• среда, 24 април 2024
МИА Радио флеш

22 март 2024 

-Управниот суд донесе пресуди со кои поништи три незаконски одлуки на Владата. Станува збор за две решенија за формирање на комисии за распоредување и една телеграма за спроведување на интерен оглас за пополнување на слободни работни места во МВР донесени од моја страна, а кои беа незаконски поништени од страна на Владата, објави на Фејсбук министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. -Имено, Управниот суд оцени дека тужениот орган, односно Владата при донесување на оспорените одлуки сторила повреда на правилата на постапката, предвидени со член 48 од Законот за Влада, од причина што во ситуација на несогласување помеѓу министерот и дополнителниот заменик во Министерството за внатрешни работи кое произлегува од доставените известувања на дополнителниот заменик на министерот во врска со тоа дали предметните акти кои се донесени од министерот претставуваат правно, финансиски и кадровско прашање кое се однесува на организација на изборите, пишува во објавата.

-Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го осудува вчерашниот физички напад од страна на извршителката Весна Јакимовска од Кичево, врз новинарот Фуркан Салиу од ПорталИкс. Имајќи предвид дека напад на новинар во Кривичниот законик се третира како напад врз службено лице, апсолутно е неприфатливо ваквото однесување од лица кои спроведуваат делови од правниот систем. Како и во повеќе наврати досега, Агенцијата посочува дека е неопходно да се овозможат услови за безбедно и професионално извршување на работните задачи на претставниците на медиумите.

-Од Основното јавно обвинителство Скопје информираат дека е извршен увид на местото во скопската населба Железара каде синоќа беше пронајдено телото на 67-годишниот лекар со повеќе убодни рани. - Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција, како и наредба за прибирање и анализа на сите траги пронајдени на лице место и за обезбедување на снимки од видеонадзор. Се преземаат дејствија за расчистување на настанот, се наведува во соопштението од ОЈО Скопје. Министерството за внатрешни работи информираше дека лекарот со убодни рани е пронајден во сопственото возило „киа“ на паркингот пред поликлиниката Железара. Според пријавеното, тој бил пронајден од неговите синови, кои почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа.

-Матичните лекари од приватното здравство во понеделник од 12 до 16 часот нема да работат во знак на револт, откако вчера нивни колега беше пронајден мртов со убодни рани на паркингот пред поликлиниката Железара, изјави за МИА претседателката на Здружението на приватни матични доктори, Лилија Чолакова Дервишова. – Згрозени сме од ваквиот грозоморен чин. Се работи за наш колега и професионалец кој целиот живот го има посветено на работата. Што треба да значи ова, дека треба да се плашиме дали некој кој не е задоволен од некоја причина од нашата работа и после работно време може да посегне по нашиот живот. Ние ќе го изразиме нашиот револт и во понеделник од 12 до 16 часот нема да работиме, вели Чолакова — Дервишова. Истакна дека неопходно е да се донесе Закон за докторска дејност со кој точно ќе се дефинираат условите, правата и должностите на лекарите.

- Учениците Кирил Китевски и Кристијан Лазароски од СОУ „Цар Самоил“ од Ресен, под менторство на професорката Дијана Ѓоргиевска се победници на националниот натпревар за Европскиот квиз на парите, кој во организација на Македонската банкарска асоцијација (МБА), со поддршка на Народната банка и Комисијата за хартии од вредност се одржува шести пат, за време на Глобалната недела на парите. - Ова е втора победа на двајцата ученици, оваа година како средношколци, откако и лани го освоија првото место на националниот натпревар. Тие ќе ја претставуваат нашата земја на европското финале, кое ќе се одржи на 19 април во Брисел, Белгија, информираа денеска од Македонската банкарска асоцијација.

