба да опфати развој на туризмот и изградба на викенд населба.

-И третиот проект, тоа е браната Отиња, којашто треба да е една нова туристичка атракција и обезбедивме дополнителни 145 милиони денари и се реализира во моментов. Се очекува следната година да заврши изградбата и да почне да се полни со вода и во 2027 година се надевам дека ќе направи сефте на тоа езеро, рече Николовски.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Мицкоски им честиташе и на советите и на администрацијата што ја следат работата на градоначалниците и е убеден дека во годините кои што следат ќе испорачаат уште многу резултати насекаде низ целата територија на Македонија.

- Затоа што наш приоритет претставува квалитетот на живот на нашите граѓани. И без разлика дали се тоа општини каде што има градоначалник од редовите на владејачкото мнозинство или пак од опозицијата или пак некој независен градоначалник, оваа Влада е посветена целосно на овие речиси 26.000 квадратни километри на секое парче да инвестира, изјави Мицкоски.

Премиерот, Мицкоски со владиниот тим и градоначалникот на Општина Штип, Јорданов  денеска извршија и увид во работа на булевар „Партизанска“ во Штип. Средствата се обезбедени од буџет на Општина Штип во износ од 130.000.000 милиони денари. Мицкоски имаше и  посети на Универзитет „Гоце Делчев“, каде свечено  се отвори лабораторија „Markerspace“. Современа лабораторија за иновации, истражување и развој, достапна за студентите, академската заедница, стартапите и претставниците на стопанството. 

Кочани – Во петте основни училишта во Кочани за новата учебна година треба да се запишат околу 370 ученици во прво одделение, што претставува минимално опаѓање во однос на лани. Во споредба со запишаните првачиња од пред една деценија, бројот е помал за околу 20 отсто.

Учениците кои првпат треба да тргнат на училиште се добиени според евиденцијата од книгата на родените во Управата за водење матични книги, а потоа се прави споредба со податоците од одделот за вакцинации во Центарот за јавно здравје. Искуството на училишните педагошки служби покажува дека уписот на евидентирани не се исполнува целосно, односно има потфрлање за околу една петина, што значи дека намалувањето за десет години е околу 40 отсто.

Според реонизацијата во однос на местото на живеење, најмногу првачиња – вкупно 142 треба да се запишат во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ кои ќе бидат распределени во четири паралелки во централното и две во подрачните училишта. Во ОУ „Никола Карев“ се планирани места за 77 првачиња во пет паралелки, од кои две во подрачните објекти, а во ОУ „Раде Кратовче“ се очекуваат 56 ученици во прво одделение распределени во три паралелки. Најмалку првачиња, вкупно 33, ќе има во ОУ „Крсте Петков Мисирков“.

-Запишувањето на нови ученици почна од денеска и според евиденцијата во нашето училиште во претстојната учебна година треба да има 64 првачиња. Бројот на реално запишани веројатно ќе биде помал, затоа што се опфатени и семејствата кои повеќе години живеат во странство или во други градови, а во нашите матични служби е евидентирано раѓањето на нивните деца, истакна Благој Петров, директор на ОУ „Малина Попиванова“.

Намалувањето на бројот на првачињата во некои училишта реално наметнува формирање на една или најмногу две паралелки во прво одделение, но засега нема најави дали тоа ќе се спроведе за претстојната учебна година. 

Скопје - Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски денеска бил дел од настан по повод одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик, што се одржа во Домот на култура „Билјана Беличанец“.

Пред присутните директори, наставници, советници, ученици и еминентни гости, како што соопштија од Општина Кисела Вода, градоначалникот Ѓорѓиевски упатил силна порака за значењето на македонскиот јазик како темел на нашиот културен и национален идентитет и за суштинската важност на оваа годишнина.

- Денес сме тука не само да одбележиме еден датум од нашата историја, туку уште еднаш да се потсетиме кои сме. Да се поклониме пред вредноста што нè одржува и нè поврзува низ генерациите – нашиот македонски јазик. Македонскиот јазик постоел многу пред неговата кодификација, но без стандардизирана норма. Живеел во секојдневието на народот, низ говорот, песните, преданијата, народните мудрости... Со неговата кодификација, на 5 мај 1945 година, тој доби официјална систематизација на јазичните правила и закони, како и пропишување задолжителна јазична норма. Тоа беше историски чин со кој му се призна достоинството на еден јазик, и со тоа – на еден народ, македонскиот. Со таа кодификација, македонскиот јазик доби темел врз кој потоа се изградија денешната книжевност, образование, науката, медиумите и културата во целост, истакнал градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во своето обраќање. 

