• сабота, 11 мај 2024
МИА Флеш

9 април 2024

- Комисиите за надворешни работи и за буџет на Европскиот парламент денеска на заедничка седница со 70 гласа „за“, шест „против“ и еден „воздржан“ ја одобрија Предлог-регулативата за воспоставување на Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан.  

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, претходно, синоќа во прво читање Регулативата ја поддржа и Комитетот на постојани претставници на земјите членки на ЕУ (Корепер).   

Известувачот на Комисијата за надворешни работи, хрватскиот европратеник Тонино Пицула истакна дека Европарламентот многу сериозно го сфаќа овој Механизам, потсетувајќи дека политичкиот договор за содржината на Предлог-регулативата за негово создавање беше постигнат во четвртокот од страна на белгиското претседателство со Советот на ЕУ и претставници на ЕП. 

-  Ветувања за инвестиции во изградба на источниот железнички дел од Коридорот 8, што ќе резултира со наше железничко поврзување со Бугарија како членка на ЕУ до 2030 година, ремонт на железничкиот дел од Коридорот 10, придобивки од либерализацијата што стартуваше во товарниот сообраќај со гаранција дека работните места нема да бидат загрозени, приклучување кон регионалниот проект за брза пруга... Вакви ветувања денеска изнесоа раководството на ЈП железничка инфраструктура и членови на Владата на свеченоста по повод 151 година од основањето на Македонски железници.  

- Заедно ќе ја трансформираме Железницата и ќе ја направиме европска и модерна. Со либерализацијата отворивме ново поглавје во железницата и создадовме нови можности, но нема потреба од загриженост за вашите работни места, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. 

- По повод утрешниот празник Рамазан (Фитр) Бајрам честитка до верниците од исламска вероисповед упати поглаварот на ИВЗ, реисул улема, Шаќир Фетаи, со желби и „молејќи го Семоќниот Алах со Својата милост да ни ги прифати сите наши молитви, нашиот пост и сите наши дела направени за време на светиот месец“.

- Во овие празнични денови на Бајрам, ќе му се заблагодариме на Возвишениот Алах за тоа што ни овозможи да го постиме Рамазан и за благодатите што ни ги подарил. Но, да не заборавиме: во нашето славење и радост да ги вклучиме и сите луѓе кои имаат наша потреба: сиромашните, бездомниците, сирачињата, но и нашите исламски институции. Затоа, на крајот на Рамазан, сме задолжени со давање на садакатулфитр, за што Мухамед алејхи селам рекол дека со давање на садакатулфитр го прочистуваме нашиот пост. Исто така, со давањето на Фитр ги зајакнуваме институциите кои се одговорни за исламските учења и кои помагаат на луѓето кои имаат потреба од помош, вели во честитката Фетаи. 

- Дополнителниот заменик министер за финансии во техничката Влада, Елена Петрова, денеска, на брифинг со новинарите, соопшти дека за три месеци и седум дена од оваа година е остварен рекорден буџетски дефицит, повисок за 126 отсто во однос на истиот период лани. Како што истакна Петрова, во Буџетот нема пари за поголеми плати и пензии, ниту има средства за вработување на 1 117 здравствени работници.

Според анализите на Кабинетот на Петрова, потфрла и наплатата на приходите кај даноците на потрошувачката, кај ДДВ континуирано, во целиот прв квартал, а кај акцизите во март. Нема транспарентност за повратот на ДДВ зашто Министерството за финансии (МФ) и Управата за јавни приходи објавуваат само колку поврат е исплатен, но не и колку должат кон стопанството. Податоците што ги изнесе Петрова покажуваат дека 74 милиони евра невратен ДДВ е долгот на крајот на првиот квартал, плус 16 милиони евра камата за доцнење на исплатата и повеќе од една година старост има една десетина од невратениот ДДВ. Во првиот квартал годинава се исплатени 176 милиони евра поврат на ДДВ што е минусна ставка во ДДВ приходот, а во законски рок се вратени помалку од четири отсто од овој поврат.

- Заедно ќе ја трансформираме Железницата и ќе ја направиме европска и модерна. Со либерализацијата отворивме ново поглавје во железницата и создадовме нови можности, но нема потреба од загриженост за вашите работни места, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на свеченоста што се одржа денеска по повод 151 година од основањето на Македонски железници. 

Битиќи посочи дека либерализацијата ќе значи и повеќе пари за модернизација на пругите, за проширување на железничката мрежа, односно зголемување на ефикасноста и ефективноста на железничкиот сообраќај во земјава.

- Предизвиците со кои се соочува енергетскиот сектор, особено компаниите, инвеститорите и корсиниците ќе бидат главна тема на меѓународната конференција „Енергетика 2024“, која ќе се одри од 2 до 4 октомври годинава во Струга.

Конференцијата, како што соопшти Здружението на енергетичарите на Северна Македонија, е посветена на унапредување и проширување на знаењата за методите, политиките и технологиите за производство на електрична енергија и одржлив развој.