-Грција одобри купување на седум противпожарни авиони од Канада за да ја зајакне својата одбрана од шумски пожари кои направија хаос низ земјата во последните години. Парламентот синоќа даде зелено светло за набавка на седум противпожарни авиони ДХЦ-515 од канадската комерцијална корпација за 361 милион евра. Според договорот, авионите мора да бидат испорачани меѓу 2027 и 2030 година. Новите авиони можат да пренесат поголеми количества вода што треба да се фрлаат во погодените области од авионите за гаснење пожар „Канадер“, што земјата ги има и ги користи долго време. Два од авионите ќе бидат дел од програмата на ЕУ - RescEU, што значи дека Грција може да ги позајми на други земји во блокот.

- Првиот вицепремиер и главен преговарач на Косово во дијалогот со Србија, Бесник Бислими вели дека на последната средба во Брисел не е дискутиран и не е оспоруван Правилникот на Централната банка на Косово (ЦБК), со кој се забранува користењето на српскиот динар во земјата, туку дека се разговарало за модалитетите како тоа може да се постигне во рамките на тој правилник, јави дописникот на МИА од Приштина. Бислими за телевизијата АТВ изјави дека Приштина изразила готовност да разговара за модалитетите на имплементација на регулативата во моментот кога се увидело дека има потешкотии во трансферот на помошта од Србија за припадниците на српската заедница во Косово.

-Италијанската премиерка Џорџа Мелони на 2 јули ќе сведочи пред судот за случајот што го покрена против двајца мажи обвинети за создавање и објавување лажни порнографски фотографии користејќи го нејзиното лице на интернет, објавија италијанските медиуми. Мелони, која е оштетена во случајот, бара отштета од 100.000 евра. „Таа ќе ја донира сумата во фондот на Министерството за внатрешни работи за жени жртви на семејно насилство“, изјави нејзината адвокатка Марија Џулија Маронџу. Во 2020 година, поштенски работници ги идентификуваа таткото и синот кои ги поставиле лажните фотографии на порно-страница со седиште во САД, а податоците биле проследени на еден од нивните мобилни телефони.

-Европскиот совет направи преглед на подготовките за проширувањето и внатрешните реформи врз основа на Декларацијата од Гранада, потсетувајќи дека работата на двата колосека треба да напредува паралелно за да се осигура дека и идните земји членки и ЕУ ќе бидат подготвени за членство во моментот на нивниот прием, се наведува во Заклучоците од дводневниот Самит на ЕУ, што започна вчера во Брисел. - Европскиот совет ќе се осврне на внатрешните реформи на следниот состанок, со цел до летото 2024 година да се усвојат заклучоците за патоказите за идната работа, се нагласува во делот од заклучоците посветен на процесот на проширување и внатрешните реформи на ЕУ. Во документот се истакнува дека врз основа на препораката на Еврокомисијата од 12 март 2024 година, Европскиот совет одлучи да ги отвори пристапните преговори со Босна и Херцеговина.  

-Тринаесет лица се повредени во бранот руски бомбардирања врз Киев во текот на ноќта, според градските власти вчера, неколку часа пред лидерите на ЕУ да се соберат во Брисел за да разговараат за нивниот понатамошен одговор на конфликтот, јави ДПА. Четири лица се хоспитализирани по гранатирањето во текот на ноќта, соопшти воената администрација на Киев на Телеграм. Се вели дека Русија истрелала вкупно 31 проектил во нападот, вклучувајќи крстосувачки ракети, како и хиперсонични ракети Искандер и Кинжал. Сите биле соборени, според украинската војска, пренесе ДПА. -Делови од ракети паднаа во неколку населби, при што беа запалени згради и автомобили, напиша градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко на Телеграм.

-Нов земјотрес со јачина од 6,5 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди брегот на индонезискиот остров Јава на длабочина од 10 километри, соопшти Индонезиската агенција за метеорологија, клима и геофизика. Епицентарот на земјотресот, како што посочија од агенцијата, бил на околу 130 километри северно од Тубан во провинцијата Источна Јава. Брегот на индонезискиот остров Јава пред неколку часа беше погоден од земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала. 

Остани поврзан