• недела, 28 април 2024
МИА Радио флеш

12 април 2024

 - На денешен ден пред 12 години кај Смилковското езеро беа убиени момчињата Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и рибарот Борче Стевковски. Во судскиот процес за случајот познат како „Монструм“, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ. Обвинетиот Фејзи Азири доби 15 години затвор, а Хаки Азири 9 години. Ослободителна пресуда поради недостиг на докази доби единствено обвинетиот Сами Љута. Петкратното убиство кај Смилковското езеро се случи на Велики четврток пред Велигден на 12 април 2012 година

 

- Професорката Гордана Силјановска Давкова, кандидатка за претседател на претстојните избори закажани за 24 април, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, смета дека за Преговарачката рамка за продолжување на преговорите со ЕУ може да се најде решение. Таа во интервју за МИА потенцира дека е за влез во Европката унија, но дека „може да се договориме“ и оти за тоа има многу варијанти.  - Јас не можам вака да ви одговорам, меѓутоа јас мислам дека може, истакна проф. Силјановска Давкова. На прашањето дали промените што би можеле да се случат на изборите за Европскиот парламент, но и кај нас може да придонесат за еветуална промена на Преговарачката рамка и целиот тој процес за преговори за поглавјата, Силјановска Давкова посочува дека Преговарачката рамка не е Библија, Куран или Талмут.

 

 - Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) денеска го објави јавниот повик „Ваучери за иновации за Западен Балкан”, со кој вкупно 240 илјади евра ќе се доделат за поттикнување на соработката помеѓу академската заедница со домашните, мали и средни компании, во насока на поддршка на научно истражувачки проекти кои ќе придонесат кон зголемување на иновативноста и конкурентноста на бизнисите. Пилот програмата „Ваучери за иновации за Западен Балкан“ ја реализира ФИТР како дел од европскиот проект „Policy Answer” (Одговори за јавните политики – креирање, спроведување и поддршка на политиките за истражување и развој на Западен Балкан), во кој Фондот ја доби главната улога во пилотирање на мерки за поддршка за истражување, развој и иновации во сите економии од Западен Балкан. Проектот е финансиран од програмата Хоризонт Европа на Европската Комисија.

 

 -  На територијата на државава во текот на вчерашниот ден изречени се вкупно 252  санкции за брзо возење. Од нив, како што соопшти денеска Министерството за внатрешни работи, пет возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а три возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 128 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 124 надвор од населено место. Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. 

 

- Полициски службеници од Полициското одделение Новаци вчера во 16:30 часот, ги лишиле од слобода С.Р.(31), Ј.В.(28), Ѓ.В.(30) и Д.М.(22), сите од Битола, соопштија денеска од МВР. Тие се сомничат дека извршиле „тешка кражба“ во кругот на рудникот „Суводол“, систем Брод - Гнеотино, при што одзеле повеќе предмети. Одземеното било пронајдено и ќе биде вратено на сопственикот. По целосно документирање на случајот, против лицата ќе биде поднесена соодветна пријава, соопштија од МВР.

 

- Изминатото деноноќие на Единствениот број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК) регистрирани се 20 пожари на отворено, од кои три се уште се активни. - Регионалниот ЦУК Штип информира дека пожарникарите од ТППЕ Македонска Каменица вчера во 12:00 часот имале интервенција на шумски  пожар во атарот на село Дулица  каде што горела дабова и мешана шума. На терен биле излезени повеќе екипи: тројца пожарникари со едно возило, четворица шумарски работници со едно теренско возило, од ЈП „Национални шуми“ - подружница „Голак“ од Делчево со пет вработени, од ТППЕ-Виница и доброволно друштво со две возила и шест доброволции, од ТППЕ-Кочани заедно со доброволно друштво со едно возило и пет доброволци. Во 19:30 часот, пожарот беше локализиран. Сите екипи биле повлечени од местото на настанот за во утринските часови денеска, да излезат на терен за догаснување на локализираниот шумски пожар. Опожарена била површина од околу 30 хектари, соопшти утрово ЦУК.

 

 – Германските власти уапсија тројца тинејџери на возраст од 15 и 16 години под сомнение дека планирале смртоносен исламистички терористички напад во западната германска покраина Северна Рајна-Вестфалија, соопштија во петокот обвинителите. Како што пренесе ДПА, државната Централна канцеларија за гонење тероризам издала налог за апсење на тинејџерите за време на празникот Велигден.

 

– Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко итно побара дополнителни испораки на оружје од сојузниците на Украина за да се спречат засилените руски напади врз земјата. - Ова е војна на ресурси и затоа ни е потребна поддршка од нашите партнери, рече Кличко синоќа за германската јавна телевизија ЗДФ. На Украина итно и требаат повеќе системи за противвоздушна одбрана, истакна тој. - Немаме доволно. Секојдневно има напади и Русите ја уништуваат инфраструктурата. Ова не е војна, ова е тероризам, нагласи Кличко. - Рускиот претседател Владимир Путин почна да ја пали земјата за луѓето повеќе да не можат да живеат таму бидејќи животот е невозможен без струја и вода, рече Кличко. Украина, нагласи Кличко, исто така се бори и за своите сојузници.

