• недела, 28 април 2024
МИА Флеш

12 април 2024

- Како кандидат за претседател во секое време прифаќам да има политички дебати со моите противкандидати, но како што се изјаснив пред почетокот на кампањата, инсистирам во дебатите да бидат вклучени сите седум претседателски кандидати потврдени од Државната изборна комисија, изјави кандидатот за претседател на СДСМ Стево Пендаровски.

Тој во пишана изјава до медиумите, посочува дека, токму затоа, прв предложил да се одржат две големи, т.н. мастер дебати, една на почетокот на кампањата и една пред првиот круг на гласање.

- Дебатите беше планирано да се реализираат на неутрален терен, а пренос од истите да вршат сите национални телевизии. На дебатите седумтемина кандидати ќе имаа подеднакви услови да ја презентираат својата програма за работа, вели Пендаровски.

- Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов го посетил повредениот 61-годишен Цане Србиновски, жител на село Дреновци во Општина Долнени, кој во  неделата беше нападнат од мечка на планината Мукос, на месноста „Сеча“, во поширокот атар на селото Оморани на територија на Општина Чашка, соопшти ЦУК.

Србиновски два дена по нападот бил пронајден од неговите блиски од семејството и од местото каде што ги чувал кравите и каде што престојувал во инпровизиран објект „колиба“, бил пренесен во болница во Велес, од каде што по укажаната медицинска помош и давање соодветни медикаменти, бил пуштен на домашно лекување.

Во разговорот со Ангелов, Србиновски детално раскажал како го нападнала мечката, како се чувствувал и какви повреди добил.

– Според информациите од одговорните во Одделението за внатрешни работи Крива Паланка, работењето на територијата на оваа општина бележи импозантни бројки и над 70 отсто ефикасност во работењето, што претставува поголема ефикасност во споредба со минатата, 2023 година, изјави дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, кој денеска заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, ја посетија Крива Паланка. 

Со тоа, како што рече Бојмацалиев, уште еднаш се потврдува тезата дека со опремена и добро мотивирана полиција имаме побезбедни граѓани.

-Тука е и фактот дека сите полициски станици на територија на СВР Куманово, каде спаѓа и Крива Паланка, се реконструирани, посочи дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи.

- Подобрувањето на тешката социо-економска состојба во која што живеат семејствата, како една од главните причини поради која тие често излегуваат на улица, е предуслов за решавање на проблемот со деца на улица и питачењето. Ова е една од препораките на настанот „Растењето на децата во здрава семејна средина, со квалитетна родителска грижа - клучен сегмент за ефикасно решавање на негативната појава - деца на улица и питачењето“ што се одржува денеска по повод 12 Април - Меѓународниот ден на децата на улица.

Во изјава за медиуми во просторите на Центарот за дневен престој за деца во ризик „Патека на надеж“ во Шуто Оризари, Васка Бајрамовска-Мустафа, државен советник од канцеларијата на Народниот правобранител, сподели дека нивното истражување покажува дека појавата деца на улица сѐ уште егзистира, иако се преземаат мерки од страна на надлежните органи со донесување на протоколи за мултисекторско работење за надминување на оваа проблематика.

– Граѓаните најголема доверба од 44 отсто имаат во Армијата, потоа следат религиските институции со 35 отсто, полицијата со 28 отсто, па претседателот на државата со 24 отсто. Владата традиционално е на средина на рангирањето со доверба од 18 отсто, а најниска доверба имаат Собранието со 12 отсто и Обвинителството и судството со по 9 отсто, покажуваат резултатите од истражувањето „Еврометар 2024“ што го спроведе Центарот за европски стратегии – Евротинк.

Анкетата е спроведена телефонски од агенцијата „Брима“ врз репрезентативен примерок од 1.001 испитаник во периодот од 31 јануари до 14 февруари годинава со маргина на грешка од 3,1 проценти во рамките на истражувањето „Перцепции и ставови на граѓаните за работата на полицијата во февруари 2024 година“.

