• четврток, 12 септември 2024
МИА Радио флеш

12 септември 2024 

- Бранителите ја имале, ја имаат и ќе ја имаат мојата недвосмислена поддршка. Овој закон којшто вчера беше на дневен ред е поднесен од пратеничката Славјанка Петровска, односно СДСМ и она што е интересно кога се гласаше потребата за носење на дневниот ред, СДСМ ја напушти седницата, затоа што самата пратеничка и СДСМ не го поднесуваат законот затоа што мислат добро на бранителите, туку го поднесуваат за да создадат повторно етнички тензии, етничка нетрпеливост..., бидејќи таа ќе е картата на која што и тие и другите опозициски партии без разлика дали се од македонскиот блок или од албанскиот ќе играат во периодот којшто следи, изјави премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање за предлог-законот за бранители поднесен во Собранието.

-Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, заедно со заменик министерката Калтрина Зеколи Шаќири и директорот на ЈП Железница Инфраструктура, Синиша Ивановски, вчера оствариле работна средба со новоименуваниот амбасадор на ЕУ, Михаилис Рокас. Како што соопштија денеска од Министерството за транспорт, на средбата министерот Николоски го запознал евроамбасадорот Рокас со владината програма во делот на инфраструктурните проекти, потенцирајќи ја важноста за развој на патната и железничката инфраструктура со посебен фокус на изградба на брза пруга на Коридор10.

-Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) подготви нацрт Национална стратегија за управување со отпад (НСУО) за периодот 2024-2036 и за истата спроведува постапка  за стратегиска оцена на животната средина, согласно законските обврски и стратешките определби за заштита на животната средина преку воспоставување долгорочен и одржлив систем за управување со отпад. Од  МЖСПП денеска информираа дека НСУO 2024-2036 ја претставува националната политика за управување со отпад во Северна Македонија и претставува почетна точка за подготовка и имплементација на интегриран и економичен систем за управување со отпад усогласен со националното и ЕУ  законодавство и барања за отпадот.

- Советот на Народната банка (НБ) одржа редовна седница на која, меѓу другото, го усвои Извештајот за финансиската стабилност за 2023 година. Во Извештајот се оценува дека домашниот финансиски систем е стабилен, добро се справува со предизвиците и дека е отпорен на шокови. Амбиентот  во 2023 година беше поповолен, со постепено забавување на инфлацијата, но и забавен економски раст, како и неизвесности и ризици од окружувањето. Сите институционални сегменти од домашниот финансиски систем и натаму функционираат непречено. Ризиците за финансиската стабилност коишто произлегуваат од секој од овие сегменти се умерени, а умерен е и ризикот од „зараза“, односно ризикот од прелевање на ризиците од еден кон другите сегменти од финансискиот систем. Банкарскиот сектор е најголемиот, но и главниот сегмент на финансискиот систем, каде што се концентрирани заштедите на нефинансискиот сектор и ликвидноста на останатите финансиски институции, поради што е клучен за финансиската стабилност на земјата.

-Девизните резерви на крајот на август годинава изнесувале 4.469,8 милиони евра и во однос на претходниот месец бележат зголемување за 41,3 милиони евра, соопшти Народна банка. Најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност (59,6%), по што следуваат валутите и депозитите (29,1%) и монетарното злато (11,3%).

 Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) ја информираа Европската енергетска заедница дека во дел од земјите на Југоисточна Европа се регистрираат нетипично високи цени на пазарот на електрична енергија.

-Претседателот Марко Бислимоски и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска со официјално писмо до директорот на ЕЕЗ Артур Лорковски бараат да мобилизира екипа која ќе направи детална анализа и ќе ги скенира причините поради кои се регистрира голема нерамнотежа на цената на струја од земја до земја. 

-Според податоците на Државниот завод за статистика, вредноста на трошоците за заштита на животната средина во 2023 година изнесува 8 875 771 илјада денари. Во вкупните трошоци за заштита на животната средина според еколошката намена, најголемо е учеството на трошоците за управување со отпадни води (35.01 %), потоа на трошоците за постапување со отпад (28.31 %) и на трошоците за циркулациски системи за снабдување со вода (20.93 %). Трошоците за заштита на животната средина се состојат од две компоненти: инвестиции во средства за заштита на животната средина и трошоци за одржување на средствата за заштита на животната средина. Учеството на инвестициите во вкупните трошоци за заштита на животната средина изнесува 62.23 %, а учеството на трошоците за одржување во вкупните трошоци за заштита на животната средина изнесува 37.77 %.

-Во текот на ноќта руските сили го нападнаа Киев со беспилотни летала од различни правци, а противвоздушната одбрана го одби нападот, кој помина без жртви, изјави денеска шефот на градската воена управа Сергеј Попко. „Седми воздушен напад на руските окупатори на Киев во септември. Непријателот повторно употреби нападни беспилотни летала, првично од типот 'Шахед'... Тревогата за воздушен напад на главниот град беше објавена три пати во Киев и траеше вкупно околу два часа“, напиша Попко на Телеграм. Според него, руските сили ги лансирале првите групи дронови пред полноќ, но во текот на ноќта се повеќе беспилотни летала биле лансирани во украинскиот воздушен простор. „Исто така, руски нападни беспилотни летала постојано влегуваа во Киев, од различни правци, главно еден по еден“, рече Попко. Тој истакна дека силите за противвоздушна одбрана ги собориле сите цели на приодите кон главниот град.

-Во услови на намалување на обемот на производството и пад на потрошувачката на домаќинствата во Еврозоната во вториот квартал од 2024 година за 0,1 отсто, се очекува денеска Европската централна банка (ЕЦБ) да донесе одлука за намалување на основната каматна стапка од 3,75 на 3,5 отсто. Ваквата одлука би била образложена со ставот дека високите каматни стапки ќе ја задушат економијата, иако податоците укажуваат оти целта за намалување на инфлацијата на два отсто нема да биде остварена барем до крајот на следната година.  Очекувањата за намалување на основната камата за 0,25 процентни поени доаѓа по најавата на германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ за затворање на погони во Германија, која се соочува со втора последователна година на рецесија, како и по прогнозата на француската статистичка агенција ИНСЕЕ за пад на БДП на Франција за 0,1 отсто во четвртиот овогодишен квартал.

-Папата Франциск предупреди за негативните ефекти од вештачката интелигенција врз општествата за време на посетата на Сингапур. За време на посетата на оваа земја со висока технологија, поглаварот на Католичката црква предупреди дека вештачката интелигенција не смее да ги натера луѓето да заборават на меѓучовечките односи. -Технолошкиот развој ризикува да ги изолира поединците и да ги стави во лажна реалност. Вештачката интелигенција треба да се користи за да се зближат луѓето и да се промовира разбирањето и солидарноста во општеството, рече Папата. Сингапур е последната станица од најдолгото патување во странство на 87-годишниот папа, кое траеше вкупно 12 дена.

Остани поврзан