• четврток, 26 септември 2024
МИА Општински пул

11 септември 2024 

Скопје - Градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски во изјава за телевизијата Алсат зборуваше за вчерашната иницијатива која едногласно се усвои на седницата на ЗЕЛС, а се работи за изрекување големи казни за создавачите на диви депонии. Како што нагласи, се бара измени во членовите од Законот за комунални дејности во делот на глоби, односно зголемување на истите бидејќи во денешно време се прениски, а депониите масовно се зголемуваат. - Му благодарам на градоначалникот на општина Аеродром, господинот Дејан Митевски од каде што потекнува оваа иницијатива.

Куманово - Центарот за јавно здравје Куманово, последнава недела регистрира пет случаи на заболени од пертусис, информираа денеска надлежните. Во Липково и во Кратово има по две евидентирани лица, во Крива Паланка едно. Во јули годинава, во ЦЈЗ Куманово имало пријавено 32 лица, во август регистрирани се 12 случаи. - Нашата лабораторија потврди 104 лица од почетокот на епидемијата, останатите се потврдени во другите лаборатории во државата. Остануваат препораките, тимовите од вакциналните пунктови да ги пребараат неевидентираните, некомплетно вакцинираните, спроведување на редовна вакцинација за да се постигне опфат од 95 проценти. Во регионот сè уште сме далеку ниско под овој опфат, изјави раководителот на одделението за епидемиологија, од Центарот за јавно здравје Куманово, д-р Јадранка Стаменковска.

Битола - Ректори на универзитети од Југоисточна Европа и Западен Балкан, денеска и утре во Битола го одржуваат деветтиот по ред Форум на ректори, комбиниран Европската Алијанса КОЛОРС.

Станува збор за еден од најголемите акакдемски настани на високо ниво што се одржува во Битола, а можеби и во Македонија, истакна Игор Неделковски, ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, домаќин и организатор на форумот.

-Овие два дена во Битола се околу 60 ректори, проректори и други високи претставници од 15 држави во Европа. Главна тема на форумот е соработката меѓу универзитетските алијанси и иднината за функцонирање на универзитетите во Европа. Нашата цел е УКЛО достојно да биде претставен пред европската академска заедница, токму во годината кога одбележуваме 100 години од почетоците на битолскиот Универзитет, односно најстарата универзитетска единица, Институтот за тутун, 45 години од правното формирање на Универзитетот и 90 години од формирањето на првото студентско здружение во Битола и Македонија, нагласи Неделковски.

Според ректорот Неделковски, форумот на ректори позитивно ќе влијае врз вториот уписен рок на студенти бруцоши што ќе се реализира на 13 и 16 септември.

Делчево - Паднато дрво на магистралата А3 го отежнува движењето на патот Делчево - Македонска Каменица. Паднато дрво се наоѓа на едната страна од коловозот кај месноста Баткова Чешма, каде се работи на негово отстранување од коловозот и целосно нормализирање на сообраќајот.

Од „Македонија Пат" апелираат на внимателност при движењето на овој патен правец особено поради можните одрони кои по обилните врнежи се честа појава на овој патен правец. 

Поради дождот кој непрекинато во изминатите часови паѓаше  на овој патен правец, сообраќајот се одвиваше по влажни коловози.

Гостивар - Гостиварската локална самоуправа во соработка со Одделот за превенција на СВР Тетово со настан на градскиот плоштад започнаа кампања за поголема безбедност на децата во сообраќајот. Како дел од активностите беше организирано и дефиле во кое учествуваа учениците и наставниците од основните училишта во општина Гостивар.

Во дефилето од центарот за култура до општинската зграда, најмладите имаа можност да се запознаат со правилното движење по улиците и значењето на сообраќајните знаци.

Првиот човек на општината Ваљбон Лимани напомена дека станува збор за иницијатива која има едукативна содржина и нејзината цел е да ги информира учениците за улогата на сообраќајната полиција и сообраќајните правила најавувајќи дека ваквата кампања ќе продолжи.

Скопје - Поради временските услови Општина Центар ја известува јавноста дека концертот „Нешто што ќе остане" кој беше закажан за 14 септември во Паркот на Франкофонија ќе биде одложен. Станува збор за концерт кој се одржува под ведро небо и на кој треба да настапат Влатко Лозаноски, Пајак, Лара, Таско, FIC & D'INVISIBLES и Сашко Коцев како водител на концертот.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вели дека граѓаните ќе бидат известени за новиот датум на одржување кој зависи од стабилизирање на временските прилики.

Куманово - Единаесет ученици од повеќе планински села од козјачијата, Дејловце, Арбанашко, Кокино, Степанце, Враготурце се сместени во интернатот во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане кој функционира во рамки на училиштето, „Христијан Тодоровски Карпош“ информираа денеска надлежните од училиштето.

Оваа година има запишан еден ученик плус во однос на претходната година. Интернатот има соодветни услови за престој на учениците.

-Ученичкиот дом располага со соодветни услови за престој на учениците, во моментов сместени се ученици од трето до деветто одделение. Заменети се прозорци, уредени се спалните, имаат топол оброк подготвен во кујната која функционира во интернатот. Соодветно се опремени тоалетите. Децата се под постојан надзор, изјави директорката на училиштето, Бојана Арсовска Јовановиќ.