- Поканети се сите релевантни енергетски компании, претставници од индустријата, истражувачките центри унивезритетите и останати субјекти, како и експерти од земјава и странство да ги презентираат своите професионални постигнувања, истражувања и искуства и да споделат информации од областа на енергетиката, стои во информацијата.

- Претседателот Стево Пендаровски денеска примил делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава, соопшти Кабинетот на претседателот.

Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочил дека и натаму е важна американската поддршка за продолжување на патот на Северна Македонија кон членство во ЕУ.

- Кандидатот за претседател Стево Пендаровски изразува жалење за денешниот пожар што ја зафати Универзална сала во Скопје и повикува на брза реакција на надлежните институции.

-Мора да се спроведе соодветна истрага, да се лоцираат и да се санкционираат сите кои се одговорни за уништувањето на овој значен објект, соопшти Изборниот штаб на Пендаровски.

- Министерот за надворешни работи и кандидат за претседател на државата на Европскиот фронт Бујар Османи денеска ги демантираше и ги оцени како лажни вести обвинувањата од опозицијата дека наводно скрил важен документ од ЕК потпишан од 25 нивни членки освен од Грција и Франција дека до септември ќе не пуштаат со старите документи.

-Не е  точно. Ова е дел од таа фабрика на лажни вести коишто ја открија во ВМРО-ДПМНЕ. Знаете дека создале фабрика за пропаганда и лажни вести и тоа е дел од таа фабрика, која што мислам дека наредните денови повеќе и повеќе ќе се разоткрие. Во однос на пасошите засега не се проблем европските земји. Проблем е што МВР го има сменето Законот и ги има декларирано нашите пасоши за неважечки и граѓаните не може да ја напуштат нашата граница. Така што ние воопшто не сме стигнале до проблемот со границата на земјите од ЕУ. Граѓаните со наши пасоши не можат да ја напуштат нашата граница бидејќи од нашите закони се декларирани како неважечки. Додека за враќање ние ги имаме направено и преземено сите мерки никој да нема пречка да се врати. И јас досега не сум слушнал дека некој граѓанин не успеал да се врати во државата бидејќи не можел да помине низ земји членки на ЕУ, вели Османи на новинарско прашање по денешната дебата во Старата скопска чаршија во рамки на нефовата кампања за претседател.

 - Турција ја покажа својата поддршка за палестинскиот народ испраќајќи во регионот повеќе од 45.000 тони помош, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Ќе продолжиме со нашата поддршка додека не престане крвопролевањето во Појасот Газа и нашите палестински браќа не живеат во слободна палестинска држава заснована на границите од 1967 година со главниот град во Источен Ерусалим“, истакна турскиот лидер во видео обраќањето по повод празникот Рамазан.

- Руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин годинава се очекува да ја посети Кина.

Ова беше соопштено откако рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја посети Кина.

„Кинескиот лидер Си Џинпинг го поздрави доаѓањето на Сергеј Лавров во Пекинг како важна фаза во сеопфатните подготовки за претстојната државна посета на претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, на Народна Република Кина оваа година“, се вели во соопштение на Министерството.

- На барање на Русија за четврток е свикан итен состанок на 35-члениот Управен совет на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) за да се разговара за нападите врз нуклеарната централа Запорожје во Украина која е под контрола на Москва.

Централата, која е најголема во Европа, завчера беше нападната со дронови кои ја погодија зградата на еден од реакторите, соопшти МААЕ, додавајќи дека нуклеарната безбедност не е засегната.

- Европскиот суд за човекови права пресуди во корист на швајцарското здружение „Постари жени за заштита на климата“, кое бараше од својата земја да ги исполни своите обврски за намалување на емисијата на гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина.

Ова здружение кое го сочинуваат 2.000 жени со просечна возраст од 74 години, тврди дека швајцарската влада не прави доволно во борбата против климатските промени, кои, како што тврдат, најмногу ги погодуваат поради се почестите високи температури. Пресудите на овој суд не се правно обврзувачки за 46-те земји-членки на Советот на Европа, но тие поставуваат правен преседан според кој ќе се оценуваат идните закони, наведува АП.

- Кириите во Амстердам се највисоки во Европа, а меѓу петте најскапи градови се холандските Ротердам и Хаг, покажа истражувањето на агенцијата Housing Ever.

Среднорочното изнајмување на агенцијата за недвижности Housing Ever ги разгледа кириите за повеќе од 67.000 домови во 28 европски градови во првиот квартал од оваа година, а Амстердам се рангираше на прво место според цените, пред Рим и Париз, пишува „НЛ Тајмс“.

Амстердам е на прво место во сите три категории со просечна кирија од 2.276 евра месечно за стан, 1.740 евра за гарсоњера и 963 евра за соба.

– Девет европски политички партии денеска во присуство на потпретседателката на Еврокомисијата за вредности и транспарентност Вера Јоурова го потпишаа Кодексот на однесување на изборите за членови на Европскиот парламент закажани за јуни годинава, јави дописникот на МИА од Брисел. 

