• среда, 24 април 2024
МИА Радио Флеш

19 март 2024  

- Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, денеска имал работна средба со раководството на Единицата за внатрешни работи Гази Баба, каде што беше брифиран за активностите и изготвените планови од СВР Скопје, а по кои постапуваат полициските службеници од оваа организациска единица, во насока на гарантирање на безбедноста на училиштата, јавниот превоз, сузбивање мигранти, обезбедување спортски натпревари, итн. -Во делокругот на кривичните дела на подрачје на ЕВР Гази Баба случени се 248 кривични дела кои се гонат по службена должност, каде за истите се сочинети 40 кривични пријави против 61 сторител и расчистени се 43 кривични дела, информираше Бојмацалиев. Притоа, како што се наведува во соопштението од МВР, тој истакнал дека вработените во ЕВР Гази Баба имаат драстично подобрени работни услови преку реконструираниот објект во вредност од 27 милиони денари.

- Во спроведената акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, во текот на вчерашниот ден се санкционирани 156 возачи, соопшти МВР. Од нив пет возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа, 73 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 83 надвор од населено место. Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови

-Во контролите во областа на сообраќајот во текот на вчерашниот ден на територија на Град Скопје изречени се вкупно 152 мерки, соопштија денеска од МВР. Од изречените казни, за возење без возачка дозвола се 18, 25 мерки за некористење сигурносен појас, осум санкции за непрописно престројување на возила...Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови, најавија од МВР и апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

- Нова рунда од дијалогот Белград - Приштина ќе се одржи денеска во Брисел. Делегацијата од Белград ја предводи директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ. Петковиќ рече дека ќе има разговори на техничко ниво за сите прашања важни за деескалација, вклучително и Заедница на општини со мнозинско српско население (ЗСО) и укинувањето на динарот. -Темата секако е ЗСО, како прва и основна тема, но и други важни прашања за деескалација, а во рамките на нив, пред се, прашањето за динарот и забраната Србите да земаат плати, пензии во Косово, и се тоа води до хуманитарна катастрофа, изјави Петковиќ.

-Договорот ЕУ-Египет не е само за мигрантското прашање, туку опфаќа широка програма за поддршка на египетската економија и навистина претставува голем историски потег, истакна потпретседателот на Европската комисија Маргаритис Схинас во интервјуто за грчката телевизија „ЕРТ“, јави дописничката на МИА од Атина. Схинас посочи дека „не гледаме секој ден пет премиери од ЕУ и претседателката на Европската комисија заедно и координирано да посетуваат трета земја за да потпишат договор од таков обем“. -Иако често се претставува како договор за миграцијата, Договорот ЕУ-Египет е сеопфатно стратешко партнерство кое не ја опфаќа само миграцијата, туку и широка програма за поддршка на египетската економија. Египет е столб на стабилноста во регионот. Со овој договор му помагаме на Египет да застане на свои нозе, во економијата, на пазарот на трудот, во животната средина, во енергетиката. Тоа е навистина голем историски потег, рече Схинас.

- Американската армија вчера изврши напади врз беспилотни летала, проектили и контејнери за складирање оружје во областите на Јемен под контрола на Хутите. Американската централна команда (ЦЕНТКОМ) соопшти дека „успешно ангажирала и уништила седум противбродски проектили, три беспилотни летала и три контејнери за складирање оружје во областите во Јемен контролирани од Хутите во самоодбрана. - Утврдено е дека ова оружје претставува непосредна закана за трговските бродови и бродовите на американската морнарица во регионот, се наведува во соопштението на ЦЕНТКОМ. Хутите од почетокот на војната во Појасот Газа ги напаѓаат израелските, американските и бродовите на други држави во Црвено Море, со цел да се стави крај на израелските напади врз енклавата.

-Банка на Јапонија (БОЈ) денеска, по осум години, ги укинува негативните каматни стапки. Иако тоа ќе биде прво зголемување на каматните стапки во изминатите 17 години, истите ќе се држат близу нула бидејќи кревкото економското закрепнување ја принудува централната банка да го забави понатамошното зголемување на трошоците за задолжување. Со одлуката, БОЈ се откажува од политиката воведена во 2016 година – надомест од 0,1 проценти за одредени финансиски институции кои имале вишок резерви во Банка на Јапонија. Централната банка исто така ја напушта контролата на приносите, политика што се применуваше од 2016 година и која ги ограничувапше долгорочните каматни стапки околу нула.

- Шефот на севернокорејската држава Ким Џонг-ун вчера ги надгледуваше тестовите на ракетните фрлачи „супер-калибар“ способни да го погодат главниот град на Јужна Кореја, Сеул, пренесе БТА. Во текот на обуката беа тестирани ракетни фрлачи од 600 мм и друго оружје. Некои од нив можат да бидат опремени со тактички нуклеарни боеви глави. Претходно, Јапонија објави дека Северна Кореја вчера истрелала три балистички ракети кои прелетале 350 километри, достигнувајќи максимална висина од 50 километри, пред да паднат во Јапонското Море недалеку од источниот брег на Корејскиот полуостров.

 

Остани поврзан