• четврток, 26 септември 2024
МИА Радио флеш

26 септември 2024

Њујорк - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во интервју за МИА вели дека не би можела точно да одговори дали може да дојде до реализација на „францускиот предлог плус“ и ставот на Владата кој неодамна беше презентиран во Брисел. Сиљановска Давкова повторува дека во Договор за пријателство со Бугарија нема одредба за менување на Уставот и потенцира дека не може да има бидејќи таа се врзува со историските комисии и нивните разговори. Сепак, вели таа, можеме на друг начин да пристапиме кон Договорот.

- Не би можела точно да одговорам иако на маргините имав пријателска средба и со претседателот на Бугарија, господинот Радев. Најповторуваната синтагма од сите е дека ние треба да ги почитуваме договорите, се разбира дека секој кој знае меѓународно право па и право знае дека во Договорот за добрососедство и пријателство нема одредба која што вели дека треба да се смени Уставот и не може ни да има, тоа се врзува за фамозните историски комисии и нивните разговори и преговори. Се разбира дека тоа јас го истакнувам. Она што го истакнувам јас не е директен одговор на прашањето дали ќе ја смените Преговарачката рамка и дали сте свесни дека не може да се смени Преговарачката рамка, мојот коментар е дека е важно како ќе се однесуваме кон Преговарачката рамка, бидејќи видете низ интерпретацијата ако ние се договориме пријателски дека ќе ги почитуваме Копехангенските критериуми, и ако велиме Pacta sunt servanda, а мислиме на Преспанскиот договор каде што јасно си пишува што значи Македонија за втората страна – територија, значи народ со сопствена историја и јазик, а за што разговараме ние во тие историски комисии за ова што е дел од пактот на кои што се повикуваат Преспански договор, истакнува Сиљановска Давкова.

Претседателката потенцира дека не може историјата, културата, јазикот да бидат предмет на разговор.

Скопје - Унгарскиот премиер Виктор Орбан заедно со делегација од унгарската Влада, денеска и утре ќе престојува во дводневна официјална посета на земјава.

Унгарија во моментов претседава со ЕУ, а Орбан во втората половина од годинава е и претседател на Советот на Европската Унија.

Премиерот Христијан Мицкоски, како што информира владината прес-служба, в петок ќе оствари официјална тет а тет средба со неговиот унгарски колега во премиерската вила во Охрид, а во рамки на посетата ќе се остварат и низа билатерални средби на македонските министри со ресорните колеги од унгарската делегација.

Во петок ќе се одржи и заедничка меѓувладина седница во хотелот Инекс Олгица во Охрид, а по завршувањето на  седницата на истата локација се очекува прес-конференција да одржат двајцата премиери.

Како што информираат од Владата, на маргините на дводневната посета предвидена е прошетка во Охрид, посета на црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс Свети Наум, а премиерите на двете земји ќе положат цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид. 

Скопје – Повеќе од 120 инспектори на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) низ цела држава вршат проверка дали се почитува одлуката за ограничени профитни маржи за основните прехранбени производи. Поделени во повеќе од 40 тимови, ротирани во различни градови, инспекторите од вчера ги контролираат големите маркети на цела територија на државата, а како што најави директорот на ДПИ Горан Трајковски, од денеска ќе ги контролираат малите маркети и бурекџилниците, а од утре трговците на големо. Ќе проверат и дали во изминатиот период намерно биле покачени цените на производите.

Владата на вонредна седница на 20 септември ја ограничи бруто профитната маржа до 10 отсто за повеќе основни прехранбени производи во трговијата на големо и мало, меѓу кои леб, пекарски и млечни производи, млеко, месо и преработки од месо, дел од конзервните производи, овошје, зеленчук и друго.

-Нема да има толеранција за никого, нема да толерираме никаква примена на нечесни практики и секој кој ќе се огреши ќе биде казнет, порача вчера Трајковски и апелираше до трговците да ја почитуваат одлуката на Владата и да не се обидуваат на било каков начин да ја заобиколуваат.

