• среда, 21 мај 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

МИА Општински пул

МИА Општински пул

 22 април 2025

 

 

Куманово - Речиси и да нема училиште во Куманово, каде што не се заменети азбестните покриви, соопштија денеска надлежните од секторот за образование од општина Куманово.

Од вкупно 49 објекти на основните и средните училишта, само во шест помошни објекти има сè уште азбестни покриви. Водоводната мрежа изградена во педесетите години од претходнито век е со азбестни цевки, соопштија надлежните од ЈП „Водовод“.

Станува збор за водоводните мрежи коишто поминуваат низ булеварите, сообраќајниците. Секундарните мрежи, приклучоците до потрошувачите, се од ПВЦ. Замената на азбестните цевки во овој момент велат е невозможна, бидејќи зафатот би бил прескап.

-Како објаснување само замена на три километри водоводна мрежа преку проект од далечната 2002 година н чинеше преку четири милиони евра. Потребни се три до четири општински буџети за целосна замена на азбестните цевки. Замената е невозможно да се реализира без поддршка од централни власти или проекти, изјави директорот на ЈП „Водовод“, Оливер Стојмановски.

Слична е состојбата и во останатите градови од државата. Од кумановски „Водовод“ велат дека како членка на здружението на даватели на комунални услуги постојано комуницираат со претпријатија од градовите од државата и состојбата некаде е дури и понеповолна од Куманово. Општината делумно го решава проблемот со одвојување на средства за замена на мрежата во одредени подрачја, при санација на мрежата.

Употребата на производи со кој било тип на азбест е целосно забранета во земјите од Европската Унија од 2005 година.

Штип – Во тек е изградбата на двата резервоари за вода кај населбите Пребег и Мерите, со средства од самопридонест, а инвестицијата е нешто помалку од еден милион евра. Нивната изградба оди според планираното, а резервоарот кај населбата Пребег ќе биде готов до септември, информираа на заедничка прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јораднов и директорот на ЈП „Исар“-Штип, Александар Арсов.

Градоначалникот на Општина Штип, Јорданов, рече дека изградбата на резервоарите ќе овозможат дополнителен капацитет за водоснабдување на градот Штип.

-Со нешто повеќе од 2.000 кубици вода, кои што значително ќе ја подобрат состојбата со водоснабдувањето на територијата на градот Штип, пред сѐ во летните месеци кога имаме зголемен притисок, зголемена потрошувачка и досега највисоките делови од градот се биле засегнати со овој проблеми, изјави Јорданов.

Тој најави дека се очекува да се започне со изградба и на трет резевоар кај месноста Каваклија, а со кој исто така ќе се зголемат количните на вода за пиење во друг реон на градот Штип, а тоа се населбите Суитлак, Каваклија и Деснаци. Изградбата на овој резевоар општината ќе ја чини околу 200.000 евра. Јорданов додаде дека се инвестира и во реконструкција и изградба на нови секундарни, но и главни водоводни мрежи, со што ќе се намалат загубите на водата за пиење, но и ќе нема чести дефекти, поради силниот притисок.

-Некаде 50 литри во секунда филтрирана вода, како загуба е намалено со изградбата на главна линија ниска зона. Паралелно со проектите Водоводна линија два и главна линија во ниска зона работиме на промена и на секундарните водоводни мрежи, рече Јорданов.

Прашан дали и ова лето жителите во високите зони ќе имаат проблеми со водоснабдување, бидејќи резервоарот кај населбата Пребег ќе биде готов во септември, Јорданов одговори дека овој проблем ова лето е решен со активирањето на Водоводна линија два. Дополнителна инвестицијата од над половина милион евра ќе биде и СКАДА системот, со кој ќе се следат загубите на водата за пиење. Проектот ќе се финансира со пари од унгарскиот заем.

Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Арсов на денешната прес-конференција истакна по 30 години е направен основен проект за СКАДА системот и проектот е доставен, по што се очекуваат средства за негова реализација. Инаку за само неколку месеци извршена е и реконструкција на секундарната мрежа на неколку штипски улици во должина од два километри.

Дебар - Дебарската вековна традиција на верски соживот, по што е препознатлив овој крај, ја продолжуваат и најмалите, како за големите православни така и муслимански празници.

Така, по повод  празникот над празниците, Христовото воскресение-Велигден, традиционално децата од групата Мозаик од детската градинка "Брешиа", денеска беа во посета на црквата "Успение на пресвета Богородица".

Заедно со децата беа директорката на градинката, Ајрије Дачи и воспитувачката Марија Василевска и негувателката Амела Незироска.