- Оваа колективна посветеност на европските политички партии испраќа моќна порака до граѓаните: треба да го зачуваме интегритетот на изборите во Европа, нагласи Јоурова, која беше домаќин на церемонијата на потпишување. 

- Турските безбедносни сили приведоа 14 лица осомничени за поврзаност со терористичката група „Исламска држава“, соопшти денеска министерот за внатрешни работи Али Јерликаја.

Јерликаја прецизираше дека тие биле приведени во рамките на операцијата „Боздоган-22“ спроведена во областите Ескишехир, Газиантеп, Самсун и Јалова од соодветните полициски дирекции во координација со Генералниот директорат за безбедност и Одделот за борба против тероризмот.

- Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека средбата со францускиот претседател Емануел Макрон траела повеќе од три часа, дека е задоволен од резултатите од разговорот што го имал и дека успеал да разговара за соработката со важна земја во светот во отворен и конкретен начин и за Косово и состојбата во регионот, јави дописникот на МИА од Белград.

Запрашан да коментира дали со Макрон разговарал за иницијативата за прием на Косово во Советот на Европа и неговата реакција на забелешката на Макрон дека двете страни направиле нешто.

– Шпанскиот Уставен суд денеска ја суспендираше законодавната иницијатива на каталонскиот Парламентот, пет месеци од поднесувањето, за започнување на процесот за независност, чиј прв чекор е референдум.

Иницијативата автоматски беше суспендирана откако Уставниот суд прифати да ја разгледа жалбата на Владата на Педро Санчез.

- Вкупно 140 здравствени и еколошки експерти, меѓу кои лекари, научници и активисти за заштита на животната средина, упатија отворено писмо до властите во Брисел со кое бараат од нив „да заземат построг став во однос на загадувањето на воздухот во градот“. 

- Секоја година повеќе од 900 жители на Брисел умираат предвреме како последица на лошиот квалитет на воздухот. Ова претставува повеќе од два смртни случаи дневно и над 10 отсто од сите смртни случаи во градот, се наведува во писмото упатено во пресрет на регионалните избори на 9 јуни и локалните избори предвидени за во октомври.

- Израел ќе постави 40.000 шатори за да ги смести стотиците илјади Палестинци, кои ќе ги расели од градот Рафа во Појасот Газа пред копнената офанзива врз тој град.

Градот Рафа сега е дом на повеќе од еден милион луѓе, главно раселени Палестинци кои избегаа од другите области на Појасот Газа по нападите на израелската армија, од кои повеќето се жени и деца, пишува „Тајмс оф Израел“.

- Цената на златото на светските берзи денеска се зголеми на ново историски највисоко ниво од 2.365,39 долари за унца, што значи дека неговата цена од почетокот на годината порасна за 14 отсто.

Златото традиционално се смета за безбедно засолниште за капиталот во тешки времиња и како заштита од инфлација, пишува „Гардијан“.

- Претседавачот со ОБСЕ, министер за надворешни и европски работи и трговија на Малта, Јан Борг утре ќе ја посети Србија, при што ќе се сретне со највисоките државни претставници.

Според најавите од ОБСЕ, Борг во Белград ќе се сретне со претседателот на Србија Александар Вучиќ, со претседателката на Народното собрание Ана Брнабиќ, со шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ и со министерот за одбрана и претставник за состав на новата влада Милош Вучевиќ.

-  Олимписките кругови ќе бидат поставени на Ајфеловата кула, соопштија денеска организаторите, додека Париз се подготвува да одбележи 100 дена до почетокот на Олимписките игри.

На јужната страна на познатата Ајфелова кула стара 135 години, ќе бидат изложени олимписките кругови долги 29 метри и високи 15 метри, направени целосно од рециклиран челик.

- Специјална платфрома за пријавување врсничко насилство, казни за насилниците, поделба на отсуствата на оправдани и неоправдани, се дел од националната стратегија на грчката Влада за борба со врсничкото насилство меѓу учениците, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и министерот за образование на Грција Киријакос Пјеракакис денеска присуствуваа на настан во средно училиште во Солун, каде што и беше промовирана и националната стратегија, но и информативната кампања за учениците.

- Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац денеска на својот профил на мрежата „Икс“ објави дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган „уште еднаш ги жртвуваше економските интереси на турскиот народ поради неговата поддршка за Хамас во Газа“.

Во истиот пост, Кац потврди дека контактирал со организации во Америка и побарал од нив да престанат да инвестираат во Турција и да се воздржат од увоз на турски стоки.

- Најмалку 38 бегалци, меѓу кои и деца, го загубија животот во бродолом кај брегот на Џибути, соопшти денеска Агенцијата за миграција на Обединетите нации.

Во соопштението на Агенцијата се вели дека најмалку шест лица се водат како исчезнати и се претпоставува дека се мртви, а 22 преживеани добиле помош од Агенцијата и од локалното население.

 

Остани поврзан