Досега нема казнети маркети, а казните се високи и се движат од 2.000 до 10.000 евра, и доколку се утврди дека некој применува нечесни трговски практики согласно Законот за потрошувачи има можност и за затворање на објекти.

Скопје - Новоименуваниот постојан координатор на Обединетите нации во земјава Рита Колумбиа денеска ќе го посети Парламентот. 

Како што информира собраниската прес-служба, Колумбија ќе се сретне со претседателот на Собранието Африм Гаши.  

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на 18 овој месец  ја прими Колумбиа и разговараа за тековните активности и проекти кои со поддршка на Организациите на ОН се реализираат кај нас, како и за спроведувањето на рамката за соработка 2021-2025, како главен стратешки документ што ја утврдува работата на системот на ОН во земјава, а во согласност со националните развојни приоритети.

Скопје - Латвиска делегација предводена од Ингрида Левренс, заменик-државна секретарка за европски прашања и шефица на Директоратот на ЕУ денеска ќе го посети Собранието.

Како што информира собраниската прес-служба, Левренс ќе се сретне со потпретседателот на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања Антонијо Милошоски и со претседателката на Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентите на балтичките земји Моника Зајкова.

Скопје - Во Собранието денеска седница ќе одржи Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот. 

Единствена точка на дневен ред е Годишниот извештај на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за 2023 година.

Скопје - Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите денеска ќе биде домаќин на годишниот лидерски форум: Стратегии за соработка во одржливо мобилизирање на ресурсите и децентрализација.

На форумот, како што е најавено, ќе се обратат заменик-амбасадорката на САД Никол Варнс, министерот за локална самоуправа Златко Перински, заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски и Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода. 

Учесниците на форумот ќе дискутираат за стратегии за зголемување на општинските приходи, унапредување на процесот на децентрализација и подобрување на транспарентност и отчетност на локалната самоуправа. 

Скопје - Во последното деноноќие имало се регистрирани девет пожари на отворено, при што гореле ѓубришта, депонии, запалени кабли и гуми, стрништа, сува трева и нискостеблеста вегетација и шума, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Пожарникарите во Скопје интервенирале за гасење на запалена депонија на површина од 200 m2 во село Батинци, запалена сува трева во Бардовци. 

Во Битола биле запалени стрниште и ниска авегетација во близина на бензиската пумпа ,,Пелагонија петрол“, а во Струмица биле запалени лисја и јавор и депонија кај с. Банско.

ПОжарникарите инревенирала и на запалена дива депонија во близина на кавадаречкото село Раец, за гасење на запалени кабли и гуми во близина на фабрика за вода во ромско маало во Кочани, на запалено ѓубре во охриски Теферич и на запалено стрниште и нискостеблеста вегетација кај асфалтната база во реон на с.Романовце.

Скопје - Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) денеска ќе го одржи третиот јавен состанок за 2024 година.

На состанокот ќе бидат презентирани реализираните активности на Агенцијата од третиот квартал од оваа година, наодите од Анализа на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2023 и а ќе се дискутира и за родовата (не)рамнотежа во сопственичката структура и кадровската структура во радиодифузијата.

Скопје - На Институтот за национална историја денеска ќе се одржи VIII студиски ден. Темата е „Македонија низ објективот на Арсени Јовков“, а ќе биде презентирана од проф. д-р Валентина Миронска-Христовска.

На предавањето ќе присуствуваат претставници од фамилијата на Арсени Јовков, како и претставници од Бирото за филателија и Советот за марки.

Скопје - Во Скопје денеска ќе се одржи традиционална средба на превозници, информираат од Асоцијацијата Макам-транс. 

Оваа година настанот е предвиден како манифестација од повеќе активности, но основата е претстојната апликација за годишни ЕКМТ дозволи за 2025 година.

Традиционално, како што информираат организаторите, ќе има и мини саем на кој ќе се претстават ВИП членките и соработниците кои ќе ги презентираат своите услуги и производи кои се неопходни за вршење на дејноста.

