• петок, 26 април 2024
МИА Флеш

 5 јуни 2023

 

- Најавената средба на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски ќе се одржи во среда во Клубот на пратеници, соопшти владината прес- служба.     На средбата, како што се наведува, ќе се разговара пред сѐ за одлуките кои треба да се донесат во Собранието со цел продолжување на европската интеграција на Република Северна Македонија, како и за пристапот на државата, институциите и сите политички чинители во насока на градење и одржување на добрососедски односи со сите наши соседи. 

- Министерката за одбрана Славјанка Петровска е во неколкудневна посета на Соединетите Американски Држави, каде ќе има бројни средби со високи претставници на американската администрација, вклучувајќи го и секретарот за одбрана Лојд Остин. Како што информира Министерството за одбрана, во видео изјава пред почетокот на агендата, министерката Петровска информираше за оваа средба, како и за останатите активности во САД, меѓу кои и посетата на Државниот универзитет на Северна Каролина и одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на партнерството помеѓу Армијата на Република Северна Македонија и Националната гарда на Вермонт во Берлингтон.

- Патничкиот и товарниот железнички сообраќај во државава од изутринава е во прекин откако вработените во РЕ одржување - работилница во подружницата влеча на возови при ЖРСМ Транспорт,  прекинаа со извршување на работните задачи за одржување на локомотивите и патничките гарнитури поради неисплатена плата за април. Од РЕ Одржување за МИА информираа дека прекинот на сообраќајот стартувал со возот 7011/0506  предвиден со возниот ред во 09:30 часот на релацијата Скопје - Велес. 

- Во текот на вчерашниот ден во спроведената засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, санкционирани се 476 возачи. Од нив, информираа денеска од МВР, 41 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а 10 со дури над 70 километри на час над дозволеното. Притоа 235 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 241 надвор од населено место.

- Претседателот на Комората на геодети Никола Рибароски одржа работен состанок со претседателката на Комората на овластени архитекти и овластени инженери Кристинка Радевски, професорите од Градежниот факултет-Скопје Лазо Димов, Ванчо Ѓорѓиев и Златко Србиноски и членовите на работната група на Комората за новите закони, на кој се дискутираа предлог- законите за геодетска дејност и за катастар на недвижности кои ги изготви Агенцијата на катастар на недвижности. Како што информира Сојузот на стопански комори на Македонија, покана за учество беше испратена и до Агенцијата за катастар на недвижности, но претставници на оваа институција не зедоа учество на состанокот.

 - Во црквата „Света Софија“ во Охрид утрово почна света архиерејска литургија по повод годишнината од доделувањето на Томосот за автокефалност на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) од страна на Соборот на Српската православна црква (СПЦ). Со светата архиерејска литургија чиноначалствуваат поглаварите на МПЦ - ОА г.г. Стефан и на СПЦ г.г. Порфириј придружувани од неколку епископи од двете цркви. Светиот архиерејски синод на Српската православна црква (СПЦ)  на заседанието на 20. минатиот месец донесе одлука за доделување канонски отпуст на Православната охридска архиепископија (ПОА) и интегрирање во МПЦ-ОА.

- Центарот за истражување на предисторијата соопшти дека во тек  се истражувања на археолошкиот локалитет Влахо кај Живојно во Пелагонија кои, како што наведува, даваат одлични резултати за едни од првите земјоделски заедници во Европа. Мултидисциплинарните истражувањата  вклучуваат археолошко ископување во јужниот дел на оваа голема неолитска населба, геомагнетно скенирање на северната периферија, како и археоботанички, археозоолошки и хронолошки анализи кои се одвиваат во лабораториски услови.

- Издавачката куќа Антолог од Скопје во рамките на проектот Создадено во Европа: Моќта на различноста, ја објави книгата „Се викам Марите“ од Алвидас Шлепикас. Романот се базира на вистински случувања кои ги пресретнале германските жени и деца по завршувањето на Втората светска војна. Ева е мајка која е подготвена да направи сè за своите деца. Со неа поминуваме низ војната што малите херои ја водат со животот и смртта, храната и гладта, очајот и надежта, човечноста и нечовечноста, алчноста и дарежливоста, стравот и храброста, среќата и несреќата, јавето и сонот, со сеќавањата и сегашноста.

- Косовскиот премиер Албин Курти со отфрлање на секоја варијанта на Заедницата на српски општини му олеснува на „белградскиот автократ“ Александар Вучиќ да го дестабилизира Косово, оценува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. „Во заветрината на руската војна во Украина, Западен Балкан повторно добива поголемо внимание во Европа. Добро е што е така“, пишува во неделниот коментар на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. 

- Три дена откако преку Инстаграм соопшти дека е позитивен на Ковид-19, претседателот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис, денеска, повторно на Инстаграм, објави дека веќе е негативен, јави дописничката на МИА од Атина.  -Од добрите вести на денот, напиша Миотакис, објавувајќи фотографија од негативен тест за Ковид-19. Во петокот попладне, како што објави МИА, Мицотакис преку видео на Инстаграм, соопшти дека е позитивен на Ковид-19 и дека следните денови ќе ги помине дома, со што беше откажана и неговата посета на Света гора, а паралелно рече дека „прегратките и бакнежите во предизборниот период секогаш се многу пријатни, но понекогаш имаат и цена“.

- Американската војска денеска објави видео од „небезбеден“ кинески маневар во Тајванскиот теснец. Инцидентот се случил во саботата додека американски разурнувач и канадска фрегата биле „во слободна пловидба“ низ теснецот. Брод на кинеската морнарица го блокирал патот на американскиот разурнувач, принудувајќи го да забави за да избегне судир. Индо-пацифичката команда на американската војска соопшти дека кинескиот брод ги прекршил поморските правила за безбедно минување во меѓународните води.

- Околу 60 авганистански девојчиња се хоспитализирани откако биле отруени во училиште во северен Авганистан, соопшти денеска полицијата. Труењето во дно женско училиште во авганистанската провинција Сар-е-Пол доаѓа по интензивното преиспитување на образованието на девојчињата во земјата откако талибанците ја презедоа власта и го забранија пристапот за повеќето ученички тинејџерки, и по низата труења во училиштата за девојки во соседен Иран. -Некои непознати лица влегле во женското училиште во областа Санчарак и ги затруле училниците, а кога девојчињата влегле во училниците се затруле, изјави Дан Мохамад Назари, портпарол на полицијата во Сар-е-Пола, без да прецизира за каков отров  станува збор или за тоа кој стои зад инцидентот.

Тагови

Остани поврзан