Тој најавил и една значајна иницијатива чие спроведување започнува во претстојниот период, доделување на примероци од „Правописот на македонскиот литературен јазик“ на сите основни училишта.- Особено ми е драго што периодов, реализираме една симболична, но исклучително значајна акција – на нашите основни училишта им се доделуваат примероци од правописот на македонскиот литературен јазик, со што не само што го збогатуваме библиотечниот фонд, туку уште поважно – го јакнеме духот на почит кон јазикот што е темел на нашиот идентитет. Оваа акција следува откако во депоата на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ беа откриени неискористени примероци од ова значајно издание, кои со години не биле дистрибуирани и чувани во несоодветни услови, иако биле наменети токму за институции како вашите. Тие во текот на следните денови ќе бидат дистрибуирани до сите основни училишта и конечно добиваат вредно и заслужено место – во училишните библиотеки, каде што ќе им служат на наставниците и на вас, драги ученици, како водич и потсетник за важноста на нашиот јазик. За донацијата на прaвописите, сакам да упатам голема благодарност до директорот на Националната и универзитетска библиотека, г-дин Јовица Никчевски, со кого заеднички, преку ЗЕЛС, ја реализираме оваа акција на ниво на сите општини, потенцирал меѓу другото градоначалникот Ѓорѓиевски.

Куманово - Кумановската гимназијата „Гоце Делчев“ денеска одбележа 122 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев. Пред бистата на великанот во дворот на училиштето цвеќе положија претставници од училиштето, Oпштината, предводена од градоначалникот Максим Димитриески, Советот, политичките партии, здруженија на граѓани. 

-Го одбележуваме патронатот на училиштето. Горди сме што го носиме името на великанот, Гоце Делчев, достојно презентирајќи го со исклучителни успеси на државно и меѓународно ниво. Училиштето започнало со работа 1945/46 година, наредната учебна година ќе славиме 80 години, рече директорката на училиштето Марија Тодоровска.

Во Гимназијата настава следат 770 ученици, а училиштето организираше и отворен ден за полуматурантите. Учениците од Гимназијата се меѓу најуспешните во државата, освојуваат врвни меѓународни награди по речиси сите предмети.

-И годинава имаме новина. Покрај билингвалната паралелка на француски, воведуваме и англиска паралелка, според законот потребно е најмалку 30 проценти од наставата да се изведува на англиски, но кадарот е подготвен и стопроцентно да ја изведеме наставата. Тука е паралелката на српски јазик и сме единствени во државата која нуди таква можност. По завршувањето значително се олеснува и уписот на факултети во Р. Србија. Реализираме бројни проекти и препознатливи сме меѓу гимназиите на европско ниво, изјави директорката Тодоровска.Гимназијата „Гоце Делчев“ е меѓу првите училишта во градот кое беше целосно реконструирано. Учениците подготвија празнична програма во чест на патронот, која ја проследија присутните гости.

Скопје - Општина Ѓорче Петров соопшти дека започна со реализација на еден од најобемните инфраструктурни проекти во населбата Диво Маало. Проектот опфаќа целосна реконструкција на 13 краци на улицата „Алекса Демниевски“ со вкупна површина од 11.420,76 м² и должина од 3.020,61 метри.

Проектот, вреден 14.844.213,78 денари (со вклучен ДДВ), е целосно финансиран од буџетот на Општината.

- По децении занемареност, жителите конечно добиваат нов, модерен асфалтен коловоз. Се наоѓаме во историски момент кога Диво Маало добива нов лик и се создаваат подобри услови за живот за сите жители, изјавил градоначалникот Александар Стојкоски, пренесуваат од општината.

Оттаму дополнуваат дека со реконструкцијата се решаваат долгогодишните проблеми со оштетени и неасфалтирани улици, а значително ќе се подобри безбедноста на пешаците, велосипедистите и возачите.

-Проектот ќе придонесе и за намалување на загадувањето, како и за зголемување на атрактивноста и естетиката на населеното место, дополнуваат во соопштението.