Скопје - Во Скопје денеска ќе се одржи Cevahir Mall Business Run 2024, штафетна трка за тимови од македонскиот бизнис сектор. Компаниите ќе се натпреваруваат со мешани тимови со четири измени на патека од осум километри, а секој учесник ќе трча по два километра.

Најбрзите три тимови ќе бидат наградени со златна, сребрена и бронзена штафета, а посебни награди ќе добијат и најбрзите поединци во машка и женска конкуренција.

Трката се организирана од 2016 година со цел заедничко спортско и деловно дружење, поттикнувајќи го тимскиот дух меѓу вработените.

Организатор на Cevahir Mall Business Run e здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“ во соработка со „Џевахир Мол“ - Скопје.

Скопје - Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен и југозападен правец. Минималната температура ќе биде од 6 до 15, а максималната од 25 до 31 степен.

Во Скопје претежно сончево и топло со слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне 29 степени. 

Според УХМР, до сабота ќе преовладува сончево и топло време. Во недела ќе има значителна промена на времето со повремени врнежи од дожд и локална појава на грмежи. Ќе дува засилен северен ветер, кој ќе продолжи да дува и во понеделник и ќе предизвика значителен пад на температурата.

Њујорк - Американскиот претседател Џо Бајден, заедно со меѓународните партнери, ја потврди својата посветеност да и помогне на Украина во обновата на земјата, јави ДПА.

-Ние сме посветени на Украина да и ги обезбедиме ресурсите што и се потребни за да се изгради посилна отколку што беше порано, рече Бајден на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Не е тајна дека руските напади предизвикаа значителна штета, рече американскиот претседател, но, додаде тој, „ Украина е економски отпорна“.

Русија ја започна својата целосна инвазија на соседната земја на 24 февруари 2022 година.

Вашингтон- Соединетите Американски Држави подготвуваат пакет воена помош за Украина од 375 милиони долари, со што се прекинува повеќемесечниот тренд на испраќање помали пакети, изјавија двајца американски претставници.

Тие велат дека новиот пакет доаѓа во клучен момент од војната, бидејќи Русија ја напаѓа енергетската мрежа на Украина пред критичните зимски месеци.

Пакетот помош, кој се очекува да биде објавен следната недела, вклучува патролни чамци, дополнителна муниција за артилериските ракетни системи ХИМАРС, артилериска муниција од 155 и 105 милиметри, резервни делови и друго оружје.

САД од мај не испратиле пакет воена помош од повеќе од 275 милиони американски долари, користејќи ги овластувањата на претседателот што му овозможуваат користење од моменталните залихи оружје со цел да им се помогне на сојузниците во итен случај.

Киев - Русија во текот на ноќта изврши напад со беспилотно летало врз украинскиот главен град Киев, предизвикувајќи штета на цивилната инфраструктура, соопштија градските власти.

Над градот беа забележани повеќе од десет јуришни беспилотни летала од иранско производство, од кои повеќето беа соборени, изјави Серхиј Попко, шеф на локалната воена администрација.

Во неколкучасовниот напад се оштетени 20-тина автомобили и една плинска цевка во станбена зона, а остатоци се најдени и на детското игралиште, додаде тој.

Њујорк - Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш вчера изјави дека Либан не смее да стане уште една Газа и повика на прекин на непријателствата меѓу Израел и либанскиот Хезболах.

Да кажеме едногласно и јасно, престанете со убивањето и уништувањето. Отфрлете ја реториката и заканите. Исчекорете назад од работ. Целосната војна мора да се избегне по секоја цена, рече Гутереш пред 15-члениот Совет за безбедност на ОН.

Њујорк - Францускиот претседател Емануел Макрон изјави на Генералното собрание на ОН во Њујорк дека Франција го поддржува проширувањето на Советот за безбедност на Обединетите нации.

-Германија, Јапонија, Индија и Бразил треба да станат постојани членки на Советот за безбедност на ОН, рече Макрон, пренесе БФМ ТВ.

 Тој рече дека две земји избрани од Африка да ја претставуваат, исто така, би можеле да се приклучат на Советот за безбедност на ОН.

