• вторник, 06 мај 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Флеш

  23  април 2025

 

Скопје - Државата е на раскрсницата помеѓу стариот систем и новата европска иднина. Планот за раст и Реформската агенда не е само услов за интеграција. Таа е инструмент за оздравување на нашето општество. Интеграциите и растот се наш компас, но реформите мора да бидат наши одлуки, наши политики, наше национално зреење. Корупцијата е системски проблем, не индивидуална девијација, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски на Тркалезаната маса за предизвиците и придобивките од Планот за раст за Западен Балкан. 

Мицкоски рече дека корупцијата кај нас не е само појава, туку дел од начинот на функционирање на одредени делови од општеството и систем кој се штити сам себе.

Скопје - Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК спроведува акција на повеќе локации низ државата поради основано сомнение за сторени кривични дела со кои е сторена штета на Фондот за здравство.

-Со оглед на обемот на акцијата повеќе информации ќе бидат споделени по нејзиното завршување, информираат од МВР.

Дел од медиумите објавија неофицијални информации дека се работи за долгогодишно незаконско работење со прикажување на лажни дијагнози со кои се овозможувало аплицирање, добивање и користење на финансиска помош за туѓа нега на лице и за незаконско стекнување и користење на инвалидски пензии. 

Скопје - Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) денеска упати повик до сите големи трговски синџири, супермаркети, добавувачи и дистрибутери да постапуваат строго согласно Законот за забрана на нефер трговски практики („Службен весник на РСМ бр. 66/24“) со цел, како што велат, да се обезбеди фер, транспарентен и законски пазар во интерес на економијата, производителите и потрошувачите.

Скопје - Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше организатор и домаќин на панел-дискусијата на тема „Улогата на Франкофонијата во светот и регионот“, организирана по повод Месецот на Франкофонијата. Настанот беше отворен со обраќање на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, информираат од МНРиНТ.

На панел-дискусијата учествувале амбасадорите на неколку франкофонски земји акредитирани во Република Северна Македонија, меѓу кои Франција, Швајцарија, Романија и Грција, кои преку свои излагања ја истакнале важноста на Франкофонијата како платформа за мултилатерализам и културна разновидност.

Куманово - Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски и градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски денеска извршија увид во градежните активности на регионалниот пат Р1104 Куманово транзит-улицата „Никола Тесла“. Овој пат го поврзува Куманово со Граничниот премин Табановце и со селата од општина Куманово кон северната граница. За реконструкција на овој пат одвоени се над 20 милиони денари.

Куманово - Предвидено е проширување на патарината кај Миладиновци и зголемување на процентот на поминувања за електронска наплата на патарините (таг), најави денеска директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски при посетата на Куманово каде почна рехабилитација на регионален пат.

Целта е, потенцира, да има што повеќе поминувања со тагови, наместо со кеш и платежни картички.

Скопје – Вреди нема никакви дилеми, како што ветивме донесовме промена, плурализам и демократија во албанскиот кампус. Ние стоиме цврсто на тој пат, тука е проблемот со господинот Таравари. Ние одлучивме дека Вреди ќе биде едно и дека соработка со Демократската унија за интеграција (ДУИ) не е можна. Соработка со ДУИ и дел од Владата мислам дека не штима, изјави денеска првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, по Форумот за енергетика и технологија помеѓу Чешка и Северна Македонија.

Скопје - Полицијата вчера попладне ги лишиле од слобода С.Ф.(28) и А.С.(48), двајцата од Прилеп, поради сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. 

Како што информира денеска МВР, лицата се сомничат дека предизвикале пожар на градската депонија во Демир Хисар. При преглед кај нив се пронајдени предмети со кои го предизвикале пожарот.

По документирање на настанот, против нив ќе следува соодветна пријава. 

Скопје - Пет пациенти од повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска ќе се вратат од лекување од Клиничкиот центар во Србија, по што согласно протоколот тројца ќе бидат под опсервација на Клиниката за пулмологија и по еден пациент на Клиника за пластична хирургија и во Хируршка клиника „Св.Наум Охридски“, информираат од Министерството за здравство.

Во текот на вчерашниот ден еден пациент се врати од лекување од Хрватска и се наоѓа под опсервација на Клиниката за пластична хирургија, со што во странските медицински центри остануваат на лекување 38 пациенти.

