МИА Радио Флеш
- 12 септември 2024
12 септември 2024
- Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова утре ќе престојува во посета на Република Бугарија. Како што најавија од нејзиниот кабинет, во рамки на посетата, претседателката Сиљановска Давкова во Софија ќе оствари средба со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев и ќе присуствува на настапот на македонската национална опера и балет, што во Софиската опера и балет ќе ја изведе операта „Набуко“ од Џузепе Верди. - Во рамки на 52. Мајски оперски вечери претседателката Сиљановска Давкова присуствуваше на настапот на Софиската опера и балет во Скопје, при што ја потенцираше важноста и моќта на културната дипломатија, како нераскинлив дел од меѓународната дејност, се наведува во денешното соопштение од кабинетот на Сиљановска Давкова.
-Премиерот Христијан Мицкоски вели дека нема повеќе тензии на терен во однос на реконструкцијата на црквата во Галате и очекува час поскоро да се реши проблемот. Повтори дека ќе има вакви провокации и апелираше за смирување на состојбата. – Од информациите од теренот сигурен сум дека тензии повеќе нема. Ви го кажав мојот став во врска со ова прашање што беше резултат на тие тензии, очекувам час поскоро да се реши овој проблем и мислам дека воопшто немаше потреба од ваков тип на емоција, туку беше сосема нормална работа сето тоа да се случи. Но, јас ви кажав и тоа го коментирав во текот на вчерашниот ден што се крие реално позади сето ова и апелирам повторно за смирување на состојбата насекаде. Ќе има вакви провокации, изјави Мицкоски. Посочувајќи дека „многу пари се испокрадени изминативе години и многу голтари станаа милионери“ рече дека свесни и исплашени дека конечно ќе одговараат, единствен начин да се спасат и да предизвикаат дестабилизација и несигурност се вакви изолирани инциденти.
-Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево остварил телефонски разговор со својот украински колега Андриј Сибиха. Како што информираше Министерството за надворешни работи, за време на разговорот, Муцунски ја реафирмираше нашата поддршка за Украина, која ќе продолжи и во иднина. Тој потенцираше дека, како земја-членка на НАТО, остануваме посветени на обезбедување силна политичка и практична помош за Украина додека таа ја брани својата независност и територијалниот интегритет. Теми на телефонскиот разговор биле и актуелни билатерални прашања, при што двете страни изразија уверување дека добрата соработка помеѓу двете земји ќе продолжи и во наредниот период. Во таа насока, договорена е работна средба помеѓу двајцата министри која ќе се одржи на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
-Апсолутно е забрането да се гради на археолошки локалитети или во нивна близина, како и на земјиште кое е веќе скенирано и на кое постои можност да има некакво археолошко наоѓалиште, порача денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Националниот конзерваторски центар, Љутков информира и дека црквата во село Галате е нов објект кој не е заштитен. Во врска, пак, со случајот „Бисера Антоанета“ што го отвори ВМРО-ДПМНЕ, според кој поранешната министерка за култура Костадиновска Стојчевска во странство трошела пари од државна картичка за лични потреби, Љутков рече дека Министерството за култура и ги доставило на ДКСК сметките и се што е потребно за натамошна постапка.
-Министерот за економија, Бесар Дурмиши, најави дека до утре ќе биде подготвена есенска потрошувачка кошничка со 100 производи, врз основа на која ќе се направи симулација за ограничување на цените или маржите од 5, 10 или 15 проценти. Како што информираше министерот Дурмиши, работната група утре ќе донесе одлука за оваа мерка, која ќе биде доставена до владата наредната недела за усвојување и започнување на процедурата за почитување на мерките. - Утре на крајот на денот, работната група ќе извести дали ќе се одлучи за замрзнување на цените или ограничување на маржите на 5, 10 или 15 проценти, рече министерот во изјава за медиуми по денешната посета на книжарниците „Просветно Дело“ и „Алби“.
-Царинската управа спречи криумчарење на 72 штеки цигари што македонски државјанин без да ги пријави сакал да ги внесе во Македонија преку граничниот премин Богородица. Вкупната вредност на штеките цигари изнесува 167.588 денари при што вкупните давачки што лицето сакало да ги избегне изнесуваат 113.228 денари, информираат од Управата. Царинските службеници ги откриле штеките цигари во кабината на камионот со кој управувало лицето. Цигарите биле скриени позади тапацирот во фабричката шуплина наменета за изолација на кабината. Штеките со цигари се одземени, а против лицето се води соодветна постапка.
Џенета Бектовиќ, која како нова членка на Судскиот совет денеска во Собранието даде свечена изјава, смета дека Судскиот совет е консолидиран и дека веќе ги имплементира препораките на оценската мисија и дава позитивни резултати во таа насока. - Како член на Судскиот совет, особено ќе се залагам при изборот на унапредување на судии во повисоките истанци да се применува исклучиво принципот на меритократија, односно напредување врз основа на квалитет и ќе ги поддржувам професионалните, стручните, совесните и чесните судии и судиите со интегритет. Таков е најголемиот број на судии во државата. А за несовесните и корумпирани судии коишто се во многу мал број доколку истото се утврди во постапка утврдена со закон за таквите судии нема место во судството. Сметам дека со моето повеќегодишно судиско искуство и со активното учество ќе придонесам во работата на Судскиот совет и ќе се заложам да се врати довербата на граѓаните во судскиот систем и во правната држава и на тој начин ќе ја оправдам искажаната доверба за оваа почесна функција, рече по свечената изјава Бектовиќ.
-Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска го осуди, како што кажа, политичкото дискредитирање на членовите на историската комисија и дека ја поддржува идејата за вклучување на странски експерти во нејзината работа. -Најпрво да го осудам политичкото дискредитирање на членовите на историската комисија. Сметам дека таа има јасно утврдена задача а тоа е да утврди заедничко толкување на историски факти. И тука за политика воопшто нема место и дополнително со политизација и со обиди за политичка дискредитација ние ја поткопуваме суштината на целокупниот процес и сериозно ги дискредитираме, тие политичари што тоа го прават, експертизата на членовите кои работат таму, а таму работат професионалци од тие области, изјави денеска претседателот на СДСМ и пратеник Венко Филипче. Според него, политичарите можеби ќе помогнат доколку иницираат дополнителен модел на пример странски експерти по примерот на некои европски држави.
-Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), на својата редовна седница во работен состав, одржана на 12 септември 2024 година, разгледа повеќе прашања и настани поврзани со црковниот живот. Синодот посвети особена грижа за состојбата со сестринската Украинска Православна Црква, која беше административно укината од Украинскиот парламент, со Предлог-законот 8371, и со тоа на милиони верници, кои се црквуваат во таа Црква, им е оневозможено основното право на верска припадност, исповедање на својата вера и вршење на богослужби.
Една понуда е пристигната на вториот тендер за компресорската станица на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје што го распиша Министерството за здравство.
По денешното јавно отворање на понудите следува евалуација на единствената доставена понуда. Доколку се исполнети условите од тендерската документација треба да се донесе одлука за избор на најповолна понуда и да се склучи договор за јавна набавка.
-Министерството за здравство, согласно објавениот Оглас за јавна набавка на стоки, со предмет на набавка: „Набавка, монтажа и пуштање во работа на станица за компримиран воздух", денеска изврши јавно отворање преку Електронскиот систем за јавни набавки. Ве известуваме дека пристигната е една понуда, за која во наредниот период, во рамки на законските рокови, ќе се изврши евалуација од страна на Комисијата за јавни набавки и надворешните ангажирани стручни лица, по што, доколку истата ги исполнува условите од тендерската документација, ќе биде донесена Одлука за избор на најповолна понуда и ќе се пристапи кон склучување на Договор за јавна набавка, информираат од Министерството за здравство.
-Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска го прими шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Емануеле Жиофре, со кого разговараше за ситуацијата на Косово и во таа прилика ги повика ЕУ и земјите членки итно и преку конкретен ангажман да се спротивстават на самоволието на властите во Приштина, јави дописникот на МИА од Белград. -Со амбасадорот Жиофре разговарав за ситуацијата на Косово и Метохија, за односите меѓу Србија и ЕУ, како и за чекорите што ги преземаме за да напредуваме на нашиот европски пат. Ги повикав ЕУ и земјите-членки итно и преку конкретен ангажман да се спротивстават на самоволието на Приштина, кое ја загрозува безбедноста на српскиот народ и стабилноста на целиот регион, напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил. Тој изјави дека му се заблагодарува на амбасадорот за се што прави ЕУ, особено во делот на инвестициите, економската и социјалната интеграција и поддршката за реформите.
-Поранешниот албански премиер и актуелен пратеник, социјалистот Пандели Мајко, пред почетокот на собраниската седница беше прашан од новинарите дали се чувствува загрозен што ќе се најде на отворената листа на кандидати за пратеници на претстојните избори, на што прво не сакаше да одговори, а на инсистирање на новинарите грубо ја турна новинарката Ексиола Шеху, која е во блажена состојба. Како што јавија албанските медиуми, на ваквото „недолично однесување“ остро реагираа и го осудија новинарските асоциации, меѓу кои и Асоцијацијата на европски новинари, во Албанија, како и дел од политичките партии.
-Австриските безбедносни сили извршија рација на 72 осомничени исламски екстремисти оваа недела пред 23-годишнината од терористичките напади на 11 септември врз САД, велејќи дека постои можност да се повтори насилството на датумот на киднапирањата, во кои загинаа речиси 3.000 луѓе.Рациите беа извршени низ целата земја во вторникот, пред вчерашната годишнина, бидејќи трагедијата од 2001 година останува симболична за екстремистите и инспирираше обиди за копирање, се вели во денешното соопштение на Националната служба за безбедност и разузнавање. Властите спречија обид за напад на годишнината од 2023 година на централната станица во Виена, а ризикот останува висок на тој датум низ целиот свет, се вели во соопштението.
- Генерален и јасен став на Европската комисија е дека го осудува секое ограничување на демократските вредности и основните слободи, како слободата на изразување и здружување, и правото за учество во јавниот живот, изјави денеска портпаролката на ЕК за правда, еднаквост и владеење на правото Јорди Фероли. Изјавата на Фероли беше одговор на новинарско прашање во врска со предлог-законот за т.н. странски агенти доставен на усвојување во бугарското Народно собрание, од страна на, како што беше нагласено, проруската партија Преродба. Фероли само кусо додаде дека Еврокомисијата не коментира законски решенија предложени во парламентите на земјите членки на ЕУ.
-Норвешка по пет години ги укинува ограничувањата за извоз на одбранбена стока за Турција, која е партнерска земја во НАТО, соопшти норвешкото Министерство за надворешни работи, пренесе ДПА.Отсега, дозволите за извоз на одбранбена опрема и стоки со двојна употреба за воени цели во Турција повторно ќе може да се применуваат нормално, се наведува во денешното соопштение на турското Министерство. Според Министерството, пренесува ДПА, сите барања за лиценца ќе се разгледуваат поединечно и темелно. Норвешка, како една од земјите основачи на НАТО, во есента 2019 година одлучи да ја прекине обработката на новите барања за извоз на оружје во Турција, а причина за тоа беше упадот на турските војници во северна Сирија.