 

- Британскиот министер за одбрана Грант Шапс изјави дека новиот британски воен ласер „Драгон Фајр“може да се користи во Украина за соборување руски дронови. Тој рече дека оружјето, кое се очекува да биде подготвено за распоредување најдоцна до 2027 година, може „сериозно да влијае“ на конфликтот меѓу Русија и Украина, пренесува „Скај њуз“. Новите реформи насочени кон забрзување на набавките значат дека ласерот, кој првично требаше да стапи во употреба во 2032 година, сепак ќе биде оперативен пет години порано од планираното, соопшти претходно британското Министерство за одбрана. Сепак, Шапс рече дека ќе види дали темпото може дополнително да се забрза за да го добие Украина тој ласер.

 

- Откако Европскиот парламент усвои нов сет на закони поврзани со енергетскиот сектор и транзицијата на европскиот гасен пазар, еврокомесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон сега најави идеја за носење „Закон за нуклеарни технологии на ЕУ“, со што би се трасирал патот за развој на интегрирана нуклеарна индустрија во Европа.  Согласно своите климатски цели за јаглеродна неутралност до 2050 година, а во услови кога се предвидува раст на потрошувачката на електрична енергија до 2040 година за 57 до 79 отсто, пред ЕУ се наметнува потребата за стимулирање на производството на струја од обновливи извори. Заложбата за добивање електрична енергија од чисти технологии доведе до изработка на Акциски план за енергија од ветерници и на Соларната повелба, со што ЕУ примарно во производството на струја би се орентирала кон користење на ветерот и Сонцето. 

 

 – Јужна Кореја, Америка и Јапонија одржаа заеднички поморски вежби во меѓународните води јужно од јужнокорејскиот остров Чеџу, во кои учествуваше американски носач на авиони, со цел зајакнување на способноста на трите земји да одговорат на заканите од Северна Кореја, соопшти јужнокорејската морнарица. Во соопштението се наведува дека на вежбите одржани вчера и денеска учествувал американскиот носач на авиони на нуклеарен погон Ју-Ес-Ес „Теодор Рузвелт“, како и три американски разурнувачи со наведувани ракети, на кои им се приклучиле два разурнувачи од Јужна Кореја и Јапонија. Нагласено е дека за време на вежбите е развиена способноста на трите земји да се спротивстават на заканите од севернокорејските подморници и балистичките ракети лансирани од подморници.

 

- Шефот на кинеската дипломатија, Ванг Ји, во телефонски разговор му го пренесе на американскиот колега, Ентони Блинкен, повикот Вашингтон да одигра конструктивна улога на Блискиот Исток, јави Бета. „Кина ќе продолжи да игра конструктивна улога на Блискиот Исток и ќе придонесе за смирување на ситуацијата. Конструктивна улога треба да има и американската страна“, се наведува во соопштението објавено денеска од кинеското Министерство за надворешни работи за вчерашниот разговор меѓу двајцата дипломати. Медиумите денеска ги пренесоа изјавите на американски функционер, кој сакаше да остане анонимен, дека Вашингтон очекува ирански напад врз Израел.

 

 - Владејачката хунта во Мали им забрани на медиумите да известуваат за „активностите на политичките партии и здруженија“, еден ден откако ги забрани сите политички активности во земјата. Властите на Мали доцна синоќа издадоа наредба за забрана за известување на сите медиуми, телевизија, радио, печатени и онлајн весници. Во соопштението не се прецизира дали на новинарите ќе им биде дозволено да известуваат за теми како економијата, кои се тесно поврзани со политиката.

 

 - Американскиот рагбист О.Џ. Симпсон почина во средата на 76 години, од рак на простатата. Но, овие два дена тој факт поминува речиси незабележано и „во тишина“, коментираат американските медиуми. Обично, кога ќе почине некој од соодветната „куќа на славните“, тоа предизвикува излив на изјави, пишани објави, сеќавања од неговите тимови, соиграчите, навивачите итн. Меѓу ретките организации што му оддадоа скромна почит на некогаш светски познатиот „О-Џеј“ беа „Трофејот Хејсман траст“ и Куќата на славните на американското рагби. „Хејсман“ објави кратка изјава на „X“, изразувајќи жалење за смртта на Симпсон и сочувство до неговото семејство. Потоа објавија и краток осврт на неговите фудбалски достигнувања.

 

– Војната во Судан почна пред една година, а според Обединетите нации, оттогаш околу девет милиони луѓе се внатрешно раселени, додека околу еден милион луѓе ја напуштиле земјата. Илјадници луѓе се убиени во војната која е во сенка на конфликтите во Газа и Украина. Обединетите нации побараа 2,7 милијарди долари за финансирање на хуманитарните потреби, но добија 155 милиони долари, што е само шест отсто од бараната сума. Суданската армија, предводена од генералот Абдел Фатах Бурхан, се бори против паравоените сили за брза поддршка, со кои командува генералот Мохамед Хамдан Дагало.

 

Остани поврзан