5 мај 2025
Скопје – Средбата на премиерот Христијан Мицкоски со Арбен Тарвари околу актуелните политички случувања ќе биде денеска во 17 часот во рамки на Владата.
Премиерот Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Општина Штип, рече дека на средба би сакал да слушне од Таравари за која опција е тој, порачувајќи дека „со или без господинот Таравари Владата е стабилна, цврста и со големо мнозинство“ и оти останува на него и неговите сопартијци да одлучат дали, како што рече „ќе одиме по патот на реформи и владеење на право, борба за праведно општество и институции кои функционираат или ќе се придружат и коалицираат со оние политички сили кои со години ја криминализираат и уништуваат државата“.
Скопје - Полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово и Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гостивар вчера во периодот од 14.00 до 20.00 часот, извршиле акциска контрола за пречекорување на максимално дозволената брзина во и надвор од населено место. Притоа, соопштија денеска од МВР, поради безобѕирно управување со моторно возило по наредба од јавен обвинител од слобода биле лишени четири лица.
Скопје - Продолжувањето на континуираното проучување на македонскиот јазик на сите рамништа, создавањето на корпус на македонскиот јазик и големиот наплив на англицизми беа издвоени како најголемите предизвици на денешниот настан по повод Денот на македонскиот јазик и 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, во организација на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.
Скопје - Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за април 2025 година.
Корисниците на парични права кои поседуваат дебитна картичка, посочуваат од Министерството, ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 05 Мај 2025 година.
Тетово - Министерот за здравство Арбен Таравари, денеска на Медицинскиот факултет во Тетово го посети тестирањето на лекари кои специјализацијата ја поминале во приватни болници, а се пријавени за вработување во јавните здравствени установи. Според министерот, од 57 пријавени за тестирање, 43 се од Тетово, а 14 за Гостивар.
Скопје - Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) интензивно работи на усвојување на клучни законски решенија кои ќе овозможат долгорочна и системска заштита на животната средина во нашата држава, се наведува во денешното соопштение од Министерството.
- Во моментот, во напредна владина процедура се наоѓаат: измени и дополнувања на Законот за животна средина (2 постапки), три нови закони од областа на управување со отпад, како основа за современ и функционален систем за селекција, третман и рециклирање. Во завршна фаза е Законот за контрола на индустриски емисии, кој за првпат ќе предвиди обврска за поставување сензори за мерење на квалитетот на воздухот во реално време во сите поголеми индустриски капацитети со А-интегрирана дозвола. Овој чекор е клучен за транспарентност, отчетност и надзор над загадувањето, посочуваат од МЖСПП.
Крива Паланка - Општина Крива Паланка и ова лето, втора година по ред, ќе овозможи бесплатен летен одмор за дечиња од семејства во социјален ризик во рамки на Програмата за социјална, детска и здравствена заштита за 2025 година.
Мерката е наменета за деца на возраст од 7 до 14 години, ученици од второ до деветто одделение од двете основни училишта во градот, ООУ „Св. Јоаким Крчовски“ и ООУ „Илинден“.
Скопје - Во рамки на 21-то издание на фестивалот Танц Фест вечер на сцената на Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се изведат четири концептуално различни изведби во продукција на Скопје танцовиот театар, а во соработка со домашни и меѓународни уметници.
Ќе се изведат кореографиите „Ехо на баронот“ во кореографија и концепт на Дејан Битровски. Музиката е на HERZEL, сценографија на Матеа Мијановиќ, а ќе настапат Анастасија Данчевска, Стефани Шаршмит и Нина Петрушевска. Потоа ќе биде изведена „Џез Токата“ во кореографија на Рисима Рисимкин, во која настапуваат Илина Костова и Моника Шолевска. Ова е дипломска изведба на студентки од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Претставата е инспирирана од музичка експресија и импровизација, со фокус на техничка прецизност и енергична динамика.
Скопје - Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса времето во текот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со честа појава на локални врнежи од дожд и грмежи.
Од УХМР најавија дека на места процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време поголема количина), грмежи, силен ветер (над 60 км/ч) и изолирана појава на град.
Во Скопје, до крајот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремен дожд и грмежи.
Атина – Во олимписката сала „Сунел Арена“ на 18 мај во Атина ќе се одигра првиот натпревар од ракометното финале на ЕХФ Европскиот куп меѓу АЕК и Алкалоид, а домаќините во текот на викендот одлучија која сала ќе ја користат, јави дописничката на МИА од Атина.
