• петок, 26 април 2024
МИА Флеш

24 март 2023

 - Заврши реновирањето на дел од Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија, со што ќе се овозможи најтешко болните од цела држава кои имаат потреба од третман на оваа Клиника да престојуваат во достоинствени услови и да добиваат современи медицински услуги во новоопремените кабинети за дијагностички и интервентни процедури. Премиерот Димитар Ковачевски, кој денеска, заедно со амбасадорката на САД, Анџела Прајс Агелер, придружуван од министерот за здравство, Фатмир Меџити го посети реновираниот дел на Клиниката за гастроентерохепатологија, истакна дека ова е прво вакво реновирање од како е формирана оваа Клиника по 1950 година. 

 - Размена на информации и согледување на можностите за воспоставување идна соработка со Обединетото Кралство во делот на железничкиот сообраќај, беа во фокусот на средбите што ги оствари делегација од ЈП „ЖРСМ Инфраструктура“, предвидена од директорот Хари Локвенец, изминатите два дена во Лондон.

 - Три нови законски решенија ќе го стимулираат напредокот на средното, стручното образование и обука, како и образованието на возрасните. Нацрт верзиите се изготвени низ повеќе дискусии организирани периодов со засегнатите страни и во нив интегрирани се сите конструктивни забелешки. Два од законите веќе беа објавени и на ЕНЕР системот каде граѓаните дадоа свои сугестии и предлози за да се унапреди содржината пред испраќање во Собранието. Наскоро и Законот за средно образование ќе се објави на владиниот систем, велат од Министерството за образование.

- Органскиот отпад од лозјата наместо да се гори може да се користи за повеќе намени, во Неготино денеска беше презентирана машина за балирање на отпад од лозови насади. Во присуство на министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, беа промовирани досегашните резултати од проектот „Развој на систем за управување со органски отпад во производство на грозје и вино во Тиквешкиот регион“.

 - Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски денеска оствари средба со амбасадорката на Кралството Шведска во земјава Ами Ларсон Јаим во придружба на првиот секретар заменик шеф на мисијата Биби Грамсон.

- Приведени се две лица од скопско Арачиново, во чие возило полициски службеници откриле 35 килограми марихуана, во вредност од 100.000 евра. -Утринава од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога и опасни материи – Единица за недозволена трговија со дрога во содејство со Одделот за специјални полициски операции – САЕ Тигар, Оперативен тим Потраги при СВР Скопје и СВР Тетово се лишени од слобода две лица од с. Арачиново, скопско, при што е спречен транспорт на околу 35 килограми дрога, информираат од МВР.

- Седумдесет години старата училишна зграда во село Тработивиште ќе се реконструира преку Програмата РОМАКТЕД фаза II за „Промовирање на добро управување и зајакнување на Ромите на локално ниво, информираа од Општината. Оттаму денеска ја објавија јавната набавка за „Реконструкција на одредени делови во Општинското основно училиште „Св. Климент Охридски“ село Тработивиште во рамки на оваа програма.

– Британскиот премиер Риши Сунак денеска на средба со неговиот израелски колега Бенјамин Нетанјаху го покрена прашањето за судските реформи во Израел, соопшти канцеларијата на Сунак. - Премиерот Сунак ја истакна важноста на демократските вредности кои се основата на нашите односи, вклучително и предложените судски реформи во Израел, се вели во соопштението.

-Американската комора во Приштина го повтори својот повик до владата на Косово да се приклучи на иницијативата Отворен Балкан и истовремено го поздрави договорот за имплементација на договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина постигнат на 18 март во Охрид, јави дописникот на МИА од Белград.

– Инфлацијата на цените на производството во Финска дополнително се намали во февруари на најниско ниво во речиси две години, покажаа податоците на финскиот завод за статистика објавени денеска. Индексот на цените на производителите се искачи за 9,2 проценти на годишно ниво во февруари, побавно од порастот од 10,7 отсто во претходниот месец.

-Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој денеска е во посета на Лондон, беше пречекан пред Даунинг стрит број 10 со свирежи и повици од демонстрантите незадоволни од најавените реформи во правосудството во Израел.

-Банкарскиот сектор на ЕУ е отпорен затоа што има голем капитал и силна ликвидност, се вели во изјавата на лидерите на ЕУ усвоени на крајот од самитот во Брисел. - Унијата значително ја зајакна отпорноста на банкарскиот систем на ЕУ. Нашиот банкарски сектор располага со силен капитал и позиции на ликвидност, изјавија европските лидери.

Тагови

Остани поврзан