• сабота, 11 мај 2024
МИА Флеш

21 февруари 2024

 - Премиерот во техничката Влада Талат Џафери на денешната средба со украинската амбасадорка во земјава Лариса Дир истакна дека Северна Македонија силно ја поддржува Украина, во услови на тешки моменти за украинскиот народ, кој веќе две години храбро се бори за својата слобода, известуваат од Владата.

- Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски денеска го посетија Центарот за обука во Идризово, каде почнуваат градежни активности за реконструкцијата на целиот комплекс. Како што информира МВР, реконструкцијата на Центарот за обука во Идризово е по 53 години, како 82. објект во рамки на планот за реконструкција на полициски објекти низ државата.

– Нови 120 дечиња од почетокот на наредната учебна година во септември ќе бидат згрижени во клонот на детската градинка „11 Октомври“ во населбата Бутел 1 чиј објект е во завршна фаза на градба, најави градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски кој заедно со техничкиот министер за труд и социјална политика Ѓоко Велковски денеска изврши увид во градежните активности за доизградба на објектот на детската градинка.

- Почнаа градежните работи на објектот Универзална сала во Скопје. Реконструкцијата ќе се одвива во две фази и се очекува да биде завршена до 2026 година кога објектот треба да е подготвен за настани и да ги прими своите посетители. Во текот е првата фаза, односно реконструкција на кровот и на фасадата, а потоа продолжува техничката фаза и ентериер. Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска денеска пред Универзалната сала по повод отпочнување на активностите посочи дека Универзалната сала е архитектонски и културен симбол на Скопје.

 – Сајбер - насилството кај младите се повеќе се зголемува, а жртвите насилството побрзо би го пријавиле кај соучениците, отколку кај наставниците и стручните служби, ова беше истакнато на денешниот настан посветен на зајакнувањето на младите за справување со сајбер - безбедноста и сајбер – насилството.

- Пред Министерството за одбрана утрово било подигнато украинското знаме во знак на поддршка за одбраната на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, а во пресрет на навршувањето на две години од почетокот на руската инвазија која започна на 24 февруари 2022 година.

- Вкупните депозити на годишно ниво се зголемени за 10 проценти, а вкупните кредити за 5,7 проценти, соопшти денеска Народната банка. - Вкупните депозити , во јануари, се непроменети на месечна основа. На годишна основа, вкупните депозити се зголемени за 10 проценти, како резултат на растот на депозитите на двата сектора, со поголем придонес на депозитите на секторот „домаќинства“, се вели во соопштението од Народната банка.

- Од 20 дена во февруари само во пет дена немало загаден воздух, односно имало надминување на дозволената гранична вредност од 50 ПМ10 во текот на 15 денови.  Со оглед дека во јануари среднодневните концентрации во 22 дена биле над дозволените 50 ПМ10, веќе е надминат светскиот здравствен стандард што вели дека во една календарска година не треба да има повеќе од 35 денови со загаден воздух.

- Македонскиот репрезентативец и ракометар на Еурофарм Пелистер Жарко Пешевски е избран за спортист на Битола за 2023 година. Капитенот на македонскиот ракометен шампион е избран за најдобар спортист за настапите во клубот и репрезентацијата, а наградата на синоќешната манифестација што се одржа во Битола му ја врачи градоначалникот Тони Коњановски.

 - Ако социјалната правда се гледа преку степенот на сиромаштија и степенот на социјална и економска нееднаквост во општеството, Србија е типичен пример за стагнирачко општество, изјави за Н1 Зоран Стојиљковиќ, професор на Факултетот за политички науки. Според него, повеќе од 70 отсто од српските граѓани не ги исполнуваат критериумите за пристоен живот.

– Си заминуваме од Атина, но нашите активности не завршуваат тука, испративме јасна порака до Владата, велат за МИА дел од грчките земјоделци кои со над 150 трактори вчера пристигнаа во грчкта метропола, во текот на ноќта останаа пред Парламентот, а си заминаа денеска.

 – Повеќе стотици шпански земјоделци денеска со трактори се упатија кон Мадрид и ќе побараат намалување на трошоците за земјоделското производство. Пред Министерството за земјоделство во Мадрид денеска ќе се одржи најголемиот протест до сега, по повеќе од две недели секојдневни протести ширум Шпанија.

 - Европската народна партија (ЕПП) соопшти дека денеска напладне истече рокот за претставување партиски кандидати за иден претседател на Европската комисија. Кандидатурата на досегашната шефица на комисијата Урсула фон дер Лајен останува единствена, се додава во соопштението.

-Турскиот борбен авион КААН од петтата генерација успешно го заврши својот прв лет, соопшти државната телевизија ТРТ Хабер. Турската воздухопловна индустрија (ТАИ) го планираше првиот лет на авионот за крајот на декември оваа година, но тој беше одложен поради потребата од поопсежна подготовка на тестовите.

 - Министрите за внатрешни работи на германските сојузни покраини стравуваат дека легализацијата на канабисот ќе го зголеми опсегот на организираниот криминал. Во писмото од конференцијата на министрите за внатрешни работи до германската Влада (СПД, Зелените и ФДП), се наведува дека „нацрт-законот масовно ја олеснува нелегалната трговија со канабис“.

- Судот во рускиот град Салехард соопшти дека на 4 март, зад затворени врати, ќе одлучува по барањето на Људмила Навалнаја (69), мајка на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, да и биде предадено телото на нејзиниот син, кој почина во затвор во петокот на 16 февруари.

 - Полицијата во Италија му ја одзела возачката дозвола на поднапиен пешак. Ова се случило во градот Комо на 30 ноември, а за целиот случај проговори адвокатот на казнетиот Ивано Киеза.

Тагови

Остани поврзан