Во грчките спортски медиуми и во оние на АЕК во изминатиот период се споменуваше дека челниците на клубот размислува натпреварот да се одигра во Атина или во Халкида, со оглед на тоа што салата што досега ја користеше атинскиот тим не ги исполнува условите за европско финале.
Минхен – Германците работат од дома повеќе од вработените во други европски земји, се наведува во извештајот на Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен, спроведено меѓу вработени со факултетска диплома во 40 земји.
Според анализата, луѓето во Германија работат од дома во просек 1,6 дена неделно, додека глобалниот просек за вработени со полно работно време кои работат најмалку шест часа дневно изнесува 1,2 дена неделно.
Лондон – Во Велика Британија денеска почнуваат четиридневни прослави на 80-годишнината од завршувањето на Втората светска војна со воена парада и прелет на авиони, кои ќе ги следат кралот Чарлс и високи членови на кралското семејство.
Безусловната капитулација на нацистичка Германија стапи во сила на 8 мај 1945 година и тој датум се слави како Ден на победата во Европа, а британската влада планира низа настани за одбележување на годишнината.
Одбележувањето почнува денеска кога познатиот лондонски часовник Биг Бен ќе отчука пладне, кога ќе се прочитаат извадоци од говорот на британскиот воен премиер Винстон Черчил.
Букурешт – Градоначалникот на Букурешт Никушор Дан, независен кандидат за нов претседател на Романија, оцени дека вториот круг од гласањето, во кој за две недели ќе се соочи со лидерот на Алијансата за обединување на Романците (АУР) Џорџе Симион, ќе биде тежок, но изрази оптимизам дека ќе победи и дека Романија ќе тргне по пат ориентиран кон Запад.
Брисел - Началникот на Генералштабот на белгиските Вооружени сили, воздухопловниот генерал Фредерик Вансина ја повика Владата на Белгија да прогласи „кризна состојба“, со што ќе се овозможи поефикасна и побрза набавка на воена опрема и оружје.
Вансина во интервју за весникот „Хет Лацте Њуз“ оцени дека во услови кога „расте заканата“, потребно е белгиската Влада да ја дефинира таквата состојба како „криза“, за да се овозможи преземање на низа мерки што не би можеле да се преземат во мирно време.
Брисел - Европската унија може значително да ја зголеми воената помош за Украина доколку американскиот претседател, Доналд Трамп, не успее да го убеди рускиот лидер, Владимир Путин, да склучи мир, изјави комесарот на ЕУ за одбрана и вселена, Ендрус Кубилиус, за Х.
„Доколку Трамп не успее да го убеди Путин да склучи мир, можеме многу брзо да презентираме поубедлив аргумент за мир - со значително зголемување на нашата воена поддршка за Украина“, истакна тој, пренесен од Укринформ.
Техеран – Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека „постапките на Јеменците во поддршка на палестинскиот народ се независна одлука што произлегува од нивното чувство на солидарност“.
Јеменските Хути вчера ја презедоа одговорноста за ракетниот напад на главниот меѓународен аеродром во Израел во близина на Тел Авив.
Вашингтон/Техеран - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека бара „целосно расклопување“ на иранската нуклеарна програма, но додава дека е отворен за дискусија за цивилната енергетска програма на земјата.
-Мислам дека би бил отворен да го слушнам тоа, знаете. Тие ја нарекуваат цивилна енергија. Но, знаете, цивилната енергија често води до војни. И ние не сакаме тие да имаат нуклеарно оружје. Тоа е многу едноставен договор, изјави Трамп за Ен-Би-СИ Њуз.
Москва – Кремљ денеска соопшти дека средба меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, е неопходна, но Путин нема планирано патување за Блискиот Исток во средината на овој месец.
Ова го изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во одговор на новинарско прашање дали е можна средба Трамп-Путин во Саудиска Арабија. Трамп планира да ги посети Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати меѓу 13 и 16 мај.
Песков рече дека за организирање на таква средба се потребни многу напори и во оваа фаза нема ништо конкретно.
Москва – Русија од јануари до април испорачала 5,76 милијарди кубни метри гас во Европа, што е за 13 проценти повеќе од минатата година, покажуваат податоците од Европската мрежа на оператори на системи за транспорт на гас (ENTSOG). Во април, испораките се забавија поради повисоките температури и рекордните испораки на течен гас во Европската Унија, наведуваат руските медиуми, пренесе Хина.