Скопје - Во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за убиството на Вања и Панче, каде што сведочи обвинетиот Љупчо Палевски. Во својот исказ, тој денеска повторно ги оспори обвинувањата против него, тврдејќи дека доказите на обвинителството се нецелосни и манипулативни.

Палевски во одговор на прашања од неговиот бранител, адвокат Јовица Страшевски, посочи дека сведокот Ерол Османи дал неточни информации за датумот на поправка на неговиот котел, тврдејќи дека работата била завршена на 28 ноември 2023 година. Според Палевски, тој тогаш не бил присутен во Бутел и таквата интервенција се случила на 22 ноември. 

Скопје - Адвокатот Јовица Страшевски, бранител на обвинетиот Љупчо Палевски, обвинет за убиството на Вања и Панче, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје истакна дека постојат значителни разлики меѓу изведените докази и изјавите на обвинителството.

-Доказите што ги изведуваше ОЈО и нивните прашања поставени кон обвинетите покажуваат големи разлики во однос на изјавите и презентираните материјали, изјави Страшевски, нагласувајќи дека денешното сведочење на Палевски е клучно за да се утврдат овие неусогласености.

Скопје - Пратениците денеска во продолжението на 41. собраниска седница го изгласаа Законот за даночно ослободување со цел реализирање на одлуката за склучување на анекс на договорот за концесија за промена на намената на дел од средствата.

Во рамките на 43. седница Собранието го донесе законот за изменување на Законот за градежно земјиште, со кој се врши допрецизирање на постапката за водење на Регистар на отуѓено и дадено под долготраен и краткотраен закуп, на градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија, преку информацискиот систем www.gradezno-zemjiste.mk.

Скопје - Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразува сериозна загриженост поради последните одлуки на Апелациониот суд Скопје од април 2025 година, со кои беа одбиени жалбите на новинарите нападнати за време на насилствата во Собранието на 27 април 2017 година.

-Овој датум останува запаметен како ден кога брутално беа прекршени правата на новинарите и медиумските работници. Наместо да биде потврдено дека нападите и заканите кон новинари се неприфатливи, судот испраќа порака дека ваквите дела може да поминат неказнето. Ваквите одлуки го поткопуваат правото на безбедно и слободно новинарство.

Скопје - Добро е што се вмрежуваме со другите интерпарламентарни групи од соседните земји. Гледаме колку е неопходно нашата заедничка соработка и во однос на квалитетен транспорт. Транспорт што помалку загадува, тоа се тие брзи зелени железнчки линии, за кои си дадовме и одреден рок, дека ќе патуваме така. Нема потреба да патуваме со авиони до Белград и до Загреб, ако имаме таканаречена „зелена линија“, изјави денеска пратеничката Велика Стојкова - Серафимовска во рамки на тркалезната маса „Зелени пратенички групи на Западен Балкан - средба со Транспортната заедница“, што се одржува во Скопје.

Белград - Ректорот на белградскиот универзитет Владан Ѓокиќ денеска изјави дека нема да присуствува денеска на нова средба со српскиот премиер бидејќи итно бил повикан во Првото основно јавно обвинителство поради нова кривична пријава поднесена кон него од студент, јави дописникот на МИА од Белград.

Ѓокиќ во писмото до Ѓуро Мацут наведува дека кривичната пријава против него ја поднеле студентот Милош Павловиќ и други, за кривично дело повреда на рамноправноста, додавајќи дека во барањето на обвинителството стои дека од него се очекува итно ангажирање.

Анкара - Земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала го погоди денеска регионот на Истанбул, јавија турските медиуми, повикувајќи се на извештај на Дирекцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД).

Земјотресот се случил во 12:49 часот по локално време, откако на истата локација во 12:13 часот бил регистриран земјотрес од 3,9 степени.

Варшава - Варшава нема да испрати свој воен контингент како дел од можна мировна мисија во Украина, но ќе и „обезбеди поддршка“, изјави денеска полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.

За време на говорот на Полскиот саем за надворешнополитичките задачи на земјата оваа година, тој рече дека без Полска, обезбедувањето помош за Украина би било невозможно, имајќи предвид дека најмалку 80 отсто од целата помош за Украина поминува низ логистичкиот центар Жешов-Јасионка.