Скопје - Учениците од Основното училиште „Гоце Делчев“ го одбележаа патрониот празник и 122-годишнината од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев со серија спортски активности и изложбени работилници. Традиционалната прослава започна со свечено положување свежо цвеќе пред бистата на националниот херој, Гоце Делчев, кој се смета за еден од најзначајните идеолози на народноослободителното движење на македонскиот народ од крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век.

Во име на Општина Илинден свежо цвеќе положи делегација предводена од градоначалникот Александар Георгиевски, пратеници од Собранието на Република Македонија, советници, претставници од училиштето „Гоце Делчев“, директори на претпријатијата, членови на Здружението на борци на Македонија, како и голем број граѓани.

Одбележувањето продолжи со бројни активности организирани од учениците. Освен класична приредба, ООУ „Гоце Делчев“ патрониот празник го одбележа и со спортски игри, ликовни работилници, читање литературни творби и изведба на драми за великанот Гоце Делчев.

Овој патронат не само што оддава почит на великаните од македонската историја, туку и ги инспирира новите генерации да ги чуваат и унапредуваат културните и историските вредности на слободата и независноста, за кои Гоце Делчев се борел.

Василево - Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) викендов во населеното место Василево им додели земјоделска механизација на земјоделци од турска националност кои живеат во населените места на поширокиот регион, информираа денеска од Општина Василево.

На настанот присуствувале амбасадорот на Турција во државата, Фатих Улосој, заменик претседателот на ТИКА, Махмут Чевик, претседателот на МАТУСИТЕБ (Сојуз на турските невладини организации во Македонија) Тахсин Ибрахим и претседатели на турските партии во Р епублика Македонија.

Градоначалникот на Василево, Славе Андонов, поздравувајќи го овој чин нагласил дека заедно со субвенциите од Владата и оваа директна помош од ТИКА, во голема мера ќе им се помогне на земјоделците во процесот на производство.

-Навистина заслужуваше Општина Василево да биде домаќин на оваа манифестација каде што ќе бидат поделени грантови од страна на ТИКА во земјоделска механизација и пластеници. Во таа насока, денес преку ТИКА, на одреден број земјоделци, беше доделена директна помош со што ќе се овозможи развој на производството на раноградинарски култури. Заедно со субвенциите од Владата на Република Македонија и оваа директна помош од ТИКА, во голема мера ќе се помогне на земјоделците во процесот на производство, се наведува во пренесената изјава на Андонов.

Градоначалникот на Општина Василево изразиl надеж дека и во иднина ќе продолжи соработката и дека ќе бидат реализирани уште многу проекти. 

Тетово - Министерот за здравство Арбен Таравари од Тетово информираше дека јавната набавка за инсулин е завршена, потпишан е договор и извршено снабдување на аптеките и болниците со лекот за регулирање на шеќер во крвта. Тој рече дека јавната набавка е за наредните две години, што го оцени како начин да се избегне недостаток на инсулин.

-Како Министерство за здравство и Националната комисија за дијабет, одлучија набавката за инсулин да се направи секоја втора година што мене ми се допаѓа. Многу е порационално, да нема недостиг, секоја година се набавува, па пак додека се направи набавката, има некогаш два три дена или до 10 дена да недостасува. На две години ќе се набавува, така веќе е завршена јавната набавка, потпишан е договорот со стандардниот добавувач, истиот скоро 10-15 години. Ова е рационализирање и мислам дека е подобро за сите граѓани посебно за тие со дијабет, изјави Таравари од Тетово.

На новинарско прашање, Таравари информираше дека сè уште го чека извештајот од комисијата за стручен надзор за случајот со починат пациент на Универзитетската Клиника за државна кардиохирургија – Скопје.

Министерот во Тетово на Медицинскиот факултет го посети тестирањето на лекари кои специјализирале во приватни болници, а се јавиле за вработување во јавните здравствени установи.

Скопје - Без вода утре од 9 часот ќе бидат дел од корисниците на улиците „Никола Тримпаре“, „Дебарца“ и „Борка Талевски“ во општина Центар.

Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради изведување водоводен приклучок од ф - 80 милиметри на улицата „Никола Тримпаре“ бб.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување со работните активности. 

Остани поврзан