• петок, 03 мај 2024
МИА Радио флеш

25 април 2024 

-Техничкиот премиер Талат Џафери вчера попладне се сретна со помошникот на генералниот секретар на НАТО за одбранбена политика и планирање Ангус Лапсли во рамки на неговата посета на Скопје. Како што соопшти денеска владината прес-служба, Џафери му посакал срдечно добредојде на Лапсли и го потврди придонесот на Северна Македонија во НАТО, кој во континуитет се зацврстува. - Достигнувањето на 2,05 отсто од БДП во буџетот на одбраната, од кои 30 отсто се за модернизација на Армијата, се силен индикатор за тој придонес, се вели во соопштението.

-Надворешноста на новиот објект на НУ Турски театар-Скопје – неговата фасада и покрив се завршени, и проектот за изградба продолжува во трета фаза во која ќе бидат поставени внатрешни инсталации за што е во тек јавна набавка за избор на изведувач. Објектот во изградба денеска го посети министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која по увидот искажа задоволство затоа што, рече, процесот на градежните активности се одвива професионално, стручно и квалитетно и е „забележителен напредокот во изградбата на објектот особено фасадата и покривот“. За сѐ што досега е реализирано биле издвоени 4,4 милиони евра или 274 милиони денари, а со новите инвестиции на Министерството за култура процесот ќе се финализира и, нагласи министерката, „наскоро очекуваме публиката да има нов театар“. 

-Во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска се одржува конференција со меѓународно учество „Научен и публицистички интегритет  во биомедицината“, со која Македонското здружение на медицински уредници (МЗМУ) одбележува 10 години од основањето. Пријавени се 146 учесници, а ќе бидат презентирани 15 трудови од кои девет од македонски автори, а шест на предавачи од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Украина и девет трудови од македонски автори. Организатори на конференцијата се МЗМУ, МАНУ и Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а покровител е ректорката на УКИМ проф. д-р Биљана Ангелова.

-Врховниот суд денеска одржа јавна седница по жалбата на осомничениот Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања Ѓорчевска, против решението на Апелацискиот суд Скопје за мерката притвор. Ова е втора јавна седница пред Врховниот суд по мерката притвор на таткото на Вања, откако во март годинава Врховен ја одби како неоснована жалбата против мерката притвор на Ѓорчевски, по решението на Апелациониот суд Скопје. Бранителот на осомничениот Ѓорчевски, адвокатот Владимир Туфегџиќ, на седницата рече дека од последната одржана јавна седница до денеска, околностите воопшто не се променети. - Затоа останувам при жалбените наводи дека решението со кое е продолжена мерката притвор е донесено без доволно образложенија во кои не се наведува ниту еден доказ со кој се докажува зошто овој човек би требало да остане во притвор, рече тој. 

-По кратко боледување, утрово на 75-годишна возраст почина Велибор Џаровски-Џаро, еден од најпознатите менаџери на просторите на поранешна Југославија, потврди неговото семејството. Џаровски соработуваше со најголемите југословенски естрадни ѕвезди, Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза Кесовија, Лепа Брена..., на кои им организираше и турнеи. Тој има изјавено дека организирал 5.000 концерти и бројни турнеи во повеќе од тридецениската кариера како менаџер.

-Грчката фрегата „Идра“ што е дел од операцијата „Аспидес“ (Штитови) на поморските сили на Европската унија (ЕУНАВФОР) во Црвеното море, утрово интервенирала против две беспилотни летала, од кои едното го соборила, јави дописничката на МИА од Атина. Од ЕУНАВФОР преку социјалните мрежи соопштија дека помеѓу 5 и 5:30 часот утрово, грчката фрегата додека обезбедувала заштита на трговски брод во Аденскиот Залив пукала кон две беспилотни воздушни летала (UAVs), кои претставуваат непосредна закана за слободата на навигацијата. - Првото беспилотно летало беше соборено, додека второто го промени својот курс. Акцијата што ја изврши „Идра“ беше ефикасна за да се избегне каква било штета на морнарите и трговскиот превоз, соопштија од ЕУНАВФОР. Паралелно додадоа дека операцијата има одбранбена задача со цел да ги заштити бродовите што се на мета на напади од море или воздух.

-Судот на Босна и Херцеговина одреди притвор само за тројца од 23-те лица кои беа уапсени во таа земја на почетокот на неделата под сомнение дека се соработници на еден од најголемите картели кои шверцувале дрога од Латинска Америка во Европа. На слобода се пуштени полицајци и полициски службеници кои исто така беа приведени. Судот на Босна и Херцеговина заклучи дека нема основано сомневање дека директорот на полициската управа на Министерството за внатрешни работи на Федерацијата Босна и Херцеговина, Вахидин Муњиќ и командирот на специјалната единица на ентитетот МВР, Мустафа Селмановиќ, како и тројца полицајци, извршиле кривични дела, па ги одби барањата да им се одреди притвор. Оваа мерка е изречена само на три лица, меѓу кои и Аднан Смајловиќ, за кого Обвинителството на БиХ смета дека е водач на групата која е за нарко картелот, со седиште во Дубаи, на чело со Един Гачанин, кој „перел“ пари на територијата на БиХ инвестирајќи ја во недвижен имот, автомобили и вредни предмети.

-Трето лице е уапсено во истрагата за поткуп против рускиот заменик министер за одбрана Тимур Иванов, соопшти денеска московскиот суд, цитиран од британските медиуми. Според правосудните органи, приведениот Александар Фомин, кој е соосновач на градежната компанија „Олимписистрој“, е осомничен за давање мито на Иванов, кој беше уапсен во вторникот, како и на Сергеј Бородин, близок соработник на Иванов, кој исто така е во притвор. Скандалот што избувна е најголем во последните неколку години во руското Министерство за одбрана и е силен удар за угледот на министерот за одбрана Сергеј Шојгу.