Брисел - Во услови на тековните глобални конфликти и неодамнешните економски турбуленции, мултилатерализмот останува клучен за обезбедување ефективни и одржливи резултати, порача претседателот на Еврогрупата и ирски министер за финансии Паскал Донахју пред заминувањето за Вашингтон, каде оваа недела ќе учествува на пролетните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка. 

Брисел - Европската комисија утврди дека компанијата „Мета“ ја прекршила обврската од Законот за дигитални пазари на ЕУ (ДМА) со тоа што на потрошувачите не им нуди избор на услуга што користи помалку нивни лични податоци, како и дека „Епл“ не се усогласила со ДМА во врска со понудата на нејзините управни услуги. 

Како што соопшти портпаролот на ЕК за технолошки суверенитет, одбрана, Вселената и истражување, Тома Рение, поради ова Комисијата на „Мета“ и изрече парична казна од 200 милиони евра, а на „Епл“ од 500 милиони евра. 

Вашингтон - Федерален судија и нареди на администрацијата на претседателот Доналд Трамп да го врати Гласот на Америка, велејќи дека со напорите за уништување на 80-годишниот информативен сервис финансиран од владата веројатно се прекршени и законот и Уставот.

Според Политико, американскиот окружен судија Ројс Ламберт рече дека брзањето на администрацијата да го распушти Гласот на Америка (VOA) и сродните новински организации финансирани од Американската агенција за глобални медиуми (USAGM) резултираше со суспензија на стотици новинари и вработени.

Газа – Појасот Газа „веројатно се соочува со најлошата хуманитарна криза“ откако почна војната меѓу Израел и палестинското исламистичко движење Хамас пред повеќе од година и пол, според Обединетите нации.

Помошта за цивилното население е отежната од новите израелски воени напади, блокадата на испораките на хуманитарна помош која трае повеќе од 50 дена, смртоносните напади врз волонтери и масовните ограничувања на движењето во крајбрежниот појас, се вели во извештајот објавен денеска од Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (ОЦХА).

Киев – На украинскиот фронт се појавува нова закана – оптички дронови поврзани со команден центар преку кабли долги до 20 километри, кои не користат радио сигнали и со тоа стануваат речиси невозможни за попречување по електронски пат.

Овие таканаречени „жичени камикази дронови“ предизвикуваат сериозни промени во начинот на борба, а украинските и руските сили сè почесто ги користат, пишува Гардијан.

Њу Делхи - Потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс изјави дека Вашингтон очекува и Украина и Русија да се откажат од некои територии за да постигнат мировен договор, пренесе Укринформ, повикувајќи се на агенцијата Блумберг.

Според него, демаркациската линија веројатно нема точно да се совпаѓа со сегашната линија на фронтот, но ќе биде блиску до неа.

Њу Делхи - Во напад врз туристи во индискиот регион Џаму и Кашмир загинаа 26 лица, а 17 се ранети, соопшти денеска полицијата.

Станува збор за најлошиот напад врз цивили во Индија од 2008 година, наведуваат агенциите.

Во нападот загинаае 25 Индијци и еден непалски државјанин.

Индискиот премиер Нарендра Моди ја прекина посетата на Саудиска Арабија и денеска се врати во Њу Делхи.

Пекинг - Прелиминарните планови за Меѓународната станица за истражување на Месечината, кои заеднички ги развиваат Кина и Русија, вклучуваат изградба на нуклеарен реактор на површината на Месечината, покажа денешната презентација на Пеи Жаоју, главниот инженер на кинеската мисија „Чанг'e-8“ планирана за 2028 година 

Презентацијата покажа дека енергетскиот систем на идната база, освен на нуклеарна енергија, може да се потпира и на големи соларни панели кои ќе се инсталираат на површината на Месечината.

Лос Анџелес - Речиси 30 години попрвиот филм, хорор-класиката „Знам што направивте минатото лето“ (I Know What You Did Last Summer) доживува ново продолжение. Деновиве е објавен и првиот трејлер.

Новата видоизменета приказна го спојува современото злосторство (и сериски убиец) со настаните од првиот филм од 1997 година. Џенифер Лав Хјуит и Фреди Принц Јуниор ги повторуваат своите улоги. Но, главните ликови овојпат ги толкуваат Николас Александар Чавез, Били Кембел, Габриела Ли Бехтел - Габриет, Остин Николс и Лола Тунг. Џенифер Кејтин Робинсон го режира филмот по сценарио на Леа Мекендрик, Сем Лански и самата Робинсон.

Тагови

Остани поврзан