- Целта на оваа наша посета,  покрај запознавање со верските обичаи поврзани со Велигден е и развивање на мултикултурализмот со оглед на тоа што во групата има дечиња и од муслиманска вероисповед, да се развива социјалната кохезија и љубов и почит кон различностите, рече за МИА, Василевска.

Дечињата срдечно ги дочекаа намесникот на дебарската парохија Миле Ангеловски и претседателот на Црковниот одбор, Душан Казанџиевски.

Отец Миле  им објасни кои обреди се поврзани со Велигден, начинот на одбележување,  им подели црвени велигденски јајца.

-Голема благодарност за посетата, особено за залагањето на директорката Ајрије Дачи, и на групата МОЗАИК. Детскиот глас и радост дополнително ни го збогатија празнувањето, рече отец Ангеловски, порачувајќи дека и тие и сите жители се добредојдени во божјите храмови.

Казанџиевски од име на Одборот ги угости со храна и сокчиња.

Оваа група, претходно, по повод Рамазан Бајрам беше во посета на Инќјар џамијата во Дебар, каде срдечно добредојде им посака имамот Орхан Зенго, секретар на дебарското муфтиство.

Скопје - Општина Карпош продолжува со засилен инспекциски надзор врз сите градилишта на своја територија, со цел да се обезбеди законска, безбедна и одговорна урбана изградба. Во текот на изминатата недела, од страна на градежен и комунален инспектор, како и со активно присуство на комуналните редари, беа спроведени над 50 контроли на терен.

Како резултат на овие контроли, изречени се вкупно 26 казни и 17 опомени, со целосна примена на законските надлежности и прописи.

Градежниот инспектор, согласно својата надлежност, изрече четири казни во висина од 500 до 3.000 евра, на правни и одговорни лица.

Комуналниот инспектор изрече пет казни по 300 евра за одговорни лица, како и пет казни по 1.500 евра за правни лица. Воедно, беа изречени и пет опомени, при што недостатоците беа коригирани веднаш на лице место.

Дополнително, казни беа изречени и за повеќе правни субјекти, како резултат на утврдени прекршувања. Истовремено, кај дел од градежните компании беше постапено по издадени опомени, со целосно почитување на наложените мерки.

Комуналните редари во истиот период изрекоа 12 казни во висина од 40 евра, како и 12 опомени. Доколку во наредниот период не се извршат потребните корекции кај овие градби, во постапката ќе се вклучи и комуналниот инспектор, чии казни, согласно законот, се со значително повисоки износи.

Општина Карпош уште еднаш апелира до сите инвеститори и градежни компании кои работат на територија на општината, да ги почитуваат законските прописи, како и да водат сметка за околината, особено при работа во зони со индивидуално домување.

Куманово - Намален е бројот на годишни пријави за семејно насилство во кумановската полиција, информираа денеска од СВР Куманово. Во 2024 година биле евидентирани 348 пријави, што е намалување за 56 во однос на 2023-тата година кога имало 404 пријави.

- Во пријавените кривични дела од семејно насилство обично како жртва се појавува жена над која е употребена физичка сила од страна на сопруг, вонбрачен другар, разведени или во процес на бракоразводна постапка. Во одредени настани сторителите биле под дејство на алкохол, антидепресивни лекарства и психотропни супстанции, и се заканувале со огнено, ладно оружје или тврди предмети, информираше полицијата.

И од кумановскиот Центар за социјални работи информираат дека има намален број на пријави. Според податоците на Центарот, најчесто жените се жртви на семејно насилство, повозрасни членови на семејствата и децата. Од СВР Куманово информираат дека поретки се случаите каде семејното насилство е извршено од страна на син над мајка – татко, татко и мајка над син, или внук над баба. Во тие случаи како причина за насилство се наведуваат побарување на парични средства заради набавка на наркотици, имотно правни неразрешени односи и друго.

- Зајакната е свеста за пријавување. Жртвите се охрабруваат. Децениските кампањи на институциите, како и објавите на медиумите придонесоа жртвите да не се плашат и да пријават. Сепак, сè уште има случаи кога во последен момент жртвите најчесто заради економската независност, неподдршката од семејството, роднините, пријателите, жртвите ја повлекуваат пријавата, изјави социјалниот работник, Елизабета Ангеловска, водител на случај во Центар за социјална работи, Куманово.

Кумановската полиција регистрира повторување на овие дела, жртвите по неколку пати ги пријавуваат сторителите на насилството.