-Во ова мерење има мал раст на довербата во полицијата која е институција во фокусот на овој проект. Традиционално Армијата и религиозните заедници се наоѓаат на првите две места, а полицијата на четврто, но овој пат е на трето место. Потоа следат претседателот на државата, невладините организации  и безбедносно разузнавачки институции. Владата е некаде на средина со 18 проценти доверба, ДКСК и народниот правобранител се со доверба од 15 и 13 отсто и на дното се Собранието, судството и Обвинителството. Има мало враќање на довербата кај Обвинителството и судството кои претходно имаа доверба од 7, односно 6 отсто, рече Александар Стојановски од Евротинк на денешната средба со новинарите.

- Приходите наплатени од Царинската управа (ЦУ) во првото тримесечје годинава изнесуваат 28,7 милијарди денари, што е 1,9 милијарди денари или седум проценти повеќе во однос на истиот период минатата година, соопшти денеска ЦУ.

Според директорот на Царинската управа Стефан Богоев, резултатите покажуваат зголемување на ефективноста на Царината.

Растот на царинските приходи значи поголеми приливи во Буџетот, односно повеќе пари за изградба на патишта, училишта, болници. Ова е нашата цел, која како што покажуваат резултатите, ја остваруваме, вели Богоев во пишана изјава.

Остварените резултати, наведува Богоев, значат поголема ефикасност на институционалните капацитети во наплатата на приходи, подобрување на услугите и сузбивање на корупцијата.

 - Кандидатот за претседател на коалицијата „Вреди“ Арбен Таравари и претседателот на Движењето Беса, Билал Касами одржаа средба со членовите на Здружението Албанска академија на науките и уметност во Тетово. Претседателскиот кандидат Таравари по средбата истакна дека се разговарало за можностите ова здружение да биде институционализирано.

- Здружението на академиците Албанци од Македонија функционира повеќе од две години. Една иницијатива којашто е многу добра и може да придонесе генерално за развој на науката во Македонија. Тетовскиот универзитет пред 25 години беше утопија, меѓутоа денес е реалност, јас се надевам, ова здружение, ние како здружена албанска опозиција „Вреди“ ќе најдеме начин да се институционализира. И да стане или Институт или Академија за науки и уметност на Албанците во Република Северна Македонија. Или да изнајдеме решение некако да биде како сектор во актуелната Академија на науки и уметности на Македонија. За сите опции ќе разговараме и се надевам ќе најдеме решение, ова здружение да биде да биде институционализирано така како треба, истакна Таравари.

 -Тетовската полиција информира дека ноќеска е најдено возилото од кое е пукано кон куќа на улицата „Илинденска“ во Тетово околу 22 часот и 45 минути. Возилото 15 минути претходно било украдено од сопствениците кои добиле закани со оружје.

Пукањето во СВР Тетово го пријави тетовецот М.Т. од Тетово, кој изјавил дека тоа било направено од возило „фолксваген поло“.

- Увид бил извршен и по преземени мерки околу 01.35 часот на 12.04.2024 на патот Тетово-Попова Шапка возилото било пронајдено. Исто така, по преземени мерки било констатирано дека претходно било пријавено дека околу 22.30 часот со закана со огнено оружје возилото „поло“ било одземено од Ф.Е. и неговиот татко Н.Е. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни пријави, се вели во денешното соопштение на СВР Тетово. 

- Збирка избрани песни од Јулијана Величковска со наслов „Кутија на стравот“ е објавена во Азербејџан. Преводот од англиски на азербејџански е на Елјан Салмангизи, уредник на изданието е Ферид Хусеин, кој го напиша и предговорот кон книгата. Изданието е на издавачката куќа „Зардаби“ од Баку.