Штип - На 13 и 14 септември, Општина Штип ќе биде домаќин на третиот Фестивал за млади пијанисти „Golden Piano Talents“ кој претставува уникатен и значаен музички настан и кој за кратко време привлече огромен интерес  во  светската пијанистичка фела, изјави Марија Максимова, претседателка на  „Интернационалното Здружение за Културен Развој и Едукација-Арт Фест“.Посочи дека на фестивалот ќе настапат млади пијанисти – победници на многу интернационални пијанистички натпревари, а воедно и прворангирани во различни дисциплини на „Golden Piano Talents“ -  натпревар на кој зедоа учество пијанисти од околу 50 држави. Пијанистите кои ќе настапат се избрани од стручно жири составено од меѓународно докажани пијанисти и педагози по пијано. Во рамки на фестивалот ќе се одржи и концерт на наградените пијанисти од нашата држава. Вкупно, на сцената во уметничката галерија „Безистен „ќе настапат 45 пијанисти и публиката ќе може да ужива во нивните беспрекорни интерпретации.

Велес - На покривот на  ЛУ Народен музеј во Велес поставени  се фотоволтаични панели за сопствено производство на електрична енергија. Како што информира за МИА директорот Ангел Коруновски, инвестицијата на овој значаен проект е од нивни средства со поддршка на Општина Велес. -Со овој проект многу ќе заштедиме на сметките на електричната струја, кои потоа ќе ги пренамениме за други проекти на наша ЛУ Народен музеј, појасни Коруновски. Инаку со подршка на Општина Велес фотоволтаични панели на покривите за сопствено производство на електрична енергија во изминативе две години веќе поставија сите велешки училишта и локални установи.

Гостивар – Вршителот на должноста градоначалник на општина Гостивар Ваљбон Лимани смета дека Законот за локална самоуправа кој е во собраниска расправа треба да помине и на тој начин да се заштеди на вонредни избори, но, ако не помине, тој и неговите поддржувачи се подготвени да одат на избори. Лимани, кој на оваа функција дојде откако поранешниот градоначалник Арбен Таравари беше именуван за министер за здравство, одговорајќи на новинарско прашање посочи дека не знае дали законот ќе помине пред пратениците. - Не знам што ќе биде денеска, дали законот ќе помине. Но, би било добро за нашата држава, знаејќи ја финансиската состојба и колку пари се потребни од буџетот за да се организираат нови избори, законот да помине. Посакувам овој закон да се донесе со единствена цел да не се прават непотребни расходи и да се рационализираат расходите. И да не помине, подготвени сме во секое време да одиме на избори, изјави в.д. градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани.

Скопје - Општина Ѓорче Петров денеска поднесе неколку значајни инфраструктурни проекти до Министерството за локална самоуправа, со вкупна вредност од 119 милиони денари. Овие проекти имаат за цел значително да го подобрат квалитетот на живот во општината и да обезбедат модерна и функционална инфраструктура.

„Конечно, имаме силен и посветен партнер за соработка. Со поддршката на Владата, сигурен сум дека ќе постигнеме историски успеси,“ изјави градоначалникот на Општина Ѓорче Петров - Александар Стојкоски.

Битола - Националната установа Камерен оркестар на Битола информира дека од денеска нов директор на таа национална установа е Дејан Цветковски, вработен во установата, а досегашниот директор и диригент Владимир Димовски ќе продолжи да работи во оркестарот како надворешен соработник. Во соопштение до јавноста, Димовски изјави дека промената на раководството е поради истечен мандат на досегашниот директор. -Единаесет години се борев Камерен Оркестар на Битола да стане Национална Установа со свои вработени и пред две години тоа го постигнав. Многуте цели кои ги имав се остварија, а тоа се вработувањето на професионални музичари во оркестарот, потоа концерт со оркестарот во Виена, но и во Прага и Рим, како и други цели. Мојата соработка со НУ Камерен Оркестар на Битола ќе продолжи како и досега, се посочува меѓудругото во соопштение до јавноста од досегашниот директор Димовски, воедно вработен во Националната опера и балет.

Битола - Општина Битола достави 16 апликации со инфраструктурни проекти за финансирање по јавен повик објавен од Владата на Република Северна Македонија.

Проектните апликации потпишани од градоначалникот Тони Коњановски се со комплетно подготвена проектна документација и во вредност од над 4 милиони евра.

Станува збор за изградба и реконструкција на улици во должина од над 10 километри на територијата на цела општина, изградба и реконструкција на атмосферска и фекална канализациона мрежа во должина од 2,5 километри, како и водоводна мрежа во должина од околу 6 километри. Проектите опфаќаат и поставување на ново училишно осветлување, како и енергетски ефикасна фасада на едно основно училиште, соопштија од тамошната локална самоуправа.

Општина Битола аплицираше и за изградба на Центар за спорт и рекреативни активности, како и за санација на јужната трибина и поставување ограда околу фудбалскиот стадион „Петар Милошевски“.

Остани поврзан