МИА Општински пул
- 23 април 2025

Дебар - Амбасадорите на Албанија и на Италија во нашата земја, Денион Меидани и Паоло Палминтери вчера биле во посета на Дебар и Гостивар, објави Меидани синоќа на Фејсбук.
Во Дебар, амбасадорите се сретнале со градоначалникот Хекуран Дука, со кого разговарале за „предизвиците и потенцијалот на развојните проекти кои можат да се поддржат на локално ниво".
Во Гостивар, во друштво на градоначалникот Ваљбон Лимани, тие ги посетиле Центарот за аутизам „Blue Puzzle“ и Младинскиот центар iCan - два инспиративни модели за социјална инклузија, правата на децата и зајакнувањето на младите.
Амбасадорот Меидани високо ја оценил посветеноста на локалните власти и ја изразил поддршката на амбасадата за иницијативите кои градат мостови на соработка и позитивно влијаат на заедницата.
- Во Дебар на кафе и срдечен разговор со градоначалникот Хекуран Дука, место кое потсетува дека гостопримството и визијата за иднината се дел од ДНК на овој град. Потоа во Гостивар во друштво на градоначалникот Лимани ги посетивме Центарот за аутизам „Blue Puzzle“ и Младинскиот центар iCan; два простори кои инспирираат љубов, вклученост и вистинска посветеност на децата и младите. На двете посети имав задоволство да бидам придружуван од мојот пријател, амбасадорот на Италија во Скопје, Паоло Палминтери, напиша Меидани на Фејсбук.
Тој наведува дека „тоа беше ден кој уште еднаш покажа дека дипломатијата е блиска и до народот, таму каде што работите се прават со срце и каде посветеноста на поправедни општества добива целосна смисла".
Струмица - Во Европска куќа во Струмица денеска во 12:00 часот, ќе се одржи едночасовен промотивен настан од сферата на филмската писменост, насловен како Тивериполско филмско пладне: Шекспир за сите“. Настанот се одржува токму на роденденот на великанот Вилијам Шекспир (1564 – 1616), а организаторот, Интернацилоналниот филмски фестивал „Астерфест“, се навраќа на овој голем датум за европската и светската литература и уметност потсетувајќи се на значењето на делата кои се повод за најпознатите адаптации.
-Шекспир е преведуван на многу јазици и пространства и отсекогаш бил инспиративен и актуелен, како еден од најадаптираните писатели во филмскиот и ТВ-медиумот, наведуваат организаторите.
За оваа пригода посебен осврт ќе имаат проф. д-р Мимоза Рајл и проф. м-р Гоце Ристовски, кои ќе зборуваат за значењето на Шекспир за денешнината, за едуцирањето на младите генерации врз примерите на Шекспир, за поуките и мудростите кои зрачат од неговите дела, за предизвиците од драмите преточени на македонски, како и за потребата од подлабоко изучување на Шекспир во училиштата, токму со проекции на филмови создадени според неговите дела.
Овој пладневен настан ќе биде збогатен со проекција на три исклучителни кратки филма, кои биле дел од програмата на „Астерфест“: „Кралот Џон“ на Џон Ласт (9 мин., Велика Британија), „Доверба“ на Јулијана Нојхубер (8 мин., Австрија) и „Шекспир за сите“ на Ханес Рал (3 мин., Германија). Избраниот филмски триптих ќе го најави проф. д-р Горан Тренчовски, директор на „Астерфест“.
Скопје - Општина Илинден постојано работи на реконструкција и урбанизација на сите населени места со цел задоволување на потребите на сите граѓани. Деновиве е започната реконструкција на спортско игралиште во населеното место Кадино, поточно во дворот на основното училиште „Ристо Крле“. Со оваа реконструкција е предвидено поставување на нова заштитна ограда, осветлување со нови столбови и рефлектори, како и изработка на подна бетонска плоча. На ова спортско игралиште ќе бидат санирани головите и ќе бидат поставени нови табли за кошарка, со што ќе може да се користи за повеќе спортови, информираат денеска од Општина Илинден.
Градоначалникот на општината, Александар Георгиевски, извршил увид на игралиштето и истакнал дека освен во просторното уредување и реконструкција, ова повеќенаменско спортско игралиште е од особена важност за релаксација и рекреација на жителите на општината. Тој додал дека овој спортско-рекреативен терен, со својата разновидност ќе им овозможи на сите жители да уживаат во играта, спортот и забавата.
Оваа реконструкција на веќе постоечки спортски игралишта и изградбата на нови, според Општина Илинден, претставуваат континуитет на успешните проекти на Општината за урбанизација и уредување на сите населени места во општината. Во наредниот период, најавуваат оттаму, ќе бидат изградени нови и реконструирани постојните игралишта и во останатите населени места.
Скопје - Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски вчеравечер приредил велигденска трпеза по повод Воскресението христово – Велигден.
Во обраќањето пред присутните, соопштија денеска од Општина Гази Баба, градоначалникот Стефковски говорел за ликот и делото на Исус Христос и за тоа дека ниту една друга личност, како личноста на Исус Христос и ниту еден друг настан како настанот со воскресението не предизвикале таков интерес и не направиле таков пресврт во историјата на светот и човекот.
- И доаѓањето на Исус Христос неговото живеење и неговото заминување биле пропратени со необични појави и случувања. Кога се родил во Витлеем се појавила необична ѕвезда на небото, а додека живеел од него излегувала сила која ги лекувала. Болни исцелувал, грешни поправал, гревови простувал и никој ниту пред него, ниту по него не живеел со таква сила, навел Стефковски.
Дополнително тој се осврнал и соживотот кој го имаат граѓаните од различни етнички заедници во општината.
- Од оваа година започнавме една нова традиција. За Бајрам се собравме на Ифрат со граѓаните од Исламска вероисповест, а денес на третиот ден од Велигден сме собрани тука на Велигденска трпеза. Само со взаемно почитување на религијата и традицијата ќе ја покажеме нашата големина пред се како индивидуи, а потоа и како народ, истакнал градоначалникот Стефковски.
Стефковски им упатил порака на граѓаните дека без разлика на етничката, верската или било каква друга припадност е да се почитуваме помеѓу себе, да си помагаме секогаш кога тоа е потребно. Во тагата да тагуваме, а во радоста да се радуваме.