• недела, 12 мај 2024
МИА Флеш

 26 март 2024

 

Скопје – Политичките партии во опозиција и политичките партии на власт кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови, согласно роковникот на Државната изборна комисија (ДИК) за претседателските и парламентарните избори до денеска треба да ги достават предлог членовите за избирачки одбори.

Скопје - Собранието подготвува Декларација за одбележување на четиригодишнината од зачленувањето на земјава во НАТО, а денеска претседателот на Собранието организирал средба во Клубот на пратениците на која присуствувале тројца поранешни премиери и поранешната министерка за одбрана Радмила Шеќеринска.  - Четири години од нашето зачленување во НАТО, се покажа дека сме донеле храбри и мудри одлуки во интерес на безбедна и просперитетна иднина за нашите граѓани. Со тројцата поранешни премиери и поранешната министерка за одбрана Радмила Шеќеринска, која го развиори нашето знаме во седиштето на НАТО, но и со поранешни пратеници, амбасадори, носители на високи државни функции, разговаравме за придонесот што секој од нас поединечно го дал во овој процес и за патот што го изодевме за да имаме денеска безбедна држава, особено во услови на воена агресија недалеку од нас, објави Митрески на Фејсбук.

Скопје - Пратениците денеска, во рамки на трите закажани седници, 131, 138. и 145., ги завршија општи претреси на неколку закони. Гласањето по овие точки, како што информира потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, ќе биде дополнително закажано.

Берово - Со средства од Буџетот на Северна Македонија, доделени како капитални дотации наменети за финансирање на општински проекти, во Берово почна реализацијата на проектот „Изградба на отворен канал за атмосферска вода, покрај ул. „Вељко Влаховиќ“ . За таа цел, како што информираа од Општината, се гради атмосферски канал, во должина од 415 метри. 

Скопје - Дебитантската стихозбирка „Песнило“ од младата поетеса Ива Петреска утревечер ќе биде промовирана во „Кафе Лаб“ („Лабораториум“) во Скопје. Збирката низ разговор со авторката ќе ја претстави Јулијана Величковска, а настанот ќе биде збогатен и со изложба на фотографии од Колевски. - „Песнило“ пее за сите нешта што се чувствуваат на кожата, што ежат, што горат, што оставаат лузни, а потем сече, слој по слој, со прецизен и остар јазик како скалпел, соголувајќи го гнилото во нас и во општеството, за накрај в раце да го држи нашето срце и од нас зависи дали ќе ни заврши во тегла, смета Јулијана Величковска.

Скопје - Концерт со грчка музика со Клеоники Демири се одржа синоќа во Националната опера и балет, во рамки на одбележувањето на годишнината на националниот празник на Грција - 25 Март. Како што информира Амбасадата на Грција во Скопје, која е организатор на концертот, Клеоники Демири  беше придружувана од Ахилеас Вастор на клавир, Димитрис Куфојоргос на мандолина и бузуки и Лефтерис Гривас на хармоника.

Скопје - Во среда кон крајот на денот, во текот на ноќта и во четврток претпладне ќе има врнежи од дожд кои наместа ќе бидат поројни и проследени со ретки грмежи, соопшти УХМР. Утре и во четврток ќе дува засилен, повремено силен ветер (над 60 km/h) од југозападен правец. Во четврток во текот на денот облачноста ќе се намали и потоа следува период на сончево и топло време со пораст на температурата.

Брисел - Советот на ЕУ денеска во последна инстанца го усвои Европскиот закон за слобода на медиумите, кој има за цел заштита на слободата на медиумите, медиумскиот плурализам и независноста на уредувачката политика во Унијата.  Како што јави дописникот на МИА од Брисел, со Европскиот закон за слобода на медиумите (ЕМФА) се воспоставува заедничка рамка за медиумските услуги на ниво на ЕУ и се воведуваат мерки насочени кон заштита на новинарите и медиумите од политичко мешање, а истовремено треба да придонесе за олеснување на нивното работење. 

Брисел - Постојаните претставници на земјите членки на ЕУ на денешното заседание на Специјалниот комитет за земјоделство го поддржаа предлогот на Европската комисија за измени на стандардите за Добри земјоделски и еколошки услови (ГАЕК), поврзани со одредени акти од Заедничката земјоделска политика (ЗЗП).   Како што јави дописникот на МИА од Брисел, предлогот се однесува на прашања поврзани со имплементацијата на стратешките планови на Заедничката земјоделска политика и има за цел да обезбеди поедноставување на правилата, да го намали административниот товар за земјоделството и да обезбеди поголема флексибилност при усогласувањето на земјоделците со одредени еколошки барања. 