-Перките на црвената кула-ветерница над кабаре-клубот „Мулен руж“ во Париз, паднале на земја сабајлево, меѓу два и три часот по полноќ. Во настанот нема повредени, пишуваат француските медиуми. Притоа, откршен е и дел од натписот, поточно буквите „MOU“ (од „Moulin Rouge"). Засега не е позната причината за откршувањето и нема опасност од нова несреќа, соопштија надлежните служби.Според известувањето на „Мулен руж“, првпат се случува вакво нешто откако познатиот клуб е отворен од 6 октомври 1889 година. Единствената посериозна несреќа во можеби најпознатиот кабаре-клуб во Франција, е пожар при работа што се случил во 1915., по што „Мулен руж“ подолго време бил затворен. 

-Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски во денешното обраќање пред Парламентот рече дека евентуалниот руски напад врз НАТО ќе заврши со пораз на Русија и дека Алијансата мора да ги зголеми инвестициите во својата одбрана. Сикорски ги изложи приоритетите на Владата на премиерот Доналд Туск, која се обидува да покаже лидерство во Европа поради зголемените стравувања дека руската агресија нема да престане во Украина. Сикорски изјави дека развојот и безбедноста на Полска треба да се заснова на трансатлантска соработка и европска интеграција, а го истакна и значењето на пријателството со Германија. Тој ја обвини претходната влада на партијата Право и правда, која ја предводеше Полска од 2015 до 2023 година, дека избрала конфронтација со ЕУ. 

-Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск ги повика завојуваните страни во Украина и Газа да преговараат за мир бидејќи „договорениот мир е подобар од бескрајна војна“. -Ги молам, земјите во војна, сите нив, прекинете ја војната. Барајте преговори, барајте мир, рече папата во интервју за Си-Би-Ес Њуз. Папата кажа дека секојдневно е во контакт со свештениците од Газа за да ги праша за нивните искуства и дека може да помогне да се постигне мир само преку молитва. Зборувајќи за влијанието на војната во Украина врз децата, папата додаде дека „тие деца заборавиле како да се насмевнат“. -Многу е тешко кога детето ќе заборави да се смее. Тоа е многу сериозно, додаде првиот човек на римокатоличката црква.

-Американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска ги повика САД и Кина „одговорно“ да управуваат со нивните разлики, на почетокот на неговата втора посета на земјата за помалку од една година. -Имаме обврска кон нашиот народ - и всушност кон светот - одговорно да управуваме со односите меѓу нашите две земји, рече Блинкен во Шангај, пренесе Хина. Шефот на американската дипломатија вчера во Шангај се сретна со локалниот лидер на кинеската Комунистичка партија (ККП), при што за време на разговорите кажа дека американскиот претседател Џо Бајден е посветен на воспоставување „директен и одржлив“ дијалог меѓу двете земји. -Мислам дека е важно да се нагласи вредноста - дури и неопходноста - од директен ангажман, да разговараме едни со други, да зборуваме за нашите разлики, кои се реални и да се обидуваме да ги надминеме, рече Блинкен.

-Студентите на се поголем број американски колеџи се собираат во кампови на протести со унифицирано барање oд нивните училишта: Престанете да правите бизнис со Израел - или со која било компанија што ја поддржува неговата тековна војна во Газа. Барањето има свои корени во движењето Boycott, Divestment and Sanctionsдецениска кампања против политиката на Израел кон Палестинците. Движењето доби нова сила бидејќи војната меѓу Израел и Хамас ја надмина границата од шест месеци, а сториите за страдањата во Газа предизвикаа меѓународни повици за прекин на огнот. Инспирирани од тековните протести и апсењата минатата недела на повеќе од 100 студенти на Универзитетот Колумбија, студентите од Масачусетс до Калифорнија сега се собираат по стотици во кампусите, поставуваат кампови во шатори и ветуваат дека ќе останат додека не се исполнат нивните барања.

-Речиси 282 милиони луѓе во 59 земји се соочија со акутен глад во 2023 година, а појасот Газа беше територијата на која минатата година најмногу луѓе страдаа од глад, се наведува во извештај на Обединетите нации. Во извештајот се вели дека во 2023 година бројот на луѓе кои се соочиле со акутен глад се зголемил за 24 милиони во споредба со 2022 година поради наглото влошување во сигурноста на снабдувањето со храна, особено во Појасот Газа и Судан. Исто така, се нагласува дека ОН го зголемиле бројот на земји во кои го следат снабдувањето со храна во однос на 2022 година. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во воведот на извештајот изјави дека тој претставува „прозивка за неуспесите на човештвото“ и оти „во свет на изобилие, деца умираат од глад“ и повика на итен одговор на меѓународната заедница на наодите од извештајот, кој би вклучувал трансформација на глобалниот систем за снабдување со храна и зголемување на помошта за најзагрозените области.

- „Портретот на госпоѓица Лизер“, сликан но недовршен од австрискиот сликар Густав Климт, вчера е продаден на наддавање во Виена, за 30 милиони евра. Климт не го завршил своето дело бидејќи починал. Само една година пред неговата смрт во 1918 година, богатиот еврејски индустријалец Адолф Лизер го нарачал овој портрет. Долго време се мислеше дека ова дело е изгубено, но всушност со десетлетија било изложено во приватна вила во близина на Виена, објави порталот „Еуроњуз Србија“.. Долго време се разговарало и за тоа која е всушност жената на сликата и што се случило со сликата за време на нацистичкиот период, па мислењата и претпоставките посочуваат дека таа е една од ќерките на Адолф или неговиот брат Јустус Лизер.

Остани поврзан