- Во неколку случаи, инцидентите на семејно насилство биле пријавени повеќекратно во истото семејство, укажувајќи на повторувачко однесување. Кај одреден дел од пријавите се завршиле со повлекување од кривично гонење од страна на оштетените, соопштија од полицијата.

Секој случај е различен, објаснува Ангеловска. Центарот за социјални работи по првичната проценка и психосоцијалната поддршка ги насочува жртвите кон други институции кои можат да помогнат да не се вратат во насилната средина. Агенцијата за вработување нуди повеќе можности за поддршка на жените-жртви на семејно насилство.

- Во однос на заштита на жртвите се поднесуваат и привремени мерки за заштита до Основен суд Куманово. Доколку мерките бидат прекршени се поднесува кривична пријава до основно јавно обвинителство. Може да се случи и да има подобрување така што го известуваме судот дека мерките дале позитивен резултат, вели Ангеловска.

При решавањето на случаите работи мултисекторски тим во кој освен Центарот за социјални работи, вклучени се и МВР, образование, здравство.

- Во случаите во кои мора веднаш да се интервенира, мора да постапувам мултисекторски тим. Најчесто се поднесува кривична пријава до обвинителството, додава Ангеловска.

Најчесто жртви се жени од 30 до 50 години.

Скопје - Општина Ѓорче Петров реализираше уште два инфраструктурни зафати во урбаното јадро, со целосна реконструкција и асфалтирање на две улици.

Улиците Вера Циривири и Никола Вукмировиќ добија нов лик, како дел од континуираната стратегија за модернизација на инфраструктурата.Вкупната површина е 3.020 м², а вкупната вредност на инвестицијата е 3.135.000 денари.

Проектот е финансиран со средства од Владата на Република Македонија, што ја потврдува важноста на соработката помеѓу локалната и централната власт.

Двете улици ја поврзуваат ул. 4-ти Јули со бул. Ѓорче Петров, што значително ја подобрува сообраќајната комуникација и ја зголемува безбедноста на жителите во овој дел од општината.

Градоначалникот Александар Стојкоски изјави дека општината продолжува со модернизацијата на инфраструктурата во Ѓорче Петров.

-Овој проект е само еден од многуте што ќе следат, бидејќи нашата цел е да создадеме современи и функционални услови за живот за сите наши граѓани. Благодарни сме на Владата за поддршката и продолжуваме со напорна работа за напредокот на општината - рече Стојкоски.

Со овие нови вложувања, Општина Ѓорче Петров продолжува да го подобрува квалитетот на живот за сите жители, инвестирајќи во урбана инфраструктура и создавајќи функционален град за сите.

Штип – Во касарната „Јане Сандански“ во Штип денеска се одбележа 110 години од загинувањето на македонски револуционер и војвода Јане Сандански, име кое е патрон и со гордост го носи штипската касарна. Командантот на Првата пешадиска бригада бригаден генерал Дејан Чиплаковски истакна дека во историјата постојат два вида на личности едни што ја создаваат и други што ја следат. 

- Денес, после 110 години од неговата смрт, дефинитивно можеме да потврдиме дека Јане Сандански е од оние кои ја создадоа македонската историја. Животот и револуционерното дело на Сандански длабоко се вткаени во вековната борба на македонскиот народ за слобода и создавање на самостојна, суверена и независна македонска држава. Не попусто државата му оддава почит и спомен со опевање во својата химна. Сандански најпрецизно може да се опише како претставник на македонската народна интелигенција и авагарда на своето време, чија јасна определба била изведување на морална и политичка револуција, рече Чиплаковски.

На 22 Април 1915 година Јане Сандански бил убиен од своите политички противници, од заседа кај месноста Блатата (Мелничко) во пазувите на Пирин планина, кога сам без обезбедување одел за Неврокоп. На надгробната плоча врежана е неговата мисла: „Да живееш значи да се бориш. Робот за слобода, а слободниот за совршенство“.

-Во народната меморија, Јане Сандански ќе остане засекогаш запаметен како една грандиозна фигура, како борец и војвода кој секогаш бил во служба на народот, како негов организатор, водич и заштитник, рече во својот говор Чиплаковски. На свеченоста присуствуваат, градоначалници од општините во Брегалничкиот регион, како и директори и делегации на државни и локални институции, потоа претставници од СВР-Штип и на Сојузот на борци Штип и на Македонската православна црква. 

Дебар – Познатото македонско древно светилиште, Бигорски манастир, во деновите пред и за време на празникот на Христовото воскресение-Велигден, традиционално беше преполн со верници, но овој пат нив ги имаше многу повеќе.