Белград - „Претстојната седница на Советот на Европа на која треба да се разгледа барањето за членство на Косово во оваа организација е свикана со цел т.н. Косово да ја обезбеди својата независност“, изјави министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, наведувајќи дека ова е продолжение на се она што започна со агресијата на НАТО врз СР Југославија, јави дописникот на МИА од Белград.

Белград - Зголемено е присуството на патроли на воена полиција на плоштадите, парковите и улиците на поголемите градови, трговските центри, железничките станици, Белградскиот саем и други фреквентни места, а врз основа на заклучоците на Советот за национална безбедност, јави дописникот на МИА од Белград. Министерството за одбрана (МО) соопшти дека вооружените сили на Србија заедно со Министерството за внатрешни работи и безбедносните служби преземаат мерки на претпазливост и превентивни активности за зголемување на безбедноста на граѓаните, објектите и институциите на Република Србија.

Сараево - Високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит потврди дека ќе воведе измени на Изборниот законик на Босна и Херцеговина доколку за тоа нема договор меѓу политичките партии во земјата и дека нема намера уште долго да чека. Во денешното интервју за сараевскиот „Дневни аваз“, Шмит потсети како уште во декември минатата година побарал договор за технички измени на Изборниот законик, а оттогаш ништо не се случило.

Атина – Со чекан и нож, 19-годишен утрово упаднал во средно училиште во Атина и ги повредил директорот и еден ученик, кои се пренесени во болница, а сторителот е уапсен, јави дописничката на МИА од Атина.  Неофицијално момчето рано утрово влетало во училиштето и со чеканот го нападнал ученикот, а веднаш потоа со нож го нападнал и директорот, а двајцата повредени не се во животна опасност.

Москва - Судот во Москва му го продолжи притворот до крајот на јуни на американскиот новинар Еван Гершкович, кој е обвинет за шпионажа. Новинарот на „Волстрит Џорнал“ (32) беше уапсен на крајот на март 2023 година во Екатеринбург додека известуваше од Русија и цело време е во притвор. Гершкович и неговите медиуми ги отфрлија наводите, а американската влада тврди дека тој бил незаконски приведен.

Москва - Федералната служба за безбедност (ФСБ) на Русија соопшти дека спречила терористички напад на пункт за примање хуманитарна помош во Самарскиот регион, кој бил планиран од соучесник на терористичкиот Руски доброволен корпус (РДК), организација која дејствува под покровителство на украинските специјални служби.

Сеул - Ким Јо-Џонг, сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, во денешното официјално соопштение изјави дека средбата со Јапонија не е во интерес на нејзината земја и дека ќе одбие какви било идни преговори.  „Јапонија нема храброст да ја промени историјата, да промовира мир и стабилност во регионот и да го направи првиот чекор кон нови односи“, се додава во соопштението, пренесено од британските медиуми. 

Пекинг - Кина денеска ги повика САД и Велика Британија да престанат да го политизираат прашањето за кибер безбедноста, да ја клеветат Кина и да и наметнуваат еднострани санкции. - Ова е чисто политички маневрирање на САД и Велика Британија за преглед на наводните кинески кибер напади и воведување санкции за кинески физички и правни лица, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијан на редовен брифинг со новинарите.

Вашингтон - Американскиот малопродажен и технолошки гигант Амазон повлече од продажба повеќе од седум милиони фалсификувани производи во 2023 година, покажува денеска објавен извештај. Во 2020 година, компанијата формираше оддел за борба против фалсификување, кој досега поднел тужби и кривични пријави против повеќе од 21.000 правни и физички лица одговорни за нивната продажба, рече потпретседателот на Амазон, Дармеш Мехта.

Пекинг - Кина воведе нови правила насочени кон спречување на употребата на американски процесори, поточно „Интел“ и „АМД“, а намерата е да го блокира „Мајкрософт виндоус“ и другите производи од странски бази на податоци во корист на домашни решенија, пишува „Фајненшл тајмс“ (The Financial Times). Овој потег може да има значително финансиско влијание врз двете компании. Наводите говорат дека 27 отсто од продажбата на „Интел“ од 53 милијарди долари ја опфаќаат Кина, додека „АМД“ во таа земја остварила 15 отсто од своите приходи од вкупно 23 милијарди долари. 

Лозана – Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) им верува на француските власти кои ќе се грижат за безбедноста на учесниците на Олимписките игри во Париз.  - Како и секогаш, безбедноста е одговорност на локалните власти и тие го информираа ИОК дека работат неколку години на ова прашање со претпоставка дека ќе бидат потребни најстроги безбедносни мерки. Има и блиска меѓународна соработка. Врз основа на ова и редовните извештаи што ги добива ИОК, имаме целосна доверба во француските власти и нивната соработка со меѓународните партнери, соопшти прес-службата на ИОК.

Тагови

Остани поврзан