• четврток, 02 мај 2024
МИА Општински пул

25 април 2024 

Велес - На стариот реконструиран пат Градско-Велес на стотина метри  под наплатната рампа кај Градско, синоча во 22 часот се случи сообраќајна незгода меѓу две возила во која има четворица полесно повредени, подврдија  за МИА од полициската екипа на СВР Велес кои направи увид на местото на настанот.

Поради  сообраќајката и увидот,  беше сопрен сообраќајот по стариот пат Велес-Градско, а  на местото на настанот веднаш пристигна и екипа на брза помош од Велес која им укажа итна помош на повредените.

Скопје - Надворешноста на новиот објект на НУ Турски театар-Скопје – неговата фасада и покрив се завршени, и проектот за изградба продолжува во трета фаза во која ќе бидат поставени внатрешни инсталации за што е во тек јавна набавка за избор на изведувач.

Објектот во изградба денеска го посети министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која по увидот искажа задоволство затоа што, рече, процесот на градежните активности се одвива професионално, стручно и квалитетно и е „забележителен напредокот во изградбата на објектот особено фасадата и покривот“.

За сѐ што досега е реализирано биле издвоени 4,4 милиони евра или 274 милиони денари, а со новите инвестиции на Министерството за култура процесот ќе се финализира и, нагласи министерката, „наскоро очекуваме публиката да има нов театар“. 

Скопје - Во издание на Матица македонска излезе од печат најновата стихозбирка „Свилени времиња“ од Марина Мијаковска чија промоција ќе се одржи вечер во 19 часот во книжарницата на „Матица ексклузив“. Промоторка на книгата е Лилјана Пандева, а стихови од книгата ќе чита Ирена Јурчева.

Книгата содржи осумдесет и четири песни распределени во три компактни циклуси: Проветрено време, Свилени времиња и Времено сидро.  

Скопје - Во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска се одржува конференција со меѓународно учество „Научен и публицистички интегритет  во биомедицината“, со која Македонското здружение на медицински уредници (МЗМУ) одбележува 10 години од основањето.

Пријавени се 146 учесници, а ќе бидат презентирани 15 трудови од кои девет од македонски автори, а шест на предавачи од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Украина и девет трудови од македонски автори. 

Организатори на конференцијата се МЗМУ, МАНУ и Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а покровител е ректорката на УКИМ проф. д-р Биљана Ангелова.

Скопје - Без струја денеска од 8:30 до 14:00 часот ќе бидат дел од корисниците од улицата „Максим Горки“ и реонот Дом на градежници во општина Центар.

Во периодот од 9:00 до 14:00 часот денеска без струја ќе останат поголемиот дел од потрошувачите на улица „Ринхини“ во општина Ѓорче Петров, а од 9:00 до 10:30 часот дел од корисниците од селата Визбегово, Мирковци, Бразда, Глуво, Чардак, Оризари. 

Без електрична енергија од 9:00 до 15:00 часот денеска ќе бидат корисниците од улица „Кавалска“ во општина Кисела Вода, а од 9:00 до 12:00 часот корисниците на патот за Долно Лисиче, од Кодакопласт, кон Паци Петрол до реката, од црквата „Св.Петар и Павле“ по патот кон Долно Лисиче во општина Аеродром.

Скопје - Полицијата вчера ги лишила од слобода А.Д.(28) и А.Д.(21), двајцата од тетовско Непроштено поради сомнение дека околу 4:00 часот во казино на регионален пат Тетово-Јажинце под закана со огнено оружје од вработените одзеле пари.

Како што соопшти МВР, лицата се задржани во Полициска станица Тетово и по документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

Скопје - Тетовската полиција вчера попладнето врз основа на судска наредба, го привеле А.М. (42) од Тетово, кој бил баран со потерница за издржување на казна затвор во траење од 1 година и 6 месеци поради сторено кривично дело.

Како што информираат денеска од МВР лицето е спроведено во КПУ Затвор Идризово за издржување на затворската казна.

Остани поврзан