Јулијана Величковска е писател, уредник, преведувач и организатор на поетски фестивали. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, соосновач и директор е на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмски директор е на „Поетска ноќ во Велестово“, Охрид. Авторка е на стихозбирките „Комарци“ и „Отворена книга“, на романот „Годишни времиња“, на книгата за деца „Ведра“, илустрирана од Марио Каев, за која ја освои наградата за најдобар текст во сликовница на меѓународниот фестивал за литература за деца и илустрација „Литера“, на монографијата „XX години Поетска ноќ во Велестово“, како и на повеќе од триесет книжевни преводи од англиски, од руски, од српски, од хрватски и од црногорски јазик.

- До почетокот на следната седмица ќе се задржи сончево и топло време со мала до умерена локална облачност, соопшти УХМР.

Температурите за време на викендот ќе достигнат до 30 степени.

Во вторник во текот на ноќта, а особено во среда под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои локално ќе бидат обилни во форма на невреме проследени со грмежи и силен ветер. Температурите од среда ќе бидат
во опаѓање.

 

- На крајот на овогодишната зимска грејна сезона, 31 март, складишта за гас ширум ЕУ беа полни над 58 отсто, што претставува рекордно највисоко ниво на гасни залихи во овој период од годината, соопшти денеска еврокомесарката за енергија Кадри Симсон.

- Овие високи нивоа на залихи се резултат на нашата успешна диверзификација во снабдувањето со енергија, напорите на граѓаните и бизнисите да ја намалат потрошувачката на гас и нашите инвестиции во обновливата енергија, што воедно ги претставуваат трите столба на нашиот план „РЕПаурЕУ“, порача Симсон. 

Според неа, и покрај многуте стравувања во пресрет на втората зима од стартот на илегалната инвазија на Русија врз Украина, од неа Европа излегува посилна од претходно, со поголема енергетска сигурност и солидарност и со почисти енергенси. 

 - Постојаната мисија на Иран во Обединетите нации соопшти дека „императивот“ на Техеран да го „казни Израел“ за нападот врз иранскиот конзулат во Сирија би бил избегнат доколку Советот за безбедност на ОН го осудеше нападот.

„Доколку Советот за безбедност на ОН го осудеше чинот на агресија на ционистичкиот режим врз нашите дипломатски простории во Дамаск, а потоа ги изведе неговите сторители пред лицето на правдата, можеби ќе беше избегнат императивот на Иран да го казни овој одметнат режим“, се наведува во соопштението на социјалната мрежа Х. 

Во нападот на иранскиот конзулат во Дамаск, на 1 април, загинаа командантот на Револуционерната гарда во Сирија и Либан, Мохамад Реза Захеди и неговиот заменик, како и пет офицери кои ги придружуваа.

- Европскиот совет денеска во крајна фаза ја одобри ревизијата на Директивата за единствена дозвола за работа и престој во ЕУ за државјаните на земји кои не се членки на Унијата, со која се утврдува административната процедура за добивање на документот и се одредени правата кои ги имаат работниците од трети држави. 

Целта на измените е да се привлечат стручно оспособени и талентирани кадри кои и се потребни на ЕУ и воедно да се надминат некои од недостатоците во однос на легалната миграција во Унијата. Со нив се скратува процедурата за аплицирање за дозволата и се зајакнуваат правата на работниците од странство. 

Согласно ревидираната Директива, надлежните органи треба да ја издадат дозволата или да го одбијат барањето за нејзино издавање во рок од три месеци од поднесувањето на пополнетата апликација. По исклучок, во случај на „сложени апликации“ овој краен рок може да биде продолжен за дополнителни 30 дена. 

- Националната вселенска агенција на Кина денеска соопшти дека лансирањето на нејзиниот клучен сателит за испраќање сигнали било целосен успех и дека тој во наредните години ќе служи како комуникациски мост за идните мисии на Месечината. На 20 март, Кина лансираше поголем сателит и уште два помали сателити, Tианду-1 и Tианду-2.

Сателитот ќе се користи за комуникација со Земјата и во претстојните мисии на оддалечната страна на нејзиниот сателит најмалку до 2030 година. Блиската страна на Месечината секогаш е свртена кон Земјата, што значи дека преносот на податоци од оддалечната страна бил невозможен бидејќи нема директна линија до неа.

 

Остани поврзан