• петок, 26 април 2024
МИА Флеш

27 март 2023

- Со интонирање на химните на државата, на НАТО и на Армијата и со показни способности на единиците на Армијата и прелет на воени авиони денеска во касарната „Илинден“ беше одбележана третата годишнина од зачленувањето на државата во НАТО. Ако погледнеме на нашата работа дома, нашата цел не беше да ја внесеме само Армијата во НАТО, туку и НАТО во Армијата – со опремата која секојдневно се менува, со процедурите и процесите кои се развиваат, со кадарот кој се усовршува, со условите за работа и стандардот кој го има секој професионален војник, секој армиски подофицер и офицер, истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска на централното одбележување.

– Никола Груевски останува да одговара за уште девет предмети пред домашните судови и уште еднаш ќе поднесам барање за негова екстрадиција, изјави министерот за правда Кренар Лога. На брифингот со медиумите, Лога посочи дека во писменото барање ќе биде наведено дека тој ќе биде сместен во т.н. Хашки ќелии и во затвор и во притвор. - Верувам дека ќе бидат прифатливи за унгарските институции, дека тие ги исполнуваат сите меѓународни стандарди, изјави Лога.

– Тим од пет ученика од ОУ „Никола Карев“ и СОУ „Љупчо Сантов“ од Кочани освоија прва и втора награда на два поетски фестивала, што се одржаа во италијанските градови Трст и Труиџо. За 19. Интернационален фестивал на поезија и литература „Замокот на Дуино“, што викендов се одржа во Трст, учениците изработија збирка песни на македонски и англиски јазик за која добија прва награда во категоријата Најдобри училишни проекти. Тема на фестивалот годинава беше „Насмевка на душата“, а меѓународна жири комисија составена од универзитетски професори од повеќе европски држави, како најдобар го оценила трудот на кочанските ученици.

- Министерството за образование и наука, во насока на подигнување на степенот на вработливост кај младите, започнува процес на воспоставување на систем за следење на кариерите на матурантите по дипломирањето во средните стручни училишта, како активност дефинирана во Стратегијата за образование 2018-2025 година. Ова, како што соопшти МОН, го истакна министерот Јетон Шаќири на денешната средба со претставници на средните стручни училишта во државата, на која беше презентиран системот за кариерно следење на матурантите, што ќе се воведе со поддршка од фондовите на ЕУ, кои како што рече, го поддржуваат реформирањето на нашиот национален образовен систем.

 – Речиси половина од дискусијата на денешната средба во Скопје меѓу министерот за надворешни работи Бујар Османи и албанската министерка за Европа и за надворешни работи Ољта Џачка бил посветен на обидите за тивка асимилација на Македонците во Албанија од страна на Бугарија. Ова денеска на прес-конференција го изјави Османи, одговарајќи на новинарско прашање во врска со поплаките на Македонците во Албанија за бугарска асимилација и притисокот од Бугарија. Тој истакна дека е побаран став од Тирана, а според информациите на Џачка станува збор за спорадични случаи.

 - Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска ги додели годишните новинарски награди. Наградата за истражувачко новинарство „Јашар Еребала“ ја доби Истражувачката репортерска лабораторија за „Нечиста крв“. Наградата за животно дело „Крсте Петков Мисирков“ ја доби Драган Ѓоргоски. Наградата за најдобро новинарско известување за теми од локално и регионално значење му припадна на Аднан Ќаири од Алсат. 

-Излезе од печат драмскиот ораториум „Баница 1903 - Стратегот на македонскиот универзум“, кој авторот Зоран Пејковски го посвети на 120-годишнината од погибието на Гоце Делчев. Рецензенти на најновото книжевно дело на Пејковски се историчарката, проф.д-р Виолета Ачкоска, лингвистот и експерт за културно наследство, м-р Александар Јорданоски и драматургот, м-р Трајче Кацаров.

-Се согласивме дека предлог Законот за родова еднаквост предизвикува интерес, но и несогласување од тоа каков што е и од пошироката јавност и треба да се организираат сеопфатни дебати кадешто ќе биде вклучена пошироката јавноста, а особено стручната, изјави денеска викарниот епископ Јаков, по телевизиското гостување на министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и средбата со неа во Струмичката епархија на МПЦ-ОА.

-  Единицата за сериозен криминал и кривични дела против културното наследство при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал денеска до Основното јавно обвинителство Битола поднесе кривична пријава против ресенчанец и скопјанец за недозволена трговија со културни добра. Против Г.А.(43) од Ресен е поднесена кривична пријава за „присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“, „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ и „прикривање, додека против С.М.(35) од Ресен со престој во Скопје за сторено кривично дело „прикривање“.

 - Светските лидери оваа недела ќе се соберат на виртуелен, втор Самит за демократија организиран од САД. Самитот започнува в среда и вклучува 120 земји, граѓански здруженија и технолошки компании, вклучително и стратешки важни нации како Индија, Полска и Израел, за чијашто состојба на демократијата групите за човекови права изразија загриженост. Тие ја пофалија администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден дека ја ставила демократијата во центарот на вниманието, но велат дека има малку докази дека земјите што се приклучија на самитот постигнале напредок во подобрувањето на демократијата и дека не постои формален механизам што би можел да ги принуди да ги спроведат обврските преземени на првиот самит.

-Мисијата на Обединети нации за проверка на факти за Либија денеска објави дека основи да се верува дека се извршени воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучително и против мигрантите, додавајќи дека доказите ќе ги достави до Меѓународниот кривичен суд (МКС). Мисијата, која има задача да ги истражи злоупотребите во Либија од 2016 година, во својот конечен извештај до Советот за човекови права во Женева нагласи дека прекршувањата биле извршени и од државните безбедносни сили и од вооружени групи.

-Американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, во Бујановац изјави дека бриселскиот договор се однесува на Косово, а не на прашањата за малцинствата во Србија, јави дописникот на МИА од Белград. -Морам да бидам многу јасен кога велам дека дијалогот во Брисел е за решавање на проблемите меѓу Приштина и Белград. Целта на дијалогот не е да се решаваат било какви други прашања, прашањата на малцинствата овде или во другите делови на земјата, рече Хил, соопшти порталот „Бујановачке“. 

 - Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ денеска го повика британскиот Парламент да ја спречи Владата да воведе нов закон за борба против илегалната имиграција, нагласувајќи дека тоа создава „јасна и директна спротивност“ со основните стандарди. - Од суштинско значење е пратениците да го спречат усвојувањето на законот, што не е во согласност со заложбите на Обединетото Кралство кон меѓународното право. Донесувањето на законот ќе придонесе за веќе значителниот пад на заштитата на бегалците, барателите на азил и мигрантите, истакна Мијатовиќ.

-Британската сателитско-комуникацика компанија „Уанвеб“ (OneWeb) ги лансираше последните 36 сателити во склоп на мрежата од првичните вакви 616 уреди, со коишто ќе му конкурира на „Старлинк“ на Илон Маск и ќе понуди глобална интернет-покриеност уште оваа година. Директорот на „Уанвеб“, Нил Мастерсон рече дека успехот на компанијата е резултат на обемна и напорна работа, и покрај геополитичките проблеми. Тие сега имаат доволно сателити во Земјината Орбита за да се обезбеди интернет во 48 американски сојузни држави.

- Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска ги повика демонстрантите и контрадемонстрантите во земјата да се воздржат од насилства. Нетанјаху го упати повикот преку Твитер додека се зголемија тензиите во Израел поради планот на неговата влада за реформирање на судството.

Тагови

Остани поврзан