 Бразилскиот претседател Луис Игнасио Лула да Силва во вторникот изјави дека одлуката да нема постојани места во Советот за безбедност на ОН за Латинска Америка и Африка е неприфатлив одраз на колонијалното минато.

Тел Авив/Бејрут - САД, Франција и другите сојузници повикаа на итен прекин на огнот од 21 ден за да се овозможи преговори во конфликтот меѓу Израел и Хезболах.

Во заедничката изјава, договорена на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, се вели дека неодамнешните борби се неприфатливи и претставуваат неприфатлив ризик од поширока регионална ескалација.

„Повикуваме на итен 21-дневен прекин на огнот долж либанско-израелската граница за да се отвори простор за дипломатија“, се вели во соопштението и се додава:

„Ги повикуваме сите страни, вклучително и владите на Израел и Либан, веднаш да прифатат привремен прекин на огнот“, се додава во соопштението.

Високи американски претставници рекоа дека очекуваат договор за прекин на огнот да биде постигнат „во следните неколку часа“ долж израелско-либанската граница.

Варшава – Полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека заканата на Русија да го задржи правото на користење нуклеарно оружје не е ништо ново, но оти рускиот претседател Владимир Путин и неговите генерали многу добро знаат дека кој прв ќе посегне по атомска бомба прво ќе биде проколнат и светот никогаш не би ѝ го простил тоа на Русија.

- Ако на тоа гледаме ладнокрвно, без паника, треба да се каже дека (Путин) го повторува она што со години е запишано како руска воена доктрина, дека Русија го задржува правото да ги користи сите средства, очигледно и нуклеарното оружје, со кои располага во случај на опасност за Русија, рече Дуда синоќа за полската приватна телевизија ТВН24.

Коментирајќи ги последните закани дека Русија би можела да употреби нуклеарно оружје, полскиот претседател рече дека тоа не е ништо ново.

Тел Авив – Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека неговата земја ќе користи сила против Хезболах во Либан додека жителите на северен Израел не се вратат дома.

- На Хезболах му нанесуваме удари кои не можеше да ги замисли, тоа го правиме со сила и со трикови. Можам да ви ветам едно: нема да застанеме додека не се вратат дома, рече Нетанјаху во видео порака што ја објави неговиот кабинет.

Неименуван израелски функционер во меѓувреме изјави за Си-Ен-Ен дека Нетанјаху и дал дозвола на неговата влада да се вклучи во напорите на САД во посредување за прекин на огнот во Либан.

Нетанјаху дал одобрение под услов секој договор да овозможува враќање на израелските цивили во нивните домови во северен Израел и подоцна додаде дека нема да мирува додека тоа не се случи.

Атланта - Десетици американски војници се распоредени на Кипар додека во Либан, од другата страна на морето, ескалираат тензиите меѓу Израел и Хезболах, изјавија синоќа четворица американски претставници за Си-Ен-Ен.

Според нив, овие војници се подготвуваат за различни видови задачи, вклучително и евакуација на американски граѓани од Либан - земјата од чија територија е вооружено исламистичкото движење Хезболах против еврејската држава - во случај сегашната ситуација да прерасне во воен конфликт.

Претходно оваа недела, портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Пат Рајдер рече дека американската војска ќе распореди „мал број“ од својот персонал во регионот, „како мерка на претпазливост“, но не кажа колку е тој „мал број“ и каде тие ќе бидат испратени.

Брисел – Белгија ја повика Европската унија да го забрани рускиот течен природен гас (ЛНГ), предупредувајќи дека компаниите не можат да ги раскинат долгорочните договори освен ако блокот како целина не воведе санкции.

Ова денеска го јави Фајненшл Тајмс (Financial Times), цитирајќи ја белгиската министерка за енергетика Тине Ван дер Страетен.

- ЕУ мора да оди понатаму за да го спречи рускиот ЛНГ да стигне до блокот бидејќи расте загриженоста поради зголемениот увоз, изјави за весникот Ван дер Страетен.

Остани поврзан