Знаејќи дека Велигден во Бигорски се прославува најторжествено, како никогаш до сега на воскренската Велигденска литургија присуствуваа над 5 илјади верници, од нашата и од соседните земји, што е двојно повеќе споредено со изминатите години.

- Во болскотот на оваа ноќ посветла од сите дни, кога сета твар замолчува пред славата на непобедливата Светлина, Свештената Бигорската Обител повторно беше озарена од нетварната убавина на Воскресението Христово. Во мигот кога насекаде се слушна победоносниот повик: „Христос Воскресе!“, целиот манастирски комплекс се претвори во сјајна Пасхална светлина, во неземна светлост која ги просветлува срцата и ги преобразува душите, велат од Обителта.

Како и секоја година, и овој пат од Светата земја тука пристигна Светиот благодатен оган, сведоштво на непрекинатото чудо на Воскресението, пламенот на надежта кој никогаш не згаснува. И годинава верниците го примија со трепет, со солзи, со љубов што гори посилно од секој оган, така што и храмот и дворот беа исполнети до последно катче со молитвени срца, што копнееја да ја вкусат вечната Пасха.

Празничното торжество го предводеше Неговото Преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, со силна пасхална радост, со љубов што се прелеваше и која срца прегрнуваше, со благодатна тишина меѓу зборовите и со громогласно сведоштво на победата што вечноста ја воспева. Околу него, целото монашко братство и сестринство и морето од верници – како една душа, како едно срце, како едно тело Христово – сè во свечена Воскресенска симфонија.

- Христос воскресна од мртвите, со смрт смртта ја победи и на тие во гробовите живот им подари, одекна тропарот на победата и одѕвонуваше меѓу небесата и земјата. Ова не е обичен ден. Ова не е само спомен. Ова е реалност што ги потресува темелите на смртта и на времето. Христос воскресна и веќе ништо не е исто. Пеколот е лишен од својот плен. Стравот се растура. Смртта е победена. Слободата на децата Божји засветли во мракот.

Во мистичната ноќ на невечерниот Ден, низ планинската свежина, ангелски се разлеа химната на животот. Срцата, распнати на крстот на секојдневните борби, се спуштија во гробот на смирението и таму ја најдоа Пасхата красна – Христос, Кој воскреснува, Кој ослободува, Кој сè обновува. Како што вели Самиот: „Ете, сè ново создавам“.

Во словото владиката Партениј порача „Нека воскресенската радост на овој незалезен ден на Пасхата Господова вечно трепери во душите наши, нека биде почеток на живот нов, на живот победоносен, на живот вкоренет во Љубовта, Која ниту времето, ниту смртта не можеа да ја победат“.

-На овој Празник не треба многу зборување. Самиот ден говори. Самиот ден, Пасхата Христова, ја испраќа најсилната порака, ако само имаме срце да ја слушнеме. Таа порака, возљубени, не е тивка. Таа крши коски, буди срца, распарчува карпи. Оти, Воскресението не е теорија, не е идеологија – тоа е настан. Тоа е Светлина што влегува во мракот, живот што влегува во смртта. Христос воскресна – и ништо веќе не е исто. Отворете ги срцата свои. Ослободете се од сè што е мртво во вас, сè што е привид, сè што е гревовна навика. Станете нова твар! Немојте да бидете заспани Христијани кои само го носат името Христијани! Да, и светот, и ние, и нашите ближни – сите сме веќе уморни од Христијани без Христос, од живот без светлина, од вера без преобразување. А Христос токму тоа го донесе – преобразување, нов живот, нов почеток, рече меѓу другото во своето слово владиката Партениј.

Додаде дека дека да се биде Христијанин значи да се биде светлина во темнината, да се биде топлина во студот на светот, да се биде носител на надеж таму каде што другите гледаат безнадежност.

- Бог да ве благослови сите, возљубени. Бог да ја благослови нашата Татковина, да го утеши овој свет кој е толку растргнат од немири и војни. Христос, Кој е Бог на мирот, нека го подари Својот мир во срцата, во домовите, во народите. И особено ви посакувам вистинско, живо, благодатно соединение со воскреснатиот Христос. Секоја Литургија е Пасха. Секое причестување е воскресение, порача владиката.

Инаку, токму од Бигорскиот манастир почна традицијата на пренесување на благодатниот оган од Ерусалим на Велигден во нашава земја, во 2009 година, во организација на Епископот Антаниски г. Партениј, а тогаш преку пријатели од Грчката црква беше преземен од Солун. 

Остани поврзан